Трговците не го прифаќаат насочениот прст за одговорност кон нив во однос на последните поскапувања на цените.
Категорични се дека она што сега се случува е всушност „повратен удар“ од претходно донесените мерки, меѓу кои, како особено контрапродуктивно, го посочуваат замрзнувањето на цените на долг рок.
„Еве сега цените нагло пораснаа затоа што во текот на долгиот период додека кај нас беа замрзнати, останатите влезни цени, суровините, енергенсите, материјалите, постепено и константно растеа. Сега се прави пазарното израмнување поттикнато од претходно наведеното“, вели за „Локално“ Сашо Дукоски- претседател на Трговската комора при Сојузот на Стопански комори на Македонија.
Подеднакво голем проблем препознава и во сивата економија која како што вели прави штета за сите.
„Трговците се најголемите плаќачи на даноци во државата и нивниот придонес за државната економија се израмнува со нивната функција во пазарната економија. Виталноста на сивата економија е само доказ дека тука системот не функционира еднакво за сите, а треба да ги заштити сите, па и трговците“, вели Дукоски.
Оттука, се залага за редовни инспекциските служби кои според него треба да ја опсервираат ситуацијата и да реагираат соодветно, а секое нефер и неетичко, непазарно однесување да го санкционираат.
Во истата насока, како излез од актуелната ситуација, но и најсоодветен начин за справување со инфлацијата сугерира стратегија во чие изготвување би учествувале сите фактори од ланецот на производство, набавка и продажба.
Покачувањето на цените на дел од прехранбените и млечните производи предизвикаа лавина негативни коментари во јавноста, но и реакција кај претставниците на политичкиот врв. Дали до Вас се веќе доставени одредени барања за средба од страна на надлежните институции на кои треба да се разговара за причината за најновите поскапувања?
-Моментално сме во ситуација во која надлежните во недостаток на стратегија и соочувајќи се со повратниот удар од избрзаните и неконсултирани мерки, сега бараат виновник за состојби кои се природни и се дел од пазарно движење. Во изминатиот период сите и трговците и производителите, а и експертите предупредувавме дека мерките се контрапродуктивни на долг рок и дека ќе се одразат со повратен удар. Сегашната состојба го покажува токму тоа.
Министерот Бектеши најави инспекциски контроли во трговијата каде се направени поскапувања и таму каде има нови цени формирани од страна на производителите. Колку ќе бидат овие контроли продуктивни, односно дали во оваа насока треба да се бара одговорот на сите дилеми?
-Инспекциските контроли треба да ги има постојано и ние за тоа силно се залагаме, затоа што тоа е начин за борба против сивата економија. Сивата економија е реален проблем кој што треба да се решава, а не само да се бараат виновници за нешто што е процес на работа во пазарното движење и е поттикнато од досега донесените мерки, кои што комбинирани со несоодветната макроекономска политика која што никако не е прилагодена за случувањата во македонската економија денес ги покажува своите ефекти. Трговците не се одговорни за настаната ситуација и тоа го знае секој што го знае пазарот и како функционира. Трговците се најголемите плаќачи на даноци во државата и нивниот придонес за државната економија се израмнува со нивната функција во пазарната економија. Виталноста на сивата економија е само доказ дека тука системот не функционира еднакво за сите, а треба да ги заштити сите, па и трговците.
Беше најавена и можност за нови мерки за сузбивање на инфлација. Каков е ставот на трговците во однос на можните мерки? Кои мерки би биле прифатливи за Комората и на што треба да се внимава при нивното креирање?
–Мерки се потребни и тоа итно и се надевам дека Владата ќе се одлучи да креира стратегија за борба со инфлацијата, но соодветна за сите учесници на пазарот и граѓаните да ги осетат придобивките. Тука посебно мислам на трговците, се надевам дека во дефинирањето на мерките ќе бидат вклучени сите фактори од ланецот на производство, набавка и продажба. Се спротивно на ова ќе биде само декларативна заложба без вистински ефект и грижа за состојбата на стопанствениците и на граѓаните.
Ставот на дел од бизнисмените е дека ова е слободна економија во рамки на која се формираат цените. Дали е ова единствената основа или има скриен мотив за екстра профит кој го навести и владата за забележано неетичко и нефер однесување на дел од трговските ланци на маркетите?
-Пазарот е слободен, но исто и регулиран и функционира според пазарни принципи и правила. Но како што кажав, кај нас огромно учество во пазарот има сивата економија, која што прави штета за сите. Затоа потребно е инспекциските служби да ја опсервираат ситуацијата и да се реагираа соодветно. Секое нефер и неетичко, непазарно однесување треба да биде санкционирано.
Како трговци сте категорично против замрзнување на цените, и според вас потребни се други мерки за намалување на цените како намалување на ДДВ-то и на данокот за државни резерви. Дали според Вас ова е оптимално решение, особено ако се има предвид одбивањето на државата да се откаже од данокот кој ја полни државната каса?
-И тогаш, а и сега тврдиме, а дури и тоа го живееме во моментов, замрзнувањето на цените на долг рок е контрапродуктивна мерка и има повратен удар. Еве сега цените нагло пораснаа затоа што во текот на долгиот период додека кај нас беа замрзнати, останатите влезни цени, суровините, енергенсите, материјалите, постепено и константно растеа. Сега се прави пазарното израмнување поттикнато од претходно наведеното. Така што, потребно е да се разгледа секоја друга мерка, освен замрзнувањето, а притоа да се консултираат сите учесници на пазарот. Постојат повеќе опции и може да се најде соодветно решение што нема да биде на штета само на еден учесник во процесот. Стопанството несебично и недвосмислено ја покажа својата општествена одговорност многу пати досега.
Владата најави забрана за вршење дејност за трговците кај коишто ќе биде утврдено дека има незаконско постапување. Како го коментирате ова?
-Незаконското постапување секако треба да биде санкционирано. Секој што злоупотребува положба како трговец треба да сноси последици, но тоа да биде насочено, а не да се генерализира состојбата. Фер и регулиран пазар е нешто за што сите се залагаме.
Кои се следните производи кај кои можеме да очекуваме поскапување и за колкав процент тоа би било?
-Движењето на цените и нивното менување зависи од повеќе фактори, а трговците се последните во ланецот. Цените се креираат врз основа на варијабилни фактори, кои што кај нас беа вештачки замрзнати и сега со актуелните промени пазарот ја создаваат оваа состојба. Ова е главната причина владата со стопанството заеднички да создаде мерки за справување со економската состојба на граѓаните пред се, но и за одржливост на пазарот.
К.В.С.