Извонредна туристичка сезона во Охрид со успешност која ги надмина дури и најоптимистичките очекувања. Во услови на исклучително висока исполнетост на хотелските и домашните капацитети веќе се подготвуваат пресметките, а тие покажуваат дека приходите во секторот годинава ќе бидат значителни ако се земат предвид досегашните бројки.
За значењето на овие средства кои преку наплатата на туристичката такса се насочуваат кон локалната економија на Охрид и градската каса, во интервју за „Локално“, зборува градоначалникот Кирил Пецаков.
„Во првиот квартал од 2024 година на име туристичка такса, наплатата изнесува 1.149.814 денари. Споредбено изминатите години на годишно ниво се бележи зголемување на наплатата. Туристичкиот промет во 2023 година е 20.221.832 денари, додека во 2022 година 17.498.585 денари“, вели Пецаков.
Дополнува дека средствата собрани од туристичката такса се реинвестираат и во Програмата за развој на туризмот и во проекти за поддршка на оваа водечка стопанска гранка.
„Во изминативе години научивме многу и презедовме бројни мерки за подобрување на туристичката понуда во Охрид“, вели, наведувајќи како примери проекти за модернизација на инфраструктурата како и зголемување на квалитетот на услугите.
Идните стратегии во насока на развој на туризмот во Охрид ќе бидат насочени кон одржлив развој и привлекување на нови пазари, со фокус на екотуризмот, алтернативната понуда и културниот туризам.
На средина на туристичката сезона во Охрид, дали веќе можете да направите проценка за нејзината успешност? Колку е градот задоволен од посетеноста, и дали се потврдија претходните проекции за речиси 100 процентна исполнетост на хотелските капацитети? Од кои земји е најголем бројот на туристи и колкави приходи очекувате во секторот?
-Во моментов, проценките за успешноста на туристичката сезона во Охрид се многу позитивни. Имаме висок степен на исполнетост на хотелските капацитети и секако во приватниот сектор. Во моментот е шпицот на сезоната па очекуваме да се бара место повеќе за сместување и престој во периодот што ни претстои. Секако дека сме задоволни од посетеноста која е во согласност со претходните проекции за исполнетост. Најголем број на туристи доаѓаат од Холандија, Турција, Полска, Србија, но и од други странски земји. Тука во голем број ги имаме и домашните гости, особено помладата популација. Очекуваме значителни приходи во секторот, што ќе придонесе за локалната економија и развој.
Какво е генерално значењето на туризмот за градот, односно колкав процент се слева во градската каса?
-Туризмот е една од водечките стопански гранки и има огромно значење за локалната економија и значително придонесува кон градската каса со наплатата на туристичка такса. Во првиот квартал од 2024 година на име туристичка такса изнесува 1.149.814 денари. Споредбено изминатите години на годишно ниво се бележи зголемување на наплатата. Туристичкиот промет во 2023 година е 20.221.832 денари, додека во 2022 година 17.498.585 денари.
Стратегијата во туризмот е многу пати повторувана тема, но прашање е колку научивме и реализиравме, особено кога станува збор за Охрид како наша најпосакувана дестинација?
-Во изминатите години, научивме многу и презедовме бројни мерки за подобрување на туристичката понуда во Охрид. Реализирани се неколку проекти за модернизација на инфраструктурата, како и зголемување на квалитетот на услугите. Идните стратегии се насочени кон одржлив развој и привлекување на нови пазари, со фокус на екотуризмот, алтернативната понуда и секако културниот туризам. Би сакал да напоменам дека во последниот период креиравме и нови забавни содржини кои го привлекуваат вниманието на гостите.
Колку изнесуваат инвестициите во туризмот и маркетингот за Охрид? Колкав дел издвојува централната, а колкав локалната власт?
-Средствата собрани од туристичката такса се реинвестираат во Програмата за развој на туризмот за проекти и активности за поддршка на туристичката сфера. Инвестициите во туризмот и маркетингот за Охрид се значителни. Тие се користат за подобрување на инфраструктурата, промоција на Охрид како туристичка дестинација и организирање на различни културни и спортски настани.
Дали и какви неправилности засега има утврдено туристичката инспекција? Туристи и жители на Охрид се жалат дека како туристички водичи работат странци кои не ја познаваат македонската историја.
-Во екот на главната туристичка сезона, Туристичката инспекција во рамки на Одделението за инспекциски надзор при Општина Охрид има зголемен обем на работа и покрај редовната контрола на туристичките објекти, редовно се контролираат и туристичките водичи, кои водат организирани групи гости. Во последниот период, како дел од теренските активности, во повеќе наврати туристичките инспектори констатирале непочитување на Законот за туристичка дејност и нелиценцирани туристички водичи, кои водат групи на разглед во Охрид. Со цел да се спречи ваквата појава и да се избегне изрекување на казни, се упатува апел до сите странски туроператори, домашни туристички агенции, сместувачки капацитети и други туристички чинители, кои носат туристички групи на разглед на археолошките локалитети и другите знаменитости во Охрид, задолжително да користат услуга од лиценциран туристички водич. Се очекува од сите вклучени во туристичките дејности да работат согласно законските прописи со цел да се зачува имиџот на Охрид како атрактивна туристичка дестинација.
Заемот од Унгарија и неговата распределба на општините според премиерот Мицкоски ќе се распределува според бројот на жители, односно по 50 евра по глава на жител. Дали треба да бидат вклучени и други критериуми при распределбата на средствата за да се обезбеди рамномерен развој на општините?
-Ние работиме во интерес на граѓаните, поаѓајќи од фактот дека потребно е да се земат во предвид и економските потреби на општините, нивниот развојен потенцијал и тековните проекти. На тој начин ќе се обезбеди порамномерен развој и ќе се поддржат општините со најголема потреба од инвестиции.
Кои се приоритетни проекти кои во моментов се работат, а кои се проектите за кои планирате да аплицирате? Дали веќе ја подготвувате документацијата?
-Моментално работиме на неколку приоритетни проекти во делот на модернизација на сообраќајната инфраструктура, водоводната и канализационата мрежа, изградба на нови спортски капацитети, детски игралишта, партерно уредување и слични активности. Во исто време, подготвуваме документација за аплицирање на проекти за подобрување на комуналните услуги за граѓаните. Целта е да се обезбедат средства за идни проекти кои ќе го унапредат квалитетот на живот во Охрид.
Како течат подготовките за вториот Ohrid Water Festival и за Охридско лето? Дали ги започнавте подготовките за традиционалниот пливачки маратон? Колку пливачи го потврдија своето учество и колкав награден фонд обезбедивте?
-Охридско лето како една од најважните сценски манифестации кај нас е веќе на половина од овогодинешната програма. Во наредниот период, како и до сега ќе имаме можност да погледнеме низа прекрасни концерти и проекти од драмската програма. Подготовките за Ohrid Water Festival се во полн ек. Второто издание на манифесатцијата ќе се одржи од 23-ти до 31-ви август 2024 година. Целта на фестивалот е популаризација на водените спортови на Охридското Езеро и промоција на уникатните потенцијали со кои располага Охрид како најголем туристички центар во Република Македонија. Веќе е подготвена детална програма со 20 спортски настани кои верувам дека ќе донесат незаборавно доживување за учесниците и ќе го привлечат вниманието на публиката. Покрај сите традиционални натпревари и настани, круна на целата манифестација ќе биде Охридскиот пливачки маратон кој ќе се одржува на 31-ви август. Се уште немаме точен податок на пријавени учесници, кога ќе ги имаме информациите тие навремено ќе бидат споделени со јавноста.
Како пропратен дел на спортските настани, предвидена е и богата социјално-едукативна програма која вклучува низа интересни и забавни содржини кои ќе го привлечат вниманието на публиката. Во забавниот дел на фестивалот предвидени се изложби, презентации и неколку музички концерти. Сите настани од социјално-едукативниот дел на фестивалот ќе се одвиваат пред платото на хотелот „Палас“. Оваа можност ја косистам и да упатам покана до сите љубители на спортот и добрата забава да бидат дел од Ohrid Water Festival.
К.В.С.