Јас како човек што си ја сака својата земја и својот мајчин јазик, сум среќна што можам да творам таму каде што сум, на јазикот што ми е најприродно да се изразам. Чувствувам одговорност дека треба да продолжам да работам на себе и да правам музика со истиот жар како што го правев тоа до сега, изјави во интервју за „Локално“ младата музичарка Дина Јашари.
Вели дека на македонската музичка сцена ѝ недостигаат храбри музичари со свежа музика на македонски јазик, кои сами си ја пишуваат музиката што ја изведуваат.
„Веќе нѐ има, но секогаш е супер да сме во поголем број“, истакна Јашари.
Ни откри дека од нејзините песни, „лична карта“ ѝ е песната Бои.
Со песната „Дома“ стана најновиот, четврти лауреат на музичката награда „Милан Младеновиќ 2022“, чиешто доделување се одржа во Белград. Раскажи ни малку повеќе за ова искуство. Какво е чувството да се добие вакво признание во соседството?
– Ова е огромна поддршка и мотивација за мене, особено бидејќи е едно одобрение од луѓе надвор од мојата земја, што сметам дека е многу потешко да се добие. Јас како човек што си ја сака својата земја и својот мајчин јазик, сум среќна што можам да творам таму каде што сум, на јазикот што ми е најприродно да се изразам. Чувствувам одговорност дека треба да продолжам да работам на себе и да правам музика со истиот жар како што го правев тоа до сега.
Летово настапи на неколку фестивали. Кој од настапите ти остави посебен впечаток и зошто?
– Сите настапи ми беа драги, не можам да ги споредам затоа што беа на различни места, особено затоа што за првпат настапував во повеќето градови што ги посетив. Покрај Скопје, што ми е дома, посебна љубов осетив од публиката во Битола. Се изненадив колку добро ми ги знаат песните и уживав додека ги слушав како ги пеат.
За која песна би кажала дека ти е лична карта?
– Бои. Емотивно најтешката и лирично најбогатата песна што сум ја напишала, дури не знам дали некогаш ќе се надминам. Ја напишав на 19.
Како млада музичарка, како постигнуваш баланс меѓу музиката и настапите и секојдневните обврски?
– Вољата е клучна. Иако е исцрпувачко и немам земено одмор со месеци, секогаш би го одбирала ова. Во моментов баланс немам, но доаѓа делот од годината кога стивнуваат настапите и имам повеќе време за себе и за пишување и снимање нова музика.
Што ѝ недостасува на македонската музичка сцена?
– Храбри музичари со свежа музика на македонски јазик, што сами си ја пишуваат музиката што ја изведуваат. Веќе нѐ има, но секогаш е супер да сме во поголем број.
Идни настапи и планови?
– Следно во агенда ми се настапи низ Македонија и винил што го спремам со месеци и едвај чекам да биде завршен.
С.К.