ИНТЕРВЈУ со д-р Трајановски: Испишавме историја во македонската хирургија, подготвени сме за поставување нови стандарди во ортопедијата

од Nikola Popovski

На 27-ми април на Клиниката за ортопедија беше извршена првата трансплантација на коска, кај 19 – годишен пациент, во оперативен зафат кој траел пет час. Кај пациентот е извршена замена на малигно променето коскено ткиво со здраво ткиво од починат донатор, што претставува прв ваков тип на интервенција на замена на оштетено коскено ткиво со донирана коска. Здравата коска е добиена со експлантацијата на коскените ткива што се случи на 17 април.

„Тимот е она што ве прави успешен во секоја работа. Клиниката за ортопедија може да се пофали со стручен и професионален тим со кој заедно ја направивме правата трансплантација за коска во нашата држава. Неописливо е чувството кога знаете дека тој оперативен зафат ќе му подари нова можност за подобар живот на еден млад  пациент“, вели во интервју за „Локално“, хирургот ортопед и директор на на ЈЗУ ТОАРИЛУЦ, д-р Александар Трајановски, кој го предводеше тимот хирурзи кој ја изврши трансплатацијата.

Покрај него, во тимот учествуваа и проф. д-р Милан Самарџиски, д-р Далип Јахја, д-р Милена Богојевска Доксевска, д-р Александар Савески, д-р Резеарт Далипи како и васкуларниот хирург д-р Никола Граматниковски.

За младиот пациент по оперативниот зафат, Трајановски вели дека се чувствува добро и дека сеуште се наоѓа се наоѓа на Клиниката за ортопедија.

„Пружена му е беспрекорна грижа од нашите медицински лица“, посочува хирургот.

Според него, самиот процес на трансплантација на органи е комплексен бара посебни услови голема стручност и спремност.

„Со зголемувањето на тимовите за трансплантација, од 2020 година започнат е проект за отворање на ‘’Банка за ткива и коски’’ . Во нашата држава веќе постои посебна приспособена просторија во која согласно условите и опремата се чуваат коски и ткива“, истакнува докторот.

Како вие и вашиот тим се чувствувате и сте задоволни од првата трансплатација на коска од починат дарител? Дали имаше некакви компликации при операцијата?

-Тимот е она што ве прави успешен во секоја работа. Клиниката за ортопедија може да се пофали со стручен и професионален тим со кој заедно ја направивме правата трансплантација за коска во нашата држава. Неописливо е чувството кога знаете дека тој оперативен зафат ќе му подари нова можност за подобар живот на еден млад  пациент. Задоволни сме од текот и исходот на оперативниот зафат,  се пројде во најдобар ред онака како што и се надевавме, како и целиот процес изминатиот период во кој многу се вложивме сите за да испишеме една поинаква историја на нашата клиника и државата.

Како се чувствува 19- годишниот пациент на кого му беше направена трансплатацијата? Дали е се уште на Клиниката за Ортопедски болести или е пуштен на домашно лекување?

-Нашиот пациент по завршениот оперативен зафат се чувствува стабилно и е во многу подобра состојба од претходно,  посакуваме добро здравје и понатаму,  и што поскоро да може да ги извршува секојдневните активности. Веќе се пројдени  две недели од операцијата, пациентот сеуште се наоѓа на клиниката за ортопедија и му е пружена безпрекорна грижа од нашите медицински лица, јас лично го посетувам пациентот секојдневно и ја следам состојбата, наскоро ќе биде пуштена на домашно лекување.  Како и сите ние, така и нашиот пациент е неизмерно благодарен за можноста која му е дадена, благодарение на донорот кој го продолжи неговиот живот.

Со оглед на тоа што првата трансплатација во светот е направена пред повеќе 60 години, зошто толку време беше потребно за истото да се случи и во Македонија?

-Клиниката за ортопедија моментално ги поседува  сите услови за извршување на ваков сложен оперативен зафат, од условите и начинот на  кои се чуваат тие коски, па се до извршување на оперативниот зафат, како и стручниот тим кој моментално работи на клиниката.  Иако во светските земји ова е веќе многу одамна започнато, делумно може да се каже дека е и поради поголемата свест и хуманост за донирање на органи. Искрено ме радува дека во нашата земја се сфаќа потребата од донирање на органи и започнавме една нова етапа во тој поглед. Се надевам  и повторно алудирам на кревање на свеста за овој највисок акт на хуманост. Овие две години веќе активно извршуваме процеси на трансплантација, изразувам благодарност до Министерството за здравство, Министерот за здравство  и Координаторката за трансплантација за поддршката и заложбите.

Дали и кога во земјава ќе се отвори коскена банка?

-Самиот процес на трансплантација на органи е комплексен бара посебни услови голема стручност и спремност. Со зголемувањето на тимовите за трансплантација, од 2020 година започнат е проект за отворање на ‘’Банка за ткива и коски’’ . Во нашата држава веќе постои посебна приспособена просторија во која согласно условите и опремата се чуваат коски и ткива. Таквата просторија е сместена во објектот на Мајчин дом.

Од големо значење е подигнувањето на свеста кај луѓето за дарување на органи, потребни се повеќе активности за тие процеси, се почесто говорење  за процес- трансплантација и за придобивките од истиот како и соодветна застапеност во медиумските простори.

Со оглед на тоа што сте директор на ЈЗУ УК ТОАРИЛУЦ, како во моментов функционира Клиниката со моменталната ситуацијата на коронавирус? Дали се одвиваат тековни операции и постои ли страв кај пациентите?

-Клиниката за ТОАРИЛУЦ  неколку месеци функционираше дополнително и  како Ковид центар. Нашата добра организација не дозволи нашите пациенти да го почувствуваат тоа. Клиниката беше под целосна  внатрешна  реорганизација  со која им се пружи еднаков пристап и можности за лекување и на пациентите заболени од ковид и на пациентите кои имаат  секојдневна потреба  од нашата клиника.  Со особена среќа можам да кажам дека и официјално денес во добро здравје од клиниката го испишавме и последниот наш пациент позитивен на вирусот. Месеците во кои се боревме  за спас на пациентите во ковид центарот се зад нас и да се надеваме дека  така и ќе остане.Ковид центарот на клиниката за ТОАРИЛУЦ официјално е затворен и повторно нормално продолжува со своето функционирање делот за Трауматологија.

Што мислите за вакцините против коронавирус,  дали сметате дека има разлика во одредени вакцини, со оглед на тоа што во последно време имаше голема „негативна кампања“ за компанијата АстраЗенека?

-Вакцината е единствениот начин да се сопре дивеењето на коронавирусот. Потребно е што повеќе масовна вакцинација и имунизација, и луѓето да сфатат дека тоа е единствениот спас како што  и досега низ историјата се покажало дека вакцините успешно ставаат крај на пандемиите. Сите вакцини кои пристигнаа во државата се подеднакво безбедни за граѓаните и успешно се борат против вирусот. Стручноста  и анализите на светските медицински компании и агенции за лекови дадоа свое мислење за вакцините и како тие влијаат врз различните старосни групи на население. Вакцините се безбедни по здравјето на граѓаните,  апелирам сите да се пријават на сајтот за вакцинација , да не ги бираат вакцините врз основа на сопствени убедувања, лаечки мислење и прочитани статии, информирањето секогаш да го правиме од оригиналните извори и сајтови на министерството за здравство, агенцијата за лекови и стручноста на медицинските лица.Секој од нас треба да се вакцинира за свое добро и за доброто на општеството за конечно да ставиме крај на оваа пандемија.

Никола Поповски

Слични содржини