Интервју со европарламентарката Јовева: Верувам дека во 2022 Македонија ќе ги започне преговорите со ЕУ

од Nikola Popovski

Отворен Балкан е добра идеја. Поголемата соработка, исто така, ќе му помогне на регионот полесно да се интегрира во ЕУ. Во 2022 година мислам дека е време конечно да се искористат сите економски потенцијали и да се зајакне регионот, вели словенечката европарламентарка со македонско потекло, Ирена Јовева во интервју за „Локално“.

Јовева верува дека претстојната година ќе донесе некои позитивни промени за целиот регион по неодамнешните превирања.

-Сите сме свесни дека Западен Балкан историски и географски е срцето на Европа. Треба само да работиме сите заедно за да го направиме и политички компатибилен. Богатството на културата, историјата и религијата во овој регион е како ЕУ во мало, оценува европарламентарка.

Се чини дека земјите од земјите од Западен Балкан долго време тапкаат во место. Каде според вас се движи регионот генерално? Дали ЕУ некогаш ќе ги отвори вратите?

-Верувам дека претстојната година ќе означи некои позитивни промени за целиот регион по неодамнешните превирања и прашања кои го одбележаа целиот регион. Верувам дека Северна Македонија ќе ги почне преговорите со ЕУ (нешто што требаше да се случи пред неколку години), а исто така и Албанија и дека Косово ќе добијат визна либерализација, нешто што беше ветено одамна. Косово исто така ги исполни сите потребни обврски и услови, како што направија Северна Македонија и Албанија. Сега останува на ЕУ да испорача. Оптимистка сум дека Босна Херцеговина ќе се движи по 14-те клучни приоритети кон добивањето на кандидатски статус. Не можеме да зборуваме за датуми за пристапување на нови земји, бидејќи тоа може да создаде погрешни очекувања, а процесот е заснован на заслуги. Не можеме да кажеме датум и дека една земја назадува, а потоа да очекуваме да биде целосно интегрирана. Затоа сум прилично внимателна со одредувањето датуми, туку велам дека се потребни амбициозни реформи и се држам до нив.

„Западен Балкан е од стратешка важност за ЕУ“. „Тоа не е само соседство, туку срцето на Европа“ – се пораките со кои ЕУ ја завршува 2021 година. Какви очекувањата имате за Западен Балкан во 2022 во однос на евроинтеграции?

-Како што веќе е споменато, целиот регион треба многу да работи на владеење на правото, слободата на медиумите, но и многу подобра соработка во регионот. Регионот треба да ги остави конфликтите зад себе и да работи на меѓусебно мотивирање и зајакнување, создавање добрососедски односи, создавање економски врски. Свесна сум дека ЦЕФТА и СРС веќе работат на ова, но има уште многу потребно. Реформите не треба да ги спроведувате само затоа што такво е правилото, туку вистинска реформа што ќе придонесе за доброто на сите граѓани. Запомнете, регионот тоа го прави за своите граѓани, а не за да ѝ угоди на ЕУ. Ова треба да се има предвид бидејќи затоа постојат овие реформи, за да се создаде побезбеден, подобар и постабилен живот за сите граѓани без разлика каде живеат.

Пред француското претседателство со Советот на ЕУ, кое треба да започне на 1 јануари, Макрон изјави дека Балканот е срцето на Европа и дека имаат особено историска одговорност кон Западан Балкан. Значи ли нешто ваквите сигнали на францускиот претседател во однос на евроинтеграциите, иако не треба да го заборавиме фактот дека го очекуваат претседателски избори во својата земја во април наредната година?

-Мислам дека сите сме свесни дека Западен Балкан историски и географски е срцето на Европа. Треба само да работиме сите заедно за да го направиме и политички компатибилен. Богатството на културата, историјата и религијата е како ЕУ во мало. Треба да испратиме повеќе позитивни приказни од Балканот бидејќи има брилијантни млади луѓе, одлична инвентивност и прекрасна природа, толку многу што ЕУ може само да се гордее. Западен Балкан, исто така, мора да ја заврши својата домашна задача и да ја покаже својата посветеност кон реформите и ЕУ, но и ЕУ исто така треба да ги исполни своите ветувања. Тоа е двонасочна врска. Двете страни треба да бидат посветени и да учат една со друга и од друга.

„Отворен Балкан“ донесе некои придвижувања и го отвори дијалогот меѓу одделни земји кој претходно речиси и не постоеше. Како ја коментирате иницијативата? Дали сметате дека и Косово и БиХ треба да се приклучат во неа?

-Мислам дека е добра идеја. Поголемата соработка, исто така, ќе му помогне на регионот полесно да се интегрира во ЕУ, која би била поголема Унија доколку сите шест земји од Западен Балкан се приклучат во неа. Имајќи го ова на ум, се разбира, Косово и Босна и Херцеговина треба да се приклучат имајќи ги предвид придобивките што тоа ќе им ги донесе. Политичките опструкции запреа толку голем економски напредок во овој регион и се надевам дека ова нема да биде уште еден проект што ќе пропадне поради недостаток на политичка волја бидејќи придобивките се побројни од ризиците.

На состанокот во Тирана во склоп на иницијативата „Отворен Балкан“, премиерот Заев заедно со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Република Албанија, Еди Рама потпишаа повеќе мултилатерални и билатерални договори во насока на реализација на основните права за слободно движење на луѓето, производите и капиталот, како дел од зацртаните придобивки за поголема регионална соработка и унапредување на поврзувањето меѓу земјите од Западен Балкан. Дали економијата во овој регион ќе се подобри преку овој проект на тројцата лидери?

-Секогаш сум за поголема соработка. Како либерал, јас исто така мислам дека луѓето треба да бидат способни да работат и да патуваат и да овозможат полесни работни текови и подобра соработка за компаниите особено за малите и средните претпријатија и за старт-ап компаниите. Колку повеќе ја поттикнуваме економската соработка, толку повеќе економски, социјални придобивки ќе има за сите страни, а помалку ќе се зборува за етникуми и конфликти. Во 2022 година мислам дека е време конечно да се искористат сите економски потенцијали и да се зајакне регионот.

Прашањето за признавање на Косово, формирањето ЗСО, а сега и соочување со минатото – сето ова моментно се непремостливи пречки на патот на Белград и Приштина кон нормализација на односите, но и кон нивната иднина во ЕУ. Очекувате ли некаква нестабилност во регионот или конфликт доколку не се реши косовското прашање во 2022 година?

-Мислам дека дијалогот е важен и искрено се надевам дека ова прашање ќе се реши. Луѓето не можат да живеат во страв и политичка нестабилност. Премногу е. Не верувам дека би се случиле конфликти и нестабилност, бидејќи земјите се стремат да влезат во ЕУ и има многу поважна работа што треба да се направи. Двете страни треба да се отворат и да разговараат бидејќи агресивните пораки и отсуството на дијалог никого нема да одведе напред.

Официјална Софија не дозволи Скопје да ги почне пристапните преговори со ЕУ во декември годинава. Бугарија смета дека само Албанија е подготвена за тоа. Ќе биде ли подигната рампата во скоро време?

-Мислам дека времето на вето заврши. Бугарија со ова не добива ништо. Прашањето за историјата и јазикот треба да се решава билатерално, но јас сум оптимист дека Софија понатаму нема да стави вето на огромниот напредок што Северна Македонија го направи досега. Исто така верувам дека ниту една друга земја во Советот нема да го стори тоа.

Доколку ЕУ донесе одлука за некакви санкции за Република Српска или за нејзино исклучување од програмите што ги имаат тука, нека напишат дека тоа е датумот на независна Република Српска“ и „БиХ е малигно заболена и нема шанси за успех“ , се само дел од последните изјави на  српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик? Дали ваквата реторика може да предизвика турбуленции во регионот?

-Апсолутно е неприфатливо она што го кажува г-дин Додик. Неговите воинствени пораки нема да помогнат никому, а особено не на луѓето во земјата кои претрпеа крвава брутална војна, на која сè уште се сеќаваме. Би ги повикал политичките елити конечно да најдат дијалог и да дејствуваат како одговорни граѓани кои работат за луѓето, кои ги гласаат. Земјата е економски слаба, стапките на невработеност се високи, бројот на луѓе на работ на сиромаштија расте секојдневно и некој мисли дека национализмот ќе се нахрани со ова? Срамота е.

САД и ЕУ сакаат да го „вакцинираат“ Балканот против надворешно влијание. Го завземаат ли Русија, Кина и Турција просторот на Западен Балкан? Останува ли перспективатата за членство во ЕУ и натаму е најмоќна валута на Балканот?

-Очигледно е дека тие земји имаат економски и политички интерес во регионот, поради што ЕУ треба уште повеќе да го зајакне своето присуство. Регионот е историски и географски интересен за многу странски актери, но граѓаните се свесни дека нивен најблизок сосед и со најмногу економски и социјални односи е ЕУ. Згора на тоа, Згора на тоа, верувам дека досега сите сфативме дека за регионот нема друг пат освен европскиот и евроинтеграциите.

Н.П.

Слични содржини