ИНТЕРВЈУ со Милевски: Овие избори важно е да се гласа за личности а не за партија, тие ќе се чувари на Општините

од Берта Китинска
1,5K прегледи

Локалните избори се избори каде луѓето имаат избор да се одлучат за личности кои ќе менаџираат со градот, претставувајќи ги нивните интереси. Како партија направивме обиди за воведување на отворени листи токму од причина да овозможиме да се гласа за личност, а не за партија. Верувам и силно сум убеден дека крајно време е да се гласа за личности, а не за партии. По долги години време е за разбивање на црно-белата слика, и тоа овие избори ќе го докажат, вели во интервју за „Локално“, Горан Милевски, кандидат за градоначалник на Битола од ЛДП и ДОМ.

Според него причина плус зашто е важно  да се гласа за личност на локалните избори, а не за партија,  е и затоа што советниците се претставници на граѓаните и чувари на Општините.

Милевски смета дека  ако сакаме вистински промени во општеството потребно е да понудат можност граѓаните да ги препознаат и поддржат тие промени.

-Особено сме горди што нам како Движење ни се придружуваат се поголем број на граѓански активисти, луѓе кои никогаш не биле членови на ниту една партија. Тие луѓе сакаат да направат нешто за нивните општини, за нивното маало, за нивните соседи. Затоа очекуваме гласови од секој оној кој што смета дека треба да гласа за личности кои нудат концепт на отвореност на општините. Личности кои имаат имаат визија и решенија како во општините да обезбедат хуман урбан развој, како да го одржуваат комуналниот ред, како да го олеснат пристапот на граѓаните, објаснува тој.

Кандидат сте за градоначалник на „Одлучно за промени“ за претстојните избори. Што ве прави добар кандидат за оваа позиција и што ве мотивираше за овој потег? 

За мене Битола е пред се најубавиот град во државата и секој кој живеел во неа, ќе ви потврди дека е тоа така. Желбата да направам многу повеќе за овој град каде сум се родил, растел и желбата забрзано да чекориме кон побрз развој беа пресуди за кандидатурата. Барањата на голем број битолчани да се кандидирам беа дополнителен мотив да влезам во оваа трка за градоначалник и одлучно да направиме промени. Чесноста и големото искуство во работата на локалната самоуправа, прво како советник во советот на Општина Битола, а сега и како министер за локална самоуправа сметам дека ме прави добар кандидат за градоначалник, бидејќи си ги познавам граѓаните си ја познавам Битола како дише. Битола заслужува да биде град во кој ќе се чуе жуборењето на Драгор, во кој ќе се радуваме на детскиот жагор,  да го врати културно-забавниот живот кој е одлика на Битолчани, град во кој спортски и рекреативно ќе се надоградуваат како младите така и возрасните генерации, еснафски да се направи градот како некогаш во минатото. Битола град на конзулите, градот над градовите.

Имате долгогодишно искуство во политиката, министер сте за локална самоуправа свесни сме дека на изборите повеќето од граѓаните гласаат за пратиите отколку за личноста. Кој е вашиот концепт со кој би сте спротивставиле на двете поголеми партии? 

Локалните избори се избори каде луѓето имаат избор да се одлучат за личности кои ќе менаџираат со градот, претставувајќи ги нивните интереси. Како партија направивме обиди за воведување на отворени листи токму од причина да овозможиме да се гласа за личност, а не за партија. Верувам и силно сум убеден дека крајно време е да се гласа за личности, а не за партии. По долги години време е за разбивање на црно-белата слика, и тоа овие избори ќе го докажат. Го креиравме движењето ЛДП и ДОМ „Одлучно за промени“ во кое вклучивме и независни граѓан, со цел да го разбиеме таканаречениот биполарен политички свет. Сепак, тоа треба да е столб на една демократија, промените во едно општество е одлично за континуиран развој на и на градовите и на селата. Во Битола советот ќе биде составен од членови на различни политички партии и независни листи, и со истиот ќе биде предизвик да се работи и да се соработува. Причина плус зашто е важно  да се гласа пред се за личност, а не за партија,  е и затоа што советниците се претставници на граѓаните и чувари на Општините. Личности кои треба да се блиски до граѓаните и кои транспарентно и отчетно ќе носат одлуки во нивно име, а воедно и кога гласаме за личност точно знаеме дека таа личност е директно одговорна пред нас.

Владата изготви законски измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа. Новите градоначалници ќе имаат повеќе пари за трошење- дали ќе имаат и поголема одговорност пред граѓаните? 

Да, кога имаат повеќе пари, тоа значи повеќе одговорност, но и повеќе моќ. Тој што ја има одговорноста и чесноста, не му е важна големината на парите, туку визијата за Општината, визијата за економски, урбан и рурален развој. Ако сте одговорни, со чесни намери и желба да работите, може да работите и со помалку и со повеќе пари, но тие треба правилно да се распоредат, домаќински.Со овој Закон општините може да добијат 3 пати повеќе средства ако работат добро и наменски или да бидат во стенд бај ангажман. Значи се стимулира капитално наместо непродуктивно трошење, домаќинско и рационално трошење. Тоа значи дека го зголемуваме фискалниот капацитет и приходите на општините, но и се зголемува финансиската дисциплина, се намалуваат долговите,  и се стимулира зголемена транспарентност и отчетност пред граѓаните.

Дали поголемата комоција за трошење навистина ќе донесе и финансиска стабилност на општини?  Дали се очекува оваа реформа да ја зголеми и фискалната дисциплина во трошењата на локално ниво? 

Како што наведов во претходното прашање не станува збор за поголема комоција за трошење, туку за стимулирање на капитално, домаќинско и рационално трошење на локалните средства. Интенцијата е да се зголеми финансиската дисциплина, а намалат долговите. Исто така, во насока на зајакнување на фискалната одговорност на општините со законските измени се очекува и зголемување на транспарентноста на работењето на општините, со кое општините ќе имаат обврска на транспарентен начин да објавуваат финансиски податоци на своите веб страни, како и зголемена отчетност во трошењето на сите средства кои се доделени од страна на државата. Општините ќе разберат дека ако сакаат повеќе пари во буџетот, ќе мора да се потрудат  во делот на капитални проекти и работење и на тој начин да си обезбедат  поголем дел од финансиите. Вкупниот ефект од законските измени во 2024 година ќе биде 1,7 милијарда денари повеќе пари за општините на годишно ниво. Секогаш сум ја застапувал тезата дека е потребно  да се направи јасна стратегија како и на кој начин ќе се менаџира една општина, да се стимулира работењето на капитални проекти, да се прават одржливи проекти за кои постојат можности за финансирање и од Европски проекти. Искуството од Министерството за локална самоуправа во делот на работење на крупни проекти ќе го пренесам и на локално ниво. Плановите и напорната работа секогаш вродуваат со видливи резултати од кои бенефит ќе имаат сите граѓани, а не поединци.

ДОМ и ЛДП на локалните избори настапуваат самостојно иако се дел од владејачката коалиција. Според вас на овие избори од која партија би придобиле повеќе гласови од гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ или на СДСМ? 

Ние не сме на политичката сцена за да мериме дали би придобиле повеќе гласови од едни или други, но да им го овозможиме правото на поголем избор на граѓаните. Постојано говориме дека изборот е сведен на црно или било. Доколку сакаме вистински промени во општеството потребно е да понудиме можност граѓаните да ги препознаат и поддржат тие промени. Особено сме горди што нам како Движење ни се придружуваат се поголем број на граѓански активисти, луѓе кои никогаш не биле членови на ниту една партија. Тие луѓе сакаат да направат нешто за нивните општини, за нивното маало, за нивните соседи. Затоа очекуваме гласови од секој оној кој што смета дека треба да гласа за личности кои нудат концепт на отвореност на општините. Личности кои имаат имаат визија и решенија како во општините да обезбедат хуман урбан развој, како да го одржуваат комуналниот ред, како да го олеснат пристапот на граѓаните. Односно како да ги направат општините ефикасен сервис на граѓаните и да им го олеснат секојдневното живеење во истите. Да ставиме крај на црно-белиот  свет, да излеземе од триесетгодишната рамка, да направиме тектонски промени, затоа ја бараме поддршката.

Кондовски од СДСМ, Коњановски  од ВМРО-ДМНЕ ќе бидат ваши ривали во трката за прв човек на Битола.  Очекувате ли фер избори? Што би и порачале на вашите противкандидатите пред локалните избори? 

Фер и демократски избори во Битола имало и се надевам дека и овие ќе бидат такви. Не смееме да фрлиме ниту една дамка на изборите и на целиот процес. Ние се однесуваме во согласност со демократските правила. Битола  е град на културата,  европски град и очекувам дека секој од нас како кандидат  достоинствено ќе се однесува и ќе ја зачува ваквата слика за Битола. Ние како град имаме одлично минато, генерации се раскажува за Градот на Конзулите, но тажна сегашност, затоа треба да создадеме одлучна светла иднина. Спроведување на фер и демократски избори се почеток на една таква иднина.

Битола е една од градовите кои се соочуваат со голема загаденост. Од каде доаѓа овој проблем? Имате ли план како Вие на локално ниво може да делувате? 

Проблемот е комплексен и загрижувачки, сите европски градови одамна преземаа конкретни планови за ублажување на климатските промени, време е нашата стратегија за решавање на овој проблем кој не засега буквално сите да ја реализираме. ЛДП е првата партија во Битола која јавно проговори за загадениот воздух.  Во изминатите години учествувавме преку нашите советници во носењето на низа мерки за решавање на овој проблем, а ќе продолжиме со брзи и енергични мерки за негово решавање.  Соработката со граѓанските организации, експертите и заедницата ќе биде можност која ќе ја искористиме за брзо решавање на проблемот. Потребна е правилна праведна транзиција, поточно да ги развиеме алтернативните економски гранки, како на пример туризмот од секој вид а тоа во Битола се може, освен градот имаме прекрасни села кои може да ги развиваме, да обезбедиме развојна циркуларна економија. Да се исфрли употребата на јаглен да се свртиме кон употребата на сонцето како енергија, да ги направиме енергетско ефикасни домовите, претпријатијата едно од нив е и Битолскиот пазар со кое раководиме, еден позитивен пример за комплетно еколошко претпријатие. За животна средина секој од нас треба да биде личен пример. Имаме точно определени решенија кои како локална власт  би ги реализираме, а имаме и должност  за тоа, бидејќи воздухот го дишеме и ние и нашите деца.

Кои се најчестите забeлешки на граѓаните при маалските собир? Дали имаат предлози на кои можеби би поработел? Каква Битола сакаат битолчани? 

Битолчани се искрени,  очекуваат  реални проекти, тие очекуваат решавање на мали секојдневни, а за нив големи проблеми. Некои сакаат асфалт, некои чиста вода, некои канализација или на бекатон плочки, ама очекуваат и чист и зелен град, град во кој секој ќе има еднакви можности, град во кој ќе се развива туризмот, и тоа е нешто што е предвидено и во  програмата Одлучно за наша Битола. Се разбира дека сакаат и спортска титула, а градоначалникот е тука за да овозможи сите овие проекти да се реализираат. Во 21ви век не треба да се дискутира за улици и канализација и зеленило, тоа треба да е секојдневие, но ние имаме задача брзо да ги решаваме ваквите проблеми и да се грижиме за економскиот развој на градот. Од контактот со граѓаните ме радува тоа што гледам дека многу млади луѓе се решаваат на отворање на свои бизниси, микро, општината ќе им биде подадена рака, и ќе го стимулира младинското претприемништво и иновации. Само така ќе создадеме иднина на генерациите кои сакаат да бидат дел од град и општина во кои ќе живеат и на кои ќе бидат горди.

Кои се првите проекти на кои ќе им дадете предност како иден прв човек на Битола? 

Велосипедските патеки и тартан патеката во градскиот парк, Битола мора забрзано да се менува. Ќе ја забрзам легализацијата и тој процес ќе го завршам во првите шест месеци од мојот мандат. Дигитализацијата на општинските услуги и неопходниот и секојдневен контакт со бизнис заедницата ќе биде мој предизвик.  Граѓаните да не чекаат со децении за решавање на нивните предмети, за решавање на нивниот локален проблем. Да нема чекање со денови и години за да видиме развој на општината. Со граѓаните заедно да бидеме моторот кој ќе го движи градот напред.

Како го гледате „градот на конзулите“  за 4 години, доколку ви се даде довербата ? 

Искрен да бидам, Битола ја гледам како град полн со луѓе, со насмевки, со нова енергија. Град каде повторно е симбол корзото. Паметен-зелен град,  модернизиран,  дигитализиран, со јасна визија за развој во следните дваесет години. Со туристички потенцијал, со спортски потенцијал со изградена инфраструктура, град со голем број на содржини за младите но и за сите генерации, град со многу детски паркови, инклузивни паркови за деца со посебни потреби, мултимедијални културни центри, места за социјална инклузија на возрасните. Град на велосипедизмот. Град на културата. Град на претприемништвото и економија. Град кој води грижа и за младите и за старите. Град кој изобилува со потенцијал и е атрактивно место за живеење.

Б.М.

Слични содржини