Очајната инфраструктура, пад на квалитетот на услугите, недостатокот на нови сместувачки капацитети…се главни карактеристики на македонскиот туризам. Поради тоа, Македонија се повеќе станува дневна дестинација за туристи кои летуваат во Албанија и Грција и нема туристи кои многу трошат бидејќи нема луксузни сместувачки капацитети. Треба да се запрашаме што ние нудиме и какви туристи привлекуваме со нашите атракции, туристички производи и дестинации. Доколку ги споредиме инвестициите кои се вложени во дестинацијата веднаш ќе заклучиме дека недостасуваат светски брендови надвор од главниот град, но и нови инвестиции во хотели со пет звезди кои привлекуваат друга целна група од туристи, вели во интервју за „Локално“, Љупчо Јаневски, туристички експерт и универзитетски професор.
Македонија е земја со огромен туристички потенцијал – од планини, езера, културно-историски споменици…. Сепак, впечатокот е дека овој сектор сè уште не е целосно искористен. Што треба да направиме за да го кренеме туризмот на едно повисоко ниво?
-Потенцијалите се добро познати кога е туристичката индустрија во прашање, како и позитивните дирекни и индирекни влијанија на повеќе од дваесет економски гранки. Досега македонскиот туристички сектор докажа дека преку резутати е можно да се порасне и покрај скептицизмот на одредени туристички работници и економски експерти. Со негово учество од одвај 0,2% во БДП до 2% во 2019, порасна на 4% во 2023 година достигнувајки ја бројката од 598,5 милиони долари туристички промет во македонската економија. Податокот дека во туристичката индустрија во Македоија се ангажирани приближно 4,7% од вкупниот број на вработени е показател кој доволно укажува на неговото значење и можност за развој на македонската економија. Сепак неговата осетливост на надворешни влијанија, а најдобар пример за тоа е светската пандемија во 2020 година го донесе на најниско ниво со пад повеќе од 90%, како и неговото заздравување во следните годии ги покажа слабостите на македонскиот туристички сектор кој остана инертен без долгорочна развојна стратегија и многу далеку од светските и европски практики. Токму надминувањето на регионалните земји во туристичката индустрија со двоцифрениот раст на ноќевања и туристи во 2024 година го покажа нивото на македонската туристичка индустрија. Немањето на јасна визија во нашиот туристички сектор ги натера традиционалните светски туроператори во 2025 година да прекинат со своите чартер летови кон Охрид, намалувајки ги гостите од Полска, Холандија и други дестинации кои престојуваа со аранжмани од 7 и 17 денови со туристи кои се на кружни патувања со просечен престој од 1,6 денови и максимално концентрирани во еден до два месеци создавајки висока сезоналост и нефлексибилност на дестинацијата. Алармантните сигнали за кои предупредував во 2024 година за максимално изложување на еден пазар и зависност од истиот можат да се видат од статистиката за јули 2025 година каде од вкупниот број на страски туристи 121.486 дури 55.149 се од една дестинација со 85% кружни патувања е крајно неодржливо и загрижувачки.
Со укинувањето на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот која според светските практики требаше да прерасне во Национална туристичка организација, минималното ниво на дигитализација без систем Е-туризам, немање на Дестинациски менаџмент организации, иновативен систем за субвенционирање, туристичка инспекција и полиција, отсуство на промоција нема развој на туристичкиот потенцијал на Македонија. Ефектите во туризмот можеме да ги видиме доколку се спореди растот во последните две години на бројот на остварени ноќевања, бројот на странските и домашни туристи со регионот или земјите од Отворениот Балкан. Без долгорочна стратегија за туризам која ја чекаме од Министерството за култура и туризам повеќе од една година и законски измени во Законот за туристичка дејност очигледно е дека уште долго ќе чекаме да бидат интегрирани сите чинители во туристичката индустрија од Факултетите за туризам, коморите, асоцијациите и здруженијата во заедничко градење на туристичка индустрија која преставува еден од петте столбови на македонската економија. Веќе е јасно дека институциите задолжени за оваа проблематика немаат капацитет во човечки ресури, потребно е инволвирање на професионалци кои ќе ги постават темелите на маедонскиот туристички сектор следејки ги препораките од Светската туристичка организација.
Бројките покажуваат зголемување на бројот на туристи, но прометот од туризамот не го покажува тоа. Дали државата станува мета на туристи кои малку трошат?
-Треба да се запрашаме што ние нудиме и какви туристи привлекуваме со нашите атракции, туристички производи и дестинации. Во оваа прилика ќе направиме компарација на бројот сместувачки капацитети според податоците на Државниот завод за статистика од 2019 година со 2024 година за стапката на исполнетост на категоризираните сместувачки капацитети во Македонија.
– Исполнетост на собите во сместувачките капацитети 2019/2024 година -2%
– Искористеност на кревети во сместувачките капацитети 2019/2024 година е +7%
Ова укажува на испонетоста на хотелите со три звезди кои имаат три или повеќе кревети во собите и на тенденцијата на кружни патувања и поефтини аранжмани. Доколку ги споредиме инвестициите кои се вложени во дестинацијата веднаш ќе заклучиме дека недостасуваат светски брендови надвор од главниот град, но и нови инвестиции во хотели со пет звезди кои привлекуваат друга целна група од туристи. Споредувајки ги бројот на соби и легла во македонскиот туристички сектор ќе дојдеме до поразителни податоци:
– Број на соби во категоризираните објекти 2019/2024 година изнесува -5%
– Бројот на легла во категоризираните објекти 2019/2024 година изнесува -7%
Овој податок покажува недостаток од инвестиции, стареење на дестинацијата и немање на стратегија за привлекување на странски инвеститори, како и интегриран пристап за развој и реинвестирање во македонскиот туристички сектор со мерки од страна на државата. Истата состојба се повторува и во нашите два најизложени региони Скопскиот и Југозападниот каде се бележи пад во бројот на соби во категоризираните објекти и изнесува помеѓу 3% и 5% не задоволувајки ги потребите на туристите кои бараат луксузни патувања и ја живеат новата туристичка реалност после пандемијата. Концентрацијата на сместувачките капацитети во двата наши региони и концентрацијата на туристи и остварени ноќевања над 65% од вкупниот број на ноќевања јасно насочува на недостаток од развој на руралните средини и алтернативните форми на туризам за кои сум сигурен дека се единствените кои можат да понудат иден развој и раст на македонскиот туристички сектор. Во овој момент македонскиот туризам со сите негови недостатоци не може да задржи просечно туристи повеќе од 1,7 денови со мал број на атракции во дестинациите и отсуство на инвестиции.
Во Охрид летово исто така имаше голем број на туристи, но и таму се покажа дека масовноста не носи поголеми приходи. Се поставува прашањето дали на Охрид му треба масовен или одржлив туризам и како да постигнеме тоа?
-На нашите туристички места им е потребен масовен туризам, бидејки истиот низ годините се покажа како целосно неодржлив без визија за развој уништувајќи ја животната средина и менувајки ги дестинациите. Тоа може да се види од оптеретувањето на инфраструктурата, растот на дивите депонии, уништувањето и загадувањето на природата, немоќта на локалните самоуправи да одговорат на туристичките пикови и многу други негативни елементи. Македонскиот туристички сектор е поставен на голем крстопат помеѓу потребата од растечки резултати кои не секогаш во туризмот ја покажуваат јасната слика и сотојба на теренот. Тоа можеме да го покажеме со резултатите на континуираниот раст на странски туристи благодарение на договорот на Владата со странски туроператор за носење туристи надвор од сезона на кружни патувања, континуираниот пад на домашните туристи без визија истите како да бидат задржани до исплатените субвенции со модел кој е застарен и трае повеќе од десет години не нудејки никаква развојна компонента. Намалувањето на чартер летовите од Охридскиот аеродром, очајната инфраструктура, падот на услугите, недостатокот на нови сместувачки капацитети, немањето на нови туристички атракции се дел од ланецот кој не носи ништо добро во македонскиот туристички сектор. Домашни туроператори кои место да бидат носители на аранжманите се претворија во локални партнери кои ја сервисираат дестинацијата во име на други кои ги креираат програмите и продажбата. Во овој момент нас туризмот ни се случува, бидејки нема ниту тело ниту нституција која сериозно го планира неговиот развој поделен помеѓу две министерства и сведен на ниво од сектор. Македонија е земја за четири сезони и овој пристап на долг рок, односно следните петнаесет години ќе овозможи грдење на Дестинациски менаџмент кој ќе биде поставен на сите барани начела од Светската Туристичка Организација – UNWTO со голем број на зелени дестинации. Овој пат не секогаш значи раст во туристичката индустрија, но потребно е трпение, знаење, голем професионализам…

Љупчо Јаневски/Фото: Фејсбук
Според резултатите од една моја научна студија која е во изработка мислењето на угостителскиот сектор за првата половина од 2024 и 2025 година е дека оваа сезона е многу полоша, односно само 17% одговориле дека е добра, иста 21%, полоша 37% и многу полоша 25%. На истото прашање што очекуваат до крајот на 2025 година се добиени скоро идентични одговори. Поради притисокот на зголемувањето на платите, поради миграцијата на вработените во други држави, менувањето на профилот на туристите кои не посетуваат како и растот на прагот на рентабилноста во хотелите и рестораните кои не работата со групи единственото решение од менаџерите е зголемување на цените кои не коренспондира со останатите елементи во дестинацијата. Така нашиот туристички бисер Охрид станува се повеќе дневна дестинација за туристите кои летуваат во Албанија или како дел од кружни патувања на една вечер, а ефектите се очигледни. Ова може уште појасно да се види од туристичкиот промет во Македонија кој за 2023 година изнесуваше 598,5 милиони долари додека за 2024 година едвај ја помина границата од 600 милиони долари. Очекувањата за 2025 година се очигледни, односно туристичкиот прометот нема да го следи растот на странските туристи и остварени ноќевања.
Фокусот на странските туристи веќе не се традиционалните туристички места, туку се повеќе сакаат алтернативни форми на туризам. Може ли Македонија да понуди нешто поразлично од она што го нудат соседните земји и да привлече поголем број на туристи?
-Ние никогаш не сме се мереле со дестинациите кои имаат море, па затоа развојот на нашиот туристички сектор потребно е да го движиме кон максимална одржливост на дестинациите. За почеток да почнеме да размислуваме како да помогнеме на сите кои сакаат да вложуваат во туризмот во руралните средини преку сет на олеснувања од државата кои ќе овозможат полесна одржливост на семејните бизниси и поголем локален економски развој. Затоа Министерството за култура и туризам треба да се бори за создавање на мерки кои ќе го овозможат ова, додека пак Националната туристичка организација, односно трансформираната Агенција за промоција и поддршка на туризмот да ги спроведува и реализира државните политики. Сепак чекорите кои беа понудени од оваа институција не укажуваат на тоа дека се размислува на ова поле, односно на развој на руралниот туризам за кои имаме извонредни услови. Туристички форми кои за краток временски период би можеле да донесат поголем број на ноќевања надвор од сезона и инвестиции во руралните предели на Македонија се винскиот туризам, културното-историското богаство, автокамповите, верскиот туризам , екотуризмот, ено-гастро концептот, адреналинскиот туризам како и големиот број на традиции кои е потребно маклу да се оживеат и стават во функција на туризмот. Сепак за тоа да се случи потребно е мнгу повеќе од досега направеното, а реформите во овој сектор ќе овозможат на долг рок намалување на притисокот со миграцијата во руралнте средини, зголемување на БДП и локалниот економски развој, зголемен број на мали и микро компании со семејни вработувања, зголемување на услужните компании во руралните средини и максимално интегррање на локалното население во создавање и реализирање на туристичките производи. Ова е начинот каде треба да се движи и развива македонскиот туризам.
Со години нананзад имаме проблем со странски туристички водичи кој ја искривуваат македонската историја и им ја земаат работата на домашните. Има ли решение за овој проблем?
-Секако дека има и истиот проблем многупати беше потенциран од здруженијата на туристички водичи, кои со конкретни примери и практики поднесуваа иницијативи до Министерството за економија во минатото како и голем број на иницијативи од страна на Агенцијата за туризам преку советот на агенцијата до Владата. Мниистерствто за култура и туризам потребно е да ја заземе својата улога и да ги реши проблемите на туристичките водичи кои во најмала рака се државни проблеми, бидејќи не смееме да дозволиме секој како сака да ја интерпретира нашата историја или да создава нелојална конкуренција со нашите туристички водичи. Сепак решението кое ќе биде понудено потребно е да иницира создавање на туристичка инспекција и туристичка полиција кои ќе овозможат намалување на притисокот поради сивата економија во македонскиот туристички сетор која изнесува приближно 45% во 2023 година. Со регулирање на пазарот ќе се овозможи поголема конкурентност во дестинациите и развој како во сите регионални и светски туристички центри.
Што може да научиме од големите туристички метрополи и како истото да го примениме во нашиот главен град и да го направиме Скопје европска метропола во вистинска смисла на зборот?
-Можеме да научиме и примениме многу од другите регионални главни градови и европските метрополи, но предходно треба да си ги средиме работите внатре, бидејќи тоа нема само да се случи. Прашањето е што во моментов можат да видат странските турсти кои го посетуваат Скопје? Тоа што ни недостасува и пречи на нас, не можеме да го подобриме со љубезноста или гостопримството, бидејќи се повеќе регионалите глвни градови нудат развојни концепти и визија за наредните децении, а ние сме заглавени во дневни проблеми. Во анкетите странските туристи ги нотираат следните проблеми загадување, нехигиена, немање на јавни тоалети, недостаток на интерактивни мапи на градот, туристичко означување, очаен градски превоз, скапи услуги на тахи превозот, неквалитетна услуга, заборавениот Скупи, Аквадуктот, несодветна категоризација на хотелите, немање на промоција, недостаток на манифестации во градот, недостаток на кустоси во музеите… Очигледно е дека долги години нашите советници во градот воопшто не размислувале за потенцијалите кои ги има градот Скопје за туризам што може да се види со очајните издвоени буџети и одделение за туризам кое многупати и не ја знае својата функција или работа. Очигледно уште долго ќе почекаме за да видиме промотивни туристички материјали за Скопје, видео разгледници, градски туристички мапи во хотелите, дигитални табли, туристичко означување дигитализација и мобилна туристичка апликација, учестово на туристички саеми…. Скопје заслужува многу повеќе!