Не сметам дека поддршката за екс-премиерот Зоран Заев била клучна за донесување на одлуката на централното раководство на партијата во однос на кандидатот за градоначалник на општина Струмица. Заев веќе неколку години е надвор од политиката и не влијае на одлуките на новото партиско раководство, вели во интервју за „Локално“, претседателот на ОО СДСМ Струмица, Марјан Даскаловски откако неговата партија го кандидираше за градоначалник на општината, а одлучи да не „истрчаат“ со актуелниот градоначалник Костадин Костадинов.
Даскаловски е уверен дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ја добие Струмица бидејќи, како што вели, граѓаните знаат да оценат која политичка опција направила нешто за општината.
-Јас сум човек кој никогаш не ги навредува луѓето, а особено луѓето кои не ги познавам, па затоа му порачувам на пратеникот Петрушевски да ги праша неговите сопартијци кој е Марјан Даскаловски, каков човек е, и каков изборен криминал и корупција сум ги направил. Такво нешто нема. Сопартијците на Петрушевски ќе му кажат дека Марјан Даскаловски е човек кој не ги дели луѓето ниту на партиска, ниту на верска, ниту на каква било основа, и дека помогнал на секој кому му била потребна помош, вели кандидатот на СДСМ за градот Струмица, одговарајќи на обвинувањата од опозицијата.
Даскаловски тврди дека во СДСМ нема раздор и дека е обединета како на централно, така и на локално ниво. Најавува дека доколку стане градоначалник, негов приоритет ќе биде решавање на проблемите во населените места, како што се атмосферската канализација, довршување на фекалната канализација во неколку населени места, асфалтирање на улици, реновирање на домови на култура и довршување на сите започнати проекти и во населените места и во градот Струмица.
Ја добивте довербата од партија да „трчате“ за нова победа во Струмица. Зошто се одлучивте на ваков потег?
-По барање на огромен број граѓани и предложен за кандидат за градоначалник од сите месни одбори на ОО СДСМ Струмица, и по одлуката на централното раководство на СДСМ, одлучив да ја прифатам кандидатурата за градоначалник на општина Струмица. Сметам дела со моето долгогодишно искуство и активна вклученост во работата на Советот на општина Струмица, како градоначалник можам да придонесам за уште поголем развој и просперитет на општината.
Актуелниот градоначалник Костадин Костадинов се повлече од трката, најверојатно и како независен кандидат, но и го замрзна членството во СДСМ. Зошто извиси кај партиското раководство, сметате ли дека поддршката за екс-премиерот Зоран Заев беше клучна?
-Не сметам дека поддршката за Заев била клучна за донесување на одлуката на централното раководство на партијата во однос на кандидатот за градоначалник на општина Струмица. Г-нот Зоран Заев веќе неколку години е надвор од политиката и не влијае на одлуките на новото партиско раководство. Ваквата одлука сигурно е резултат на опсежна анализа и испитување на јавното мислење на граѓаните на општина Струмица и на членовите на ОО СДСМ Струмица.
ВМРО-ДПМНЕ ќе ја добие Струмица по 20 години пауза, гласни се од партијата на власт и се повикуваат на долгогодишни злоупотреби на изминатите раководства. Можен ли е таков епилог?
-ВМРО-ДПМНЕ нема да ја добие Струмица бидејќи граѓаните знаат да оценат која политичка опција направила нешто за општината. Се што е направено во општина Струмица во последните 30 години е направено од градоначалниците од редовите на СДСМ, почнувајќи од Дино Манолев, потоа Зоран Заев, Коста Јаневски и Костадин Костадинов. Може да се набројат стотина големи проекти. Понекогаш ги прашувам советниците од ВМРО-ДПМНЕ да кажат барем три големи проекти од нивното 9-годишно владеење како локална власт, но одговор нема. Во однос на злоупотребите, ако ги имало, зошто во времето на 11-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ како централна власт и оваа една година нема ниту една кривична пријава за такви злоупотреби.
„Марјан Даскаловски е човекот кој е десна рака на Заев за изборен криминал и корупција во Струмица. Со Даскаловски ќе остане пашалак на Заеви и Филипче“, кажа пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ. Ваша реакција?
-Јас сум човек кој никогаш не ги навредува луѓето, а особено луѓето кои не ги познавам, па затоа му порачувам на пратеникот Петрушевски да ги праша неговите сопартијци кој е Марјан Даскаловски, каков човек е, и каков изборен криминал и корупција сум ги направил. Такво нешто нема. Сопартијците на Петрушевски ќе му кажат дека Марјан Даскаловски е човек кој не ги дели луѓето ниту на партиска, ниту на верска, ниту на каква било основа, и дека помогнал на секој кому му била потребна помош. Го поканувам пратеникот Петрушевски да дојде во Струмица и заедно да прошетаме низ градот за да види зошто се плашат од Марјан Даскаловски како кандидат за градоначалник на општина Струмица. Со Марјан Даскаловски како градоначалник, Струмица нема да биде ничиј пашалак, бидејќи ќе се работи чесно, одговорно и посветено за доброто на сите граѓани на општина Струмица.
Што и недостасува на Струмица, по ваше мислење, и каде ќе ги насочите своите напори доколку победите на изборите?
-Доколку победам на изборите, мој приоритет ќе биде решавање на проблемите во населените места, како што се атмосферската канализација, довршување на фекалната канализација во неколку населени места, асфалтирање на улици, реновирање на домови на култура и довршување на сите започнати проекти и во населените места и во градот Струмица. Градоначалникот Костадинов во интервјуто за вашиот портал изнесе многу невистини. Прво, точно е дека Струмица е првиот град на Балканот со целосно електричен јавен превоз, но плаќањето на лизингот за автобусите од 7 милиони евра ќе биде терет за враќање за новиот градоначалник. Второ, најголемиот и најуреден пазар за кој зборува Костадинов, а кој е во почетна фаза и за кој граѓаните на општина Струмица ќе треба да платат 4.5 милиони евра, ќе остане обврска на новиот градоначалник. Понатаму, Костадинов вели дека ќе остави нов ученички дом. За жал, градбата на овој дом е застаната на првата плоча и е стопирана. Ист е случајот и со социјалната населба со планирани 118 станови кои се уште не се почнати. Не е точна и изјавата дека фекалните и атмосферските канализации во населените места се решени за време на неговиот мандат, бидејќи фекалните канализации во повеќе населени места се решени од страна на претходните градоначалници, а атмосферски канализации нема ниту во едно населено место, со исклучок на едно каде што е започната, но не е завршена. Може да се заклучи дека новиот градоначалник ќе има многубројни задачи пред себе, а во соработка со централната власт ќе мора да се посвети на решавање на два клучни проблеми: загадувањето и наоѓање алтернативно решение за водоснабдување на градот.
СДСМ не е пред егзистенцијална криза туку е веќе длабоко заглавена во неа, истакнува се уште актуелниот градоначалник. Се чини дека СДСМ е разединет по доста прашања, дали вака социјалдемократите можат да очекуваат добри резултати на претстојните избори?
-Не се согласувам со изјавата на актуелниот градоначалник, бидејќи поддршката за СДСМ расте од ден во ден, што и тој самиот го истакнуваше до моментот кога беше објавена кандидатурата за градоначалник на општина Струмица, а од тој момент наваму изјавува само најлошо за партијата од која добил се. Во партијата нема раздор, партијата е обединета како на централно, така и на локално ниво, и од денес на отпочнувањето на кампањата за локалните избори зад мене, како кандидат за градоначалник, застана целото партиско раководство, советниците, координаторите, претседателите на месните одбори, форумот на жени, форумот на пензионери и форумот на млади. Затоа сметам дека негативните прогнози за локалните избори на Костадинов нема да се остварат.