Интервју со Марковски: Македонија треба да се ресетира – да се појави лидер кој по примерот на Ататурк ќе направи кадровски и системски реформи

од Nikola Popovski
1,5K прегледи

Повеќе од 30 години интелектуалците се тргаат од политика и оставаат „самопрогласени големи лидери“ да ја водат државата. Гледаме до каде не донесоа. Пред очи не бришат како народ. Се надевам дека ќе бидам едно сврзно ткиво околу кого ќе се обединат повеќе интелектуалци и политички субјекти, вели во интервју за „Локално“, специјалистот инфектолог Вело Марковски за неговата независна кандидатура за претседател на државата.

Вели дека на повеќе наврати јавно повикувал за поддршка од неговата партија ВМРО-ДПМНЕ, но неговите повици биле целосно игнорирани.

-Големо понижување е излегувањето на избори откако веќе започнало или е при крај собирањето на потписи. Целиот овој процес е голем удар на демократијата во Макеоднија. Дури мислам дека тоа што се подразбира, ќе мора да се стави во закон, мора да има пријавуање на кандидати многу порано, порачува проф. д-р Марковски.

Смета дека нема потреба од останатите кандидати „сега некој да се јуначи дека само тој е за Европа и за западот“.

-Сеуште е голем процентот на прозападно расположение во Македонија, но тоа што има се повеќе скептици и разочарани е во непринципиелната политика која западот ја води кон малите држави и што постојано „форсира“ неспособни луѓе на клучни позиции, истакна Марковски.

Инфектологот е дециден дека веќе имаме „валкана“ изборна кампања.

-Ги интересира по секоја цена да останат на власт. Видете ја контролата на медиумите, злоупотреба на институциите, партизацијата на институциите. Видете го законот за финансирање на партии. Видете го законот за избори, кој сериозно е оспорен од истиот запад со кој се удираат во гради, критикува кандидатот за претседател на Македонија.

Почнавте да собирате потписи како независен кандидат на претседателските избори. Што ве мотивираше да влезете во оваа трка и на кое гласачко тело целите?

-Состојбата во која се наоѓа Македонија. Пропаѓање, уништување на сите системи. Повеќе од 30 години интелектуалците се тргаат од политика и оставаат „самопрогласени големи лидери“ да ја водат државата. Гледаме до каде не донесоа. Пред очи не бришат како народ. Се надевам дека ќе бидам едно сврзно ткиво околу кого ќе се обединат повеќе интелектуалци и политички субјекти. Јасно ги кажав и црвените линии и стратегијата за следните 10, 20, 50 години. Секој кој се сложува со идејата очекувам да застане зад таа идеја, не е важно дали јас или некој друг јасно кажал дека Македонија и македонскиот народ мора да бидат прифатени како рамноправен фактор во современиот свет, така како што во моментов е организиран.

Гледаме дека професорката Силјановска-Давкова ќе биде кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. Дали можеби очекувавте поддршка од партијата, со оглед дека сте нивен член? Каков е вашиот однос со членството на ВМРО-ДПМНЕ?

-На повеќе наврати јавно повикував на поддршка од партијата и на демократски избор на кандидат за претседател. За жал, моите повици беа целосно игнорирани, од за мене несфатливи причини. Не можам се уште да сфатам за причините за промоција на кандидатот, без да е докрај завршена процедурата. Нели требаше барем формално да заврши конвенцијата, па да се палат огномети и фанфари. Што ако на конвенцијата професорката не ја добие потребната поддршка од делегатите. Што ако некој друг се појави… Многу сум разочаран, не затоа што е избран кандидат кој јавно кажува дека „они мене ме почитуваат, јас нив им требам“, туку затоа што не ни беше даден еднаков третман, еднакви шанси за претставување и медиумско и пред партиските тела. Зошто и јас не бев повикан да ја претставам својата програма и својата платформа, пред на пример општинските организации во Велес, Тетово и други градови. Само да ми се дадеше шанса, не ми требаа огномети.

Сметам дека не е во ред да се вадат кандидати за претседател кои народот не успеал да ги запознае, изјавивте лани во октомври при најавата дека ќе се кандидирате. Зошто само со партиска поддршка може да се избере шеф на државата, а не може истото да го стори и некој независен кандидат? Очигледно дека само со „партиски амин“ се бираат функционери…

-Времето покажа дека сосема сум бил во право. Големо понижување е излегувањето на избори откако веќе започнало или е при крај собирањето на потписи. Целиот овој процес е голем удар на демократијата во Македонија. Дури мислам дека тоа што се подразбира, ќе мора да се стави во закон, мора да има пријавување на кандидати многу порано. Политичките партии и големите, но и малите кои влегоа во изборен процес без програми, платформи, ставови покажаа зошто кај нас се тоне. Едноставно станува јасно дека нашите партии немаат политички и демократски капацитет и не ги почитуваат основни правила на функционирање на една современа држава каква што сакаме да бидеме.

Повеќето кандидати во своите програми ја нагласуваат важноста на овие избори, како некој вид „ресетирање“ на државата. Го имате ли вие тоа мислење дека „треба да се спаси Македонија“?

-Да, навистина е прашање на „да се биде или не„. Баш убаво кажано, Македонија треба да се ресетира, да се појави лидер кој по примерот на Ататурк ќе направи и кадровски и системски реформи. Ќе постави нови, цврсти темели врз кои ќе се движиме во иднината.

Дали според вас, Македонија го има фатено вистинскиот пат во однос на евроинтеграциите и блиската соработка со Западот или и вие би се залагале за „други опции“ како што најавија дел од останатите претседателски кандидати?

-Македонија го фати патот кон евроатлански интеграции во 1990 година. Нема потреба сега некој да се јуначи дека само тој е за Европа и за западот. Прашањето кој тоа во изминатиов период ги продаде виталните државни интереси, ги трампаше за „голтка власт“ и не доведе во безизлез. Тезите што сега некои политичари кои се долго на власт, а ништо добро немаат оставено позади себе, од типот кој не е со нас е против Западот, се опасни. Потсетуваат на времето од инфорбирото кога требаше да се погоди точниот одговор на прашањето, „за кого си за Тито или Сталин“, па се полнеше Голи оток. Се уште е голем процентот на прозападно расположение во Македонија, но тоа што има се повеќе скептици и разочарани е во непринципиелната политика која западот ја води кон малите држави и што постојано „форсира“ неспособни луѓе на клучни позиции. Тоа трае со децении, карајниот резултат е пад на системи, недоверба во системите, бегање од државата. Западот да не се чуди зошто паѓа довербата и кон нив, нека се запрашаат кого се подрржувале, и има ли одговорност кај нив кога нивни „пулени и адути“ потоа се наоѓаат на нивни црни листи. Не треба да се поставува прашењето дали сте за Европски сојуз, туку дали сте за „Западот“ како безлична народна маса, или сте за „Западот“ кој ја прифаќа Македонија како рамноправни со себе, и запад кој ќе прифати да важат исти процедури и демократски одредби како за сите други народи и држави. Едноставно од Западот зависи дали Македонија и Македонците кои живеат во соседните земји ќе ги прифати како народ или само им треба територија.

Доколку ден по првиот круг треба да решите на кого ќе ја дадете својата поддршка во вториот круг, дали ќе ги повикате граѓаните да гласаат за некој од против-кандидатите?

-Во принцип не сакам луѓе кои немаат став. Секако дека ќе оформам свој став и ќе дадам поддршка на кандидат кој пред се има демократски капацитети и кој ќе ме убеди дека ќе работи за доброто на Макеоднија.

Се води дебата за избор на претседател на државата во Собранието со 2/3 мнозинство. Каков е вашиот став по ова прашање?

-Некои кои се однесуваат како Македонија да им е воен плен, треба да сфатат дека демократијата не ја измислиле они. Зошто на пример не поведат постапка, па да преминеме во монархија и да си избереме крал. Не може никој, колку и да е моќен и богат да биде над државата. Сега, само си го откриваат вистинското лице и нивното вистинско функционирање во изминативе дваесетина години, кога всушност повеќе наликуваме на некаква „воена диктатура“ каде се во државава се случува според желбите и потребите на 2-3 луѓе.

Османи и Таравари во борба за прв претседател Албанец за Македонија. Би гласале ли вие на такви избори доколку изборот се сведе на тие кандидати?

-Страшни се тезите кои ги пуштаат некои од нашите политичари. Замислете, единствен квалитет за претседател на држава да ти биде етничката припадност. Ако некој дал придонес, ако е способен, ако си ја сака Македонија, зошто да не биде кандидат па дури и претседател. Луѓе кои имале шанса, биле на високи државни функции, а кои ништо релано добро не направиле за државата, треба да се пофалат со своите дела. Многу ми смета што воопшто не се бараат резултати, па дури и одговорност за одредени политики, туку се лицитира дали се има поддршка од еден или друг лидер. Особено е опасно претставување на поддршка од премиери и претседатели на други држави. Тоа нема да донесе добро на никого, ни на Македонците, ниту на Албанците, ниту на турците… Жално е што луѓе кои биле високи македонски функционери долг период, да не си ја сакаат татковината. Човек што не си ја сака татковината, не може да биде добар човек и сигурно нема да даде придонес за напредокот на државата.

Каков изборен процес очекувате? Многумина сметаат дека ќе има „валкана“ кампања, како за претседателските, така и за парламентарните избори…

-Веќе е валкана. Многу недемократки почеток. Ќе повторам, трите најголеми партии кои изминативе 20 години ја водат државата воопшто немаат демократски и полотички капацитет. Воопшто не ги интересира доброто на државата. Ги интересира по секоја цена да останат на власт. Видете ја контролата на медиумите, злоупотреба на институциите, партизацијата на институциите. Видете го законот за финансирање на партии. Видете го законот за избори, кој сериозно е оспорен од истиот Запад со кој се удираат во гради. Впрочем, на последната лидерска средба, таканаречените лидери ветија дека ќе ги прифатат препораките на ОБСЕ и другите демократски институции кои следат избори. Од една страна кој не е со нас е против Запад, ама правилата и законите што ќе важат во Макеоднија ќе бидат од „ДИВИОТ ЗАПАД“. Замислете, на еден ден пред почеток на собирање потписи се извади упатството за избори, не се отворени пунктови во општини кои покриваат повеќе од пола население во Македонија. Канцелариите на ДИК се во општински згради и секој граѓанин треба да помине покрај општинското (партиско) обезбедување. Народот и така ни е преплашен, па уште треба да помине покрај партиски видни членови. Скоро да нема услови за болни, стари луѓе и инвалиди да го дадат својот потпис. Има канцеларии што се на 3 кат без лифт. Не очекувам демократски изборен процес, не од овие три партии. Нив, секако им е добро, дури и кога се во опозиција добиваат огромни средства од државата.

Н.П.

Слични содржини