ИНТЕРВЈУ со Јовановски: Наместо граѓаните да одлучуваат што треба за нивниот град, тоа го прават големи играчи со многу финансии

од Stefanija Kuzmanovska

Директната демократија е за жал уште слабо познат поим во Македонија. Наместо граѓаните да се тие што одлучуваат што треба а што не треба да има во нивниот град, тоа се прави од политички програми и „големи“ играчи со многу финансии, вели во интервју за „Локално“ Горјан Јовановски, активист и креатор на апликацијата „Мој Воздух“.

„Најголемиот проблем со кој може градот да се справи се сите Б-лиценцирани објекти, и да врши константен надзор и мерење на аерозагадувањето кај нив, проследено со огромни казни за пречекорувања. Во исто време, да се намали автоцентричноста на градот, а преку подобрување на јавниот превоз низ целиот град, да се намали потребата да се користат автомобили“, истакна Јовановски.

Дециден е дека зградите кај Холидеј Ин не смее да се изградат.

„Општината Центар, како и преходно Аеродром, на почетокот имаа ветувања дека се на страна на народот и дека не се залагаат за вакви проекти, за потоа да се тргнат настрана од ‘борбата’ и со изговори да велат дека немаат ингеренции или се плашат да ги спречат инвеститорите. Зар негде уште има останато слободна површина во Центар? Големи паркови? Големи места за културно собирање на граѓани што не се узурпирани со бетон и згради?“, наведува тој.

Јовановски додаде дека не сака да има потреба некој да е на повисоко ниво за да може да направи промена во општеството, туку дека сака секој граѓанин да може да влијае на одлуките во истото.

„Јас лично ќе продолжам да се борам за едно подобро, позелено, похумано општество, и да ги инспирирам младите да го следат мојот чекор, како и чекорите на другите активисти. Време за активизам имаме секогаш, но моментот за тоа е сега. Млади, ве чекаме“, заклучи активистот.

Неделава на седница на советот на Град Скопје предлозите од платформата „МојГрад“ беа одбиени од советот. Може ли во кратки црти да објасните за каков проект се работи?

-„МојГрад“ е платформа што помага да се оствари директна демократија, преку која граѓаните ќе може да поднесуваат свои предлози до градските власти за подобрување на Скопје. Најгласаните предлози пред секоја седница на советот на Град Скопје се поднесуваат до истиот, и очекуваме тие да го слушнат гласот на оние што ги избрале да се нивни претставници, и да ги прифатат предлозите.

Поради кои причини, според вас, советниците немаа слух за овие предлози? И двете главни партии не гласаа за нив…

-Директната демократија е за жал уште слабо познат поим во Македонија. Наместо граѓаните да се тие што одлучуваат што треба а што не треба да има во нивниот град, тоа се прави од политички програми и „големи“ играчи со многу финансии. Фактот дека советниците од владеајчката коалиција гласаа скоро сите против, а од опозицијата скоро сите воздржано, дава индикации дека советниците наместо да гласаат независно и со свои рамислувања, гласаат некој претходно договорен план. Зарем тоа е поентата на еден совет избран од граѓаните?

Познат сте во јавноста како голем поборник за чиста животна средина, запознаени сте на дневна база за случувањата во главниот град, па колку високо на агендата на актуелните власти всушност е борбата за чист воздух и животна средина?

-Скопје има многу коли, тоа е факт. И Скопје ќе продолжи да има уште повеќе коли, се додека градот го дозволува и поддржува тоа. Со правење на големи булевари и пробивање нова инфраструктура за автомобили, нови паркинзи и катни гаражи, се бетонира имиџот на градот како пријателски настроен за автомобили. На нивно место, јас би инвестирал во помали улици, мноооогу повеќе велосипедски патеки, и многу ефикасен јавен превоз, со цел да се намали употребата на автомобилите, а зголеми таа на јавниот превоз и велосипедите. Амстердам во 70-тите ја прави таа трансформација, и еве го денес, европски центар на велосипедите. Па ајде и Скопје да го направиме Амстердам од Балканот!

Актуелниот градоначалник постојано вели дека загадувањето, односно актуелната ситуација, е нешто „што го наследил“. Гледате ли во неговата работа некаков план и желба за подобрување на „наследеното“? Накратко, каде вие ги гледате најголемите проблеми и доколку имате можност, со кој проблем прво би се зафатиле?

-Тоа оправдување е deja vu, и секогаш го слушаме како изговор, посебно после избори. Во предизборието, сите кандидати ги знаат актуелните проблеми, за веднаш да спремат план за акција доколку победат на избори. Тогаш, зошто го прифаќаме „наследувањето“ како валиден изговор, зарем не биле спремни кога на избори кандидатите ветуваа чист воздух во Скопје?

Да, гледам некој иницијален план, преку субвенции на грејни тела за домаќинствата, но други проекти како игралиштето за деца кај Веро 2 за кое се отстрани зелена површина и се постави до главен булевар спротивно на препораките од академијата, прават контрадикција во работата. Најголемиот проблем со кој може градот да се справи се сите Б-лиценцирани објекти, и да врши константен надзор и мерење на аерозагадувањето кај нив, проследено со огромни казни за пречекорувања. Во исто време, да се намали автоцентричноста на градот, а преку подобрување на јавниот превоз низ целиот град, да се намали потребата да се користат автомобили. Урбаните компостари се одличен начин за елиминирање на најмалку 60% од комуналниот отпад и негово претварање во органско ѓубриво. Веќе две такви има во Општина Пробиштип. Со ова ќе се намали депонирањето отпад и ќе се намали самозапалувањето на депониите.

Законот за дивоградби предизвика голема дебата, не само поради легализирањето на нешто што е изградено бесправно, туку и поради уништувањето на животната средина. Активистите велат дека во моментов додека се дебатира, се одвива масовно градење на места заштитени со закон. Како ја коментирате ситуацијата и дали се сложувате со констатацијата дека нешто што е нелегално изградено, не треба да се руши, затоа што така ќе се уништеле над 50 илјади домови на сиромашни луѓе? Дали воопшто е точно ова тврдење на властите?

-Сиромашни лица што имаат домови со базени во национални паркови? Логиката на законот, од моја гледна точка, е со многу пропусти. Исто како да кажеме дека мора да го легализираме крадењето, зошто инаку крадците ќе треба во затвор да ги однесеме. Ако нешто е нелегално, има причина за тоа. Ако има сиромашни семејства што морале да изградат нелегален објект за сместување, се наметнува прашањето зошто државата веќе не воспоставила механизми да им излезе во пресрет на овие лица? Колку барања за одобрение за градба поради корупција се држат во фиока? На колку од нашите сограѓани им се бара мито, па тие биле принудени незаконски да почнат да градат? Многу лесно институциите може да лоцираат такви случаи и тие градби да се стават како исклучоци за легализирање иако се наметнува прашањето штом се работи за сиромашни семејства, на кој начин ќе ги обезбедат средствата од 150% за плаќање на комуналиите?

Така што, мојот став е дека законот е комплетно штетен од секој аспект, а тоа дека пратениците отворено го гласаат, покажува дека и тие не се заинтересирани за животната средина и владеењето на правото во државата.

Колку градежната мафија стана посилна од самите власти и како да се стави крај на децениската борба на граѓаните против неа? Како да се стави крај на непланското градење и бетонизација на државава?

-Само преку функционален правен систем, што сè уште јас не го гледам во Македонија. Од што се плашат судиите, инспекторите, властите? Ако имаат закани, зар полицијата и армијата не може да се справат со истите? Зар не можеме секогаш да побараме помош од страна?

Ова е ако претпоставиме дека нема корупција во институциите. Но чим не го гледаме тоа дека се случува, дали тоа значи дека токму поради корупцијата се дозволува Скопје да се претвори во бетонска џунгла?

За високатниците кај Холидеј Ин се води голема борба – од една страна активистите со сите сили и средства се обидуваат да го сопрат проектот, Општина Центар се чини се става настрана поради законските прописи, роковите и неможноста да интервенира, додека пак жителите, на чии парцели се гради, велат дека конечно сакаат пристоен живот, кој новиот проект ќе им го донесе. Богдановиќ отфрла, но дали суспендирање на целиот ДУП за Општина Центар може да донесе позитивен исход за прашањето или можеби треба да се бара друго решение?

-Зградите кај Холидеј Ин не смее да се изградат, тоа е едноставно. Општината Центар, како и преходно Аеродром, на почетокот имаа ветувања дека се на страна на народот и дека не се залагаат за вакви проекти, за потоа да се тргнат настрана од „борбата“ и со изговори да велат дека немаат ингеренции или се плашат да ги спречат инвеститорите. Зар негде уште има останато слободна површина во Центар? Големи паркови? Големи места за културно собирање на граѓани што не се узурпирани со бетон и згради?

Законот за урбанистичко планирање е јасен дека сите урбанистички планови од понизок ранг кои не се усогласени со Генералниот урбанистички план на Скопје мора да се усогласат. Решението е да прекинеме да ги кроиме законите во корист на урбаната мафија, а да воспоставиме принцип на одговорно владеење каде што јавниот интерес ќе биде приоритет.

Во Охрид изминатиов период се одвиваше масовно рушење на градби покрај плажите, нешто што локалните власти го презентираат како успех, со оглед на барањата на УНЕСКО. Се прави ли доволно за да го зачуваме нашиот „бисер“, или и ова е само шминка, додека „големите играчи“ остануваат нечепнати за сета штета што ја направија?

-Ако се правеше доволно, УНЕСКО немаше да се закануваат со додавање на Охрид на Листата на светско наследство во опасност. Колку е тешко кога некој од надвор треба да ти каже дека си претерал дома? Не, не се прави доволно, далеку од доволно.

Покрај прашањата за животната средина, често на своите социјални мрежи ги истакнувате секојдневните проблеми на граѓаните и хаосот кој, дел од нив, го прават со своето однесување. Решенијата ви се интересни, поддршката не изостанува, па оттука прашањето, дали вашиот активизам можете да го подигнете на повисоко ниво за да можете вистински да влијаете на промените?

-Наскоро ќе објавиме информации за следните наши чекори во застапувањето на предлозите што скопјани ги сметаат за неопходност.

Но, ако велиме дека живееме во демократија – нели народот е тој што владее? Ако народот, граѓаните, обичниот човек – не може никако да влијае врз одлуките кои го засегаат, тогаш во каков систем навистина живееме? Јас не сакам да има потреба некој да е на повисоко ниво за да може да направи промена во општеството, туку сакам секој граѓанин да може да влијае на одлуките во истото. А тоа сакаме да го постигнеме преку платформата „МојГрад“.

Остваривте голем успех со вашата апликација „МојВоздух“, ја добивте и Европската награда за најдобар млад иноватор, претприемништвото очигледно ви „лежи“. Сепак, како планирате да го продолжите својот пат – во „претприемничките води“ или како активист и поборник за чиста животна средина? На кој начин, според вас, можете да оставите траен печат во вашата, па се чини, лична борба?

-Јас планирам да сум активен и на двете полиња преку социјално претприемништво. И не треба да сум само јас, секој бизнис мора да ја додаде заштитата на животната средина како цел во нивното работење. Климатската криза е тука, и мора сите заедно да ја спасиме планетата, доколку сакаме нашите деца и внуци да имаат безбедна и зелена иднина.

А јас лично ќе продолжам да се борам за едно подобро, позелено, похумано општество, и да ги инспирирам младите да го следат мојот чекор, како и чекорите на другите активисти. Време за активизам имаме секогаш, но моментот за тоа е сега. Млади, ве чекаме!

С.К.

Слични содржини