Интервју со Муареми: Се вршат проверки во Финансиска полиција зошто имотот на „Трансмет“ не може да биде конфискуван

од Vladimir Zorba

Во Управата за финансиска полиција се постапува по Наредба добиена од страна на надлежен Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по која се вршат проверки, и сите тие проверки на крај ќе резултираат со исход кој ќе покаже кое е објаснувањето зошто имотот на „Трансмет“ не може да биде конфискуван, вели во интервју за „Локално“ директорот на УФП, Арафат Муареми.

Тврди дека целосно ги поддржува сите институции кои во моментот вршат проверки со цел да се утврди дали постојат било какви пропусти при конфискацијата на имотот на „Трансмет“.

Во однос на тоа дека општа перцепција на јавноста е дека одредени функционери низ годините контиунуирано успеваат неказнето „да се извлечат“ и покрај низата коруптивни скандали во коишто се замешани, Муареми нема таков впечаток.

– Говорам од позиција на директор на Управата за финансиска полиција, во која Управа се воделе и се водат постапки против актуелни и поранешни функционери и за секој исход и утврдени факти од тие постапки се известени надлежните јавни обвинителства, кои постапуваат понатаму согласно нивните надлежности, истакнува тој.

Од 2018 година, од кога е на раководна позиција, Муареми истакнува дека во Управата до надлежните обвинителства поднесени се вкупно 334 кривични пријави. Помеѓу пријавените физички лица, продолжува тој, има и актуелни и поранешни функционери, директори на државни институции, јавни претпријатија, градоначалници, министри и сл. и тоа најмногу во делот на сторени кривични дела „Злоупотреба на службена положба и овластување“

Како ја коментирате истрагата што ја водат четири институции за причините за тригодишниот застој во конфискација на имотот наТрансмет” и фактот што е објавена предистражна постапка против вас?

-Целосно ги поддржувам сите институции кои во моментот вршат проверки, се разбира секоја од нив во рамките на своите надлежности, а се со цел да се утврди дали постојат било какви пропусти при конфискацијата на имотот на правниот субјект „Трансмет“.

Кој е вашиот дел од објаснувањето зошто имотот на Кочан не може да биде конфискуван?

-Во овој момент не можам да дадам одговор на ова прашање, да оставиме на надлежните институции да ги утврдат причините за истото. Меѓу другото, и во Управата за финансиска полиција се постапува по Наредба добиена од страна на надлежен Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по која се вршат проверки, и сите тие проверки на крај ќе резултираат со исход кој ќе покаже кое е објаснувањето зошто имотот на „Трансмет“ не може да биде конфискуван.

Каде треба според Вас да се бара решението на овој проблем со кое државата конечно ќе се обештети а бројчаникот ќе ги избори 17-те милиони евра во државната каса?

-Конкретно кога зборуваме за предметот со „Трансмет“, по завршување на проверките кои ги спроведуваат надлежните институции би можеле да добиеме најрелевантен одговор на ова прашање.

Во однос на случајот „Трансмет, последните информации се дека целото досие за стечајот е во рацете на Управата за финансова полиција. Што значи тоа?

-На наше барање од страна на Основен граѓански суд до Управата за финансиска полиција  доставена е целокупната документација од стечајниот предмет како и дел од предметите кои се водат во истиот суд каде како странки во постапката се јавуваат Државното правобранителство на Република Северна Македонија и правното лице Трансмет ДОО Скопје – во стечај.  Истите во овој момент се предмет на анализа и за сите констатирани состојби ќе биде известено надлежното јавно обвинителство.

Дали пријавата за ваша инволвираност во случајот Труст фрла сенка врз постапките кои Управата за финансиска полиција ги води во моментов?

-Управата за финансиска полиција во овој момент постапува по Наредба добиена од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, истото обвинителство до кое е и доставена претставката од Државното правобранителство. Со оглед на истото може да заклучиме дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција не смета дека има конфликт на интереси, а исто така ве уверувам дека вработените во Управата во своето работење, не само во овој предмет, туку и во сите останати предмети постапуваат професионално, самостојно и без било какви притисоци.

Во контекст на пријавата, би сакал да појаснам дека надлежност на еден истражител е да презема дејствија во насока на откривање и собирање доказен материјал за докажување на основите на сомнение за сторени кривични дела и откривање на сторителите на истиот. Истражителот, согласно одредбите од Законот за кривична постапка, нема надлежност, ниту пак овластување да одлучува дали за одредени утврдени инкриминирани дејствија ќе се отвори истражна постапка или ќе се поведе судска постапка, и следствено на тоа истражителот нема надлежност, ниту овластувања да предлага или одлучува дали одреден имот за кој што постојат основи на сомнение дека потекнува од сторени инкриминирани дејствија ќе биде предмет на конфискација или не.

Општа перцепција на јавноста е дека одредени функционери низ годините контиунуирано успеваат неказнето „да се извлечат’’ и покрај низата коруптивни скандали во коишто се замешани. Треба ли се уште да веруваме дека ќе дојде до промена на ситуацијата?

-Генерално,  тоа не е мојот впечаток. Говорам од позиција на директор на Управата за финансиска полиција, во која Управа се воделе и се водат постапки против актуелни и поранешни функционери и за секој исход и утврдени факти од тие постапки се известени надлежните јавни обвинителства, кои постапуваат понатаму согласно нивните надлежности.

Сведоци сме на меѓусебни обвинувања меѓу вашата институција и Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, па оттука и дилемата какви се шансите во услови на ваква нефункционалност да се очекуваат резултати?

-Правосудниот систем согласно Законот за кривична постапка е поделен на предистражна,   истражна и судска постапка. Сметам дека секој од органите на правосудството засеганати во одделните постапки треба максимално  да се заложува и ажурно да постапува согласно своите надлежности, и само на тој начин се заштитуваат интересите на државата и граѓаните и нема да се остава впечаток во јавноста дека „одредени функционери низ годините контиунуирано успеваат неказнето „да се извлечат’’, како што самите напоменавте.

Колкав е бројот на кривични пријави кои од страна на Управата за финансиска полиција се поднесени и има ли меѓу нив звучни имиња?

-Од 2018 година, од кога сум јас на раководна позиција во Управата до надлежните обвинителства поднесени се вкупно 334 кривични пријави. Секако дека помеѓу пријавените физички лица има и актуелни и поранешни функцинери, директори на државни институции, јавни претпријатија, градоначалници, министри и сл. и тоа најмногу во делот на сторени кривични дела Злоупотреба на службена положба и овластување, Несовесно работење во службата и Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство.

Пред една година, токму за нашиот медиум го поставивте како прашање од суштинска важност носењето на Законот за потекло на имот. Дали дојдовте до посакуваните одговори во однос на докажувањето на легално стекнатиот, или во многу случаи нелегелно стекнатиот имот?

-Законот за потекло на имот е во фаза на изработка. Се надевам дека истиот ќе биде донесен за брзо време и секако дека неговото донесување е од суштинска важност како за нашето постапување, така и за постапувањето на другите институции.

Многу од скандалите поврзани со нетранспаренстна продажба на државен имот останаа без завршница. Можете ли да наведете барем некои од истрагите кои се водат токму во однос на оваа основа?

-Предистражните постапки кои се водат во Управата, согласно Законот за кривична постапка се тајни и во овој момент не би можел да споделам повеќе информации во врска со ова прашање.

Од почетокот на војната меѓу Русија и Украина, многу држави воведоа санкции во делот на замрзнување сметки и имоти на руски државјани. Дали до Управата има стигнато такво барање, од кого е иницирано и како се постапува понатаму?

-Управата за финансиска полиција, согласно Законот за кривична постапка и Законот за финансиска полиција нема овластувања да замрзнува имот и банкарски сметки.

К.В.С.

 

Слични содржини