Интервју со Евросимовска: На македонските компании им требаат брендови кои носат приказна за производот и доверба кај потрошувачите

Зголемениот увоз на храна е резултат на неколку фактори, недоволно развиено домашно производство, ниска продуктивност, но и извоз на нашите производи надвор. Целта е да ги покриеме домашните потреби и да извезуваме надвор. И тоа треба да биде стратегија на државата, вели за „Локално“ основачот на првата Извозна академија во државата

од Vladimir Zorba
381 прегледи Фото: Тања Евросимовска

Македонија има потенцијал да биде мала земја со големи приказни. Нашата централна позиција, богатите ресурси и талентираните луѓе ни овозможуваат да станеме препознатливи по квалитет и иновација. Со правилна стратегија и со храброст кај компаниите да размислуваат глобално, можеме да извезуваме не само производи, туку и идеи, услуги и вредности, вели во интервјуто за „Локално“, Тања Евросимовска, основач на првата Извозна академија во државата

Извозот е мотор за развој на секоја економија. Дали постои некоја формула која нашите компании може да ја применат за да го зголемат извозот?


-Не постои универзална формула, но постојат клучни принципи. Пред сè, компаниите треба да се фокусираат на конкурентноста на своите производи и услуги во однос на нивниот квалитет, иновација и цена. Второ, многу е важно да се направи детално истражување на целните пазари: да се разберат навиките на потрошувачите, регулативата и локалните конкуренти. Трето, мора да се инвестира во маркетинг и брендирање, бидејќи денес производот мора да носи приказна и доверба. Од моето искуство во текот на овие 25 години со мали и средни претпријатија можам да кажам дека визијата, вербата и посветеноста на претпримачите се еден од главните двигатели кон долгогодишен успех како на локално, така и на меѓународно ниво. Македонија има потенцијал да биде мала земја со големи приказни. Нашата централна позиција, богатите ресурси и талентираните луѓе ни овозможуваат да станеме препознатливи по квалитет и иновација. Со правилна стратегија и со храброст кај компаниите да размислуваат глобално, можеме да извезуваме не само производи, туку и идеи, услуги и вредности.

Се создава впечаток дека македонските компании имаат потенцијал и квалитетни производи за извоз, но истите не се доволни искористени. Како може да се промени тоа?


-Најголемиот предизвик е недоволната интернационализација, многу компании остануваат фокусирани само на домашниот пазар. За промена, потребнo e претприемачите да гледаат глобално од самиот почеток, да ги следат сите трендови и преку know-how обуки, советување и користење на програми за извоз, да се фокусираат кон пронаоѓање нови партнери, дристрибутери, се со цел да ја прошират продажбата на што повеќе странски пазари. Од тука не се исклучува и потребата од финансиска помош и инструменти за извозни кредити, осигурување на извоз и олеснет пристап до промотивни активности на странските пазари.

Во последните 3 години правев истражување и споредба на 22 компании кои успешно извезуваат услуги од Македонија, Србија, Словенија и Грција и тоа што можам да го увидам е дека компаниите кои инвестират во интернационализација и активно бараат можности надвор од земјата постигнуваат далеку поголем раст и стабилност.

Токму затоа, моја искрена препорака е да се надмине домашниот пазар, да се стремиме кон што е можно поголемо врмежување во различни асоцијации, комори, и бинис клубови и активно да се посетуваат настани надвор во државата за да се искористи целосниот извозен потенцијал што го поседуваат македонските производи и услуги.

Македонија се наоѓа на централна локација низ која транзитираат туристи и патници ете тоа е шанса компаниите да развиваат производи и услуги за тие сегменти. Примери за вакви услуги се помали и поголеми капацитети за сместување, ресторани, винарии и други креативни туристички атракции кои ќе ги привлечат патниците да останат подолго во Македонија. Со тоа ќе се зголемат странските приливи, а воедно патниците ќе се запознаат со нашите производи и услуги и ќе понесат позитивни искуства. Во оваа насока, може да се потенцира и медицинскиот туризам, кој претставува извоз на услуги и носи значителен прилив на девизи преку странски пациенти што доаѓаат за лекување. Со медицинскиот туризам извезуваме знаење, доверба и квалитет, а капиталот останува во земјата и создава нови можности за повеќе индустрии. Ако вложиме во извоз, вложуваме во иднината, за компаниите, за економијата и за идните генерации.

Објаснете ни како и на кој начин вашата Извозна академија им помага на домашните компании да го зголемат извозот?

-Нашата Извозна академија е креирана со цел да им помогне на домашните компании полесно и побрзо да излезат на странските пазари. Преку комбинација на обуки, практични алатки и менторска поддршка, овозможуваме know-how знаења за подготовка за извоз, како да изберат соодветни пазари, дистрибутери и партнери, да се запознаат со меѓународни трендови и регулативи за да бидат конкурентни, да развијат стратегија за промоција и да учествуваат на саеми, B2B средби и други активности за интернационализација.

Она што ја прави Академијата посебна е тоа што предавачите се практичари со повеќе од 20 години искуство во работа на меѓународни пазари, што значи дека компаниите учат директно од луѓе кои веќе поминале низ сите предизвици на извозот.

Фото: Тања Евросимовска

Недостига ли државна стратегија за поголем извоз или пак компаниите не се доволно подготвени да излезат на странските пазари?


-Јас би рекла дека постои можност за подобрување од двете страни. Државата треба појасно да ги дефинира приоритетните сектори и да понуди долгорочна стратегија со конкретни мерки. Од друга страна, дел од компаниите не се доволно подготвени, односно немаат извозни планови, развиен сектор за извоз, едуциран кадар, јазични капацитети или познавање на регулативи. Успехот го гледам во паралелно вложување, државата со стратегија и стимули, а компаниите со подобра организација и инвестиции во знаење.

Во тие стратешки приоритети на пример може да се вклучи и медицинскиот туризам, кој е глобален тренд и може да ја позиционира Македонија како дестинација со врвни медицински услуги по конкурентни цени. Еден од примерите е стоматолошкиот туризам, Македонија станува атрактивна дестинација за стоматолошки туризам. Пациенти од соседните земји и дијаспората доаѓаат за импланти и естетски зафати, бидејќи добиваат висок квалитет по значително пониска цена. Често тие комбинираат третман со туристички аранжман, посетуваат винарија или културна локација. На тој начин, медицинскиот туризам не само што носи девизи, туку и ја промовира Македонија како туристичка дестинација.

Како втор пример може да се наведе Ин витро фертилизација (IVF), сè повеќе странски двојки ја избираат Македонија за ин витро фертилизација. Причините се комбинација од висок медицински квалитет, напредни технологии, значително пониски трошоци во споредба со земјите од Западна Европа и полиберална регулатива. Покрај тоа, многу двојки се чувствуваат привлечени од личниот и човечкиот пристап на нашите доктори. Кога тие доаѓаат во земјата за третман, тие престојуваат со недели или месеци, што значи дека нивното присуство носи дополнителни приходи за хотели, угостителство, транспорт и локални бизниси. Слични услуги може да бидат услуги на геријатриски центри, рехабилитациони центри и центри за естетска медицина.

За овие трендови не само да останат, туку и да се зголемат и прошират, неопходна е посистемска и континуирана поддршка од државата. На пример голема улога имаат и државните програми за промоција на земјата како дестинација за медицински туризам, преку организирани маркетинг кампањи, учество на меѓународни саеми и создавање национален бренд кој ќе ја претстави Македонија како конкурентна и доверлива опција за пациенти од странство.

Во извозот повеќе доминираат суровини и полупроизводи. Што треба да направиме за да се зголеми извозот на производи со поголема додадена вредност?


-Клучот е во иновации и трансформација на производството. Паралелно со извозот на суровини и полупроизводи или услуги треба да вложиме во технологија и дизајн за да создадеме финални производи и постопено да ги пласираме истите на странски пазар. На пример, дадена ИТ компанија која развива софтверски решенија нарачани од други компании, паралелно развива и свој сопствен софтвер кој го пласира независно на странски пазари.

Дополнително, неопходна е соработка помеѓу компаниите и универзитетите за развој на нови и иновативни решенија. Поради тоа што иновациите се еден од клучните фактoри за успешност, а младите генерации можат да бидат значаен извор на свежи идеи и креативни пристапи. Така компанијата постепено ќе изгради стабилен бренд, кој ќе асоцира на квалитет и автентичност.

Повторно е потребна синергија помеѓу државните институции и компаниите, каде што преку субвенционирани програми од страна на државата компаниите ќе имаат можност својата суровина или полупроизвод успешно да го промовираат на странски пазари. Држава веќе има оформено програми за поддршка на производи, но не се доволни. Исто така, не треба да заборавиме и на услугите како извоз, каде што спаѓаат ИТ услугите, Call Центриte, медицинските услуги итн… Тоа е сектор со исклучително висока додадена вредност, кој ја подобрува сликата за земјата и генерира мултипликативни ефекти врз економијата.

Во последно време имаме се поголем увоз, особено на храна. Какви се вашите прогнози, може ли Македонија да го зголеми извозот, а да го намали увозот?

-Зголемениот увоз на храна е резултат на неколку фактори, недоволно развиено домашно производство, ниска продуктивност, но и извоз на нашите производи надвор. Целта е да ги покриеме домашните потреби и да извезуваме надвор. И тоа треба да биде стратегија на државата. На пример во моментов во ЕУ производоството на храна, особено примарното производство претрпе значајни промени поради законите за животна средина. Европска Унија ќе биде се по зависна од увоз на храна. Балканските држави се уште не се толку експлоатирани со производство за храна и се одличен потенцијал за извоз во ЕУ бидејќи сме територијално блиску.

Македонија има реален потенцијал истовремено да го зголеми извозот и да го намали увозот, доколку се преземат насочени мерки и инвестиции. За да се постигне тоа потребно е модернизација на земјоделството со вложувања во нова технологија, механизација и иновации во преработка на храна, поддршка на домашните производители преку субвенции. Преку сертификација и усогласување со европските стандарди за квалитет и безбедност на храната, ќе се овозможи полесен извоз на пазарите во ЕУ и пошироко, потоа развој на брендирани македонски производи (вино, органска храна, традиционални производи) кои имаат додадена вредност и препознатливост во странство. На пример кај нас има голем број на мали производители кои ќе бидат посилни доколку се здружат, а државата тука може да помогне во создавање кластери, откупни центри, поддршка во обуки и стандардизација.

Б.С.