Конференциите ве инспираат да го подигнете бизнисот на повисоко ниво, вели Славица Биљарска Мирчески, ко-организатор на AllWeb, конференција за дигитални комуникации….

Првата и единствена конференција за дигитални комуникации во Македонија, AllWeb, годинава се одржува по седми пат. Што може да очекуваат присутните?
Оваа година AllWeb ќе се случува на 16 ноември (петок) во Македонска филхармонија. Агендата е објавена и на неа се најдоа имињата на тринаесет светски познати маркетинг говорници, кои преку презентации и кратки разговори ќе споделат искуства, знаења и предвидувања за развојот на комуникациите во наредниот период.
На агендата ги имаме Роџер Едвардс, маркетинг стратег и домаќин на познатиот подкаст Маркетинг и финансии, Мет Десмиер- многу интересен лик, кој внесува свежа перспектива во бизнисот, Драган Варагиќ- пионер во е-бизнисот на овие простори и автор на книгата „Дигитален пре-маркетинг“ и др. Имаме и две имиња кои се познати за македонската јавност- Горјан Јовановски (Мој воздух), но сега во улога на тим-лидер во Booking.com и Блаже Аризанов- Македонецот кој направи бум со својот стартап во Индија.
Наша заложба, уште од почетокот пред седум години, беше да им понудиме информации и знаења, мотивација и инспирација на домашните компании и луѓе од индустријата за да ја направат својата комуникација, пред сè на интернет, многу поефикасна. Внимателно ги одбираме и темите и говорниците и фокусирани сме да го поттикнуваме и да му помагаме на домашниот пазар да се развива.
Вие сте можеби единствената конференција која успеала да опстои толку години. Колку е тешко или лесно кај нас да се организираат настани? Која е тајната на вашиот успех?
Навистина не знам дали има друга годишна конференција што толку долго опстојува на пазарот. Посебно кога станува збор за настан кој не е директно поддржан од донаторски средства. Иако се случува еднаш во годината, ние со AllWeb живееме и работиме на неа цела година. Предизвици има многу, од обезбедување спонзорство, до продажба на влезници, наоѓање говорници и целата логистика за нив, сала, озвучување, осветлување, сценографија, до најситниот детаљ. Разликата за тоа дали ќе имате позитивно или негативно искуство од еден настан е во деталите и ние тоа многу добро го знаеме. Не можам да речам дека е лесно, но е многу мотивирачки од идеја да изградиш бренд кој ќе биде препознатлив и признаен. Нè радува фактот што луѓето од маркетингот и односите со јавноста ја препознаваат конференцијата и имаат позитивно искуство поврзано за неа. Од година во година бројот на публиката расте, имаме постојани посетители, но и сè поголем број компании кои сакаат да вложат во знаењето на своите вработени. За среќа имаме и компании- партнери, кои од самиот почеток ја прифатија идејата и сè уште помагаат таа да расте и да се развива и за тоа искрено и од срце им благодариме.

Во време кога скоро сè може да најдеш на интернет, од каде потребата да се организира и да се оди на конференции? Нели е тоа можеби причината што луѓето избегнуваат да одат на настани?
Не е проблем на интернет да го најдеш тоа што ти треба. Има најразлични видеа, говори, презентации, туториали. Тоа што ги прави конференциите, и настаните воопшто, поразлични се луѓето и присуството ‘на лице место’. На конференција не одиш да научиш нешто, за тоа треба и време и желба и посветеност.
На конференција одиш за да добиеш идеја, поширок поглед на нештата, различна презентација и перцепција, а пред сè одиш да сретнеш и запознаеш нови луѓе, да создадеш релации, да започнеш нови бизнис партнерства.
Конференциите се инспирација која овозможува подигање на бизнисот на повисоко ниво. Искрено, јас посетувам многу настани и конференции. Дури и од тој настан што најлошо сум го оценила сум научила нешто- ако не друго, барем тоа како не треба. Инаку, кога ја осмислувавме конференцијата се водевме од фактот дека за нас, во Македонија, можноста да слушнеш светски говорник во живо беше многу ограничена. Поради финансиски причини, ретко кој може да си дозволи да отиде надвор од државата на повеќе настани во текот на годината. Затоа решивме сите говорници, коишто вреди да се слушнат, да ги донесеме тука и тоа да го споделиме со другите кои имаат интерес. Инаку, ова ни е десетта AllWeb конференција, вклучувајќи ги и трите што ги организиравме во Албанија, и сум среќна што знам дека тие биле почетокот на многу соработки и проекти кои се изродиле помеѓу луѓе кои претходно не се познавале.
За крај, која ви е публиката и што ќе им порачате?
Во публика очекуваме околу 300 претставници на високите одлучувачки структури на компаниите, маркетинг и директори за односи со јавноста, претставници од агенции, компании, претприемачи и слично.
Во продажба пуштивме и ограничен број на влезници за студенти, па очекуваме публиката да биде многу хетерогена, во однос на секторот и кариерното достигнување, но многу фокусирана во однос на интересите- маркетинг и комуникации. Нивните детални очекувања не ги знам, но знам дека се трудиме секој еден да понесе позитивно искуство од настанот.
Тие што сè уште се колебаат, веднаш нека ја посетат allweb.mk, нема да зажалат. Ние ги цениме и говорниците и партнерите, но пред сè ја цениме публиката. А, AllWeb нема да е тоа што е, ако немаме изненадување, па се гледаме на 16 ноември.