Чувствував огромна одговорност пред самата себе, но и пред сите граѓани и иднината на државата дека ако сакам работите да се променат мора да бидам активен чинител во процесот, а не само пасивен набљудувач и коментатор од страна. Во крајна линија, за што ќе бидеме ние од нашата генерација одговорни пред нашите деца, ако сите кои знаат, умееат и имаат личен и професионален интегритет, бегаат од партиско политичкото организирање и од директно вклучување во носењето одлуки и креирање политики, вели во новогодишно интервју за „Локално“, новата потпретседателка на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска околу нејзините мотиви за влегување во политичките води.
Според Каранфилова Пановска, СДСМ секогаш губел кога бегал од својата вредносна оска и сакајќи или не сакајќи. Поради тоа вели дека партијата не може и не смее да биде ВМРО-ДПМНЕ чија автентичност, како што истакнува, е базирана на силна националистичка реторика во старомоден стил, главно со неодговорно ширење празен популизам.
-СДСМ има сериозен потенцијал и уште поважно зголемен ентузијазам што е очигледен од нашата работа со општинските организации на терен, да биде сериозна конкуренција на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори и на било кои други избори во иднина, децидна е потпретседателката на најголемата опозициска партија.
Околу состојбите во Град Скопје и каков кадар ќе понуди СДСМ за кандидат на локалните избори, соговорничката истакнува дека тоа ќе биде човек од градот за градот, човек од граѓаните за граѓаните и човек што ќе може да го рехабилитира Скопје.
Запрашана за евроинтеграциите на Македонија, Каранфилова Пановска оценува земјата е во ќорсокак и европскиот пат е запрен. Според неа, одложувањето на реформите и уставните измени е директно спротивставување на државниот прогрес и европската иднина.
-Ниту еден амандман на СДСМ не беше прифатен. Од друга страна ги зголемија парите во буџетот за мебел и луксузни возила за функционерите за дури 75%. Тоа се приоритетите на новата власт. И нема потреба да се оди понатаму, во лажните проекции, во напумпаните бројки, ни рече потпретседателката на партијата од „Бихаќка“ за најголемите маани на Буџетот за 2025 година.
Кои беа вашите мотиви да влезете во политиката и зошто преку СДСМ?
-Уште од мојата рана младост, скоро 30 години сум силно општествено ангажирана пред сѐ како дел од граѓанското општество, залагајќи се за отворено општество. Случувањата во државата и општеството на политички план никогаш не ме оставале рамнодушна, сум била постојано ангажирана и секогаш сум работела во интерес на граѓаните и државата. Моите убедувања отсекогаш и единствено биле блиски до социјалдемократските идеи и тоа во најдлабока смисла на овој прогресивен, демократски концепт.
Чувствував огромна одговорност пред самата себе, но и пред сите граѓани и иднината на државата дека ако сакам работите да се променат мора да бидам активен чинител во процесот, а не само пасивен набљудувач и коментатор од страна. Во крајна линија, за што ќе бидеме ние од нашата генерација одговорни пред нашите деца, ако сите кои знаат, умееат и имаат личен и професионален интегритет, бегаат од партиско политичкото организирање и од директно вклучување во носењето одлуки и креирање политики? Што ќе се случи во таква ситуација? Кој очекуваме дека тогаш ќе ги заземе тие позиции, ќе одлучува во наше име, ќе ни ја води државата и ќе ги штити нашите интереси како граѓани? Во оваа смисла сметав дека секоја друга одлука ќе беше калкулантска и лично и општествено неодговорна.
И затоа, одлучив сето моето знаење и искуство стекнати дома, регионално и меѓународно, да ги ставам на располагање и во функција на СДСМ. Ценам дека морам да се обидам и да направам максимум што можам и умеам за социјалдемократијата во Македонија, која за жал, не само кај нас туку и глобално, се соочува со сериозни предизвици. Воедно, цврсто сум убедена дека тоа е единствената политичка и идеолошка опција која ги гарантира темелите на државата и обезбедува гаранции за опстанок и развој како демократско општество.
На парламентарните избори партијата доживеа огромен удар, дури под знак прашалник е дали сте втора политичка сила во земјава. Како СДСМ стигна до тука и што вие планирате да преземете за да ја смените ситуацијата?
-Бројот на гласови и мандати кои ги освои СДСМ на изборите во мај годинава, говорат доволно за комплексноста на причините кои доведоа до поразот. СДСМ направи многу грешки во делот на справувањето и санкционирањето на корупцијата, не обезбеди доволно добри јавни услуги за граѓаните, имаше лоши кадровски решенија особено во вториот и третиот ешалон на власта, дозволи клиентелизам. Преголем акцент можеби се стави на стратешките интереси на земјата, без притоа да се создадат услови за широк општествен консензус околу преговарачката рамка со ЕУ. Отсуствуваше квалитетна и разбирлива комуникација кон граѓаните за приближување на пристапниот процес во ЕУ и неговата важност за домашните реформи и трансформацијата на општеството. Едноставно и многу важно, СДСМ заборави на некои клучни ветувања како она носечкото „нема правда, нема мир“ од Шарената револуција, на бранот на чиишто надежи и очекувања дојде на власт.
СДСМ ја нема таа привилегија да очекува и да се надева дека граѓаните ќе ѝ прогледуваат низ прсти. Очекувањата од социјалдемократската опција кај нас, па и глобално, по некое непишано правило се секогаш поголеми, а нашето гласачко тело и поддржувачи се принципиелни и строги оценувачи. Како ново раководоство на СДСМ мора да имаме секогаш на ум, дека нашите членови и граѓаните мора пред сѐ внимателно да ги слушаме, така што ќе ги разбереме нивните приоритети, идеи и проблеми. Само така ќе можеме соодветно да ги креираме политиките на партијата и согласно нив понатаму да постапуваме со максимална доследност.
И уште нешто, што не е во колизија со погоре кажаното иако можеби на прв поглед така ќе заличи. СДСМ добивал секогаш кога бил доследен на вредностите на својата опција, дури и тогаш кога држењето до своите вредности и храбри лидерски одлуки оделе и контра на моменталното расположение и мислење на мнозинството македонски граѓани. Што е уште поважно, само тогаш добивала и Македонија како држава и општество.
Наспроти ова, СДСМ секогаш губел кога бегал од својата вредносна оска и сакајќи или не сакајќи, знаејќи или не знаејќи, со политиките кои ги спроведувал се претворал во бледа копија на оригиналот, олицетворен во неговиот најголем политички противник. СДСМ не може и не смее да биде ВМРО-ДПМНЕ чија автентичност е базирана на силна националистичка реторика во старомоден стил, главно со неодговорно ширење празен популизам.
СДСМ не смее да си дозволи потфрлања во носечките столбови на социјалдемократската идеја. Исто како што мора сериозно да стои и да го спроведува принципот на заслуги заради квалитет, компетенции и стручност во селекцијата на кадрите кои ќе работат на креирањето и реализацијата на политиките. Од овие принципи не смее да има отстапување ниту од позиција на опозиција, најмалку од позиција на власт, тоа можам да кажам дека веќе е научена лекција.
Едно од прашањата кои постојано ви ги поставуваат е како да се надминат поделбите во партијата? Петровска, Шилегов и уште неколку други бивши функционери се и тоа како критични за политиките кои ги води партијата…
-СДСМ е партија со широк и силен демократски капацитет, отворена, заинтересирана и посветена на здружувањето и мобилизацијата на сите искрени и лојални поддржувачи на партијата и социјалдемократската идеја. СДСМ е партија која во јадрото и во својата орбита секогаш имала и има огромен број способни, угледни и докажани професионалци и способни индивидуалци, кои во различни фази од развојот и делувањето на партијата вложиле многу од своето знаење и битие, несомнено се вградиле во успесите на партијата и оставиле свој печат. Сите тие му требаат на СДСМ особено денес, во оваа фаза на ревитализација и консолидирање на партијата. Вратите на партијата се широко отворени, тимот на раководството на СДСМ е повеќе од заинтересиран и подава рака кон сите оние кои сметаат дека може да придонесат во креирањето на политиките и јакнење на заедништвото, а ова пред сѐ во интерес на граѓаните и државата, нашите поддржувачи очекуваат сплотеност и единство, тие впрочем само тоа и го заслужуваат, а СДСМ во најширока смисла на зборот, има одговорност и обврска максимално да се потруди тоа да го обезбеди.
Мицкоски излезе со теза, ако изгуби на локални избори, веднаш ќе има предвремени парламентарни избори. Знае ли премиерот дека нема конкуренција или ова е некаква порака до неговото членство?
-Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ очигледно, не се сигурни по само шест месеци власт каде и како стојат кај граѓаните кои им дадоа поддршка на изборите, што е многу разбирливо со оглед на обемот и степенот на изневерените изборни ветувања. Па така оваа негова изјава е само доказ дека Мицковски свесен дека резултатот на неговата Влада е многу слаб, особено во делот на економијата и животниот стандард на граѓаните, во негов стил „ќе остави време на времето“ за да му се „покаже“ како неговите политики во следниот период ќе влијаат врз граѓаните и неговите поддржувачи, за да одлучува за тајмингот на парламентарните избори, т.е. да прави проценка дали ќе свика и парламентарни избори заедно со локалните, или не. Она што сакам да го порачам во оваа прилика е дека СДСМ има сериозен потенцијал и уште поважно зголемен ентузијазам што е очигледен од нашата работа со општинските организации на терен, да биде сериозна конкуренција на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори и на било кои други избори во иднина.
Каква ќе биде понудата на СДСМ на локалните избори, очекувате ли подобрување на сликата од последните избори и како планирате да ги вратите гласачите кои се разочарани од вашата партија?
-СДСМ вредно работи и ќе продолжи така, интензивно и доследно на нашите вредности, за да заедно со сите наши членови и со граѓаните произведе политики, програми и да понуди решенија за зајакната локална самоуправа која ќе има зголемена фискална независност за остварување на своите надлежности и обезбедување поквалитетни услуги на граѓаните пред сѐ во доменот на локалниот економски развој, комуналните дејности, урбанизмот и урбанистичкото планирање, управувањето со отпадот, јавниот превоз, загадувањето на воздухот, социјалната политика, образованието, културата и генерално сите политики, што истовремено ќе значат и зголемено граѓанско учество во носењето на локалните политики и одлуки од страна на градоначалниците и советите на општините. Квалитетната програмска понуда заедно со квалитетните кандидати кои ќе настапат за СДСМ на локалните избори, а кои ќе бидат такви што ќе ја уживаат најголемата доверба во заедницата, а воедно ќе бидат гаранција за квалитет, компетентност, работливост и чесност, убедени сме ќе го вратат СДСМ на вистинскиот колосек, ќе бидат препознаени од граѓаните и ќе го дадат посакуваат резултат.
Скопјани не видоа „аир“ од Данела Арсовска во изминативе 5 години. Оправдувања имаше многу зошто нејзиниот мандат беше неуспешен, па каков човек сега му треба на главниот град, и дали веќе во партијата разговарате за човекот кој ќе му се спротистави на Орце Ѓорѓиевски?
-На Скопје во изминаите години му се случи цунами, целосен крах на основните функции на градот и скопјани таа тешка реалност ја живеат секој ден. Колабиран е јавниот превоз, хигиената во градот е катастрофална, улиците се преполни со смет, јавните претпријатија не функционираат, нема реализација на крупни капитални проекти, нема развој на градот. За овој крах најголема вина имаат Мицкоски со неговата ДПМНЕ и Данела Арсовска. Грубо звучи но реално скопјани се жртви на нивните меѓусебни пресметки, интереси и калкулации Тие го доведоа главниот град на дното, не само во јавниот транспорт, туку и во сите други области. Заедно ветуваа модерно Скопје, нови 250 автобуси па дури и бесплатен јавен превоз. А што донесоа? Заглавен и задушен град, целосен распад, не само во јавниот превоз, на сите полиња. И тој крах е на ВМРО-ДПМНЕ, иако сакаат скопјани да го заборават тоа. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на градот намерно ја блокираа и ја кочеа работата, не гласаа одлуки, а Владата на Мицкоски немо трие раце од хаосот во Скопје, без никакви мерки за помош на скопјани. Поларизацијата која се случува помеѓу централната власт и градот е само дополнително изживување со скопјани и покажување огромна некадарност, болна суетност, немање сенс за јавен интерес, непознавање на надлежностите и ингеренциите и загрозување и загорчување на животот на нас граѓаните на Скопје! Тоа се фактите и тоа е моменталната ситуација во Скопје.
СДСМ ќе даде соодветен одговор, концепциски, програмски и кадровски и ќе излезе пред граѓаните со своја понуда за целосна рехабилитација, за обнова на Скопје. Програма што ќе понуди модерен јавен превоз, намален сообраќаен метеж, ослободување на јавните простори, на нови зелени појаси, сообраќајно поврзување на градот внатре и со периферните населби. Ќе понудиме програмски концепт на модерното и ефикасно домување, каде скопјани ќе се чувствуваат убаво и задоволно, со квалитетни услови за образование на децата и најмалите. Концепт за справување со загаденоста, отпадот, нечистотијата, културни и спортски содржини на градот, пристојни дигитализирани и современи начини на сервисирање на потребите на граѓаните.
Разговараме околу профилот на нашиот кандидат. Тоа ќе биде човек од градот за градот, човек од граѓаните за граѓаните, човек што ќе може да го рехабилитира Скопје, да го издигне од пепелот и да го крене на едно ново, подобро ниво, какво што заслужуваат граѓаните на нашето Скопје.
Велат денот по утрото се познава па како ги оценувате првите 6, 7 месеци од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ?
-Едно е сигурно, за сѐ што им ветуваше ВМРО-ДПМНЕ и Мицковски на граѓаните во предизборието, со политиките кои ги спроведуваат пост-изборно во овие шест месеци се демантираа себе си, односно докажаа колку предизборните ветувања биле лажни.
Па така, квази-патриотските и националистичките ветувања за враќање на „гордоста“ на македонските граѓани, онака како што тие погрешно ја разбираат за жал, паднаа во вода. Сѐ што беше постигнување на владите на СДСМ во економските политики во претходните мандати, а кое граѓаните силно го вреднуваа ВМРО-ДПМНЕ успеа за само шест месеци со погрешните политики да го уништи. Животниот стандард на граѓаните е срозан, граѓаните имаат се помалку пари во џебовите само затоа што ВМРО одлучи да не продолжи со политиките на СДСМ за покачување на минималната и просечната плата, воведе мерки за наводно намалување на цените, кои освен бум на цените на основните производи и повеќе профити на трговците и бизнисот, не донесоа ништо друго. За разлика од замрзнувањето на платите на работниците, деновиве сме сведоци дека ВМРО се грижи само за порастот на платите на своите функционери во власта иако во предизборието ветуваше нешто сосема поинаку.
Паралелно, ВМРО сериозно го загрозува функционирањето на институциите, поделбата на власта и демократијата. Прави континуиран упад во трите столбови на власта – извршната, законодавната и судската со масовна партизација во јавната администрација, независните комисии и тела (кои ги избира Собранието за да бидат контрола и баланс на Владата), безбедносните структури и судската власт.
Второстепените комисии и независните агенции се партизираат така што се менуваат законите за да се прекине мандатот на сегашните членови.
Советот за независен граѓански надзор над телекомуникациите се пополнува со 5 члена (од вкупно 6) чија единствена релевантна компетенција е тоа што се докажан партиски кадар и активисти на ВМРО-ДПМНЕ.
Во Судскиот совет кој треба да гарантира независност на судската власт се именуваат сопружници и блиски роднини на високи владини функционери од ВМРО-ДПМНЕ и од ВЛЕН.
Образованието се враќа десет години назад така што новите законски решенија за основно, средно, средно-стручно образование и за учебници ја подриваат интеграцијата, инклузивноста и недискриминацијата во образовниот процес, со што ВМРО го злоупотребува двотретинското мнозинство во Собранието и со своите назадни политики одлучува да ги сегрегира и дискриминира децата кои се различни и имаат посебни образовни потреби, а на средношколците има намера да им ја поткопа автономијата и независноста во нивното средношколско организирање и да нѐ врати во едно време на средношколски пленуми, кои сите многу добро го паметиме.
Степенот на смртност на бебињата и најмалите деца за кои се бара здравствена грижа во здравствените установи и по детските клиники во последниве шест месеци вртоглаво расте, а одговорност за животот на бебињата и децата нема.
Агенцијата за национална безбедност доби директор кој е нелегален и нелегитимен, зошто ниеден од документите кои се бараат согласно конкурсот за избор не му валиден, т.е. и дипломата и сертификатите му се фалсификат. Притисокот на ВМРО да издејствува по секоја цена свој партиски послушник за директор во најважната институција која треба да ја гарантира безбедноста на сите нас граѓаните, се заканува да го урниса и кредибилитетот и интегритетот на Државната комисија за спречување на корупција, и воедно надвор од секаква друга логика освен партизација по режимси терк – со законски измени да обезбеди партиски кадар на својот коалиционен партнер ВЛЕН за директор на Државниот просветен инспекторат.
Притоа, Македонија со намера на ВМРО останува на неопределено време заглавена на европскиот пат, со затегнати добрососедски односи токму со оние соседни држави кои се членки на ЕУ и од кои треба да ја очекуваме најголемата поддршка и добрата воља во пристапниот процес, додека Албанија и Црна Гора сигурно газат на трасата за полноправно членство во ЕУ пред 2030 година. Накратко, ВМРО за само шест месеци успеа да ги направи граѓаните уште посиромашни, да воведува практики на владеење кои ја загрозуваат демократијата, владеењето на правото, поделбата на власта, играјќи си со оган да ги злоупотребува меѓу-етничките односи за да креира меѓуетнички тензии и кризи кои ќе служат за дефокус од реалните проблеми и скандалозни политики, за да ја води Македонија во изолација и слепа улица што единствено ќе му помогне за да ги воскреснува и спроведува преоблечени во ново руво, инаку добро познати режимски и авторитарни тенденции и политики.
СДСМ во изминатите два мандата туркаше ЕУ агенда, која на крајот не успеа да ја комплетира со уставни измени и отворање на кластерите. На Мицкоски се чини не му ни паѓа на памет да ги придвижи напред преговорите, бара гаранции од Бугарија кои велат „вие сега преговарате со ЕУ, не со нас“. Во ќорсокак ли е земјава по ова прашање?
-Па да, веќе земјата е во ќорсокак, европскиот пат е запрен. Тоа е резултат на една манипулација со сервирање лажна гордост пред граѓаните и лажни ветувања. Се ветуваше подобра позиција на државата во процесот на пристапување и подобра преговарачката рамка и граѓаните го очекуваа тоа со право, но денеска гледаме дека власта не успеа да го обезбеди тоа. Потоа се зборуваше за одложено дејство, се најавуваа писма кои никогаш не се напишаа, сега по најново се зборува за некакви гаранции. Постепено, подгревањето на лажната гордост целосно се олади, и сега сме веќе под ризик да замрзне пристапниот процес и Македонија да влезе во сериозна изолација. Тоа е суштинскиот проблем со којшто се соочуваме, актуелната власт нема ниту план ниту пак желба да го продолжи европскиот пат на земјата. Тоа е неодговорно кон граѓаните и иднината на земјата и ВМРО-ДПМНЕ треба да излезе и јасно да каже каде ја води државата.
За мене и за СДСМ е јасно дека продолжувањето на блокадата на евроинтеграциите ги загрозува стратешките интереси на Македонија. Одложувањето на реформите и уставните измени е директно спротивставување на државниот прогрес и европската иднина. Реформите кои се предуслов за членство во ЕУ треба да бидат национален, внатрешен приоритет, а не предмет на политички калкулации. ВМРО изгледа се плаши од тоа дека ако ги спроведува овие реформи на конструктивен и инклузивен начин ќе губи, затоа што се повеќе личи за жал дека се повторува сценариото за водење на државата со инсталирање режимски пристап и власт чија најјака страна се упадите во правосудството, независните институции, манипулациите, создавањето безбедносни кризи и изолација на државата.
СДСМ ќе продолжи да дејствува како конструктивна опозиција во интерес на државниот напредок, стабилноста и европската иднина но ќе ги искористи сите демократски механизми за да се спротивстави на деструктивните политики на ВМРО-ДПМНЕ.
Секој ден по неколку кривични пријави за поранешни функционери од вашите редови, но за вашиот бивш коалиционен партнер ДУИ. Борба со криминалот и корупцијата или политички реваншизам? „Црната листа“ на САД исто така се „збогатува“ со лица од времето на вашето владеење…
-Се поднесуваат кривични пријави, но секој ден гледаме и скандали на власта, па дури и бегства од правдата. Недозволиво е она што се случи со бегството односно пуштањето Артан Груби слободно да замине од државата, откако „случајно“ полицајците не знаеле кого треба да проверат, откако „случајно“ не работеле камерите и „случајно“ службеникот на границата, направил „грешка“ затоа што бил „возбуден“. Тоа е правда и правичност или неспособност и нефункционалност?
Инаку ставот на СДСМ е јасен, ги поддржуваме сите независни и професионални истраги против поранешни и сегашни функционери, без исклучок. Очекуваме правосудните органи и сите надлежни институции да ги извршуваат своите обврски и да ги спроведуваат постапките темелно, професионално инепристрасно, со цел да се утврди вистината и одговорноста.
Но, се спротивставуваме на секој обид за политизација или предвремена осуда на било кого, тоа ги нарушува основните принципи на правдата, правото на презумпција на невиност и ја поткопува одговорноста што треба да ја носат институциите.
Но, ова не треба да не чуди затоа што ВМРО-ДПМНЕ подготвува терен за политички реаншизам од првиот ден. Се врши страшна партизација на клучните безбедносни и правосудни институции. За само шест месеци имаме целосно поклопување и преземање на АНБ, масовна партизација во полицијата и назначување партиски членови на ВМРО-ДПМНЕ во независниот граѓански надзор на комуникациите, назначување судии блиски до владејачката партија.
ВМРО-ДПМНЕ го претвора секој агол на јавната администрација во своја партиска тврдина. И сето ова не е ништо друго освен е корупција на системот и тоа во најсуштинската смисла на тој поим. И во оваа смисла поддршката на стратешките партнери на Северна Македонија е исклучително значајна.
Гледате ли опасност по државата, односно можности за дестабилизација, потикнати од нарушувањето на меѓуетничките односи?
-Опасно е тоа што подгревањето на меѓуетничките односи власта го користи и го злоупотребува за дефокус од горливите проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Добри и здрави меѓуетнички односи се темелот на нашата стабилност, развој и напредок. Во изминатите шест месеци јавниот простор е намерно затруен со наративи за етнички поделби. Не смеат овие намери на власта да бидат занемарени. СДСМ се противи на овие политики на поделби и наводни конфликти кои ги пласираат подеднакво ДУИ и ДПМНЕ. Нема да дозволиме нивната измислена кавга да им ја сервираат на граѓаните како дестабилизација и оваа нивна стратегија ќе биде поразена. Негувањето добри и здрави меѓуетнички односи и општествена кохезија се темелот на нашата стабилност, развој и напредок. .
Буџетот за Новата година е изгласан, не видовме преголем отпор од ваша страна како пратеничка група. Каде сепак ги гледате најголемите маани на Буџетот 2025 година?
-Станува збор за буџет којшто во основа е еден надуван балон, една нереална, гломазна проекција, која се заснова на нереални проекции за пораст на бруто-домашниот производ, кои не наоѓаат оправдување во ниедна проекција за растот кои ги прават релевантните финансиски институции дома и надвор. Буџетскиот дефицит исто така е проектиран на ниво кое не во согласност со законот, значи имаме незаконско ниво на буџетски дефицит. Буџетот е за жал, само одраз на распиничките тенденции за непродуктивни трошења на власта на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините погрешни политики, фокусиран нa удобноста на власта и функцинерите, а не ги одразува потребите на граѓаните и економијата. Според податоците од Државниот завод за статистика, животниот стандард на граѓаните се влошува, сиромаштијата расте. Четиричлено семејство има потреба од 62.021 денари месечно за основни трошоци, износ кој ни отприлика не се покрива со две минимални плати. И наместо власта да ги прифати предлозите на СДСМ за поголеми плати, за поголема минимална плата, за подобрување на животот на граѓаните, сѐ што е предлог за покачување на платите на работниците и обезбедување социјални трансфери за ранливите категории граѓани, го одби. Ниту еден амандман на СДСМ не беше прифатен. Од друга страна ги зголемија парите во буџетот за мебел и луксузни возила за функционерите за дури 75%. Тоа се приоритетите на новата власт. И нема потреба да се оди понатаму, во лажните проекции, во напумпаните бројки. Наместо „скромност“ и „одговорност“ како што ветуваа пред изборите, откако седнаа во фотелјите на Илинденска бб, ја сменија плочата. Суштината на буџетот за 2025 година е парите наместо кај граѓаните да завршуваат кај елитата на власт.
Каде го гледате СДСМ за 5 години, дали можеби назад на Илинденска бр.2?
-СДСМ не е истата партија од пред изборите и со многу труд, работа, посветеност, ќе ја врати довербата кај граѓаните. Работиме на една силна и обединета граѓанска платформа врз база на социјалдемократски вредности, која ги надминува партиските граници, а која се темели на принципи, вредности и искрена посветеност кон подобар живот за сите граѓани. Нашата историја покажува дека победуваме кога успеваме да ги обединиме независните гласачи, младите и прогресивните граѓани кои се движечката сила на промени и напредок.
Во 2016 година, СДСМ со силна граѓанска поддршка сруши режим, успеавме да обезбедиме поддршка од сите етнички заедници, што беше врв на заедништвото и визијата за слободна, праведна и просперитетна држава. Денес, нашата задача е јасна: со консолидирани партиски структури, со заедничко делување на прогресивните сили да изградиме нови стратегии за враќање на довербата на пошироката јавност која гласа независно, слободно и свесно.
Ќе ги обновиме искрените партнерства со групите кои се наши сојузници во визијата за солидарност и грижа за сите, особено за најранливите. Ќе се спротивставиме на реториката на омраза и поделби, ќе ги зачуваме вредностите на заедништво и ќе работиме на инклузивни политики што носат стабилност и напредок. Нашиот патриотизам нема да биде декларативен, туку ќе го докажуваме со дела – преку почитување на граѓаните, доследност во политиките и принципиелност во акциите.
Ќе застанеме цврсто на она во што веруваме – солидарност, демократија, слобода, правда, правичност, родова еднаквост, работнички права, заштита и поддршка на послабите и маргинализираните, поддршка на различните во секоја смисла, отвореност за дијалог и соработка, и сето ова во интерес на граѓаните и државата за стабилност, развој и напредок. Веруваме во оваа визија и ќе продолжиме да ја реализираме со искреност, решителност, емпатија и посветеност кон граѓаните на Република Северна Македонија. Јас верувам во ова, моите нови колеги од раководството длабоко веруваат во истото и ние ќе ги убедиме и граѓаните во тоа. СДСМ повторно ќе биде победничка партија.
В.З.