ИНТЕРВЈУ со Дац и Александар: Гледавме на сите поразителни вести да вратиме со убави песни

од Stefanija Kuzmanovska

Дуети помеѓу пејач и актер имало повеќе и во регионот и низ светот, но најголема улога во нашата спојка одигра нашето другарство, наоѓањето „на иста бранова должина“ и истиот уметнички пристап кон љубовта и музиката, велат во интервју за „Локално“ актерот Драган Спасов – Дац и пејачот Александар Митевски.

„Не ги оставивме фановите ниту еден момент и секој ден бевме ОНЛАЈН со нив, преку песни, кавери, спотови и емисии. Тоа беше еден вентил за полесно да се проаѓа годината, и за нас и за нив“, изјави дуото.

Во однос на пандемијата на коронавирус, Александар и Дац наведоа дека гледале во секое лошо да пронајдат добро. На сите поразителни вести да вратат со убави песни.

„Љубовниот пасош е една наша идеја која се роди во карантинот кога сите граници беа затворени и сите беа заклучени во своите држави. Решивме музички да патуваме низ регионот и да ги отпееме познатите љубовни песни на сите тие јазици, со што пративме позитивна енергија, љубов и сочувство во пандемијата, како и добрососедство“, истакнаа тие.

Ни открија дека во план се и нови песни, нови дуети за „Љубовниот пасош“ и продолжување на серијалот „Уште ми фалиш“ од септември.

Како се роди идејата за соработка меѓу вас двајца?

-Сосема спонтано. Дуети помеѓу пејач и актер имало повеќе и во регионот и низ светот, но најголема улога во нашата спојка одигра нашето другарство, наоѓањето „на иста бранова должина“ и истиот уметнички пристап кон љубовта и музиката. Ние и двајцата сме луѓе со кариери и со багаж зад себе и кај нас ништо не е случајно и преку ноќ направено. Народот од прва ја препозна и ја засака оваа наша ретро, ала кабаретска прикаска во која има љубов, поезија, музика, глума, хумор и позитива – како нешто ново и несекојдневно на нашата естрада.

Летоска во Охрид одржавте концерт според ковид-протоколи. Дали сметате дека на тој принцип треба да продолжат да се одржуваат концертите и понатаму додека трае пандемијата, или пак нешто треба да се промени?

-Да, летоска во „Антички театар“ направивме концерт или „евергрин вечер“ и дружење со нас, нашите песни и песните на сите генерации. И тоа беше навистина уникатно чувство, кога имаш спроти себе армија на луѓе наоружана со љубов и гладна за музика и поезија. Се беше организирано според протоколи и „под конец“ од страна на Дарко Желе Манасијевски и продукцијата и би сакале конечно да дојде период кога повторно ќе можеме така да застанеме пред нашата публика. Ние од првиот момент се придржувавме на прописите и протоколите, апелиравме и го искористивме нашето медиумско влијание за заштита од ковид 19 и носење маски. Не ги оставивме фановите ниту еден момент и секој ден бевме ОНЛАЈН со нив, преку песни, кавери, спотови и емисии. Тоа беше еден вентил за полесно да се проаѓа годината, и за нас и за нив.

Додека трае пандемијата на коронавирус, што, според вас, сметате дека треба да се промени на македонската музичка сцена? Дали некои од ковид-мерките можеби се премногу строги? Мислите ли дека замре скопскиот забавен живот последнава година?

-Уште од нашето појавување до денес ние сме супер со нашите колеги, имаме соработка, даваме поддршка и разбираме и сочувствуваме со овој пандемиски удар врз сите професии, особено во културата и ивент индустријата. Едноставно сме на ставот дека треба да се создадат предуслови за можно одржување на настани, знаејќи дека пандемијата е опасна и непредвидлива, а на народот му е преку глава од затвореноста. Дефинитивно целиот културниот живот е замрен во Скопје и целата држава и тоа сите го чувствуваат. Сепак, сакаме да се поттикне делување на сите можни дозволени начини и канали за уметноста да не замре. Ние на пример осмисливме онлајн сесии секој ден, правевме онлајн концерти, па дури иако не сме водители направивме и онлајн Youtube емисија „Уште ми фалиш“ во ладните месеци кога сите беа затворени дома. Заедно со Еурофарм аптеките кои ја препознаа нашата идеја и нашите познати гости им пруживме една мала оддишка на луѓето од секојдневието.

Зошто се одлучивте за преработка токму на „Јовано Јованке“ со бугарскиот гудачки состав „Destiny Quartet“? Сметате ли дека вакви соработки со нашите соседи треба да има почесто? На спотот ве забележуваме со т.н. „Љубовен пасош“. Која е пораката која сакате да ја испратите преку него?

-„Љубовниот пасош“ е една наша идеја која се роди во карантинот кога сите граници беа затворени и сите беа заклучани во своите држави. Решивме музички да патуваме низ регионот и да ги отпееме познатите љубовни песни на сите тие јазици, со што пративме позитивна енергија, љубов и сочувство во пандемијата, како и добрососедство. Пеевме на влашки, српско-хрватски, италијански, француски, грчки, турски… Така дојдовме до една посериозна соработка со бугарскиот гудачки квартет со кои случајно се запознавме и се договоривме дека треба да ја снимиме таа песна заедно – тие да свират, ние да пееме. Додека политичарите кажуваа НЕ, ние сите заедно кажавме – ДА, за љубовта. Беше прекрасно да се гледа како се раѓа таа идеја, да свират и пеат заедно македонски и бугарски музичари, да се снима спот. Нема да застанеме на тоа, туку „Љубовниот пасош“ ќе патува понатаму, Белград, Загреб, Подгорица, Љубљана и секаде каде ќе најде соработник што ќе сака да удри печат во пасошот.

Во кој аспект короната најмногу го промени вашето секојдневие?

-Гледавме во секое лошо да пронајдеме добро. На сите поразителни вести да вратиме со убави песни. Стравот и неизвесноста да ги претвориме во убави моменти за сеќавање. Вирусот не научи да имаме други приоритети во животот и музиката ни е вентил за полесно справување со секојдневието.

Дали во моментов работите на нешто ново?

-Постојано сме во некоја работа. На нашата фејсбук страница секојдневно правиме нови содржини и го забавуваме народот, им враќаме убави спомени од едно време. Во план се и нови песни, нови дуети за „Љубовниот пасош“ и продолжување на серијалот „Уште ми фалиш“ од септември. Ќе почне да се игра и претставата „Хипноза на една љубов“ во Драмски Театар во која Дац игра главна улога, а музиката е на Александар. Со други зборови, го чекаме моментот онлајн сцената да ја замениме со вистинската.

Совет до македонската јавност како да остане позитивна и силна во овие тешки времиња?

-Што помалку вести, што повеќе музика. Редовен дефокус од секојдневнието за останување нормален и во психички добра состојба. Впрочем тоа е и нашата задача, да помогнеме барем малку во тоа. Секој со што може да придонесе е секако плус за сите.

С.К.

Слични содржини