Амбициозни планови и стратегии, но и исто толку предизвици. Идната министерка за енергетика, Сања Божиновска ќе се обиде да го постигне она во што ниедна претходна влада не успеа – енергетска независност на државата. Во ексклузивно интервју за „Локално“, таа открива дека главен фокус во наредните четири години ќе биде ставен врз инвестициите, а не како што вели, врз потрошувачката како што е сега.
„Министерството како прво ќе треба да види до каде се и зошто има многу проекти кои се во застој. На пример, гасоводот од Клечовце до Штип е изграден, а не е во функција. До каде е гасоводниот прстен, зошто има застој во гасоводната интерконекција со Грција, исто така и со електроенергетското поврзување со Албанија“, вели Божиновска.
Истовремено ќе се стават под лупа сите сомнителни договори во овој сектор.
„Мора да се види работењето на ЕСМ, сите тендери кои се договарани во четири очи, што сè е набавено и целокупното работење на енергетските капацитети. Секако тука се и сите останати тендери во МЕПСО, недозволеното повлекување на електрична енергија од УЦТЕ и фактурите кои достигнуваат 20 милиони евра“, категорична е Божиновска.
Капацитетите на новото министерство ќе бидат насочени и кон надминување на негативните финансиски резултати на АД ЕСМ и АД МЕПСО кои се според неа последица на превработеноста и коруптивните зделки.
„Поради очигледната превработеност во двете државни компании, неопходно ќе биде намалување на бројот на вработените, што во старт не мора да значи отпуштање, туку преземање или прераспределување на дел од вработените во други институции“, заклучува Божиновска.
Како иден министер во новото Министерство за енергетика, јасно е дека ќе имате многу предизвици пред себе. Велите дека сега ќе се воспостави ред во овој домен, ќе се зголеми координацијата и ќе се креираат реални политики… Кои ќе ви бидат првите чекори? Кои се храбрите стратегии кои ќе ги преземете за обнова на енергетскиот сектор?
-Министерството е за енергетика, рударство и минерални суровини. Точно дека ќе има многу предизвици, пред сè од причина што енергетиката иако е сржта на секоја држава, кај нас со децении беше запоставена. Од осамостојувањето наваму секоја Влада само декларативно ја спомнуваше енергетикaта, потребата од енергетска независност, се носеа планови и стратегии, а не се мрднуваше од мртва точка. Иако експертите постојано предупредуваа дека РЕК Битола нема да може вечно да обезбедува најголем дел од електричната енергија која ни е потребна, резервите на јаглен се трошеа, а не се градеше ништо ново. Од осамостојувањето наваму единствени поголeми капацитети што се изградија се двете хидроцентрали „Козјак” и „Света Петка” и ветерниот парк „Богданци”, како и когенеративната централа ТЕ-ТО која е приватна инвестиција.
Навистина ќе има многу работа и многу сегменти од енергетиката – електрична енергија, гас, нафта, зелената транзиција. Токму затоа оваа Влада реши да формира посебно министерство кое целосно ќе се насочи само на оваа проблематика. Министерството како прво ќе треба да види до каде се и зошто има многу проекти кои се во застој. На пример, гасоводот од Клечовце до Штип е изграден, а не е во функција. До каде е гасоводниот прстен, зошто има застој во гасоводната интерконекција со Грција, исто така и со електроенергетското поврзување со Албанија. Тоа се многу важни капитални проекти од кои во голема мера зависат инвестициите во капацитети кои ќе треба да обзбедат енергетска сигурност.
Еден од приоритетите е и доведување на РЕК Битола во добра кондиција. Свесни сме дека РЕК Битола е многу стар производствен капацитет и дека 70% од електричната енергија доаѓа оттаму. Наша цел е и технички и технолошки да го модернизираме, да ги подобриме перформансите на производство, меѓутоа и да го намалиме загадувањето. Нашиот главен фокус во наредните четири години ќе биде ставен врз инвестициите, а не врз потрошувачката како што е сега. Планираме реализација на капитални инвестиции со вистинска додадена вредност. Но мора да бидеме реални и да кажеме дека работите нема да можат да се променат веднаш. За секоја изградба на енергетски капацитети се потребни: сериозна подготовка, финансирање, планирање, оперативни процеси и време.
Енергетскиот сектор е повеќе децениски предизвик поради кој нашата држава сериозно заостанува зад земјите во регионот. Каде ги лоцирате причините за тоа? Дали сметате дека коруптивни зделки се главната пречка и кои се спорните точки во секторот енергетика за кои идниот премиер најави дека ќе се фокусира на истраги и проверка на шпекулации од минатото?
-Корупцијата е длабоко вкоренета во сите пори на нашата држава и тоа сигурно е една од најважните причини што немало инвестиции во нови енергетски капацитети. Секоја изградба, секоја инвестиција во енергетиката, пред сè е скапа работа и трае долго. Обично за тоа се потребни кредитни средства каде има странски банки и консултантни и многу поголема поверка на трошењето на парите. Многу е „поисплатливо“, од аспект на лични интереси, да се договорат „зделки“ за ископ, за увоз на струја и слични тендери.
Во енергетската криза се потрошија огромни пари за увоз на струја. Замислете што сѐ ќе се направеше со 344 милиони евра народни пари, за кои немаме отчет каде отидоа за време на енергетската криза. Тоа се пари кои Владата во заминување ги префрли на ЕСМ, а во исто време ЕСМ има доспеани, а неисплатени обврски од околу 70 милиони евра. Токму затоа мора да се направат проверки. Мора да се види работењето на ЕСМ, сите тендери кои се договарани во четири очи, што сè е набавено и целокупното работење на енергетските капацитети. Секако тука се и сите останати тендери во МЕПСО, недозволеното повлекување на електрична енергија од УЦТЕ и фактурите кои достигнуваат 20 милиони евра… Процедурите за набавка на електрична енергија во ЕСМ и секако продажбата на вишокот на електрична енергија.
Сведоци сме и на милионските долгови направени од неколку фирми кон МЕПСО. Повеќе од 12 милиони евра не се наплатени, не постои ни изглед да се наплати ни едно евро, и никој не сноси последици за оваа штета, која на крај ќе ја плаќаат граѓаните. Затоа мора да се преземе одговорност и да се воспостави постриктна легислатива во однос на трговијата со електрична енергија. Во многу држави едноставно не постои можност да се има долг кон систем-операторот (државата), бидејќи постојат технички служби кои на дневна база ги следат трансакциите на сите фирми-трговци, и секогаш мора нивното работење да е покриено со банкарски гаранции. Реалноста е дека основани се нови фирми (со иста адреса, слично име на фирма, случаи каде што истите вработени се јавуваат како дел од новите фирми) и повторно работат. Во Србија банкарските гаранции кон систем-операторот изнесуваат милион евра, што значи дека трговијата со електрична енергија е доста сериозна дејност, и фирмите мора да се ликвидни и да располагаат со финансиски средства. Значи постои системска грешка која мора да се смени. Ние сме со намера од корен да се смени трошењето на државни пари и да се работи транспарентно, бидејќи граѓаните заслужуваат во секој момент да знаат што се случува со нивните пари.
Амбасадорката на САД, Агелер упати јасна порака дека мора да се заврши изградбата на грчко- македонскиот гасовод. Колку сме далеку од завршување на овој проект?
-Далеку сме бидејќи е очигледно дека имаше пролонгирање во сите фази. Тендерот за избор на компанијата која ќе го гради беше распишан на крајот на минатата година, а заинтересираните компании требаа да ги достават своите понуди до крајот на февруари. Дури во март оваа година се заокружи финансиската конструкција со обезбедување 98,6 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Претходно беа обезбедени 28,9 милиони евра заем од Европската инвестициска банка (ЕИБ), грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан -WBIF во износ од 12,7 милиони евра. Иако беше најавен старт на изградбата оваа пролет, евидентно е дека поради сево ова ќе има пролонгирање на почетокот на работите и секако на завршувањето, бидејќи проектот опфаќа изградба на интерконекторот со Грција (66 км) и двете делници: – делница Гостивар – Кичево (34 км) и делница Свети Николе – Велес (28 км). Ние ќе се потрудиме да се забрза целиот процес бидејќи ова е многу важен проект за државата кој обезбедува посигурно снабдување со природен гас, како и диверзификација на изворите од каде државата досега го набавуваше гасот, односно руски „Газпром“.
Кога говориме за интерконекции, енергетското поврзување со Албанија речиси и да не започнало со некој позначителен интензитет. Што ќе направите за да активностите на овој толку најавуван проект добијат извесна динамика?
-Изградбата на интерконекторот за електрична енергија со Албанија е уште еден проект кој од неразбирливи причини доцни, а истиот е многу важен бидејќи треба да обезбеди подобрено и подостапно снабдување со енергија за домаќинствата и бизнисите во земјата, преку нормализирање на волтажните нивоа, стабилизирање на протокот на оптоварување и флуктуациската зачестеност, како и намалување на техничките загуби во општиот систем на трансмисија. Исто така Албанија е поврзана со Италија, што значи дека и Македонија може да ја користи Албанија како транзитна земја. За овој проект средства се обезбедени од Европската банка заобнова и развој (ЕБОР) и Европската унија и е дел од ЕУ иницијативата за воспоставување на коридор на пренос на електрична енергија исток-запад, помеѓу Бугарија, нашата земја, Албанија, Црна Гора и Италија. Според она што беше најавено во 2021 г. почна изградбата на новата 400/110 kV трансформаторска станица, а во февруари 2022 г. и изградбата на 400 kV далновод кој тргнува од „Битола 2“ трансформаторската станица и ги поврзува електропреносните системи на нашата земја и Албанија. Проектот, според најавите требаше да биде комплетиран ланската година. Но еве, година дена подоцна не видовме негова завршница.
Сега на нас останува да видиме кои се причиините за доцнењето, дали е тоа поради доцнење на тендери, што многу често е случај поради коруптивни зделки. Или е причина човечкиот факор. И секако да ги интензивираме работите бидејќи не само што ваков и слични стратешки енергетки капацитети се од непроценлива важност за државата, туку се важни и за обезбедување средства за идни проекти, бидејќи вака стануваме несериозна држава во очите на странските банки и инвеститори.
Најавивте и испитување на мрежните приклучоци издадени од МЕПСО и разгледување на легислативата.
-МЕПСО издава одобренија за приклучоци на високонапонска мрежа за производители од обновливи извори чија што инсталирана моќност е поголема од 10 MW. Пристигнати барања до МЕПСО за приклучување на високонапонска мрежа се вкупно:
– ВЕЦ пристигнати барања 20, со вкупна моќност од 1791 MW, додека до овој момент реализирани се 73 MW ( ВЕЦ “Богословец” и ВЕЦ „Богданци”), во фаза на градба се ВЕЦ „Гевгелија” со 30 MW, и ВЕЦ „Копришница Демир Капија” 40 MW.
– ФЕЦ пристигнат барања 56, , со вкупна моќност од 6715 MW, додека до овој момент реализирани се 100 MW ( ФЕЦ „Меј Енерџи 55 ФЕЦ „ИГМ Трејд Кавадарци” и ФЕЦ „Осломеј” )
– Приклучоци на средно и нисконапонска страна на ЕВН 580,5 MW до 31.12.2023 (мали хидроцентрали, ФЕЦ, централи на биомаса)
Мора детално да ги видиме сите барања и да ја согледаме реалноста што може нашата мрежа да прими и дали сите ги задоволуваат законските потреби.
Енергетската сфера ја идентификувавте како една од клучните области за стабилен економски напредок на земјата позиционирајќи ги инвестициите како главен фокус. Колкав процент на реализација очекувате во однос на нови производни капацитети?
-Веќе најавивме дека наша заложба е изградба на две когенеративни централи за гас и гасификацијата. Со овие централи во исто време ќе се снабдуваме и со топлинска и со електрична енергија, а енергијата добиена од овие централи ќе ни даде можност да вршиме балансирање на системот кога ќе е потребно. Исто така имаме план за изградба на ветерни паркови Богданци, Миравци и уште еден проект од 200 МW. Со овие сопствени капацитети земјата ќе има квалитетен енергетски систем. Веруваме дека ќе продолжи и трендот на приватни инвестиции во искористување на обновливите извори на енергија. Ние сме тука да поддржиме и секоја намера за поголема приватна инвестиција во енергетскиот сектор, но на тој начин државата да има поголема корист од тоа во поглед на количините на струја, а не да дадеме некој со децении да ги користи нашите води и сонцето, а ние да имаме трошки од тоа.
Првото тримесечје покажа длабок минус во работата на АД ЕСМ, и нешто помалку во АД МЕПСО. Како планирате да ги реструктурирате овие компании во насока на тоа да бележат само позитивни финансиски резултати?
-Во двете компании еден од основните проблеми е превработеноста. И двете компании во изминатите години служеа за масовни вработувања и според наши информации превработеноста е толкава што луѓето немаат каде да седат. Втора причина секако се коруптивните зделки. На ова мислам дека особено погодуваше енергетската криза бидејќи таа беше оправдување за скапи увози на енергија и префрлање на огромни пари, наводно како субвенција за струјата потрошена за задоволување на потребите на домаќинствата. И тоа се правеше без никаков отчет така што се потрошени огромни пари за кои државата се задолжуваше и истите сите ние ќе треба да ги вратиме. Поради очигледната превработеност во двете државни компании, неопходно ќе биде намалување на бројот на вработените, што во старт не мора да значи отпуштање, туку преземање или прераспределување на дел од вработените во други институции. Исто така, ќе обезбедиме можност ЕСМ сам да тргува со струја, без посредници и ќе се воведе ред во трошењето, ќе се намалат загубите на енергија, ќе се воспостави механизам да не постои можност за постоење ненаплатлив долг од трговците со струја кон државните енергетски компании со обезбедување соодветни банкарски гаранции и друго, што убедени сме ќе доведе двете компании да бидат во позитива.
Може ли Македонија да стане енергетски независна и колку години се потребни за тоа?
-Навистина се надевам дека Македонија првенствено нема да увезува електрична енергија, a понатаму дека еден ден ќе биде нето-извозник на енергија бидејќи сме земја со многу сончеви денови и имаме професионалци во овој сектор. Ние мора да имаме државен план за изградба на енергетски капацитети, капацитети кои мора да вклучуваат производство на базна енергија и сите да ја сфатиме енергетиката крајно сериозно бидејќи стотици милиони беа потрошени за набавки на гас, јаглен, енергија, а немаме сериозен енергетски капацитет. Секако многу важна е и зелената транзиција, односно искористување на обновливите извори на енергија со изградба на капацитети кои ќе ги гради државата, но и да се воспостави систем држвата да ја откупува струјата од приватните фотонапонски централи и ветерните паркови. Во земјава за последните години во овој сегмент од страна на државата се изградија ветропаркот во Богданци од ЕСМ од 36 MW инсталирана моќност и 10 МW фотонапонска централа во Осломеј, меѓутоа тоа е недоволно. Сите фотонапонски централи кои се изградени се приватни и произведената енергија им ја продаваат на трговците по берзански цени, што значи дека држава нема планиран откуп на оваа електрична енергија.
Поголемо внимание треба да се посветува и на енергетската ефикасност и изградба на фотоволтаици на покривите на домовите, градинките, училиштата и други јавни објекти и да го поттикнеме истото и во компаниите. Зашто, можеби изгледа дека е ситна работа, но носи големи заштеди на електрична енергија. Секое домаќинство кое инвестирало во енергетски фасади, замена на прозорци, соларни бојлери и слично, знае колку тоа влијае на намалување на сметките за струја. Дополнително, ако се зголеми бројот на фотоволтаици на покривите, потрошувачката на струја, онаа што треба да ја обезбеди државата, драстично ќе се намали. За овие цели има многу фондови кои помагаат , а кои недоволно се искористени. Енергетиката е област која се планира долгорочно и секако дека проблемите, а и решенијата не се случуваат веднаш. Но треба системски да се работи, со план и визија за да дојдеме до енергетска независност.
Од први јули се очекува нова цена на електричната енергија за домаќинствата. Дали очекувате да се намалат сметките и дали според вас треба да се зголеми времетраењето на евтината тарифа?
-Цената на струјата е во доменот на Регулаторната комисија за енергетика која треба добро да процени колку се реални пресметките на трите компании. Претседателот на РКЕ најави дека намалувањето на увозот на струја поради производството на фотонапонски централи може да ги намали нејзините цени за домаќинствата и дека се работи на анализа за зголемување на временскиот термин за користење на електрична енергија во евтина тарифа за домаќинствата за уште еден час. Но, многу брзо ќе видиме дали тоа беше само предизборна најава. Ние во овој момент тука не можеме да влијаеме, но во наредниот период, со средување на работите, односно со подобрување на состојбите во ЕЛЕМ и МЕПСО ќе можеме да влијаеме на цената. Што се однесува до продолжување на времетраењето на евтината тарифа, доколку има простор, тоа е добро бидејќи е за добробит на граѓаните.
Државниот ревизор утврди дека се ископувале минерални суровини без дозвола за експлоатација со што државата за 4 години заработила само 1 % од продажба на мермер. Дали и кои промени ги планирате во секторот рударство и менерани суровини? Отворање нови рудници, промени во однос на доделувањето на концесии …?
-Состојбата во овој сектор не е ваква од сега бидејќи Државниот ревизор и во претходните извештаи имаше слични забелешки. Сметаме дека состојбите се такви – несредени, со нецелосна законска регулатива, со лоша законска регулатива, со недоволна контрола….. само со цел да се остави простор за коруптивни зделки. Еве на пример, Министерството за економија ги нема завршено сите предвидени 22 правилници кои што треба да ги допрецизираат правилата на игра и да ги подобрат состојбите во оваа сфера. Правилниците требаше да ги опфатат сите аспекти – и за работењето на концесионерот и за заштита на животната средина. Зошто е тоа така, е прашање. Дали навистина немале доволно капацитет за изготвување на правилниците или, пак, тие намерно не се донесени за да може ископот на минерални суровини да продолжи да биде „елдорадо“ за поединци, е прашање.
Но факт е и тоа дека самата законска регулатива, со предвидени минимални надоместоци за концесии и ископ овозможија многу пари од ископот на нашето минерално богатство да се слеат во приватни џебови, а државата доби минимални износи. Еве ревизорот во последниот извештај излезе со податок дека за период од четири години од 2018 до 2022, државата заработила само 1,7 милиони евра или 1 процент од продажба на најквалитетниот мермер, што е незначително во однос на она што го заработил концесионерот. Ископот на минерални суровини токму затоа ќе биде во нашиот фокус и ќе утврдиме дали е потребна промена на законската регулатива во сите сегменти, од висината на надоместоците, бројот на издадени концесии, начинот на издавање, контрола, наплата…. за конечно да се стави ред во оваа област. Што се однесува до рударството, во „наследство“ ни и се оставени „жешките костени“ – рудниците Казандол и Штука, каде за првиот веќе имаме тужба, а за другиот таа е во најава, па првенствено да ги видиме тие постапки.
К.В.С.