ИНТЕРВЈУ со Димковски: Државното земјоделско земјиште има значење само ако се обработува во спротивно ќе остане предмет на узурпација

од Vladimir Zorba

Предлог законот за земјоделско земјиште дава рамноправност и еднаквост на земјоделците кои сакаат да ја купат земјата или да продолжат да ја обработуваат под закуп, објаснува во интервју за „Локално“ заменикот министер за земјоделие Трајан Димковски.

Според него „државното земјоделско земјиште е природен и економски ресурс само ако го ставиш во функција, а ако не тогаш со годините какви што веќе поминаа кај нас е елемент на узурпација, подлога за ширење на шумски пожари и можност за злоупотреба на администрацијата.

Клучната разлика меѓу постоечкиот закон и новиот предлог закон, според него, е што земјата може да ја купи само тој што веќе го обработува земјиштето.

Во однос на постојаниот тренд на раст на цените на храната, уверен е дека ни претстојат успешни откупни сезони особено по отворање на дијалогот за билатерална соработка со повеќе земји чии пазари досега беа недостапни за македонските производи и двојното зголемување на средствата за промоција.

Во насока на модернизација на македонското земјоделство и поголема конкурентност на производите го издвојува проектот на Светска банка  во вредност од 46 милиони евра кои ќе се инвестираат во два модерни откупно дострибутивни центи во Струмица и Ресен  и во земјоделска платформа во Скопје.

„На овој начин ќе се решат долгогодишните проблеми со чување и складирање на земјоделски производи, ќе се постигне стандардизирано земјоделско производство во големи количини, усогласување со европските регулативи и стандарди за квалитет, што ќе придонесе да се извезуваат големи количини кон пазарите со додадена вредност, како што е европскиот, вели Димковски.

Предлог законот за продажба на земјоделско земјиште предизвика огромни полемики во јавноста. Дали може ли да се очекува дека ќе бидат вградени барем забелешките кои се однесуваат на можноста поголем број земјоделци да можат да ја купат земјата што ја обработуваат и да се оневозможи земјата да стане градежна парцела?

-Секогаш кога ќе се спомене продажба на државното земјоделско земјиште во јавноста буди голем интерес, но и одреден страв дека државата нешто неповратно го губи, а тоа нешто го чувствуваме дека ни припаѓа на сите нас. Државното земјоделско земјиште е природен и економски ресурс само ако го ставиш во функција, а ако не тогаш со годините какви што веќе поминаа кај нас е елемент на узурпација, подлога за ширење на шумски пожари и можност за злоупотреба на администрацијата.Така беше и во 2013 година кога се донесе Законот за продажба на државно земјоделско земјиште, тогашната влада објави и програми за продажба државното земјоделско земјиште, но неуспешни затоа што процесот застана по објавување на бомбите, а набргу се формира и првата пржинска Влада

Наместо да одиме со измени и дополнувања на постоечкиот закон Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се одлучи да оди со идеја за нов предлог на Закон за продажба на државното земјоделско земјиште, каде што новиот предлог дава лесна применливост и спроведување на законот, дава реална проценка за цена која ќе биде понудена и дава рамноправност и еднаквост на земјоделците кои веќе имаат склучено договори за закуп на земјиштето да можат да бираат дали ќе сакаат да го купат или ќе продолжат до истекот на  договорот да го користат под закуп.

Би направил неколку споредби помеѓу Законот за продажба кој е од 2013 година и предлогот кој во моментот е предмет на дискусии, дебати, коментари, критики и укажување за подобрување од страна на јавноста.Законот донесен 2013 година дава можност државното земјоделско земјиште да биде продадено по пат на јавно надавање без разлика кој го има под договор тоа земјиште и го работи веќе 10, 20 па и повеќе години. Нашиот предлог го исклучува ова и вели ќе може да го купи само тој што веќе го работи и по цена утврдена во законот, но исто му се дава можност и да не го купи, а да продолжи да си го работи до истекот на договорот.

Ова е клучна разлика со постоечкиот закон и нашиот нов предлог, а со ова ги демантираме обвинувањата од опозицијата дека олигарсите ќе можат да го купат целото државно земјоделско земјиште. Опозицијата заборава дека со нивниот закон од 2013 година се овозможуваше токму да одреден број на луѓе преку можност да се пријават на оглас и јавно надавање го купат државното земјоделско земјиште, а тоа е што ние со новиот предлог го исклучуваме.

Со предлог законот се гарантира дека купеното државно земјоделско земјиште за период од 10 години не смее да се претвори во градежно, но по истекот на десетте години земјиштето автоматски не преминува во градежно тука за да премине во градежно мора да ја помине целата владина и општинска постапка, исто како што денес приватното земјоделско земјиште се пренаменува во градежно.

Растот на цената на прехрамбените производи на глобално ниво е една од последиците на пандемијата со КОВИД 19. Дали е ова добра вест за македонските земјоделци? Кај кои производи може да се очекува натамошен нагорен тренд ?

-Во Република Северна Македонија цените на прехранбрните производи од почетокот на кризата до денеска се одржуваат во одредена стабилност. Што се однесува на земјоделските производи, иако во некои потсектори ситуацијата беше отежната, благодарение на интервенциите со пакет економските мерки, не е забележан значителен шок врз домашното производство, додека пак најпродуктивните сектори како градинарството, овоштарството и сточарството бележат значителен позитивен тренд во цените, особено цената на јагнето и раноградинарските култури, каде откупот се одвива со висок интензитет и по поволна цена за производителите.

Анализите покажуваат дека пред нас претстојат успешни откупни сезони, особено ако се земе предвид дека Министерството последниве неколку години отвори дијалог за билатерална соработка со повеќе земји каде досега пазарите ни беа недостапни, двојно се зголемија буџетските средства за промоција на земјоделските производи на странските пазари и сето ова вродува со резултати од кои најголема корист имаат земјоделците. Во услови на пандемија се покажа дека договорното производство е добар систем, кој ја одржува стабилноста на вредносните синџири и ваквата пракса треба да продолжи и по надминување на кризата предизвикана од КОВИД-19.

Евроинтегративните процеси ги опфаќаат и прашањата поврзани со земјоделството. Во која насока се врши хармонизирање и усогласување на европското со домашното законодавство? Кои се условите што Владата ги создава за европско земјоделство и кои се најголемите проблеми на тој пат?

-Кога станува збор за евроинтегративните процеси, од почетокот наваму бележиме голем напредок изминативе неколку години. Покрај институционалните реформи, активно се работеше и на воспоставување на сите системи кои се предуслов за членство во ЕУ. За тоа говори и фактот што од страна на директоратот за земјоделство во ЕУ добиваме високи оценки на степенот на реализираност на ЕУ агендата, а искористувањето финансиските средства од Европската Унија во земјоделството и руралниот развој се на највисоко можно ниво од кога ни стојат на располагање. Потврда за ова е фактот што ИПАРД 2 програмата за периодот 2014 – 2020 ја заокружуваме со досега потпишани 1.723 договори со вкупна поддршка од 51 милиони евра, а крајниот резултат од искористеноста на оваа програмска целина ќе биде по завршувањње на новиот јавен повик за финансиска поддршка преку мерката „Диверзификација на фарми и развој на бизниси“ кој претстои. Колку за потсетување на јавноста, првото заглавје од ИПАРД програмата имаше минорна искористеност од 15% за целиот период од 2007 до 2013 година. Европската Комисија врши мониторинг на економските реформи на земјите од Западен Балкан, а во последниот извештај за реализација на програмите за економски реформи Р.С. Македонија беше издвоена како најуспешна, добивајќи го највисокиот индекс во споредба со регионот.

На почетокот на оваа година беше усвоена и новата Национална стратегија за земјоделство и рурален развој за периодот 2021 – 2027, која е подготвена врз основа на широк институционален, аналитички и партиципативен процес, усогласен со последните регулативи на Европската Комисија кои ја уредуваат соодветната област за истиот стратешки период. Стратешките цели се остварливи и се поставени во насока да ја подобрат конкурентноста на земјоделско-прехрамбениот сектор со примена на еколошки практики и модерна технологија. Припремите за имплементација се највисок приоритет на кој работиме во моментов, па заедно со земјите членки веќе активно договараме соработка за заедничка имплементација. Дел од оваа соработка веќе активно се спроведува преку мешовитата комисија за соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Словенија која е традиционален партнер и поддржувач на нашата земја. Во финална фаза е изработката на акцискиот план за соработка за периодот 2021 – 2024 кој ќе биде потпишан од двете земји по преземањето на претседателството со Европската Унија од страна на Словенија, оваа есен.

Како без модернизација на македонското земјоделие да се зголеми конкурентноста? Како да се развиваат дејности што ќе носат економски бенефити?

-Македонското земјоделство постојано се развива и модернизира. Но тоа е долг процес кој не дава веднаш видливи резултати за јавноста. На пример, проектот со Светска банка „Модернизација на земјоделството“ е процес кој го започнавме пред две години. Договорите за соработка се потпишани и сега стартува имплементација. Тоа е најголем проект на Владата за модернизација на земјоделството, со вкупна вредност од 46 милиони евра, кои ќе се инвестираат во два модерни откупно-дистрибутивни центри во Струмица и Ресен и голема земјоделска платформа во Скопје, која ќе содржи откупно-дистрибутивен центар, современи „суви“ магацини, ладилници со перформанси кои сега не постојат на национално ниво, како и посебен технички центар, кој ќе содржи станица за чистење и дезинфекција на камиони, помошна опрема за пречистителна станица и станица за рециклирање на отпад.

Ќе се изгради и современа фабрика за преработка на нус производи од животинско потекло, со што ќе исполниме уште едно барање во усогласувањето на Р.С. Македонија со ЕУ стандардите и регулативите. Овој проект, содржи огромна развојна компонента за земјоделството, со сериозно позитивно влијание врз целокупната домашна економија. Ќе се решат долгогодишните проблеми со чување и складирање на земјоделски производи, ќе се постигне стандардизирано земјоделско производство во големи количини, усогласување со европските регулативи и стандарди за квалитет, што ќе придонесе кон зголемување на извозната компонента, бидејќи тогаш ќе може да се извезуваат големи количини кон пазарите со додадена вредност, како што е европскиот. Да не заборавиме дека овие инвестиции предвидени се да генерираат нови вработувања,  што директно влијае за економската придобивка на граѓаните.

Ниту една година не поминува без протести и отворено незадоволство на земјоделците, сточарите, градинарите, тутунарите…Се жалат на нереално ниски откупни цени, незагарантиран и стихиен откуп, увоз на производи со пониска цена од домашната…Се чини дека решенијата изостануваат или се носат ад хок. Како ја објаснувате логиката на уривање на и онака кревкото македонско земјоделство?

-Ако ме прашате која е првата карактеристика на оваа влада, во однос на сите претходни, тоа е отвореноста за сите прашања. Особено кога станува збор за проблеми во земјоделството. Секогаш кога ќе се појави одреден проблем, без разлика за кој потсектор станува збор или за природата на проблемот, секогаш излегуваме на терен или ги повикуваме на работен состанок сите засегнати страни за заеднички да дојдеме до решението. Колку за потсетување, во првиот мандат од 2017 до 2020 откако ја преземавме одговорноста на власт во државата, наследивме планина од проблеми кои биле игнорирани со години. Неисплатени субвенции, закочени капитални инвестиции и изиграни земјоделци на кои не им беше исплатен откупот. На сите до еден им излеговме во пресрет. Со сите отворивме дискусија и со сите дојдовме до решение. Таков беше случајот со злоупотребата на државно земјоделско земјиште.

За потсетување, во првите 2,5 години раскинавме 600 договори за закуп на земјоделско земјиште за површина околу 6000 хектари кај кои беа најдени неправилности, и истите преку објавени огласи беа повторно ставени во функција, но кај вистинските земјоделци, оние кои вистински ја обработуваат почвата. Наследивме проблем на оштетени лозари од тиквешкиот регион каде 600 земјоделски стопанства не беа исплатени за откупот од страна на две винарии, го решивме и тој проблем лозарите да ги добијат своите тешко заработени пари. Сепак, морам да потенцирам дека треба повнимателно да се следи кој стои зад оние протести кои се декларираат како земјоделци, бидејќи од тоа што досега можевме да го видиме во јавноста, зад таквите протести стои опозицијата, која како по обичај ја промашува темата и во повеќе наврати протестира за решавање на проблеми кои произлегуваат од нивното владеење.

Опозицијата обвинува дека власта води катастрофална земјоделска политика, дека секторот е вратен години назад, дека трудот е потценет, дека субвенциите се ненавремени. Кои се контра аргументите? Кои владини мерки досега се покажаа како најефективни?

-Критиките се добредојдени кога се конструктивни, а тоа не е случај со опозицијата. Наследивме централизиран и нетранспарентен систем на субвенционирање и финансиска поддршка кој го практикуваше минатата власт. Во тоа време субвенции добиваа само оние земјоделци кои ќе се најдат на „списоците“, а финансиската поддршка се спроведуваше по принципот „прв дојден – прв услужен“, систем кој ги фаворизираше само оние апликанти кои беа „добро упатени“, исклучувајќи ги сите останати. Наспроти тоа, пример за добра земјоделска политика е неселективната исплата на субвенциите која ја воведовме, без задршки кон ниту еден земјоделец. Воведовме систем во кој секој што ги исполнува условите, може да го оствари своето законско право на субвенции, а финансиската поддршка за руралниот развој се оценува според квалитетот на проектите, а не кој попрв поднел апликација. Воведовме развојна категорија на земјоделски стопанства кои се разликуваат од останатата социјална категорија и на истите им следуваат повисоки субвенции за производството. Иако оваа година имавме потешкотии во исплатата поради кризата предизвикана од корона вирусот, сите субвенции се исплаќаат во законски утврдениот рок. Опозицијата е без компас и ги игнорира фактите. Последните три години бележиме постојан и стабилен економски раст во земјоделството. Ние ги зголемивме субвенциите за оризопроизводителите, за презимени пчелни семејства, за сточарите воведовме дополнителни субвенции за задржано женско јагне/јаре, ја зголемивме и субвенцијата за млеко, воведовме нови мерки за набавка на педигрирани грла овци, кози, говеда и свињи, изготвивме нови правилници за продажба од куќен праг на земјоделски производи и преработки од млеко и месо, го изменивме Законот за вино со што овозможивме малите семејни винарии да се регистрираат и легално да продаваат вино. Досега имаме регистрирани 46 нови семејни винарии, и тоа е најдобар индикатор за успешно спроведена политика. Понатаму, ја зголемивме финансиската поддршка за мерката Млад земјоделец од 10.000 на 20.000 евра неповратни средства. Дополнително за младите земјоделци, предвидовме ослободување од закупнина во првите три години од склучување на договор за закуп на државно земјоделско земјиште, како поттик за младите луѓе во земјоделството да имаат повеќе средства за развој.

Паралелно со директната финансиска поддршка на младите, на врвот на приоритетите во политиките за руралниот развој се наоѓа инфраструктурата на руралните подрачја. Тоа се капитални инвестиции кои имаат за цел да ги подобрат условите за живот во руралните средини, каде имплементатори се единиците на локалната самоуправа. Во претходниот инвестициски циклус за инфраструктурни проекти во руралните средини со одлука на Владата на Република Северна Македонија издвоиме околу 40 милиони евра буџетски средства за да се реализираат сите проекти на општините. Тука спаѓаат околу 260 поединечни проекти за асфалтирање на улици, инвестиции во канализациони мрежи, партерно уредување на простори, збогатување на туристичката понуда на руралните средини и многу други проекти.

Воведовме поддршка за активен женски член во земјоделското стопанство преку која жените од руралните средини добиваат грант во висина до 3000 евра по корисник, за инвестиции во додадена вредност на нивното производство. Оваа поддршка планираме да ја зголемиме двојно во наредниот период. За прв пат воведовме „зелена нафта“ со што им помогнавме на земјоделците да ги намалат производствените трошоци. Има многу да се зборува во однос на тоа што се сме сработиле во изминатиов период. Сите мерки дадоа резултати. Најголем показател е растот на бројките на регистрирани земјоделски стопанства кој сега изнесува околу 177.338, а притоа бележи раст и бројот на регистрирани жени како носители на земјоделски стопанства како и бројот на регистрирани млади земјоделци. На пример, во 2019 – та година биле регистрирани 36.048 жени, денеска тој број изнесува 38.241, што значи дека имаме зголемување за 2193 жени, кои регистрирале земјоделско стопанство.

Младите не покажуваат интерес за бавење со земјоделство. Како да се промени ситуацијата во која младите во земјоделството препознаваат само неизвесна егзистенција и многу напорна работа? Кога и како земјоделството да стане привлечна и исплатлива работа?

-Констатацијата дека младите не покажуваат интерес е далеку од реалноста. Напротив, бројките растат. Во нашата држава според податоците од Единствениот регистер на земјоделски стопнаства (ЕРЗС) имаме регистрирани околу 177.338 земјоделски стопанства, од кои 21.000 се млади земјоделци. Изминативе години, благодарение на политиките на Владата и на министерството, имаме позитивен тренд на бројот на регистрирани земјоделски стопанства, а тоа се однесува и на бројот на регистрирани млади земјоделци.

Минатата  година, преку мерката 113 „Поддршка за поттикнување на земјоделско стопанство“, која се однесува на младите земјоделци до 40 години, финансиската поддршка изнесуваше 20.000 евра. Интересот за оваа мерка на последниот повик беше голем, а Платежната Агенција во декември минатата година склучи 265 договори за финансиска поддршка преку оваа мерка со вкупен износ од 190.000.000 денари. Оваа поддршка ќе продолжи со имплементација бидејќи интересот е голем и нашиот фокус во креирањето на политиките е ставен токму на развојот на младите земјоделци. Во сите мерки кои ги спроведуваме преку програмата за рурален развој, акцент во критериумите е ставен особено на младите и жените во земјоделството. Со спроведувањето на новиот стратешки период, најголеми приоритети се технолошкото унапредување на примарното производство, зајакнување на синџирите на снабдување со храна и дигитализацијата, теми кои се особено блиски на младите.

К.В.С.

Слични содржини