Интервју со Бојмацалиев: Зголемената фреквенција во управните служби со издавањето на личните документи е политички мотивирано сценарио

од Vladimir Zorba

Зголемената фреквенција во управните служби со издавањето на личните документи, што настана по стапувањето на сила на техничката влада е резултат на сценарио кое е политички мотивирано. Имено, има два клучни моменти. Прво, е систематското создавање на илузија преку лансирање на флоскулата Никогаш Северна, што евидентно влијаеше на намалување на интересот на граѓаните за замена на личните документи. Вториот момент беше, Северна Веднаш, што резултираше со огромен наплив на барања и гужви за издавање на документи со новото име на државата, вели во интервју за „Локално“ Митко Бојмацалиев, заменик-министер за внатрешни работи во техничката влада.

Тврдењето дека е оштетен Буџетот се заснива на претпоставката дека се нарачувале обрасци со старото име на државата по потпишувањето на Преспанскиот договор и тоа е точно, истакнува Бојмацалиев.

– Точно е, се издаваа патни исправи со старото име на државата. Тоа се правеше се до моментот до кога се создадоа легални услови, да може да се издаваат документи со новите обрасци. Тоа се случи по усвојување на измените на двата клучни закони, Законот за безбедност во сообраќајот и Законот за патни исправи. Од Јуни 2021 година започна издавањето на патните исправи со новите обрасци, истакнува тој.

Во однос на истрагата за инцидентот пред ноќен клуб во центарот на Скопје, кога полициски службеници беа спречени да ја вршат службени дејствија во акција за спречување на недозволена трговија со дрога, од страна на нивни колега, смета дека ваков настан се случува за првпат во поновата македонска историја.

-На почетокот од мојот мандат јасно повикав без притисоци и без уцени од било кого, од било која политичка партија. Тоа нема да биде толерирано, порача заменик-министерот за внатрешни работи во техничката влада во интервјуто.

Убеден е дека  МВР може да спроведе мирни претседателски и парламентарни избори.

-Сите наши напори се фокусирани кон спроведување на фер, слободни и демократски избори, по европски терк. Очекувам, и работиме кон тоа, изборниот процес да биде транспарентен, фер и демократски, со целосно почитување на правата и слободите на граѓаните

Речиси еден месец Тошковски е на чело на МВР. Од опозицијата велат дека е саботиран, од владината гарнитура велат дека работи по „партиска агенда“. Како ја оценувате досегашната негова работа и дали некој го саботира техничкиот МВР?

-Категорично ги отфрлам обвинувањата дека некој некого саботира во Министерството за внатрешни работи. Поткрепа на тоа се самите бројки на пристигнатите обрасци за пасоши. Еве, во четвртокот ноќта пристигна пратка од 140.000 обрасци за патни исправи, како што најавив, а исто така, за многу скоро време ќе пристигне уште една пратка од 85.000 обрасци. И, со тоа, ја постигнуваме бројката од 1.734.000 обрасци за патни исправи, а до крај на летото, крај на август да финишира целиот процес.

Имаме 1.803.000 граѓани кои имаат важечка патна исправа, а МВР има реализирано нарачка од приближно 2 милиона. Така што, не може да стане збор за потфрлување од страна на МВР. МВР ја има предвидено потребата на граѓаните.

Во 2021 и 2022 година имавме голем број на побарувања за смена на личните документи. Во овие години во месеците декември и јануари, имаме во просек по 40-50.000 побарувања од граѓани за смена на лични документи. Со веќе стивнатата реторика на политичките партии за враќање на старото име на државата во декември и јануари 2023 имаме над 170.000 барања од граѓаните за смена на документите. Имавме временски простор да ги промениме сите лични документи, доколку политичките партии не водеа политиканство.

Она што е важно е тоа дека покажавме дека капацитетите на МВР извршуваат услуга кон 170.000 граѓани за краток временски период.

Поднесена е кривична против поранешниот министер Спасовски дека ги оштетил граѓаните и буџетот, бидејќи набавувал обрасци за лични документи и ги издавал на граѓаните иако знаел дека нивната важност истекува на 12 февруари годинава. Виновен ли е Спасовски за хаосот со личните документи?

-Зголемената фреквенција во управните служби со издавањето на личните документи, што настана по стапувањето на сила на техничката влада е резултат на сценарио кое е политички мотивирано. Имено, има два клучни моменти. Прво, е систематското создавање на илузија преку лансирање на флоскулата Никогаш Северна, што евидентно влијаеше на намалување на интересот на граѓаните за замена на личните документи. Вториот момент беше, Северна Веднаш, што резултираше со огромен наплив на барања и гужви за издавање на документи со новото име на државата.

Како аргументација на претходното, сакам да истакнам дека за време на раководењето на Спасовски со МВР немаше никаков застој во процесот на промена на личните документи. Одговорно тврдам, дека тогаш личните документи им се издаваа на граѓаните во рок од 15 дена.

Тврдењето дека е оштетен Буџетот се заснива на претпоставката дека се нарачувале обрасци со старото име на државата по потпишувањето на Преспанскиот договор. Точно е, се издаваа патни исправи со старото име на државата. Тоа се правеше се до моментот до кога се создадоа легални услови, да може да се издаваат документи со новите обрасци. Тоа се случи по усвојување на измените на двата клучни закони, Законот за безбедност во сообраќајот и Законот за патни исправи. Од Јуни 2021 година започна издавањето на патните исправи со новите обрасци. Во периодот по потпишување на Преспанскиот договор, па се до создавањето на правните претпоставки за имплементација на истиот, преку усвојување на измените на двата закона и носењето на повеќе подзаконски акти, граѓаните кои аплицираа за патни исправи и други лични документи, ги добиваа со старото име на државата. Тоа беше единствено можно и единствено исправно.

Во тој контекст сакам да истакнам дека овој временски период менџментот на МВР го искористи за целосна техничка подготовка, за спроведување на сите процедури и оспособување на системот за издавање на новите обрасци. Ова беше исклучително сложен процес кој се одвиваше во исклучително специфични услови. Без намера да барам оправдувања, морам да исткнам дека процесот беше дополнително искомплициран и со усвојување на Законот за употреба на јазиците, со кој се предвидоа дополнителни 5 нови видови на лични документи за граѓаните, покрај постојните два вида (македонски и албански). Сето тоа се одрази на усогласувањето на проектните документи за изгледот на новите лични документи,изработката на специментите и слично. Во министерството работеа повеќе проектни тимови кои ја подготвуваа функционалната спецификација, по што следуваше нарачката на новите обрасци. Во тој правец беше извршена инсталација на новата хардверска опрема, бројни тестирања, подготовки на персоналот, обуки, се инсталираа нови базни станици во сите организациони единици за управни работи во државата а во соработка со МНР и во повеќе странски држави, согласно проценките.

Пак ќе повторам, пристапувањето кон набавување и пуштање во употреба на новите лични документи беше правно возможно единствено преку усогласување на правната рамка во која се уредени новите лични документи. Но, евидентна беше намерата на опозициските политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и Левица, со нивниот поднесок од над 1200 амандмани на законските решенија.

На крај, ако ја погледнете математиката, ако се издавало од јули 2021 до 12 февруари 2024 континуирано, секој работен ден, со максимален капацитет на машината од 3,000 обрасци, бројката која би се постигнала изнесува 1.890.000, а бројката од важечки пасоши е вкупно 1.803.083.

Би рекол дека е сосема очекувано да се создаде зголемена фреквенција во управните служби, под паролата Северна Веднаш, како уште една во низата предизборни алатки на опозиција. Ќе потсетам на гужвите за време на промената на биометриските документи – од 2007 до 2010, документирано и проверливо.

Сметам дека е време да ги надминеме ваквите политиканства и наместо тоа, да се фокусираме на постигнатите резултати. Како МВР ги создадовме сите услови за навремено издавање на личните документи, но жалам што исто така беа создадени сите услови за оваа смислена политичка манипулација.

Каде го гледате излезот од оваа ситуација, дали преку поднесениот закон во Собранието од страна на опозицијата?

-Законот поднесен од страна на опизицијата нема никаква правна вредност, ниту во македонската законска регулатива, ниту пак во меѓународното право. Во меѓународното право важи принципот дека договорите мора да се почитуваат. Впрочем, самиот Договор од Преспа не содржи преодни и заврши одредби кои би овозможиле некаква ревизија.

Она што го бараат граѓаните секојдневно е повторно воведување на пункт без претходно закажување како што беше во станицата „Пролет”. Беше најавен трансформативен процес, онлајн закажување кое веќе доцни две недели. Погрешните одлуки доведоа телефонските линии да се преоптеретени, граѓаните да не можат да воспостават врска по 7-8 дена. Жалам за ваквите одлуки. Но, оптимист сум дека со ресурсите со кои располага Министерството може да се заврши процесот до крајот на август.

Се отвори и прашањето за кои европски држави се уште го „важат“ пасошот со старото име. Граѓаните се во „државен притвор“, тврдат од Белата палата. Како да се реши проблемот со патување во странство со старите пасоши, треба ли Владата да покрене некоја иницијатива со сите земји?

-Во однос на дописот од ЕУ можам да потврдам дека не пишува децидно дека можат да се користат старите документи, туку оставен е простор секоја држава сама да одлучи, дека треба да се изнајде решение, односно дека во моментот сите земји членки одлучуваат самостојно. Во дописот исто така стои и прашање упатено до нас, уште колку ни е потребно временски за промена на сите патни документи. Така што, секоја земја поединечно одлучува, а знаеме дека Република Грција веќе ги има известено дека старите пасоши немаат валидност.

Секако, при координација во Собранието, кога се изгласа Законот за возачките, од коалицијата СДСМ и ДУИ е дециден ставот дека мора да има конкретен одговор од ЕУ дали со промена на законот ќе има пречка на патот на ЕУ. Министерот за надворешни работи веќе ги остварува тие контакти.

Во оваа прилика и би потсетил дека уште во 2021 година во октомври беа дистрибуирани 25 базни станици ширум светот, до македонската дијаспора каде граѓаните можеа и можат да ги заменуваат своите лични документи. Досега, над 47.000 граѓани ги имаат сменето патните документи.

Веќе видовме една пресметка меѓу вработени во МВР, и тоа не помалку туку дел од обезбедувањето на Мицкоски. Очекувате ли слични пресметки внатре во МВР, се врши ли притисоци врз нив?

-Во однос на истрагата за инцидентот пред ноќен клуб во центарот на Скопје, кога полициски службеници беа спречени да ја вршат службени дејствија во акција за спречување на недозволена трговија со дрога, од страна на нивни колега, уште еднаш ќе повторам дека ваков настан се случува за првпат во поновата македонска историја. Поранешен висок полициски службеник да спречи колеги да извршат службени дејствија – неприфатливо по сите мерила.

Против лицето е поднесена кривична пријава по член 383 од КЗ, и лицето е суспендирано и понатаму ќе одлучуваат другите органи со каква мерка ќе се соочи тоа лице. Одговорно тврдам дека истрагата која ја водеше внатрешната контрола при МВР и согласно службените белешки кои ги направија луѓето на самиот настан, утрвдено е дека уште двајца колеги одбиле да постапуваат по наредба, односно двајца колеги од ЕИП кои не сакале да го приведат лицето кое ги нападнало колегите. За овие лица е започната дисциплинска постапка. Од страна на загрижени граѓани беше препознаено уште едно лице кое е во друштво на лицето кое веќе има кривична пријава, при што се утврди дека тоа лице е вработено во МВР, дел од ЕБР, за што е известена внатрешна контрола.

Повторно ќе упатам апел до сите граѓани кои ги погледнале снимките кои излегоа во медиумите, доколку препознаат и друго лице вработено во МВР кое постапувало спротивно на законот да не’ информираат и веднаш внатрешната контрола да ги преземе сите правни дејствија.

Додека јас сум дел од раководството на МВР нема да бидат дозволени вакви преседани, да се нарушува угледот на Министерството, а за кој работевме со години да го етаблираме, да ја вратиме довербата во граѓаните, која сега е на историски највисоко ниво, притоа да ја позиционираме високо и на меѓународната сцена, како угледен партнер на ИНТЕРПОЛ, на европските агенции, ЕВРОПОЛ, ЕВРОЏАСТ, сојузник во НАТО, партнер со САД и ЕУ… Недозволиво е да се врши таков атак врз вработените во 21 век. На крајот од краиштата напад врз полициски службеник е напад на државата. Нема толеранција за никакви идни вакви настани, било какви пресметки.

На почетокот од мојот мандат јасно повикав без притисоци и без уцени од било кого, од било која политичка партија. Тоа нема да биде толерирано.

Тошковски е упорен во своето барање за смена на началникот на СВР Тетово, Шефик Бајрами. Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваа дека началникот на СВР Тетово ќе биде договорен во претходна координација со градоначалникот на Тетово, Биљал Касами. Техничкиот министер тврди дека со неможноста да назначи свој начланик, се нарушува можноста да биде гарант на изборниот процес за тоа подрачје. Политичка ли е борбата околу тој дел од државата или ова е загриженост за „фер избори“?

-Од моја страна се исполнети сите законски обврски во однос на ова прашање. Во моментот кога беше доставена новата систематизација, беше ставен потребниот двоен потпис од моја и од страна на Тошковски. Меѓутоа, истата не помина на затворена седница на Владата.

Каков изборен процес очекувате – може ли под овие околности МВР да спроведе мирни претседателски и парламентарни избори?

-Апсолутно. На почетокот од мандатот истакнав дека спроведувањето на европски избори е одраз на нашата зрелост како демократско општество. За мене и мојот тим тоа е доказ за нашата посветеност кон демократските вредности и нашиот напредок кон Европската Унија. Затоа, сите наши напори се фокусирани кон спроведување на фер, слободни и демократски избори, по европски терк. Очекувам, и работиме кон тоа, изборниот процес да биде транспарентен, фер и демократски, со целосно почитување на правата и слободите на граѓаните. Министерството за внатрешни работи е цврсто посветено на гарантирање на безбедна и мирна атмосфера за одржување на претседателските и парламентарните избори.

Соработката со Државната изборна комисија, Државната комисија за спречување на корупцијата, домашните и меѓународните набљудувачи, и другите институции вклучени во изборниот процес е клучна и ќе продолжиме да работиме во координација со нив за да гарантираме дека сите аспекти на изборниот процес се спроведуваат во согласност со законот и демократските стандарди.

Со организацијата на локалните избори во 2017 и 2021 година, референдумот во 2018 година, претседателските избори во 2019 година, и парламентарните избори во 2020 година беа поставени стандарди кои целиме да ги надминеме. Секако, ова го потврдувам и на средбите со амбасадорите кои ги одржувам во Министерството за внатрешни работи.

Уверен сум дека со одговорна и професионална работа, Министерството за внатрешни работи е способно да обезбеди услови за мирно и непречено одвивање на изборниот процес. Нашата главна цел е да овозможиме сите граѓани да го искористат своето право на гласање без страв и притисоци, без говор на омраза, лажни вести и дезинформации и секако вработените да не подлегнуваат на уцени и притисоци.

Дел сте од Кабинетот на Спасовски подолг период, задоволни ли сте од резултатите што ги постигнавте со и за македонската полиција?

-Концептот “МВР за граѓаните” е успешна стратегија која беше реализирана заедно со поранешниот министер Оливер Спасовски и која претставува трансформативен момент за Министерството за внатрешни работи.
Реформата на безбедносниот систем, формирањето на ОТА и АНБ, значеше воспоставување норми и концепт коишто ќе гарантираат заштита на човековите права и слободи и ќе бидат и силна брана против злоупотребата и незаконитото работење. Овој чекор беше преземен со одлучност и без колебање, со цел да се утврдат принципите на владеење на правото, кои се клучни за општествениот просперитет и развој на правната држава.

Од 2017 година навака преку низа значајни реформски и програмски иницијативи во рамките на Министерството за внатрешни работи, кои беа спроведени во изминатите години, вклучително и инвестирање 17 милиони евра во подобрување на условите за работа со реконструкција на 82 објекти на полицијата низ државата, зголемување на платите за 35% и исплата на сите бонус плати, како и опремување со потребните материјално-технички добра на полицијата за зголемена безбедност на граѓаните со 14 милиони евра, се постигна значителен напредок во квалитетот на модерното полициско работење и гарантирање на врвна безбедност за сите граѓани.

Покажавме дека максимата ‘задоволна и мотивирана полиција – безбедни граѓани’ носи резултати, во делот на борбата против недозволена трговија со дрога, организиран криминал и корупција, илегална миграција – историски најдобри во последните 30 години, кои не само што ја вратија довербата на граѓаните во полицијата, туку ја поставија на историско највисоко ниво. Притоа, рангирајќи го МВР во топ три најтранспарентни институции. Секако, врвниот резултат на овие напори е прогласувањето на Република Северна Македонија за најбезбедна земја на Западен Балкан според Глобалниот индекс за мир.

В.З.

 

Слични содржини