Интервју со Лазовски: Наместо радикални промени во даночната политика, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ нудат лоши и бледи решенија

од Nikola Popovski
640 прегледи

Даночниот експерт Славко Лазовски има низа забелешки во однос на предложените даночни политики на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, како дел од нивните изборни програми. Негативните оценки особено ги упатува кон најголемата опозициска партија која застана зад политиката на ниски и рамни даноци.

„Предложеното решение е убедливо најлошото досега што сме го сретнале и  што сме го имале во даночната политика. Овој тип предлози на ниски даноци сепак најмногу ќе ги погодат домашните компании. Ако се смета дека со такви ниски даноци ќе ги привлечеме странските инвеститори мислам дека е погрешно“, изјави Лазовски за „Локално“. Посочува дека за разлика од досегашните, поинакви решенија требале да бидат предложени и од СДСМ, а кои како што вели, требале да бидат порадикални бидејќи  ваквата „блага“ политика не се практикува во земјите од ЕУ.

„Очекував дека ќе има предлози за засилување на меѓународната правна помош и посилна борба со сивата економија. Очекував да го зафатат најслабиот елемент во досегашното оданочување а тоа е оданочување на добивката која ја остваруваат фирмите преку трансферните цени. Очекував да се укинат одредени даночни ослободувања и олеснувања, бидејќи според странските експерти, Македонија е земја со премногу даночни ослободувања и олеснувања“, вели Лазовски.

Даночната политика како една од точките во изборните програми на власта и опозицијата има суштествено значење за целосната економска слика, и е особено важен предмет на интерес на бизнис секторот. ВМРО-ДПМНЕ застана зад политиката на ниски и рамни даноци со образложение дека на овој начин  ќе се создадат фер услови за сите. Како вие ја оценувате нивната програма во делот на даночната политика, колку е таа добра за обичниот граѓанин и за бизнис секторот? 

Предложеното решение е убедливо најлошото досега што сме го сретнале и  што сме го имале во даночната политика. Тоа  ниту е фер ниту ќе го забрза економскиот раст и развој, ниту ќе направи некакви промени во другите јавни политики каде што очигледно не ни одат работите како што треба. Така што овој тип предлози на ниски даноци сепак најмногу ќе ги погодат домашните компании. Ако се смета дека со такви ниски даноци ќе ги привлечеме странските инвеститори мислам дека е погрешно. На странските инвестиции со такви ниски даноци веќе им даваш јак сигнал дека нешто не е во ред со таа земја. Инвеститорите пред се сакаат јасни, добро  креирани и во пракса спроведени јавни политики. Тие сакаат квалитетно образование  на работниците, квалитетно здравство, брзи комуникации итн. Штом некоја земја сака да привлекува странски инвестиции со ниски даноци, верувајте дека посериозните компании и инвеститори ги избегнуваат тие земји.

За разлика од нив, СДСМ генерално останува на досегашната даночна политика. Дали го нудат очуваното според вас во областа на даноците?

Очекував малку порадикална политика во однос на даноците. Оваа блага ептен блага политика не води кон добро, едноставно тоа не е политика кон која треба да се стремиме, тоа не е политика која се практикува во земјите од ЕУ. Требаше да се понудат порадикални решенија. Очекував дека ќе има предлози за засилување на меѓународната правна помош и посилна борба со сивата економија. Очекував да го зафатат најслабиот елемент во досегашното оданочување а тоа е оданочување на добивката која ја остваруваат  фирмите преку трансферните цени. Очекував да се укинат одредени даночни ослободувања и олеснувања, бидејќи според странските експерти, Македонија е  земја со премногу даночни ослободувања и олеснувања. Требаше да се засили заштита на правата на даночните обврзници бидејќи тоа е една од поголемите слабости од досегашното функционирање на УЈП. Ако ја засилиме меѓународната правна помош и борбата против сивата економија, ако се намалат даночните ослободувања и се зголеми заштитата на правата на даночните обврзници, даночниот систем го добива толку потребно забрзување. Така се намалуваат трошоците за оданочување. Од надвор кога не гледаат експертите, велат вие имате даночен систем кој се остварува со многу големи трошоци а даночниот ефект е мал. Тука ни велат  мора многу да работите. Очекував СДСМ да понуди предлози за локалните даноци. Факт е дека локалното оданочување е најслабо во целокупниот период од осамостојување навака. 30 години не направивме подлабока  реформа во локалното оданочување.

Што покажуваат според вас, вака конципираните политички програми во делот на даноците? Успеваат ли политичките партии да ја погодат и остварат суштината на даночната политика или сепак станува збор за задскриени интереси? 

Политиката на ВМРО-ДПМНЕ покажува дека ние како да имаме сеуште искривен однос кон даноците. Даноците најмалку значат одземање доход. Даноците се ценат повеќе по тоа дали остваруваат можности за остварување на поголеми доходи на што поголем број луѓе. Со вака предложени ниски даноци не создаваме подобри услови ниту за поквалитетно образование, ниту за подобро здравство и комуникации, ниту создаваме можности за поголеми доходи за поголемиот дел од населението. Даноците не се одземање на доходи и трупање во буџетот. Тоа не е основната функција на даноците. Вака не е погодена суштината на даночната политика. Мене ова ми личи на создавање непринципиелна коалиција меѓу политикта и бизнисот. Тоа значи дека ќе ви земам малку но не ме гледајте што правам со тој одземен доход. Тоа создава можност за веќе видени приказни во нашата стварност.

Едно од понудените решенија на СДСМ се однесува на данокот на луксуз и богатство со што според нив ќе се овозможи солидарност и правичност. Иако нема многу детали што се подразбира тоа, какви би биле ефектите од ваков вид данок?

-Јас не сум поддржувач на мерки со кои се прави издвојување  на одредени поризводи и нивното подлабоко оданочување. Кога го посматраме даночниот систем во однос на тоа како  функционираат, како се хармонизирани и како дејствуваат пооделни видови даноци, гледаме дека нашите проблеми не се во  даноците на потрошувачката туку  проблемот е кај даноците кои оданочуваат доход и имот. Нашиот подобар дел од системот е оданочувањето на добра и услуги било тоа да е со ДДВ, акциза..Значи во делот каде нашиот систем е подобар не треба да правиме радикални  промени. Наместо тоа треба повеќе внимание да се обрне на добивката , на персоналниот данок, на данокот на имот…Зошто мислам дека не треба да се  издвојуваат било кои производи и да се прогласат за луксузни и фискалниот товар да падне на нив? Кога има големи социјални разлики и големо учество на сивата економија, кога не баш добро функционираат институциите, издвојувањето на одредени производи и нивно ставање под капата на луксуз, практично значи дека ќе се засилат сите овие негативни работи што ги манифестира системот. Во услови на сива економија да се издвојуваат одредени производи, значи дека прометот на тие производи ќе ја поттикне сивата економија. Познати ни се случаите што порано ги имавме оданочувајќи го кафето како лускзус. Нелогично е во систем во кој трошоците на оданочување се прилично високи да се оди во насока на уште поголемо зголемување на тие трошоци. Со ставање под режим на оданочување на одредени производи, се зголемуваат можностите за конфликти меѓу даночните обврзници и даночното тело а ние страдаме од преголеми конфликти.Таа појава на судири, приговарања и тужби, ги зголемува трошоците на оданочување и го забавува даночниот систем.

К.В.С.

Слични содржини