ИНТЕРВЈУ со Пановски: Гласно треба да се каже вакцините не штитат од болеста, но ја намалуваат смртноста-ваш е изборот 

од Берта Китинска
2,3K прегледи

Антиваксерите бомбардираат со податоци. Вакциналните фанатици велат, само вакцината ќе го спречи ширењето на вирусот, со неа ќе постигнеме колективен имунитет, само вакцината ќе спречи појава на нови мутации. И сега имате 120.000 нови случаи во Британија дневно, и како луѓето да веруваат на ова!!! Место да се признае дека вакцините не штитат од ширење на вирусот, не штитат дури ни од повторна инфекција па и болест, бидејќи е очигледно вирусот и понатаму се шири, треба да се каже јасно и гласно, да така е. Вакцините за десетина пати намалуваат хоспитализација и смрт. Вакцините имаат несакани ефекти и тие се тие и тие, вели во интервју за „Локално“, микробиологот д-р Никола Пановски.

Toj напоменува дека ризикот од смртта или постковид комликации е десет пати поголем кај непрележаните и невакцинираните, несаканите ефекти се извонредно ретки , но постојат и дека секој сам треба да направи избор за тоа дали ќе прими вакцина или не.

-Особено ефект би имале овие податоци, ако се споредуваат кај ранливи категории и постари над 50 години. Форсирањето да се вакцинираат млади и деца е исто така контрапродуктивно. Едно е препорака, друго е присила, смета микробиологот.

Новото британско истражување предупредува дека постои „скриена пандемија“ односно инфекции кои се отпорни на антибиотици и дека во овој момент треба да се внимава откако ќе излеземе од ковид пандемијата да не влеземе во нова пандемија.Дали постои можност да се појави нова „пандемија“ и дали има начин таа да се спречи со оглед на големата употреба на антибиотици за време на ковидот?

Ковид 19 е вирусно заболување кај кое не е предвидена употреба на антибиотик. Точно е дека во почетокот на пандемијата, многу доктори во светотот, во паника пропишуваа антибиотик, но тоа траеше само шест месеци. Начелно, за време на ковид пандемијата, намалена е употреба на антибиотици во светот, пред се за оние подигнати во аптеките, за лекување во домашни услови. И кај нас вкупната потрошувачка на антибиотици е намалена, но енормно е зголемена употреба на два антибика, цефиксим (Панцеф) и азотромицин (Сумамед), кој некои доктори ги пропишуваат се уште, спротивно на сите протоколи за лекување на ковид во домашни услови. Кој е автор на овој ненаучен и штетен „протокол“, не се знае. Зошто и кој ги одбрал овие два лека исто така не се знае, и зошто се прифатени како непишано правило од добар дела на супспецијалисти, специјалисти и матични лекари, во „превенција“ на бактериска инфекција при Ковид, останува отворено прашање. Дел од лекарите се упорни и еве два години продолжуваат со оваа штетна практика. Реакција нема ниту од Министерството за здравство, ниту од Фондот за здравствено осигурување, ниту од МЛД, ЛКМ или Фармацетската комора. Оваа практика не постои во ниту еден протокол во светот, но постојат бројни научни трудови дека е штетна по здравјето на пациентот, финансиски го оптеретува здравствениот систем и создава отпорност на бактериите кон овие лекови и сличните на нив по состав. Во болнички услови, зголемена е употреба на антибиотици за лекување на бактериска пневмонија како компликација на Ковид 19. Се разбира тука антибиотиците се неопходни. Ние веќе 20 години се соочуваме со болнички инфекции со супербактерии, кои се отпорни на антибиотици, а тоа е посебно изразено во Медитеранските земји, каде припаѓаме и ние. Тоа се земји каде со децении некритично се ординираат антибиотици без потреба, а таква земја е и Македонија. Во овие земји многу потешко се лекуваат болничките бактериски инфекции, смртноста е повисока, баш заради тоа што се создале голем број на супербактерии, за кои е тешко да се „погоди“ вистинскиот антибиотик, ако воопшто таков постои. За разлика од нас, во Скандинавските земји, каде антибиотиците се употребуваат само таму и тогаш кога се неопходни, нивните бактерии се многу поосетливи и полесни за лекување, па и болничката смртност од инфекции е многу пониска. Начинот да се спречи оваа појава на резистенција на бактериите кон антибиотици е тие да се употребуваат само кога се потребни според протоколи, со вакцинацијата и хигиенските мерки да се намали потребата од хоспитализација итн. Овој процес е долготраен. Се очекува и пандемија од малигни и срцево мозочни заболувања, како последица на ковид пандемијата. Имено, цела година овие случаи беа запоставени, не се изведуваа превентивни прегледи редовно, па покрај инфекциите со резистентните бактерии и кардиоваскулатроните, мозочните и малигните заболувања веќе се во пораст.

Дел од граѓаните бараат од своите лекари да им препишат антибиотик „за секој случај“ или си ги купуваат на своја рака.Дали сметате дека пациентите ова го бараат од недоврба во здравствениот систем па сами си се лекуваат или постои на некој начин зависност, страв- потреба дома да се има антибиотик за „не дај боже“?

Да, така е, тоа е еден од клучните проблеми при самолекување на пациентите. Дел од тие лекови не се пијат, се чуваат како резерва. За жал, за време на пандемијава, се најдовме во обратна ситуација, пациентите да го прашуваат докторот, зошто ми давате антибиотик, кога тоа не е по протокол. Тие ги следат моите колеги и мене, читаат литература, комуницираат со своите роднини во странство и разбраа дека никаде во светотот за ковид, барем во почеток на болеста не се даваат антибиотици. За ковидот се уште нема докажан лек за домашно лекување, особено нема достапен и ефтин лек. Наместо докторот да го убеди пациентот дека нема таков лек, најчесто телефонски му препорачува антибиотик, иако и самиот знае дека се работи за вирус, па му го дава, што викате вие за „не дај боже“. Ефектот веќе кажав е, никаква корист, само штета.

Со формирањето на новата влада министерството за здравство според најавите ќе го предводи Беким Сали доктор стоматолог.Сметате ли дека се потребни нови промени во оваа министерство со оглед што нашата земја како и целиот свет е во ек на пандемија?

Само неодговорни политичари може да менуваат министер за здравство во ек на пандемија. Да не бидам погрешно сфатен, многу министри за здравство во светот поднесоа оставки не можејќи да издржат или како последица на неуспешно справување со пандемијата со цел на нивно место да дојде некој посвеж, поодмерен, некој со нови идеи. Во случајов, за жал не е така. Партијата Алтернатива, никогаш до сега не промовирала таква личност, ниту пак како партија се афирмирала со некоја програма за тоа како би се справила со пандемијата. Јас барем не сум слушнал никаква реакција од нивна страна. Значи, овде се работи за политички пазар, спасување на мнозинството во Собранието, во кој не смееше да се користи секторот здравство. Ризикот е преголем. Дај боже да грешам.

Надлежните велат вакцината е единствениот лек против пандемијата, но сепак постои скептицизам. Зошто има недоверба кај народот околу вакцинацијата против ковид 19?

Антиваксерското движење беше многу силно и пред пандемијава. Сега се засили, користејќи ги социјалните медиуми, ширејќи страв од вакцините. Наместо на ова да се одговори со факти, искрено и транспарентно, од страна на надлежните постои молк, односно целосно игнорирање на состојбата, со веќе изилитениот став, само вакцината е спас, игнорирајќи го целосно, особено во Македонија, природно стекнатиот имунитет по прележување, девалвирајќи го до степен на апсурд. Така да, имаме од една страна антиваксери, од друга страна вакцинални фанатици, а во средината уплашени и збунети граѓани. Друга работа е што кај нас граѓаните немаат доверба во институтциите на државата. Стратегијата по мене е погрешна. Имено, кога немаше вакцини, кога немаше сертификати, кога луѓето не се присилуваа на вакцина, се одеше во Србија, се преколнуваше да стигнат вакцините што побргу и тогаш вакцинацијата одеше полесно. Во меѓувреме, земјите кои први почнаа со вакцинација, Израел, Велика Британија, Данска, денес рушат рекорди по број на нови случаи. Народот е збунет. Антиваксерите бомбардираат со податоци. Вакциналните фанатици велат, само вакцината ќе го спречи ширењето на вирусот, со неа ќе постигнеме колективен имунитет, само вакцината ќе спречи појава на нови мутации. И сега имате 120.000 нови случаи во Британија дневно, и како луѓето да веруваат на ова!!! Место да се признае дека вакцините не штитат од ширење на вирусот, не штитат дури ни од повторна инфекција па и болест, бидејќи е очигледно вирусот и понатаму се шири, треба да се каже јасно и гласно, да така е. Вакцините за десетина пати намалуваат хоспитализација и смрт. Вакцините имаат несакани ефекти и тие се тие и тие. Ризикот од смрт или постковид комликации е десет пати поголем кај непрележаните и невакцинираните, несаканите ефекти се извонредно ретки, но постојат, ваш е изборот. Особено ефект би имале овие податоци, ако се споредуваат кај ранливи категории и постари над 50 години. Форсирањето да се вакцинираат млади и деца е исто така контрапродуктивно. Едно е препорака, друго е присила.

„Омикрон“ е новата „закана“ според досегашните истражувања познато е дека брзо се шири, вакцинираните не се доволно заштитени и нема некои специфични симптоми по кои се разликува од останатите мутации.Сметате ли дека ова ќе биде проблем при дијагностиката на пациените за тоа дали станува збор за ковид, настинка или можеби грип?

Па и без омикронот, и до сега, овој проблем постои. Без тестирање на почеток на болеста со молекуларен или антигенски тест и без потврда месец дена по прележување, со детекција на антитела кон вирусот, навистина, во најголем број на случаи, особено оние со полесна клиничка слика, невозожно е да се каже за кој причинител се работи. Затоа, важно е при секоја респираторна инфекција самоизолација, носење маска во присуство на други лица итн.

Вакцините за ковид во моментов кои ги имаме се заштита од основниот вирус .Дали можеби примањето на трета доза би не заштитла од нови мутации ?

Така велат и од СЗО и од други организација, но не објаснуваат како ќе не заштити третата доза, или во Израел почнуваат со четврта, ако не не заштитиле првите две. Интересно, уште не знаат дали омикронот е помалку опасен од делта сојот, а веќе знаат дека трета доза ќе помогне. Очигледно, вакцините штитат помалку од инфекција со оваа варијанта, па теоретски, логично е дека со третата доза ќе се зголеми имунитетот.

Сметате ли дека е потребно пред да се прими бустер доза да се проверат антитела?

Кога тестовите за детекција на антитела би биле бесплатни, зошто да не. За жал тие се релативно скапи, не се унифицирани, имаме огромни разлики во количината на антитела во зависност од методот и лабораторијата каде што се направени. Мој совет е оние над 50 години и оние кои имаат коморбидитети да примат трета доза без проверка на антитела, останатите по свој избор.

Во случај доколку антителата се високи дали тоа е показател дека лицето можеби меѓувреме го поминало вирусот на нога со оглед дека заштитата на вакцините трае шест месеци?

Ова може да се процени единствено ако се прават тестови во континуитет, на пример на секои три месеци и со ист метод и во иста лабораторија. Ако се направени за првпат по 6 месеци по вакцинација и се високи, можеме само да шпекулираме дали се од вакцината или во меѓувреме се зголемиле заради повторна инфекција. Има тестови кои покрај С протеинот, одредуваат антитела и кон Н протеинот, кој го нема во сите вакцини освен во Синфарм и Синовак, па ако има антитела кон Н протеинот, тоа би значело природна инфекција со вирусот.

Според податоците на Институтот за јавно здравје на 900 лица по вторпат се имаат заразено со вирусот додека пак две лица по третпат го имаа прележано коронавурсот во земјава.Дали вирусот по воториот или третпат ги напаѓа лицата кои имаат слаб имунитет или неразиваат антитела?

Оваа бројка, 20 месеци по појава на пандемијата кај нас, е толку мала, и е доказ дека прележувањето дава долг и солиден имунитет, имајќи в предвид дека од нив само 9 починале. За разлика од овој природно стекнат имунитет, бројот на комплетно вакцинирани и заразени е над 20.000, со 500 починати, а масовната вакцинација почна некаде во мај, годинава. Интересно е дека и бившиот премиер и министерот за здравство во заминување и Комитетот за имунизација, упорно тврдат дека вакциналниот имунитет е подобар од природно стекнатиот. Тие овој природно стекнат имунитет го игнорираат, бараат тие лица да се вакцинираат во рок од 45 дена по прележувањето, инаку нема да добијат сертификат. Тврдам дека природно стекнатиот имунитет кај нас, заедно со вакциналниот има клучна улога што се уште имаме стабилна епидемиолошка состојба. Секако и прележаните и вакцинираните кои се инфицираат, во најголем број се лица кај кои заради други болести имунитетот не се создал или трае пократко.

Кај повеќето пациенти кои прележале ковид 19 се појвуваат пост- ковид симптоми.Кои се причините за појава на одредени здравствени проблеми по прележувањето на инфекцијата?

Причините се многубројни и се предмет на клинички студии, па јас не сум компетентен на ова да одговорам. Вирусот ги напаѓа крвните садови, па последиците на постковид синдромот во најголем број на случаи веројатно се должат на нивното оштетување.

Сите се прашуваме дали овој вирусот ќе „исчезне“ и ќе може да функционираме како порано.Според вас дали воопшто некогаш ќе заврши пандемијата или ќе мора да се научиме да живееме со неа?

Очекувам пандемијата да заврши годинава, пред се благодарение на омикрон варијантата кој многу брзо ќе ја опфати целата планета, заради многу брзото нејзино ширење. Вирусот не очекувам да исчезне, поверојатно е да остане како сезонска болест која ќе трае низ целата година, но ќе се засилува во студените месеци, а поголеми епидемии би давала на секои две до три години, кога ќе опадне стекнатиот имунитет кај населението и/или кога ќесе јави нова мутација која делумно ќе го заобиколува имунитетот.

Б.М.

Слични содржини