Интервју со Салковски: „Златна рамка“ е отчет за сработените филмови во изминатата календарска година

од Vladimir Zorba
477 прегледи

Петтото издание на „Златна рамка“, ревија на македонски филмови во организација на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ), ќе се одржи од 20 до 22 април во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар и Кинотека на Македонија. Оваа година, манифестацијата е планирано да понуди вкупно 13 филмски остварувања од минатогодишната продукција, од кои три долгометражни филмови, три документарни и седум краткометражни филмови.

По повод петтото издание на „Златна рамка“, како и за актуелните состојби во филмската дејност кај нас разговараме со Генералниот секретар на Друштвото на филмските работници на Македонија, филмскиот продуцент Томи Салковски.

Што претставува филмската манифестација „Златна рамка“? Која е нејзината главна цел?

-Друштвото на филмски работници како основач и организатор на оваа манифестација има за цел пред јавноста да ја презентира севкупната продукција во изминатата календарска година како отчет за сработените филмови поддржани од Агенцијата за филм. Тоа не значи дека овие филмови се снимени во таа година, туку тогаш имале своја премиера. „Златна рамка“ настана поради фактот што најголем број од домашните филмови не се прикажуваат на редовен репертоар во кино салите и ова е одлична можност да се претстават пред нашата публика. Ваквиот начин на ревијално претставување на националната кинематографија се практикува насекаде во светот и е дел од поддршката и едукацијата на домашната публика за сопствената кинематографија. Исто така, публиката ќе има можност да ги проследи филмовите заедно со дел од авторите кои ги создале и да учествува во дискусиите што се предвидени после секоја програма.

Што ќе може да погледне публиката на петтото издание на „Златна рамка“?

-Во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар и во Кинотека на Македонија ќе бидат прикажани филмови од најновата македонска долгометражна, документарна и краткометражна филмска продукција реализирани минатата година со поддршка на Агенцијата за филм. Љубителите на филмот, од 20 до 22 април ќе имаат можност да ги погледнат долгометражните остварувања „Снежана на крајот умира“ во режија на Кристијан Ристески, „Мими“ на Даријан Пејовски и „Најсреќниот човек на светот“ во режија на Теона Стругар Митевска, како и документарните филмови „How do you define arrogance“ режиран од Небојша Илијевски, „Фениксот од Кавадарци-Васил Хаџиманов“ во режија на Мишо Нетков и „Звукот на тишината“ на Анастасија Лазарова. Краткометражната програма ќе се одвива во Киното „Фросина“, во рамките на која, во петок, на 21 април ќе бидат прикажани „Тале и Корона“ во режија на Томислав Алексов, „Само ѓаволот се плаши од вода“ на Лидија Мојсовска и „Обичната Ели“ режиран од Лавинија Софрониевска. На 22. Април (сабота) ќе бидат прикажани „Синиот час“ во режија на Ана Јакимска, „Си беше еднаш еден звук“ на Огнен Шапковски, „Бесценета“ режиран од Дејан Јиованов и „Соло Мод“ во режија на Тамара Котевска. Сите проекции се бесплатни за посетителите, кои воведно ќе имаат можност и да се сретнат со дел од авторите од филмските екипи што ќе присуствуваат на овие проекции.

Покрај ревијата на филмови од македонската продукција, кои други настани можеме да ги очекуваме во рамките на годинашната „Златна рамка“?

-Во рамките на „Златна рамка 2023“, покрај ревијата на македонски филмови од изминатата година, ќе биде одржано и редовното годишно собрание на ДФРМ, на кое ќе биде избран директорот на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ за период од две години. Покрај тоа, Друштвото на филмски работници на Македонија ќе ги додели и традиционалните почесни награди „Златна рамка“.  Добитник на наградата филмски автор годинава е Емилија Ивановска Атанасовска, признанието филмски работник ќе му припадне на Драги Јанчев – Црни, додека наградата филмски актер ја добива Камка Тоциновски.

Во рамките на јубилејното петто издание на „Златна рамка“ ќе продолжите со спроведувањето на социјалната програма „Фокус“. За каков тип на придружна програма се работи и зошто повторно одлучивте за ваква програма?

-„Водени од мотото „ако вие сте спречени да дојдете на филм, ние филмот ќе го донесеме кај вас“, и оваа година на „Златна рамка“ ќе бидат организирани проекции во рамки на установи и институции каде што живеат или престојуваат лица што не можат да одат во кино, ниту да посетат филмски фестивал или друг вид на настан. Оваа година бесплатни проекции ќе има во Казнено-поправниот дом „Шутка“, Домот за стари лица „Мајка Тереза“ и Студентскиот дом „Гоце Делчев“. ДФРМ верува дека филмската уметност и нејзината повеќекратна семантичка димензија е благороден начин на комуникација и можност за подобрување на животот и на оние луѓе кои судбината од различни причини ги ограничила во нивното движење, дејствување и желба за социјална интеграција“, посочи Салковски.

Покрај тоа што сте филмски продуцент, ја извршувате и функцијата Генерален секретар на ДФРМ. Кои се Вашите активности како друштво?

-Основните цели на Друштвото се остварување и заштита на правата и интересите на македонските филмски професионалци кои делуваат на територијата на Македонија и во странство, како и обезбедување континуиран развој на филмската дејност, стимулирање и унапредување на филмската професија, промоција на филмската уметност и култура. ДФРМ се залага за стандарден буџет за филм и се фокусира на редефинирање на моделите за финансирање во филмската дејност во државата. Како друштво веќе подолго време се бориме за донесување на нов Закон со кој би се стандардизирал националниот буџет за филм и конечно би се решил статусот на филмските работници во државата.

Покрај тоа Друштвото е иницијатор, основач и организатор и на филмската манифестација „Златна рамка“ која претставува увид и приказ на реализираните македонски филмови во една календарска година финансирани од буџетот на РСМ, а ДФРМ е и иницијатор, основач и организатор на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.

Редакција Локално

Слични содржини