ИНТЕРВЈУ со Ковачевски: Ребалансот на буџетот ќе обезбеди заздравување и враќање на патот на економски раст

од Vladimir Zorba
588 прегледи

Продолжува позитивниот тренд на реализација на приходите во буџетот.Заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски во интервју за „Локално“ вели дека приходите во периодот јануари-јуни се зголемиле за 15, 6 % во споредба со лани, а капиталните расходи бележат раст од 48%.

Во однос на ребалансот на буџетот за кој се расправа во комисијата за буџет, очекува тој да биде поддржан од сите пратеници во собранието.

„Со ребалансот се обезбедуваат финансиски средства за поддршка на здравството и за поддршка на стопанството и работните места, со што ќе се обезбеди заздравување и враќање на економијата на патот на економскиот раст!” , дециден е Ковачевски.

Зголемувањето на стапката за набавка на мебел што е предвидена во ребалансот ја објаснува со потребата за опремување на касарните, инвестиција која вели е суштинска за секоја држава.Дали по летото може да очекуваме и есенско прекројување на државната каса Ковачевски нема прецизен одговор.

„Ќе се следат движењата во економијата и доколку има потреба ќе се интервенира на страната на расходите со одлука за прераспределба”,вели тој.

Во тек е комисиската расправа за првиот ребаланс на буџетот за 2021 година. Поднесени се 222 амандмани и тие според опозицијата се главно фокусирани на намалување на нерподуктивните трошења.Какви се вашите очекувања, за што најмногу ќе се кршат копјата меѓу опозицијата и пратениците од власта? Дали власта ќе прифати намалување на милионските суми планирани за набавка на мебел, возила, за вработувања ..?

-Очекувам за ребалансот на Буџетот за 2021 година да имаме конструктивна дискусија базирана на аргументи, меѓусебно почитување и очекувам да биде поддржан од сите пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.

Со ребалансот се обезбедуваат финансиски средства за поддршка на здравството и за поддршка на стопанството и работните места, со што ќе се обезбеди заздравување и враќање на економијата на патот на економскиот раст!

Со ребалансот во областа на здравството, се обезбедуваат дополнителни средства во износ од над 6 милијарди денари. Притоа предвидени се 123 милиони денари за реконструкција на јавните здравствени установи, a планирани се и дополнителни средства во износ од 790 милиони денари наменети за купување медицинска опрема и изградба и монтажа на модуларни болници. Дополнителни средства се обезбедени за активности кои директно придонесуваат во борбата против здравствената криза, а се однесуваат за набавка на лекови и вакцини за имунизација на населението.

Во областа за економски работи, каде се вклучени и мерките, се обезбедуваат дополнителни 6,8 милијарди денари. Воедно со ребалансот се обезбедуваат потребните средства за реализација на дел од мерките на Владата, а кои се однесуваат на кредити со 0% камата преку Развојната банка за најпогодените сектори во износ од 615 милиони денари, потоа на кредитната гарантна шема преку Развојната банка во износ од 300 милиони денари, формирање Фонд за поддршка на извозни компании преку Развојната банка во износ 610 милиони денари, на капитални инвестиции во рурален развој преку ИПАРД во износ од 500 милиони денари итн.Во однос на вашето прашањето за набавка на мебел, зголемувањето на оваа ставка, во најголем дел се должи на зголемување на оваа ставка во Министерство за одбрана, од 3,5 милиони денари на 25 милиони денари, наменети за опремување на касарните каде што се врши реконструкција.  Значи станува збор инвестиции коишто се суштински за секоја држава.

Образложувајќи ја потребата од ребаланс велите дека на овој начин ќе се обезбедат пари за забрзан раст и закрепнување на економијата по пандемијата. Кои гранки од стопанството имаат најмногу потреба од помош и до кога треба да продолжи ваквата помош?

-Туризмот, занаетчиството, угостителството, транспортот, индустријата за организација на настани, текстилната, кожарската индустрија, но и мали фирми од други дејности се уште имаат потреба од помош од страна на државата. Уште од почетокот на кризата будно ја следиме состојбата и соодветно носиме мерки сѐ со цел справување со истата.

Текстилната и кожарската индустрија се помогнати со различни мерки. Покрај, мерката за финансиска поддршка за исплата на плати, овие индустрии беа помогнати и со ковид бескаматните линии. Со ковид 2 и ковид 3 линијата преку Развојна банка, беа поддржани се 104 компании од текстилната и кожарската индустрија. Од ковид 2 бескаматната кредитна линија поддржани се 20 компании со основна дејност од текстилната и кожарската индустрија во вкупен износ од 848.992 евра. Потоа, од ковид 3 бескаматната кредитна линија поддржани се 84 компании со основна дејност од текстилната и кожарската индустрија во вкупен износ од 946.044 евра. Значи се работи за поддршка во износ од 1,8 милиони евра само преку овие линии.

Истовремено, во петтиот пакет мерки беше донесена одлука за укинување на увозните давачки – царинските стапки  на одделни суровини и репроматеријали кои се употребуваат во преработувачката индустрија, при што беше опфатена и текстилната и кожарската индустрија, како најпогодени индустрии.

За секоја погодена индустрија беа носени соодветно мерки се со цел ревитализација и опоравување на компаниите кои подоцна ќе придонесат за забрзан раст на економијата!

Податоците покажуваат дека мерките кои ги преземавме дадоа резултати. Во првото тримесечје од 2021 година падот на реалниот БДП забави и изнесува 1,9% на годишна основа.Податоците за индустријата покажуваат дека во март е прекинат падот на производството во претходните два месеца, во април растот изнесува 44,1, а во мај растот достигна 16,5%. Притоа покрај забрзувањето на растот на производството на машини, уреди и електрична опрема, веќе од април се забележува премин во позитивната зона на производството на моторни возила, прехранбени производи, текстил, облека, мебел итн.

Искористеноста на капацитетите во преработувачката индустрија продолжи да расте во текот на 2021 година и во мај го достигна нивото пред здравствено-економската криза (71,3%).Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – мај 2021 година, бележи пораст од 44,3 % во однос на истиот период од претходната година. Падот на невработеноста продолжи во првото тримесечје од 2021 година според Анкетата на работна сила, односно стапката на невработеност се намали на 16%, што претставува пад од 0,2 процентни поени во однос на истото тримесечје од претходната година.Бројот на невработени лица од јануари до мај годинава, согласно последните податоци на Агенцијата за вработување, е намален за 15.291 лице.

Така ако во јануари биле евидентирани 158.681 невработено лице, во мај се евидентирани 143.390 невработени лица. Притоа, во првите четири месеци платите забележаа просечен раст од 5,5%, пред се, како резултат на зголемените плати во информациско-комуникациската дејност, здравството, уметноста и дел од дејностите во индустрискиот сектор.

Ваквите постигнувања се препознаени и од претставниците на ММФ, при што во рамки на нивната мисија во мај беше изјавено дека макроекономските и финансиските политики за поддршка го ублажија влијанието врз економската активност во Северна Македонија. Дополнително, се укажа дека, на краток рок, главен приоритет останува да биде решавањето на здравствената криза и фискалната политика треба да продолжи да го поддржува заживувањето на економијата, да поттикнува создавање работни места и да обезбеди заштита на ранливите категории.

Во однос на реализацијата на Буџетот на Република Северна Македонија заклучно со јуни 2021 година, имаме одлична реализација на приходите, а расходите генерално се реализира  редовно и навремено во рамки на предвидувањата и очекувањата.Вкупните приходи во периодот јануари-јуни 2021 година се реализирани во износ од 101 милијарда денари што претставува раст од 15,6 проценти или во апсолутен износ од  13,6 милијарди денари во однос на истиот период од лани.

Наспроти уверувањата на опозицијата дека парите од буџетот нема да се искористат за развој и капитални инвестиции, за проекти кои се важни за граѓаните, власта тврди дека ќе продолжи фискалната поддршка, ќе се заокружат проектите, ќе се намали ризикот од пандемијата,…Додека СДСМ беше во опозиција, на ваквите најави велеше: ” има многу ќе..”

-Главен приоритет останува да биде решавањето на здравствената криза и фискалната политика треба да продолжи да го поддржува заживувањето на економијата, да поттикнува создавање работни места и да обезбеди заштита на ранливите категории.Ова се и препораките на ММФ во рамки на нивната експертска мисија во мај.

Фискалната политика и редизајнирањето на јавните расходи, со акцент на засилување на циклусот на јавни инвестиции и мерки насочени кон постигнување на забрзан, инклузивен и оддржлив економски раст, ќе има значително влијание врз инвестициската побарувачка, но и врз потенцијалот за раст.

Државната помош преку различни економски мерки продолжи во 2021 година, како преку мерките кои беа преземени претходната година и продолжија да се реализираат во текот на оваа година, така и преку нови мерки, вклучително и најавените кредитни линии за поддршка на претпријатијата, со цел ублажување на ефектите на пандемијата врз најзагрозените и поддршка на домашната економија за нејзино побрзо заздравување.

Со овој ребаланс се поддржува здравството, се поддржува стопанството, се поддржуваат работните места, се поддржуваат проекти во животна средина, се поддржува земјоделството. За земјоделството со ребалансот се обезбедуваат дополнителни три милијарди денари. Заштитата на животната средина се зајакнува преку нова  програма за зелен развој со 685 милиони денари. За здравството се обезбедуваат дополнителни над шест милијарди денари. За областа економски работи се обезбедуваат дополнителни 6,8 милијарди денари.

Податоците на Министерството за финансии покажаа дека реализацијата на капиталните инвестиции  е едвај една четвртина од предвиденото. Слабата реализација на капиталните проекти веќе никого не го изненадува.Државните институции останаа немотивирани да ги потрошат буџетските пари за капитални проекти а со ребалансот уште повеќе се зголемува сумата планирана да се потроши.

-Капиталните расходи во периодот јануари – јуни годинава во споредба со истиот период минатата година бележат раст за 48 проценти. Ова ни кажува дека КАПЕФ механизмот веќе дава резултати.

Имено, годинава, првпат во Законот за извршување на буџетот, имаме механизам којшто ја мери реализацијата на капиталните проекти и предвидува корективни активности. Механизмот КАПЕФ ги следи капиталните инвестиции по буџетски корисник и ги казнува oние што имаат потфрлања, така што им се одземаат средствата што не ги искористиле. Согласно овој механизам, утврдени се прагови од 15 отсто за првото, 40 отсто за второто и 65 отсто до крајот на третото тримесечје за реализација на планираните капитални расхoди по буџетски корисник. На оние буџетски корисници коишто се под овие прагови, средствата им се резервираат и истите нема да можат да ги користат.

Инвестициите треба да имаат значајна улога во заздравувањето на економијата и затоа меѓу другото, ќе се зголеми задолжувањето.Токму висината на јавниот долг е основата врз која ВМРО ДПМНЕ ја гради својата критика за лошо менаџирање со народните пари. Какви се вашите размислувања во тој контекст? Како ќе се враќаат парите ако не се инвестира во производство?

-Со ребалансот се обезбедуваат средства за реализација на мерки коишто имаат развојна компонента. Како што кажав поддршката на стопанството е многу важно да продолжи се со цел ревитализација на економијата и забрзан раст подоцна.

Економскиот раст на ЕУ е проектиран на 4,4%, по падот од 6,1% во изминатата година. Во Германија, како најголема економија во рамки на ЕУ и наш најзначаен трговски партнер, растот на економската активност е проектиран на 3,6%. Ваквите очекувања, придружени со намалените притисоци од пандемијата во глобални рамки, во услови на интензивирање на процесот на вакцинација, се очекува да влијаат поволно врз домашните економски текови, како врз извозната активност, така и врз инвестициите и потрошувачката.

Заклучно со 21 јуни, во земјата се вакцинирани 275 илјади лица, процес кој започна во март и се интензивираше во текот на второто тримесечје. Бројот на активни случаи е значително намален и изнесува околу 400 лица. Процесот на масовна имунизација во земјата се очекува да влијае позитивно врз очекувањата и довербата на домашните економски субјекти и склоноста за инвестирање и потрошувачка.

Со цел интензивирање на економскиот раст и на растот на вработеноста на подолг рок и подобрување на конкурентноста на економијата, а притоа останување на патот на фискална консолидација е изработен Планот за финансирање на заздравувањето и забрзувањето на економскиот раст, кој овозможува нови начини за пристап до капитал, преку проекти во јавниот и приватниот сектор, користење нови механизми, инструменти, фондови и извори на финансирање, кои ќе создадат мултипликативни ефекти врз економската активност.

Домашната економија се очекува да заздрави во 2021 година, при што растот е проектиран на 4,1%.Тука би ги споменал и проекциите на Европската банка за обнова и развој. Според јунскиот извештај ЕБОР ги зголеми проекциите за економски раст на РС Македонија на 4 % за 2021 и 2022 година.

Се почесто во јавноста се говори дека од септемрви Европа ќе се соочи со четвртиот бран на корона вирусот. Дали по летниот, може да се очекува и есенски ребаланс на буџетот?

-Ќе се следат движењата во економијата и доколку има потреба ќе се интервенира на страната на расходите со одлука за прераспределба.

Бизнисмените најавуваат есенски бран отпуштања. Дали ќе има пари во буџетот за нови седми пакет мерки за спас на работните места и за финансиска помош на текстилот, кожарството, прехранбената индустрија?

-Во постојана комуникација сме со коморите. Имавме состанок со стопанските комори пред коишто ја претставивме анализата за хармонизација на царинските стапки на одреден број тарифни броеви со стапките на Европската унија. Усогласувањето на царинските стапки е барање на стопанските комори и истото се очекува да резултира со нови инвестиции и вработувања од страна на компаниите.

Објавен е и огласот од Развојна банка за ковид 4 бескаматната кредитна линија со грант компонента чија цел е задржување и зголемување на бројот на работниците.

Ковид 4 линијата, е со вкупен фонд од 615 милиони денари или 10 милиони евра обезбедени преку Буџетот на РС Македонија. Оваа линија, предвидува грантови за успешност, односно дава можност за трансформација на дел од кредитот во грант доколку ги зголемат вкупните приходи во 2021 година за најмалку 10% споредено со 2020 година, кредитокорисникот ќе има право да побара грант компонента од 30% или пак доколку го зголемат бројот на вработени во 2021 година за најмалку 5% во однос на 2020 година, кредитокорисникот има право на  грант од 20% од износот на кредитот. Доколку се исполнат и првиот и вториот услов, кредитокорисникот може да оствари право на грант од 50%.

Дополнително минатиот месец беше потпишан договорот за 100 милиони евра евтини кредити од ЕИБ преку Развојна банка наменети за финансирање мали и средни претпријатија. Преку овие 100 милиони евра очекуваме да обезбедиме финансиска поддршка, преку комерцијалните банки, за најмалку 300 проекти на домашни мали и средни компании.

Ова се само дел од мерките кои се реализираат во моментов, но како што нагласив будно ја следиме состојбата и доколку има потреба соодветно ќе реагираме.

К.В.С.

Слични содржини