Интервју со Рафајловски: Одлуката на РКЕ за цената на струјата нема да предизвика голем удар врз потрошувачите и ќе ја задржи социјалната стабилност

од Vladimir Zorba

Цената што ја понуди АД ЕСМ за произведената електрична енергија од 48 евра за мегаватчас е очекувана, вели за „Локално“ професорот Горан Рафајловски. Ова според него е единствен начин да се излезе во пресрет на потрошувачите и стопанството што впрочем како што вели е политика на сите останати држави во светот кои на овој или оној начин ја субвенционираат разликата во цената на електричната енергија.

„Не може секоја одлука на Владата да се дочекува како на нож и ад- хок критички да настапуваме. Владата е задолжена да ги штити нашите интереси и интересите на стопанството. Во оваа ситуација имаме предлози за покачување на цената на електричната енергија но тоа барање не е така големо за да предизвика бран на незадоволство и потешкотии во стопанството.Субвенционирањето од страна на Владата е нормален процес”, вели тој.

Рафајловски кој подолго време работи во Германија го посочува и примерот во оваа земја каде жителите се комплетно свесни за кризата со енергенсите и солидаризираат со мерките што нивната влада ги презема колку и да се тие ригидни.

Во однос на праксата зошто македонската јавност не го споделува истиот степен на разбирање со надлежните институции, Рафајловски објаснува дека станува збор за различни системи на вредности за мотивите за влегување во политиката.

„Во Германија граѓаните им даваат потполна доверба на избраните политичари бидејќи нивната мотивираност е да служат на народот. Кај нас состојбите се поинакви.На изборите, се кандидираме за да набрзина се збогатиме и да си ги решиме проблемите што е погрешен пристап кон политиката. Тоа води кон незадаволството. Тоа е затворен круг на незадоволство меѓу граѓаните и извршната власт,тоа се изместени системи на вредности кои водат до вакви проблеми што е суштинската разлика меѓу нас и да речеме Германија“, дециден е Рафајловски.

АД ЕСМ понуди цена на произведена електрична енергија од 48 евра за мегаватчас за периодот јули-декември 2022 година што е за 17% повеќе од првите шест месеци од годинава. Компанијата одлуката ја правда со високите цени на енергенсите на глобално ниво како и нивната недостапност. Што мислите Вие, дали е реална оваа цена или се работи за ниска корекција која  како што вели дел од јавноста, ќе биде политичка одлука?

-Во суштина цената е ниска и не одговара на европските прилики во однос на понудата и побарувачката на електричната енергија. Но проценките на добар дел од јавноста се коректни, се работи за мала цена и се претпоставува дека државата, за да го зачува социјалниот мир и да го заштити стандардот на граѓаните, ќе интервенира со субвенции.Кога има енергетска и економска криза на различи нивоа,воен конфликт меѓу Русија и Украина, насекаде се зголемуваат резервите на енергенси. Многу држави активираат заштитни механизми, како што тоа на пример го прават Германија, САД, кога директно се нтервенира од буџетот  а истото го правиме и ние.Не може секоја одлука на Владата да се дочекува како на нож и  ад хок критички да настапуваме. Владата е задолжена да ги штити нашите интереси и интересите на стопанството.

Во оваа ситуација имаме предлози за покачување на цената на електричната енергија но тоа барање не е така големо за да предизвика бран на незадоволство и потешкотии во стопанството.Субвенционирањето од страна на Владата е нормален процес. Владата раководи со буџетот и во вакви ситуации, механизмот, алатката за интервенции е во нејзините раце.Секоја Влада така постапува.Ние како зрело општество, избираме лидери, луѓе кои на одржлив начин ќе знаат да се справуваат со настанатите проблеми во општеството.Мислам дека е во ред, во однос на состојбите со кризи од секаков тип, недостиг на електрична енергија и инфлација,да се прават интервенции од буџетот како што би се направило при ново зголемување на цената во рамки во кои тоа може да го издржи нашата економија и потрошувачите.

Ќе успее ли АД ЕСМ да ги обезбеди вкупните количини на електрична енергија кои му се поребни на ЕВН Хоме и да го зголеми производството за 20 % ?

-Немам дилеми дека АД ЕСМ ќе успее да ги задоволи потребите на граѓаните, малите потрошувачи и да ги покрие техничките загуби во системот.Во случај тоа и да не се случи, ЕВН ќе си ги обезбеди потребни количини електрична енергија преку други трговци на слободниот пазар.Но тоа што е договорено меѓу двете компании мислам дека ќе успеат да го остварат како ветување.

Од каде го црпите ваквиот оптимизам ако се знае колкави се инвестициите во енергетиката и какви се состојбите со хидроакумулациите?

-РЕК Битола работи со два блока, а ако погледнете во хидроцентралите, состојбата е прилично добра.Оптимизмот е од тука.Можеме да покриеме дел од сопствените потреби а другиот дел како и досега, ќе сеобезбедува од увоз на електрична енергија и тоа не е страшно.

Регулаторната комисија за енергетика се очекува во следниве два-три дена да ја формира цената на електричната енергија за потрошувачите откако сите енергетски компании ги доставија своите пресметки, анализи и барања. Што мислите колку од трошоците на енергетските компании ќе признае регулаторот?

-Енергетските компании тргнуваат од своите трошоци. И сигурно во пресметките одат со повисоки коефициенти. Улогата на регулаторот е од една страна да ја промовира конкурентноста и слободниот пазар, а од друга страна да ја заштитува и фундаменталната куповна моќ на потрошувачите и да не дозволи индиректно неконтролирана инфлација. Во вакви моменти Регулаторот има огромна одговорност. Верувам дека со едно компромисно решение ќе се овозможи енергетска стабилност на системот што ја бараат компаниите и социјален баланс што го бараат граѓаните односно потрошувачите. Регулаторот, колку што се сеќавам, рече дека покачувањето е некаде околу 10 % во крајната сметка, што нема да предизвика голем удар врз куповната моќ на крајните потрошувачи а со тоа ќе се задржи социјалната стабилност во општеството.

Проблемот со снабдување со енергенсите е глобален.Вие сте подолго време во Германија, па како таму јавноста ги прима ваквите состојби за разлика од кај нас? Имаат ли германците разбирање за ваквите состојби и поголема верба во институциите во однос на тоа како се справуваат со енергетската криза?

-Германскиот министер за економија и животна средина пред некој ден рече дека ако нема доволно гас оваа зима, ќе мора да се носат тешки одлуки.Како илустрација на состојбата во која сите се наоѓаме, рече дека се тушира пократко време од вообичаеното и дека носењето чорапи и џемпери во зима е секогаш добра идеја. Инаку да напоменам, дека министерот Хабек во моментов има најголем рејтинг.

Германското општество се соочува со енергетска криза и му се заканува недостиг на гас доколку испораките од Русија останат на сегашното ниско ниво, но секој поединец е подготвен да даде свој придонес и да покаже солидарност, да манифестира ефикасност во потрошувачката.Во Германија граѓаните им даваат потполна доверба на избраните политичари бидејќи нивната мотивираност е да служат на народот. Кај нас состојбите се поинакви. На изборите, се кандидираме за да набрзина се збогатиме и да си ги решиме проблемите што е погрешен пристап кон политиката. Тоа води кон незадаволството. Тоа е затворен круг на незадоволство меѓу граѓаните и извршната власт,тоа се изместени системи на вредности кои водат до вакви проблеми што е суштинската разлика меѓу нас и да речеме Германија. Издвојувањата што во вид на субвенции се прават од буџетот и инвестициите треба да се приоретизираат.

Во суштина тоа и досега се прави меѓутоа нашата држава е многу кревка во смисла на вредности, независност на законодавната и извршната власт. Ние како народ треба да имаме трпение и доверба кон тие што ја  водат државата.Ако сите ние имаме искрен пристап кон другите , кон општеството и кон самите себеси,тој пристап ќе ги натера политичките лидери да се подобрат во своето раководење. Јапонија е зависна во однос на енергенсите но вели, нашиот капацитет се луѓето односно она што луѓето ќе можат да го создадат. И тоа е најважното нешто што го води општеството и економијата напред.

К.В.С.

Слични содржини