Интервју со Богојески: Не може со програма само за Тетово и Гостивар да се бара премиерски мандат!

од Stefanija Kuzmanovska
493 прегледи

Албанец може да биде премиер на Македонија, но прво да ја добие довербата од сите граѓани и од оние во Штип и Струмица! Не може со програма само за Тетово и Гостивар, да се бара премиерски мандат! Тој треба да претендира да биде премиер на сите граѓани, а не само на Албанците!, изјави во интервју за „Локално“ Петар Богојески од Македонски Концепт.

– Нас ни треба систем во кој најдобриот меѓу нас ќе биде премиер, а не по основ на политичка трговија или етнички клуч! Тој што претендира да биде премиер ќе им се обрати на сите граѓани, а не само на Македонците или на Албанците!, вели Богојески за кампањата на ДУИ за прв Албанец премиер.

На прашање за економските мерки кои Владата ги донесе за помош од ударот од епидемијата од коронавирусот, тој смета дека без разлика на мерките, парите кои беа наменети за помош на погодените бизниси, не стигнаа до нив.

– Неприфатливо е да се субвенционираат компании, кои направија екстра профити од корона кризата, а да се изостават тие кои настрадаа. Интересно е што Владата е глува за нашите предлози, како тој за воведување на посебен придонес за општествена одговорност, од компаниите кои остваруваат приход, смета тој.

За заканите од Бугарија на нашиот европски пат, Богојески вели дека конечно е време да расчистиме со нашиот сосед и за „оставинска постапка“.

– Нема простор повеќе за романтизам. Тие по нивниот пат, ние по нашиот. Имаме заедничко историско и културно наследство, кое не е и не може да биде само бугарско. Тоа е исто толку и македонско. Низ оставинска постапка или ќе го делиме или ќе го констатираме за заедничко, посочи тој.

Во однос на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и неговото однесување кон ситуацијата со коронавирусот и непочитувањето на мерките, првиот човек на „Македонски концепт“ вели дека „тоа што се однесува како адолесцент е резултат на недоволна дегустација на привилегиите на младоста“.

– Христијан нема капацитет и кредибилитет да донесе изборна победа. Секако ќе ги изгуби изборите и мислам ќе се спаси од оваа тежина, со која не може да се носи. Тоа ќе биде добро пред се за него, а после и за сите останати во земјава, посочува Богојески.

Неодамна ја претставивте вашата програма за претстојните избори. Накратко, од каде дојде идејата и кои се главните цели на Македонски концепт?

-Нашата програма именувана е „3С – програма 2020“, се состои од три кластери – слобода што е основа и највисока вредност за изградба на ФЕР општество, спокој што значи мирен живот за сите и извесна иднина и солидарност што и сега со ситуацијата со КОВИД 19 вирусот се покажа како единствено општествено прифатливо поведение. Таа е плод на нашата идеологијата на здравиот разум. Крајната цел, не е да понудиме само уште една политичка програма, за следните избори. Знаеме дека, било која политичка опција да ја одбереме, секогаш е исто! Се согласуваме дека е така! Затоа ние направивме граѓанска понуда, која ќе воспостави демократски СИСТЕМ на заемна контрола, кој нè спасува нас граѓаните, од политичките злоупотреби. Но, тоа нужно бара соработка и доверба помеѓу сите нас! Во спротивно, воспоставување на таков демократски систем, не е можно! Реализацијата на нашата програма ќе ги исполни нашите домови со среќа, радост и здравје, домови на богати граѓани, кои во наследство на своите деца ќе им оставиме нормална држава, слободен и спокоен живот и солидарно поведение!

На многу места во светот првиот бран од коронавирусот веќе стивнува, додека кај нас како директно да преминавме на вториот бран. Каде мислите дека потфрливме и дали воопшто може да се обвинат властите, со оглед на опуштеното однесување на граѓаните, па дури и неверувањетоа на голем дел од нив во вирусот?

-Нормално дека одговорноста е кај надлежните институции, но и кај неразумните политичари. Недозволиво е МВР да не спроведува мерки за заштита на граѓаните, а самиот министер јавно да изјави нема да казнува за непочитување на мерките. Или моите колеги, носители на кандидатски листи во ИЕ 1, Гордана Силјановска да меша ниски политички страсти со религија и да повикува на укинување на мерки, само да и се допадне на дел од популацијата или господинот Никола Димитров да организира прес конференции во присуство на десетици лица. Ако политичарите не почитуваат мерки, каков пример им даваат на граѓаните? Мерките мора да важат за сите и сите подеднакво да одговараме пред законот, без исклучоци.

Се сложувате ли со тврдењето на СДСМ дека техничкиот министер за внатрешни Чулев е виновен за ова што ни се случува и неговите изјави дека нема да ги казнува граѓаните за непочитување на мерките?

-Веќе одговорив на ова прашање. Но и СДСМ нека се преиспитаат што работат, со толку заразени во врвот на партијата. Премиерот Спасовски го потроши мандатот во самоизолација и едноставно го снема во моменти кога се носеа големи одлуки. Каква е таа одговорност, ако првиот човек на Владата е повеќе пати изложен на заразата? Според мене, неприфатливо.

Избори во јули или во септември? Што е подобра опција според вас и зошто?

-Избори веднаш. Денес. Секако свесен за законските рокови. Полека влегуваме во политичка криза. Економската е веќе евидентна, а здравствената ќе трае и трае. Што сакаме, да западнеме во институционална криза, да ја загрозиме државноста? Тоа ли сакаат овие политичари, кои математички прецизно пресметале дека ќе изгубат избори, па тргнувајќи од личниот, го загрозуваат државниот интерес и бараат одлагање на изборите? Нагласувам, избори веднаш!

Какви се вашите очекувања од изборите? Доколку „Македонски концепт“ успее да влезе со пратеници во Собрание, дали би направиле коалиција со победничката партија или би дејствувале самостојно? Дали можеби тоа ќе зависи од тоа дали ќе победи актуелната власт или опозицијата?

-Не, никако за нас не е мотив за коалиција да бидеме со победниците. Туку со оние кои ќе прифатат длабоко да ја реформираме земјата, почнувајќи од промени на политичкиот и изборниот систем, демократизација, кои не прават компромис со европеизацијата на земјата, кои би поддржале пратеници – волонтери и сл. Не мислам на клише дека разговараме за услогласување на програми, напротив на конкретно гласање во парламентот на низа законски решенија, пред избор на новата Влада. Тоа ќе биде модел за формирање на коалиција. Ние сме свесни дека во овој црно бел свет треба време да се развие нова опција, но таа ќе биде клучна за формирање на стабилна Влада.

Вашиот став во врска со кампањата на ДУИ за прв премиер Албанец? Созреано ли е времето, како што вели Артан Груби, да се надмине и оваа последна, според него, предрасуда во однос на Албанците?

-Господата од ДУИ и господин Али Ахмети, не се искрени, но точно знаат што прават. Го свртија целото внимание на јавноста кон себе, сите не навлекоа на нивни терен и така добиваат на политички рејтинг. Јас јасно им ставив на знаење дека прво треба да направиме уставни предуслови, а потоа природно ќе си дојде Албанец, Турчин или Бошњак… за премиер. Ние и до сега сме имале Влав за премиер! Зошто Ахмети мисли дека е иноватор со овој предлог? Зарем не треба да дојде време во државата кога ќе се бира човек по квалитет, а не по етничка припадност. Заробени сме во етничката слика, а зборуваме за мултиетничко општество. Очекувам ДУИ и господин Ахмети да се изјаснат дали прифаќаат концепт на граѓанска држава, држава на индивидуалци, а не држава на повеќе народи, на колективитети, потоа систем на индивидуални права, однос граѓанин, поединец со Републиката, а не колективитет со државата, каде ќе се укинат сите видови на позитивна дискриминација во земјава? Дали тој премиер Албанец ќе спроведе целосна фискална децентрализација на сите општини? Дали ќе прифати промена на Устав, со цел забрана за постоење на етнички партии со етнички предзнак, како албански, турски, српски или македонски политички партии, туку само граѓански партии? Ако сакаа таков премиер, зошто не прифаќаат една изборна единица, а секој носител да биде претендент за иден премиер? Па оној кој добие најмногу гласови, тој ќе формира Влада! Ако е Албанец носител на листа, секако тој ќе биде премиерот… исто и ако е Турчин, Србин или било што, по етничка определба! Албанец може да биде премиер на Македонија, но прво да ја добие довербата од сите граѓани и од оние во Штип и Струмица! Не може со програма само за Тетово и Гостивар, да се бара премиерски мандат! Тој треба да претендира да биде премиер на сите граѓани, а не само на Албанците! Нас ни треба систем во кој најдобриот меѓу нас ќе биде премиер, а не по основ на политичка трговија или етнички клуч! Тој што претендира да биде премиер ќе им се обрати на сите граѓани, а не само на Македонците или на Албанците! После вакви уставни предуслови, секој може да биде премиер, без разлика кој етнички, религиски или партиски идентитет го носи во себе! ДУИ нема искрени намери, промовира етнички концепт за ротација на функции. Тоа е апсолутно неприфатливо!

Дали економските мерки кои ги донесе Владата се доволни за надминување на кризата и подоцна закрепнување на економијата од ударот од пандемијата?

-Без разлика на мерките, парите кои беа наменети за помош на погодените бизниси, не стигнаа до нив. Неприфатливо е да се субвенционираат компании, кои направија екстра профити од корона кризата, а да се изостават тие кои настрадаа. Интересно е што Владата е глува за нашите предлози, како тој за воведување на посебен придонес за општествена одговорност, од компаниите кои остваруваат приход. Тоа сериозно ќе го поткрепи буџетот, ќе ја подобри ликвидноста, а нема да земе ниту динар од оние компании кои не работат во овие услови. Чудно е поведението на актуелнава Влада. Многу е самобендисана. Обично ароганцијата е знак за неспособност и непознавање. Ние стоиме на разполагање, со конструктивни предлози, па и критика, да помогнеме. Сепак државата е одговорност на сите нас. Мораме сите заедно да работиме и да се извлечеме од оваа криза.

Во последниов период е актуелно прашањето со Бугарија и нејзината, би можело да се каже, закана за вето за нашиот европски пат доколку не прифатиме одредени услови во однос на јазикот. Каде е решението според вас на оваа ситуација и дали воопшто треба да се попушта на овие барања?

-Две работи. Прво никој да не помисли да се откажеме од европскиот пат! Никој и никогаш! Ќе влеземе во ЕУ, ако треба и низ иглени уши. Второ, време е со Бугарија конечно да се расчистиме. Време е за оставинска постапка. Нема простор повеќе за романтизам. Тие по нивниот пат, ние по нашиот. Имаме заедничко историско и културно наследство, кое не е и не може да биде само бугарско. Тоа е исто толку и македонско. Низ оставинска постапка или ќе го делиме или ќе го констатираме за заедничко. Во Бугарија воскресна живковизмот, од таму и тоа смешно негирање на македонскиот јазик. Очигледно имаат задачи од големиот шеф, кој сака да спречи проширување на ЕУ на Балканот. Ние ќе и помогнеме на ЕУ да се прошири и да ги зацврсти своите позиции на Балканот, по секоја цена!

Во интервју неодамна изјавивте дека не можете да го оправдате актуелниот лидер на партијата Христијан Мицкоски за начинот на кој го води ВМРО -ДПМНЕ. Деновиве гледаме дека тој и неодговорно се однесува кон самата ситуација со коронавирусот, откако не ги почитува мерките. Можат ли граѓаните да прогледаат низ прсти на ваквото негово однесување и да му дадат доверба на престојните избори? Мислите ли дека ВМРО-ДПМНЕ, какво што е во моментов, има капацитет да направи Влада?

-Го разбирам, но не можам да го оправдам. Без замерки, секој по свој пат. Тој избра да остане под фустанот на Груевски, јас избрав да ја следам мојата визија за Македонија. Тоа што се однесува како адолесцент е резултат на недоволна дегустација на привилегиите на младоста. Тука не можам да му помогнам. Обновата на бандитизмот е обид за реставрација на груевизмот. Јас сум реформатор, не можам да бидам реставратор на она за кое се борам да го реформирам. Доколку беа имплементирани заложбите на реформите, ВМРО ДПМНЕ до сега ќе беше на власт. Тоа е пропуштен воз, нема назад. Христијан нема капацитет и кредибилитет да донесе изборна победа. Секако ќе ги изгуби изборите и мислам ќе се спаси од оваа тежина, со која не може да се носи. Тоа ќе биде добро пред се за него, а после и за сите останати во земјава. Му посакувам се најдобро на приватен план.

Каква трансформација треба да доживее ВМРО-ДПМНЕ, за еден ден да се вратите во своето јато? Од моментов кога се појавивте како иницијатор на реформи во партијата, до денеска, што е променето таму?

-Зошто мислите дека сум оптеретен со тоа? Или дека сакам да се вратам во такво јато? Тоа таму во палатата не е моето јато. Моето јато беше жолтата зградичка, каде имавме повеќе кал на кондурите, но кристално чист образ. Јас сум роб на Каузата, а не на палатата. Палатистите се морално изгубени личности. После изборите, отакако ќе се соочат со својата немоќ, јас ќе бидам солидарен со нив и ќе им помогнам да се пронајдат себеси. Мислам дека ќе има поместување на политичката сцена, а бандата од палатата, ќе ја изгуби улогата на највлијателна опозициона структура.

Кои се вашите планови доколку „Македонски концепт“ не помине како што очекувате на избори? Дали борбата ќе продолжи?

-Апсолутно! Македонски концепт е напредна платформа за промоција на иновативни идеи за решавање на реалните проблеми на граѓаните. Се додека има граѓани, заинтересирани да помогнат на својот народ и својата држава, за Македонски концепт нема зима. Тоа е така осмислено, да трае и трае, низ децениите кои доаѓаат.

Стефанија Кузмановска

Слични содржини