Увозот на работници од Непал, Пакистан и Бангладеш не го реши проблемот со недостиг на работна рака во градежниот сектор. Од синдикатот за градежништво велат дека платите се потпросечни што го прави секторот исклучително неатрактивен и за студентите и за работниците.
Претседателот на овој синдикат, Иван Пешевски вели дека за прв пат лани бројот на работници во овој сектор паднал под 50 000.
„Голем дел од работниците не заминале од една во друга компанија, туку се заминале од државата. Тоа е поразителна бројка за држава како нашата имајќи предвид дека властите се закануваа дека ќе увезуваат работници. Она што го гледаме на терен не е дека тие увезени работници се далеку попродуктивни туку недостигот од работна сила се обидуваат вака да го надокнадат, но слабо им оди. Одредени работодавачи почнуваат да се освестуваат, плаќаат повеќе но мислам дека е веќе доцна затоа што тие што веќе заминале не се враќаат во Македонија за некој денар повеќе“, вели во интервју за „Локално“, Иван Пешевски.
Лоцирајќи ги причините за ваквата состојба, ги посочува примерите со проектите на „Бехтел и Енка“ и Синохидро.
„Домашните компании да ја земеа работата од 1,3 милијарди евра, ќе имаше работа за сите компании за следните 10 год. Преку 90 % од колачот што се двои за градежништво, завршува во странски компании и затоа домашните фирми не можат да го задржат тој број на работници. Наместо да е главен двигател на економијата и БДП-то како во минатото, сега излезе дека во градежништвото пари има само за газдите но не и за работниците. Тоа е поразително за една држава бидејќи утре ќе нема кој да ја гради домашната економија“, објаснува Пешевски.
Оценувајки ги како несериозни разговорите меѓу Комората и Владата за укинување на неделата како неработен ден, и изјавите дека нема пари за зголемување на платите, Пешевски вели дека за сите проблеми ќе ја запознаат Европската конфедерација на синдикати а ако состојбите не се сменат, не ја исклучува можноста од октомври да организираат штрајкови низ државата.
Стопанската Комора уверува дека се е подготвено за работа по еврокодови во градежништвото.Според најавите промената треба да стартува од 1 Септемрви. Што во пракса ќе значи тоа од аспект на работниците и од аспект на реализација на планирани проекти?
-За еврокодовите тоа ништо во пракса не значи за работниците.Тоа треба како обврска да си го обезбедат компаниите и да го испочитуваат законот за градба. Нашите градежници во моментов работат далеку од потпросечна плата како во високоградба така и во нискоградба. Ако ги видиме бројките статистички 29. 000 денари е платата во нискогрдба а 31. 000 денари во високоградба. Поради ниските плати минатата година за прв пат бројот на работници во овој сектор и статистички падна под 50 000 што значи дека голем дел од работниците не заминале од една во друга компанија, туку се заминале од државата. Тоа е поразителна бројка за држава како нашата имајќи предвид дека властите се закануваа дека ќе увезуваат работници. Она што го гледаме на терен не е дека тие увезени работници се далеку попродуктивни туку недостигот од работна сила се обидуваат вака да ја надокнадат, но слабо им оди, бидејки увезените работници не работат за 500 евра плата.
Какви се состојбите во пракса, колку работници увезовме а колку од нив сеуште работат како градежници?
-Квотите беа до 5000 странски работници годишно, сега се минимално зголемени, но од друга страна тие работници земаат 500-550 евра плата. Може ги привлекува тоа што работодавачите им обезбедуваат храна и сместување па платата им останува чиста.Тоа е особено добра сума работници од земји како Непал и Бангладш но забележуваме дека и тие работници си заминуваат од Македонија. Ние сме им попатна станица кога ќе видат дека и со таа плата не можат да го поминат месецот. Од друга страна имавме голем број градежници ангажирани во центарот на Скопје и работеа на црно на градилиштето на Лимак. Требаше да се случи повреда на работник со смртен исход за да влезе трудовиот инспекторат и да констатира дека таму има работници на црно. Можеби турските работници се поплатени од оние што доаѓаат од третиот свет, но и тие имаат работници кои се технички и инженерски кадар. Платите што се нудат за ваков вид кадар во европските земји се над 3000 евра и затоа нашите работници си заминуваат од тука.
Ги побаравме бројките и од Агенцијата за вработување но не ги добивме иако податоците за регистрирани работници, Агенцијата мора да ги има. Не се голема бројка и повеќето беа во угостителство и туризам, а последните и во текстилниот сектор. За градежништвото немаме информации за други работници освен за тие од Турција и Албанија. Со Коридорите на Синохидро беа ангажирани албански работници преку албанска компанија а во вискоградбата имаме турски работници. Заканите за проектите на “Бехтел и Енка” беа во насока на тоа ако нема домашни работници, ќе се увезуваат од Непал, Бангладеш и Пакистан но немам информација дека такви се пристигнати за да работат во градежништвото.Од друга страна најголемата болка за нашиот сектор беше што оваа работа се дава на странски инвеститор а не на домашни компании. Домашните компании да ја земеа работата од 1,3 милијарди евра, ќе имаше работа за сите компании за следните 10 год. Преку 90 % од колачот што се двои за градежништво, завршува во странски компании и затоа домашните фирми не можат да го задржат тој број на вработени или да им ги зголемат платите, па мораат да ги отпуштаат, а тие потоа си заминуваат од државата.
Споменавте дека Комората веќе разговарала со Владата за укинување на неделата како неработен ден. Дали беше синдикатот повикан?
-Најпрво мора да кажеме дека сме разочарани што Стопанската Комора преговараше со Владата за укинување на недела неработен дел а се мислеше особено на градежништвото. Комората преговараше без синдикатот. Имаше средба со премиерот и за нас такво нешто е многу несериозно.Во ситуација кога преговарате за подобрување на услови за работа и зголемување на плати, враќаме некое обезбедено право од работен однос кое не пречеше на никого и не ги намали профитите на компаниите, да повторно луѓето гинат на градилишта во недела. Тоа е навистина многу несериозно а второ кога го водиме социјалниот дијалог со Владата, од другата страна седат работодавачите, а не Комората.
Работата на градежниците на пеколни горештини го отвори прашањето за дневниците на овие работници и заштитата при работа. До кога само ќе се препорачува а не забранува работа на отворено во портокалова и црвена фаза? За колку пари работниците горат по градилиштата и патиштата?
-Најголем проблем е што сите препораки на Владата се на ниво на препораки. Треба да не се работи на отворено во портокалова фаза но тоа не е уредено на ниво на закон и на тој начин препораката да стане морална обврска. Затоа голем дел од работодавачите ја прекршуваат препораката и ги тераат луѓето да работат од 11 до 17 часот на отворено. За колку пари градежниот работник гори на градилиштата?, според нас тоа не е повеќе од 2000 ден на ден но голем дел од работниците во високоградбата, им даваат плата на работниците на рака со што ја поткопуваат нелојалната конкуренција кај оние кои сакаат да го испочитуваат Законот и Колективниот договор. Можеби тој на високоградба добива плата и до 1000 евра но тоа не го гледаме ни ние ни државата бидејќи тие пари не се оданочени ниту пак на тој работник му се пресметуваат придонеси на таа плата. Од тие причини многу луѓе доработуваат на приватно поради ниските плати или во проценти, над 40 % од работниците работат на црно или во сивата економија.
Во 2022 година, 12.000 работници си заминаа од Македонија и тоа само од секторот градежништво. За лани немаме податоци но имајќи предвид колку автобуси заминуваат секој ден од државава, бројката мислам дека е исто толкава. Ако се знае дека бројката на иселени за пет години е 65. 000, тогаш тоа е нависина многу. Се бараат работници, но секторот станува неатрактивен затоа што за вакви плати, младите не сакаат да работат тука, туку заминуваат.Се намалува бројот и на запишани ученици и студенти на овие струки, на градежен факултет, на архитектура. Проблем е што се нудат неатрактивни плати а има високоризични работни места кои заслужуваат повисоки плати заради специфичните услови за работа, бенефициран стаж што го немаат и ред други работи што како синдикат веќе сме ги барале. Одредени работодавачи почнуваат да се освестуваат, плаќаат повеќе но мислам дека е веќе доцна затоа што тие што веќе заминале не се враќаат во Македонија за некој денар повеќе, во ситуација кога земаат за 3-4 пати повеќе пари во Австрија и Германија. Тие што имаат јазични бариери или се повозрасни, не ни одат дотаму, туку заминуваат на работа во Црна Гора, Србија или Хрватска каде земаат двојно повисоки плати од тука.
Се најде решение за арбитражната постапка за автопатот Кичево- Охрид, арбитража надвиснува над договорот со Бехтел-Енка а дополнително се проблематизира трасата Гостивар- Букојчани. Што е потребно за да се решат наталожените проблеми во секторот?
-Тоа се проблеми на работодавачите но тешко на градежните работници со оваа власт и овие договори затоа што за голем дел од парите што се одлеале, не видовме на терен дека нешто се сработило. Претпоставуваме дека најголемиот криминал што може една држава да го направи или да испере пари е токму во секторот градежништво. Наместо да е главен двигател на економијата и БДП-то како во минатото, сега излезе дека во градежништвото пари има само за газдите но не и за работниците. Тоа е поразително за една држава бидејќи утре ќе нема кој да ја гради домашната економија. За нас беше и е најважно да се даде работа на домашните компании но изминативе денови се немаше слух тоа да се направи.
Дали Ви влеваат надеж ветувањата на Владата дека нема да дозволи уште еден проект кој ќе создаде проблеми од типот на автопатот Кичево- Охрид?
-Со ништо новата Влада не ни влева надеж. Можеби е рано, не поминале првите 100 дена, но уште во првите денови сме разочарани од изјавите и на премиерот и на министрите како гледаат на условите за работа и можноста за зголемување на платите. Велат дека немало пари за поголеми плати што ќе биде дополнителен проблем и за синдикатите и генерално за сите работници и во приватниот и во јавниот сектор. Ние веќе реагиравме и во септември ќе имаме претставник на Европската конфедерација на синдикати пред кого ќе бидат образложени сите проблеми со кои се соочуваат работниците во Македонија. Тоа, како единствен репрезентативен синдикат, можеме да го направиме и верувам дека Владата дотогаш нема да има време да се поправи или да се направи чудо и да им помогне на работниците. Со тоа ќе бидеме приморани, ако не во септември, тогаш од октомври да правиме генерални штрајкови на ниво на цела држава.
К.В.С.