Интервју со Бислимовски: Испуштивме златни шанси во енергетиката – државата ако можеше досега да го изгради Чебрен, тоа ќе го стореше

од Nikola Popovski
1,9K прегледи

Немаме веќе луди цени од 500-600, па некогаш и 1000 евра за мегават час, па се радувавме во 2022 година и на 250-300 евра…Се уште се подалеку повисоки од тоа што беа пред започнување на кризата. Според сите анализи што ги гледам, во наредните година или две тешко дека ќе дојдеме до тоа ниво. Затоа Владата мора да му помогне на ЕСМ, за да не дојде до ценовен шок кај домаќинствата, вели во интервју за „Локално“, директорот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски.

Околу дивите приклучувачи на струја, првиот регулатор вели дека веќе во четири критични подрачја, ситуацијата е нормализирана и податоците кои што ги добиваат од Електродистрибуција покажуваат дека таму драстично се намалени загубите, а од друга страна има драстично раст на процентот на наплата.

-Од 2006 година е кажано дека ќе се прави со друга компанија. Сега е првпат да се развива дебата дека не треба така. На крај кога го избравме, викаме ова ништо не важи, па да се вратиме назад државата да го гради, па да губиме уште време. Дополнително ако ја анализираме ситуацијата во енергетиката во државата, ќе видиме дека многу златни шанси сме испуштиле – термоелектраната во Неготино уште е на мазут и ја плаќаме околу 3-3,5 милиони евра годишно. Исто така испуштивме шанса и во 2007 година, кога имавме голем број компании заинтересирани за Чебрен и тоа беа брендови, истакнува Бислимовски околу изградбата на хидроцентралата „Чебрен“.

-Опозицијата не е доволно информирана. Таксата во ниту еден момент, ниту еден трговец или снабдувач со природен гас во Македонија не плати. Тоа може да се провери ако се праша во Макпетрол и другите трговци со природен гас – ниту еднаш бугарскиот преносен систем оператор не им наплати такса. Тоа е целосна невистина дека имало такса, па сега треба да се намали, потенцира директорот на РКЕ откако опозицијата го обвини него и Владата дека иако Бугарија ја укина дополнителната такса за транзит на гас, цената на струјата останува иста.

По најавите дека ќе се воведе нова ставка во сметките за струја, односно „пристап до мрежа“, покрај досегашните издатоци за мрежарина, граѓаните стравуваат од нов ценовен шок. Кој ќе плаќа повисока цена на струјата по Нова година?

-Воведувањето на надоместокот нема на ниту еден начин на редовните потрошувачи да им го зголеми трошокот, туку напротив ќе се намали. И тие што трошат помалку, нивната мрежарина ќе биде намалена за 23%. Никој нема да биде оштетен. Едно од темелнтте вредности на нашиот Устав е социјална правда. Ние со воведувањето на надоместокот за пристап кон мрежа, правиме поправичен начин на распределување на трошокот за електрична енергија, за користење на дистрибутивната мрежа. Ние во претходните две години имаме голем број на фотоволтаици кои ни се изградија и на покривите на компаниите, но и има многу домаќинства што ги ставија. Заради нивното поставување, ни се намали потрошувачката на електричната енергија. Кога се намалува потрошувачката, расте цената. Тоа значи дека тие што не поставиле фотоволтаици, треба да ги казниме да плаќаат за таа електрична енергија и тие да плаќаат за овие што поставиле фотоволтаици. Тоа не е фер и не е правично. Од тие причини го воведуваме овој надоместок за пристап до мрежа. Дополнително има околу 130 илјади домаќинства кои што воопшто немаа потрошувачка или им е многу мала, но кога ќе дојдат ја приклучуваат струјата со прекинувачот, но за да имаат струја, некој претходно ја одржавал таа мрежа и доаѓал ако има дефект, за да им се обезбеди сите да имаат. Досега тој товар паѓаше само врз редовните потрошувачи. Гарантирам дека воведувањето на надоместокот ќе има позитивен ефект врз крајната цена на електричната енергија, за домаќинствата.

Пазарот на електрична енергија се стабилизира, па до кога очекувате да траат субвенциите на државата за електричната енергија?

-Цената на пазарот на електрична енергија е стабилизирана. Периодот околу Нова година не е референтен бидејќи тогаш вообичаено паѓаат цените поради немање на потрошувачка и побарувачка. Цената е стабилизирана околу 130-140 евра за мегават час. Цената по која што ЕСМ продава на универзалниот снабдувач е 57 евра. Може и ЕСМ да каже пазарно ќе функционирамкако сите, не треба поддршка од Владата, но да се знае дека цената во тој случај за крајните потрошувачи ќе се зголеми за 90%. Државата го помага ЕСМ за да може да даде пониска цена на електрична енергија, особено за домаќинствата. Немаме веќе луди цени од 500-600, па некогаш и 1000 евра за мегават час, па се радувавме во 2022 година и на 250-300 евра…Се уште се подалеку повисоки од тоа што беа пред започнување на кризата. Според сите анализи што ги гледам, во наредните година или две тешко дека ќе дојдеме до тоа ниво. Затоа Владата мора да му помогне на ЕСМ, за да не дојде до ценовен шок кај домаќинствата.

Како би ја опишале моменталната состојба на енергетскиот пазар во светот и кај нас? Дали турбулентните времиња и кризите се зад нас?

-Се уште е турбулентно. Во делот за нафтата, суровата бренд нафта пред десетина дена изнесување околу 70-71 долар. Од оваа недела е качен и над 80 долари затоа што некое племе во Јемен врши напад со дронови во Црвеното море и ни се зголеми за 10 долари. Истото тоа предизвика и зголемување на цената на гасот и тоа понатака се одразува на цената на електричната енергија. Цената на сите енергенси се уште се многу чувствителна на работи кои што во минатото не придонеле за да биде толку чувствителна. Многу е тешко да се предвиди што би се случило. ОПЕК најави дополнително намалување на нивното производство во 2024. Затоа една од нивните членки – Ангола го напушта ОПЕК. Имаме 20-тина земји кои сакаат да ја одржат цената на нафтата на повисоко ниво за да може да заработат и со тоа го намалуваат своето производство. Со помалку производство расте цената и со тоа си прават заштеда на ресурсите на нафта, но парите им се повеќе отколку кога би било се како што треба. Многу е тешко да се каже како ќе биде бидејќи се уште имаме кревка ситуација која е чувствителна на влијанија на кои што во изминатиот период не би влијаеле така многу како што сега влијаат.

Со децении земјава мака мачи со дивите приклучувачи на струја, минатата година (2023-та) имаше и инциденти. Уште колку време ќе се одолговлекува овој проблем?

-Тоа е проблем на операторот Електродистрибуција во сопственост на ЕВН и сите сме сведоци дека во изминативе две години, Електродистрибуција заедно со помош на МВР и Министерството за економија преземаа сериозни активности за да се стабилизира оваа ситуација и таа дава резултати. Веќе во четири критични подрачја, ситуацијата е нормализирана и податоците кои што ги добиваме од Електродистрибуција покажуваат дека таму драстично се намалени загубите, а од друга страна имаме драстично раст на процентот на наплата. Тој проблем во голем дел е решен, но се уште има уште неколку подрачја во државата кои треба да се решат. Ниту еден потрошувач не ги плаќаше тие диви приклучоци и не одеа на негова сметка, туку на сметка на операторот на електродистрибутивниот систем. Ние при определување на цена, не признаваме трошок за дистрибуција за ненаплата. Сето тоа си оди на трошокот на компанијата без да биде оштетен ниту еден друг граѓанин кој што е редовен плаќач и кој што не краде електрична енергија.

Што ќе донесе изградбата на Чебрен за земјава? Дали е ова вистинско решение?

-Чебрен е проект кој што се збори во земјава веќе 60-тина години. Тој е потребен проект за земјава, особено во услови кога имаме голем број на новоизградени фотоволтаични и ветерни електрани. Тие обновливи извори треба да се балансираат преку МЕПСО и тој треба да си набави системски услуги за балансирање кои најчесто си ги купува од хидроелектраните на ЕСМ и дополнително на тие тендери за набавка се јавува и ТЕ-ТО. Верувам дека во наредните година-две од правен аспект да се приклучуваат и батерии и тие да ги даваат. Од аспект на идејата како држава за која сме сите согласни, да се оди кон зелена транзиција, а сериозно одиме, ќе ни треба оваа хидроелектрана за да ни помогне и за балансирање на системот. На експертско ниво, таа е завршена работа.

Во изминатиот период се води дебата дали изградбата треба да ја прави државата. Јас сметам дека начинот е соодветен и ако можела државата да ја направи, ќе ја направела. Ние забораваме да зборуваме за загуба на добивка. Да го имавме Чебрен со планирано производство од милијарда киловат часови, во време на енергетската криза во 2021/2022, па и сега…Еве во 2022 година, просечната цена беше 300 евра за мегават час. 300 евра по милијарда киловат часови е 300 милијарди евра. Треба да се седне, да се тргне било каква политизација на овој проблем и да зборуваме реално за двата пристапи како да се изгради Чебрен. Од 2006 година е кажано дека ќе се прави со друга компанија. Сега е првпат да се развива дебата дека не треба така. На крај кога го избравме, викаме ова ништо не важи, па да се вратиме назад државата да го гради, па да губиме уште време. Дополнително ако ја анализираме ситуацијата во енергетиката во државата, ќе видиме дека многу златни шанси сме испуштиле – термоелектраната во Неготино уште е на мазут и ја плаќаме околу 3-3,5 милиони евра годишно. Таа е веќе 40 години и ни е како златна резерва која што еднаш до двапати сме ја вклучиле во екстремни ситуации. Секоја електрана треба да си работи постојано во текот на годината. Исто така испуштивме шанса и во 2007 година, кога имавме голем број компании заинтересирани за Чебрен и тоа беа брендови. Треба да го видиме потенцијалот и капацитетот дали можеме се сами да направиме. Да видиме дали може ЕСМ како компанија која би ја градела, да се задолжи… Сепак тоа треба да биде релаксирана дебата без да се политизира целата ситуација.

Во употреба се пушти гасниот интерконектор Србија-Бугарија, а Вучиќ најави дека во иднина ќе изградат гасна интерконекција кон Македонија. Што значи ова за земјава во однос на диверзификацијата и цената на енергенсот?

-И во Македонија веќе се распиша тендерот за изградба на интерконективен гасовод со Грција. Понатаму тој гасовод преку Грција и Македонија, еден дел ќе заврши во јужна Србија, а другиот најверојатно во Косово, ако прифати косовската страна. Ние сега со таа нова врска со Грција ќе добиеме пристап до гасот кој што поминува во ТАП. Тоа е претежно е азербејџански гас, ќе добиеме пристап до сите ЛНГ терминали кои се во Грција и цената за транспорт на тој природен гас до Македонија ќе биде далеку пониска. И сега ние можеме да донесеме гас во земјава, преку ТАБ, но тој природен гас се движи преку Грција, па потоа Бугарија и доаѓа во Македонија. На тој начин ќе имаме далеку помал трошок во однос на сега што го имаме. Дополнително за првпат ќе станеме транзитна земја за природен гас, што е од исклучително значење за една земја бидејќи и за транзитот на природен гас кој од Македонија ќе транзитира за Косово и Србија, земјава ќе остварува екстра приходи.

Големата цел на актуелната Влада е обезбедување одржливо снабдување со енергија, како и придвижување кон зелена економија. Што е преземено во изминатава година и што треба да се преземе за да се исполни ова сценарио?

-Сценариото е веќе исполнето и во последните две години можеме да резимираме дека изградени се нови приближно обновливи извори речиси 600 мегават час. Тоа е на ниво на инсталирана моќност како трите блока во Битола. Со тоа како земја си го зголемивме инсталираниот капацитет за 25% за производство на електрична енергија и тоа исклучиво од обновливи извори. За сметка на тоа, увозната зависност од некоја просечна година ја намаливме за 100%. Ако порано сме увозеле 35,36,38, па и 40%, сега увозот ни е меѓу 18-19 проценти. Македонија сериозно го реализира зеленото сценарио. Се очекува и 2024 година да биде таква каде што ќе имаме нови 200 мегавати од обновливи извори и со тоа ќе продолжиме кон енергетската транзиција. Но, ќе треба да изградиме и батерии. До крајот на оваа или почетокот на наредната година, со одобрување на мрежни правила за дистрибуција, ќе ја дадеме таа можност таму каде што има веќе изградени фотоволтаични електрани. Било кој сопственик на нив ќе може да си купи батерија и своето производство да си го планира. Кога му е поевтина цената на електрична енергија, да не ја продава туку складира, па кога е поскапа да ја продава на пазарот. Се отвораат сите можност отсега, па во наредниот период.

Секоја зима се поставува прашањето дали мрежата е подготвена да ја издржи. Какви се вашите предвидувања во таа насока во најладните месеци во годината? Подготвени ли сте за увоз доколку е потребно?

-Во делот на електричната енергија, од сите податоци што ги имаме, и МЕПСО и Електродистрибуција велат дека се подготвени и веќе сме втор месец во грејна сезона. Немаме посериозни проблеми. Се појавуваа проблеми во одредени делови од државата кога ќе падне влажен снег. Тој снег секаде низ светот е проблематичен, но битно е сите дефекти да се санираат и да се продолжи со снабдувањето со електрична енергија. Од тој аспект и преносната и дистрибутивната мрежа се подготвени. Секогаш може да се случат екстремни временски услови, но во делот дали ќе обезбедиме електрична енергија – увозот ни е драстично паднат, имаме сопствено производство, тука е и ЕСМ и оттаму тие потреби кои се помали за увоз на електрична енергија, нема да биде проблем да се обезбедат, освен ако не се случи некое драстично сценарио како порано, кога некои земји заради проблеми да си ги затворат границите, па да не може да се купи електрична енергија. Тоа се работи кои што не зависат од нас. Во вакво нормално функционирање на пазарот на електрична енергија, нема никаков проблем да се обезбеди електрична енергија.

Бугарија ја укина дополнителната такса за транзит на гас, но цената на струјата останува иста, а од опозицијата веднаш стигнаа обвинувања на адреса на РКЕ и Владата. Зошто по оваа одлука на нашиот источен сосед не се донесе одлука за корекција?

-Опозицијата не е доволно информирана. Таксата во ниту еден момент, ниту еден трговец или снабдувач со природен гас во Македонија не плати. Тоа може да се провери ако се праша во Макпетрол и другите трговци со природен гас – ниту еднаш бугарскиот преносен систем оператор не им наплати такса. Тоа е целосна невистина дека имало такса, па сега треба да се намали. За жал, дојде време на лажни вести, многу лесно можат да се пробијат, но јас на нив секогаш се спротивставувам со вистината. Вистината е дека на ниту еден трговец или снабдувач со природен гас во земјава, не му се наплати таксата од 10 евра за мегават час природен гас. Од тој аспект ниту имало такса, ниту се рефлектирала врз цената на потрошувачите на природен гас. Таа такса која што се воведе беше надвор од сите ЕУ стандарди. Македонија имаше комуникација со Унгарија, Србија, Бугарија и Европската комисија и се увиде тоа е нелогична такса. Со преземените заеднички мерки со Србија, Унгарија и ЕК, Бугарија ја наведовме да сфати дека навистина е погрешна такса. Дополнително Унгарија ја искористи својата политичка алатка – вето за прием на Бугарија во Шенген зоната. Такса повеќе не постои за нас како Македонија, ниту некогаш постоела.

Разговараше: Стефанија Кузмановска
Подготви: Никола Поповски

Слични содржини