Темпото на работа е интензивно и со голема посветеност. Моето учество во овој процес е пред се врзан за мојата експертиза бидејќи сум доктор по политички науки. Како второ, моите демократски вредности, никогаш не сум ги криела и веќе 20 години делувам јавно со промоција на истите, истите социјалдемократски вредности, кои се пред се хуманистички вредности и прогресивни идеи, вели во интервју за „Локално“, професорката и потпретседателка на СДСМ, Ана Чупеска која неодамна стана дел од новото раководство на најголемата опозициска партија.
За незадоволството кај одредени лица во СДСМ и реакциите на дел од членовите на партијата, Чупеска смета дека мора да кажат кои се корените на нивното незадоволството и дали тие се лични или суштински.
Професорката е убедена сум дека во случај на евентуални предвремени избори, СДСМ нема да биде затечена, а премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ќе ја добие пораката.
-Пред се она што најзагрижувачки е тенденцијата да не вратат во режим. За ова има секојдневни докази. Од отворен упад во институциите и правосудството и премиерот покажува тенденции на апсолутист, посочува новата потпретседателка на СДСМ.
Централниот одбор на социјалдемократите го избра Извршниот одбор, потпретседателите на партијата и генералниот секретар. Во кој правец ќе се движи партијата? Како ќе придонесете за СДСМ да се врати на победничките патеки?
-Партијата успешно го заокружува процесот на консолидација. Темпото на работа е интензивно и со голема посветеност. Моето учество во овој процес е пред се врзан за мојата експертиза бидејќи сум доктор по политички науки. Како второ, моите демократски вредности, никогаш не сум ги криела и веќе 20 години делувам јавно со промоција на истите, истите социјалдемократските вредности, кои се пред се хуманистички вредности, и прогресивни идеи. Член сум на научниот совет на најзначајниот европски тинк тенк кој ја потпомага со креирање политики за левата и социјалдемократската платформа во Европскиот Парламент „FEPS“. Оттука мојата главна контрибуција ќе биде обединување во борбата за демократските вредности, слободата и напредокот.
Во претходниот период видовме разочарани членови и гласачи на СДСМ. Пред се тука предничи поранешниот пратеник Петре Шилегов кој реагираше на изборот на новото раководство на СДСМ, а делумно и екс-директорот на ФИТР, Јован Деспотовски кој пред два дена порача дека партијата во моментов нема луксуз да си дозволи да ги губи луѓето. Како ќе успеете да ги убедите сите разочарани и изневерени до наредните планирани локални избори? Дали може да откриете дел од планот на новото раководство на партијата?
-СДСМ е демократска партија. Но мора да кажат кои се корените на нивното незадоволството дали се лични или се суштински. Вратите се отворени во СДСМ за разрешување на овие дилеми. Убедена сум дека социјалните мрежи не се најсоодветно место каде се даваат такви квалификации, а притоа да се заобиколи можноста де се дискутираат низ партиските органи. Сеуште е рано за рано за откривање на планот, но, дефинитивно можам да кажам дека ќе следи резолутна борба за одбрана на демократијата.
Колку е силна СДСМ во моментов? Дали доколку се согласат за предвремени избори (како што се зборуваше еден период) ќе му направат услуга на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски само да си ги засили своите позиции за нов повеќегодишен мандат?
-Напротив, мислам дека во изминатиот период, оваа власт ги разоткри сите лаги што ги градеше и како опозиција, особено етноцентричната злоупотреба на чувствата на граѓаните. Тоа е многу опадно и го загрозува развојот на демократските процеси. Затоа, убедена сум дека на евентуални предвремени избори, СДСМ нема да биде затечена, а Мицкоски ќе ја добие пораката.
Отворено останува прашањето дали ќе се продолжи мандатот на претседателот Венко Филипче кој според актуелниот статут треба да заврши в март 2025. Како ја оценувате неговата досегашна работа во однос на консолидација на партијата? Дали сметате дека може да остане на чело на партијата и после споменатиот рок?
-Филипче засега покажа капацитет за обединување и постави напредни и нови правци на делување. Иако се чини тивок, тој е храбар, одлучен и темелен во процесот. Немам сомнеж дека успешно ќе го предводи новото демократско движење.
Видовме реакција од ВМРО-ДПМНЕ по повод изборот на новото претседателство на СДСМ, а имаше и „напади“ и кон вас лично. Обвинуваат дека раководните лица се „верни слуги“ на екс-премиерот Зоран Заев. Како ги коментирате ставовите на партијата на власт? Дали можеби постои одреден „страв“ поради новите кадри на СДСМ кои имаат „политичко чисто минато“?
-Некој што има менталитет на слугување и полтронство, нема капацитет да ги гледа поинаку работите. Напротив, особено тие немаат право да коментираат на ваков начин, затоа што сите се слуги на режимот од кој едвај се спасивме. Не е потребно ни да се споменуваат познатите перјаници на груевизмот.
Нападите кон мене и мојата силна анти-авторитарна активност, траат многу долг период, и тие напади секогаш се темелат на измислици и конструкции. Но тоа мене не ме демотивира, напротив ме стимулира во борбата за демократија и слобода да бидам уште поодлучна и попосветена.
Според очајните реакции на ДПМНЕ по повод новото СДСМ, чуствувам одредена вознемиреност кај нив.
Ако не па (иронично), да им дадеме они да постават други луѓе , по нивен „мерит“ како што впрочем поставуваат по сите институции, некадарни и сериозно проблематични фигури.
Ваш коментар на петте месеци власт под водство на владеачката ВМРО-ДПМНЕ…Дали гледате позитивни работи? Каде најмногу потфрли власта и што очекувате да се случува во наредниот период се до локалните избори во 2025 година?
-Пред се она што најзагрижувачки е тенденцијата да не вратат во режим. За ова има секојдневни докази. Од отворен упад во институциите и во правосудството и премиерот покажува тенденции на апсолутист. Не води сметка на уставното начело за поделбата на власта. Отворено навредува и се заканува. И ова мора да се спречи. Во вакви околности тешко ми е да одвојам нешто позитивно.
Н.П.