Интервју на Слободан Унковски со Лина Сириопулу за државната Greek News Agenda / објавено пред неколку дена

1. Кое е Вашето мислење за договорот од Преспа?
Искрено верувам дека договорот од Преспа е од огромна важност за обете земји. Компликуваната точка до која дојдоа претходно преговорите за името, изгледаше како мртов/неразврзлив јазел, сличен на оној што Александар Велики морал еднаш порано да го расече со својот меч. Се покажа дека решавањето на ова прашање е особено тешка задача и може да влијае на внатрешната стабилност на двете земји, а се разбира, може и да ги загрози и политичките кариера на личностите што ќе го пресечат овој јазел.
Занемарен во долг период во минатото, проблемот што Грција го имаше со нашето име (независно колку тоа звучеше за нас ирационално), и со нашиот идентитет врзан со името Македонија и Mакедонци, стана толку голем и наизглед невозможен за решавање, што ги направи, во еден период, преговорите со посредникот Нимиц и под покровителство на УН комплетно без видлив резултат.
Во Република Македонија пак, идентитетскиот инженеринг на тогашниот премиерот Груевски и на Претседателот Иванов изразен преку процесот на антиквизација на македонската историја и бришење на словенските корени, беше артикулиран преку коруптивниот проект Скопје 2014 кој во центарот на главниот град распосла фигури на Александар, Филип, Олимпија и наратив кои националисти ги препознаваат како свој.
Така проблемот стана уште поголем и се чинеше дека наоѓањето на компромисно решение околу името е невозможно. Грчиот ембарго во минатото, Букурешт и разни други работи, претпоставувам ви се познати и без мои додатни објаснувања.
Гледајќи го ТВ преносот на потпишувањето на Договорот во Преспа, препознавајќи го длабокото разбирање за другата страна, довербата и пријателството меѓу врвните преговарачи невидено досега во меѓусебните односи, бевме сведоци на нешто што навистина се случува а само некој месец пред тоа изгледаше комплетно невозможно.
Тектонско е пореметувањето со менувањето на името на една земја. Тоа не е лесно, и секој од нас ја помина својата драма во врска со тоа. Сепак, додавањето на придавката Северна го сметам за фер и долгорочно реално решение, одраз на состојбата на теренот.
Преспанскиот договор не е само можно затворање по триесет години на прашањето за вистинска нормализација на односите меѓу нашиве две земји, туку според моето чувство и невидливо и задоцнето затворање на некои аспекти на судбините на луѓето од граѓанската војна во Грција каде страдањата и жртвите на словенското население во Северна Грција/ Пиринска Македонија биле огромни. (Овде сакам срдечно да го препорачам текстот на професорката и писателка Кица Колбе, од Германија, за судбината на нејзиното Mакедонско/Словенско семејство за време и по граѓанската војна,- објавен во грчкиот весник Авги пред некојa недела.)
Се чини дека далеките наследници на комунистичките партии на обете земји, Сириза и СДСМ , имаа доволно храброст да го решат овој проблем како win win за обете страни, не плашејќи се од ризикот за сопствената политичка иднина, за нивните животи, градејќи нов дух на комуникација и соработка на Балканот.
2. Можете ли како интелектуалец, но исто така и како некој кој бил Министер за култура, да предложите конкретни мерки за градење на доверба во областа на културата што обете земји можат да ги превземат во блиска иднина, со цел да се унапреди и промовира културниот дијалог?
Јас бев Министер за култура од 1995/96 до 1998 година, и бев еден од првите членови на нашата Влада што ја посети Грција по осамостојувањето на Република Македонија. Од грчката страна, министер беше госп. Венизелос, и имавме средби во Солун и во Атина.
Во Скопје пак, пред три години, ја направив претставата Солун град на духови според историската хроника за Солун на американскиот историчар Марк Мазовер и видов како публиката на скоро педесет репризи ги впива непознатите за неа факти и настани од историјата на Солун од 1450 до 1950. Ние толку малку знаеме едни за други, и би рекол, голем дел од јавното мислење во обете земји, е сеуште втемелено на стереотипи и предрасуди.
Тоа не може да се смени преку ноќ и не е реално да се очекува дека со Преспанскиот договор сите отворени прашања и натрупани трауми и стравови ќе бидат ставени ад акта. Но секако, овој договор отвара огромна врата на можен развој на односите и најважно, создава предуслови за нов позитивен старт во сите области. Градењето доверба е секако најважно, а мислењето за идното, за иднината, е огромен квалитет зошто знаеме дека Балканот ужива да се капе во омразата и крвта на поранешните војни и непријателства, да генерира хаос и несигурност, а рационалноста секогаш била предмет на презир и означувана како предавство.
Тоа не значи дека треба да се заборави минатото, особено она од 20тиот век, но тие прашања полесно ќе се дискутираат во новите услови.
Овде можам да наредам цела низа мерки кои можат да бидат генератор на новото во нашата меѓусебна комуникација: размени на сите ниво на културниот живот, учење за историјата и животот на другиот, конференции за проучување на темните точки во историјата, разни програми за мобилност на студентска и училишна младина, отвореност на универзитетите во двете земји за студирање, презентирање на традицијата и фолклорот на двете заедници, поактивна размена на театарски компании на летните фестивали, спорот се подразбира, со сите ризици…прикажување на патеписни и други програми на тв и интернет, и се друго…Бизнисот и досега не се оптеретуваше премногу како се вика земјата во која продава или купува.
Наградата на публиката на Меѓународниот фестивал за филм во Солун за македонскиот претставник Тајна состојка (Исцелител) на младиот Ѓорче Ставревски, моите три претстави во Атина, Солун и Епидаурус, настапите на нашите музичари, гостувањата на Националниот театар од Атина на фестивалот Охридско лето со претстава на Статис Ливатинос, и неколкуте гостувања на Танц компанијата на Софија Спирату, презентацијата на грчката кинематографија на нашите филмски фестивали во Битола и во Скопје, разни престои на наши историчари на уметноста и професори во грчките институции, имаа значајно влијание во отварање на поинаков поглед на можната комуникација…
Грантовите и фондациите установени од Владите или од големите бизниси, можат драматично да ги забрзаат овие активности и да ги охрабрат индивидуалците и организациите, за нови форми за соработка и градење на доверба.
Како што веќе полека се менуваат работите во медиумите по однос на прашањето на договорот и името, мислам дека е важно да се отвори можност за различни мислења и анализи и од другата страна на границата, за сегашните состојби но и за нерешените прашања што сеуште натежнуваат.
Главната цел е едноставна и затоа тешка, ама не и невозможна – да се гради доверба и да се сурфа по бранот на позитивни чувства врзани со овој особен момент во нашите истории. Писмото на подршка на тристотините грчки интелектуалци го сметам за особено значаен чекор во прилог на ова.
3. Цели генерации млади луѓе во ФИРОМ го базираат нивниот идентитет на симболи како оној на Александар Велики. Мислите ли декa тоа може да се смени и која би била улогата на интелегенцијата од ФИРОМ во тој процес.
Можеме само да претпоставиме колку е голема штетата во областа на образованието во последниве десетина години од владеењето на екс премиерот Груевски. Ќе биде потребно многу работа, промени во учебниците и другите помагала, во едукативно квази документарни програми на ТВ, за да се вратат “изгубените генерации” на патот на наука и вистина далеку од романтичните конструкции и митови, далеку од илјада годишна историја на нацијата, и обидот за рекомпозиција на нашето културно наследство и идентитет. Корекции претпоставувам ќе бидат потребни и во историските учебници и кај грчката страна.
Одвојувањето од супер лепакот на новите романтични соништа за Великост, за нас како основачи на светската цивилизација, за нас како единствените наследници на Античка Македонија, ќе биде особено компликувана задача зошто национализмот е како отров и дрога, заводлив и одлична замена за неуспешната и сиромашна реалност.
Академијата (мислам на Универзитетите) во претходниот период на диктатура на партијата ДПМНЕ падна на испит и во многу пригоди беше корумпирана или уплашена и во служба на режимот. Еден лимитиран број интелектуалци во минатото пишуваа и говореа отворено за состојбите и заради тоа беа изложени на закани и прогон од злоупотребените служби за безбедност, од парамилитарни групи, и од ланец на диригирани портали и корумпирани медиуми.
Се чувствуваат знаци на проширување на тој круг, на дистрибуција на одговорноста, ама скептичен сум за можноста од свесна и драматична акција на поширок круг интелектуалци. Сеуште не ја препознавам таа група, за разлика од оние кои верно и служат како мегафони на ултра националистичата идеологија и солидно се поткрепени за тоа. Како да не постои чувство на одговорност и свест за судбината на својата земја…
Некои од повредите направени на нашиот национален словенски идентитет и во внатрешниот ред и мир на нацијата, ќе треба да се санираат во подолг период без јасен термин, во моментов, за комплетирање на тој процес.
4. Преку која театарска пиеса или драмски писател би можел најдобро да се опише конфликтот околу името?
За задачите, целите и пораките на театарот размислувам малку поинаку па затоа не можам да посочам еден наслов, драма или трагедија што најдобро би го отсликала моментот. Ова и заради тоа што ние како генерална публика навистина не ги знаеме уште фазите од скоро триесетте години на преговарањето, од кризите и слепите улици во тој процес, и особено развојот и пресвртните точки во последните шест до осум месеци, во последниот ден, пред постигнување на договорот. Приказната за животот на госп. Нимиц во тие триесеттина години, за неговите напори и предлози, за однесувањето на неколкуте тимови преговарачи што се сменија низ времето, за обидите за итни посредништво преку тајните служби и големите сили, само по себе е одлична основа за мини серија или дури и за игран филм.
5. Планирате ли наскоро да и прикажете на публиката во Грција некоe Вашe новo дело? Со кој драмски текст би сакале да се вратите на Грчката сцена?
Двата главни столба на мојата работа во Грчкиот театар, мојот брат Никос Куркулос , актер и директор на Националниот театар во Атина и мојата најблиска соработничка, мојот драматург, пријател и преведувач Гага Росиќ, за жал, не се веќе меѓу нас. Без нив, за мене, грчкиот театар ќе биде поинаков. Но една огромна група актери и други соработници од Атина и од Солун, со кои интензивно работевме три проекти, една цела група млади режисери и актери со кои имав повеќе недели работилница на експерименталната сцена на Националниот театар, се таму, и секогаш со радост се сеќавам на нашата соработка и кога ќе се укаже можност, ќе им се вратам. Овој пат не како режисер од ФИРОМ, туку од Република Северна Македонија. Односно како човек од Театарот што е мојата права татковина.