Интервју со Серафимовски: Најавената градежна експанзија во март е последна надеж за овој сектор

од Vladimir Zorba
1,K прегледи

Рекордниот буџет и предвидените средства за капитални инвестиции, го разбудија оптимизмот кај градежниците. Очекуваат подобра година за градежништвото, во која домашните градежни компании ќе бидат главни носители на развојот и враќање на вработените во секторот.

„Се надеваме дека најавените инвестиции ќе отпочнат што поскоро и дека од март следната година ќе може да имаме експанзија, бидејќи градежниците немаат време  за чекање”, вели во интервју за „Локално“, Андреа Серафимовски од Здружението на градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали.

Градежниците очекуваат исполнување на ветувањата дека македонските компании ке бидат ангажирани на коридорите 8 и 10 под услови еднакви со тие на главниот изведувач но и со ангажираност во над 51% од работите. Во спроивно вели Серафимовски, би добиле пад и загрозување на целото градежништво.

„Тоа се двете можни сценарија, односно две крајности – или ќе го развиеме градежниот сектор или ни се заканува згаснување на капацитетите. Ние се надеваме на првото. Единствен начин работниците да останат во Македонија, е да се зголеми реализацијата на компаниите и да се овозможат подобри цени на капиталните проекти со што ќе се овозможат и подобри плати за работниците“, дециден е тој.

Причините зошто градежништвото е во лоша состојба ги лоцира во погрешните чекори и стратегија во изминатите неколку години.

„Немаше визија на пример, дека треба да се заложиме да се зголеми бројот на вработени во секторот и затоа сме во ваква ситуација. Логичен след на настани е тоа што не е завршено, да се заврши. И за ФИНКИ, и за НБРМ и за други проекти.Крајно време е, вели Серафимовски, да си ја пронајдеме во себе општествената одговорност која не е помала од личната одговорност, ниту од кариерната со цел да створиме општество подобро за сите“, подвлекува Серафимовски.

Предлог Буџетот е усвоен, најавени се големи инвестици во градежништвото. Дали препознавате тронка оптимизам дека ќе има промени?

-Најавените инвестиции за следната година со почетокот на градежната сезона од март, ги очекуваме со нетрпение и оптимизам. Поминавме тешка година. Заради изборите многу од јавните набавки не беа распишани, плановите во градежништвото не беа реализирани и сите застои што ги имавме на објектите како резултат на повеќегодишни проблеми, не се решаваа.

Поради тие причини, градежниците изгубија многу од својот капацитет. Градежните компании имаат значаен потенцијал, меѓутоа минатата година голем дел од нивниот капацитет не беше искористен, со оглед на намалениот обем на изедени работи. Ако на ова се додаде дека и многу од општинските јавни набавки не беа распишани, вклучувајќи го тука и Градот Скопје кој претходно беше носител на значаен дел од јавните набавки и ротор во градежништвото, можеме да кажеме дека на градежниците не им останува ништо друго освен да бидат големи оптимисти.

Рекордниот буџет и предвидените средства за капитални инвестиции (иако не сме детално запознаени со конкретните проекти за кои истите се предвидени), кај нас влева голема надеж дека може да очекуваме подобра година за градежништвото. Особено значајни за нас се и изјавите на владините претставници и во предизборието и по него, дека ќе се води грижа за домашното градежништво, односно дека домашните градежни компании ќе се главни носители на развојот, поради што може да очекуваме дека оваа стопанска гранка ќе се врати на нивоата  каде што беше пред 6-7 години.

Се надеваме дека најавените инвестиции ќе отпочнат што поскоро и дека од март следната година ќе може да имаме експанзија, бидејќи градежниците немаат време  за чекање. Останува зимава да се потрудат на свој грб да ги поднесат трошоците и да се справат со моменталните состојби, со надеж дека  од март ги очекува подобра градежна сезона и промена на досегашните практики што ќе придонесе градежништвото пак да биде двигател на домашната економија со учество во БДП од 7% и да ги врати вработените во секторот кои некогаш надминуваа 55.000 работници.

Договорот со Бехтел и Енка покажа дека перцепциите можат да се менуваат во зависност од тоа дали сте опозиција или власт. Се затвора ли навистина Коридорот прво како политичка тема, но пред се како еден од досега најголемите  проекти во рамки на патната инфраструктура?

-Она што ги интересира градежниците и како тие го гледаат овој проект, е познато. Проектот ние не го гледаме  од политички, туку само од градежен аспект. Тој може  да доведе до две сценарија, односно две крајности.

Првото, доколку македонските изведувачи го најдат своето место да работат под услови еднакви со тие на стратешкиот партнер како главен изведувач, под услови кои овозможуваат развој, под услови кои овозможуваат да се надминат административните и проектантските пречки кои нас не кочеа  во последниве години (а се надминати во овој проект), може да обезбедиме услови не само да ги зголемиме капацитетите туку и да доживееме развој (секако ова под услов да се исполни ветувањето дека при реализацијата ќе бидат ангажирани над 51 % македонски компании). Проектот е од значителен обем и предвидено е да се реализира под добри услови на градба гледано и од аспект на цените, за разлика од другите договори за јавните набавки на кои ние работиме, а на кои главен критериум е најниската цена.

Второ, доколку македонските градежници не работат на овие проекти и не бидат ангажирани под услови и обем под кои знаат и умеат да работат, би добиле пад, загрозување на целото градежништво, ситуација во која македонските компании ќе работат  соочувајќи се со големи административни и правни бариери, на набавки каде во 94 % се бара најниска цена, со забрана за работа во недела, без никакви поволности какви што сега има стратешкиот партнер на коридорите VIII и Xd. На тој начин стратешкиот партер би работел под одлични услови, со можност за голема и брза реализација, а ние нема да бидеме дел од тоа.

Тоа се двете можни сценарија, односно две крајности – или ќе го развиеме градежниот сектор или ни се заканува згаснување на капацитетите. Ние се надеваме на првото.

Има ли некакво ветување од страна на владата, од институциите?

-Тие услови сме ги разговарале и претходно и не наидовме на разбирање. Со актуелните владини претставници се уште не сме разговарале. Нашето здружение неделава ќе го повика министерот за да ги кажеме нашите ставови. Се надеваме и со оптимизам гледаме на ветувањето дека македонските компании ќе се двигатели на развојот во периодот што следи и дека на заедничко задоволство ќе овозможиме македонските компании во голем обем да се развиваат и да ги вратат своите потенцијали преку реализацијата на трите автопати.

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека за 4 месеци ќе продолжи изградбата на зградите на ФИНКИ и на Фaкултетот за физичка култура (ФФК) во рaмки на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како и изградбата на објектите на универзитетот „Мајка Тереза“ и новата зграда на НБРМ. Ако тргнеме од тоа дека слична е и ситуацијата со сеуште незавршените објекти на плоштадот Македонија, останува дилемата дали и како да надминеме вакви ситуации кои само поради смена на власта се провлекуваат со години и оставаат грд впечаток за вкупната слика за градот?

-Има многу фактори зошто сме во ваква состојба. Еден од нив е неможноста за согласување  од страна на тие што ги водат ваквите процеси околу нивното решавање. Во Македонија во изминатите неколку години полесно беше нешто да не се реши отколку да се реши, да се прави ревизија отколку да се прави проект. Немаше визија на пример, дека треба да се заложиме да се зголеми бројот на вработни во секторот и затоа сме во ваква ситуација. Логичен след на настани е тоа што не е завршено, да се заврши. И за ФИНКИ, и за НБРМ и за други проекти. Најавата на премиерот ја гледаме оптимистички. Тоа се државни проекти и имаат општествена важност. Сметаме дека е крајно време сите чинители да си ја пронајдеме во себе општествената одговорност која не е помала од личната одговорност, ниту од кариерната со цел да створиме општество подобро за сите.

Последните извештаи на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека изминативе месеци сѐ повеќе одобренија за градење се издаваат во Полошкиот Регион, многу повеќе од Скопскиот. Дали ова значи намалување на  притисокот врз главниот град?

-Статистика покажува дека во југозападниот и во полошкиот регион има раст на градежната активност за разлика од лани што не е чудо затоа што тоа се региони каде има голема трансакциска активност од аспект на купување и продавање имоти. Во Тетово и Гостивар становите ја пробија границата од 1000 евра за м2. Во Битола на пример, долги години цената на становите беше од 800-1000 евра за м2, а сега на некои локации се продаваат и по 1200 евра м2.  Овие цени се атрактивни и за инвеститорите не само локално, туку за сите кои сакаат да купат локација и да градат.

Во Скопје е исто како лани. Многу се гради и се издадоа многу одобренија за градба  во последниве две години во општините каде претходно имаше мораториум. Во Центар се гради кај Треска, кај Холидеј Ин, кај Ист Гејт. Очекувам оваа и следната година понудата да порасне, а во однос на цените да има стабилизација. Во внатрешноста, е поинаку. Сега се земаат одобренија за градба, а сликата ќе се смени за две до три години.

Каква е генерално состојбата во градежниот сектор особено во делот на платите на градежниците? Колку имаат основа тврдењата дека пазарот на недвижности е во сериозна криза бидејќи многу проекти се замрзнати или одложени поради високите трошоци за материјали и недостиг на квалификувана работна сила? 

-Ако ги споредуваме тримесечијата за кои има податоци од статистика, ќе утврдиме дека  во вториот квартал платата е порасната за 10 % во однос на истиот лани. Порастот на платите во градежништвото продолжува и во година кога немаме голем обем за работа. Евидентно е дека платата повеќе расте во нискоградба отколку во високоградба. Од друга страна ако го видиме бројот на работници, во вториот квартал годинава имало 47.200 вработени, за разлика од лани кога имало 54.000. Иако овие статистики ги земаме со одредена резерва со оглед на промени во обработката на податоците на Државниот завод за статистика, сепак забележуваме намалување на бројот на работници и во услови на раст платите, што многу се одразува на работата на компаниите. Ве уверувам дека компаниите ќе успеат да ги задржат работниците само доколку имаат услови за правилен развој. Единствен начин работниците да останат во Македонија, е да се зголеми реализацијата на компаниите, да се овозможат подобри цени на капиталните проекти (наместо да се инсистира на критериумот најниска цена кој преовладува во над 90% од јавните набавки) со што ќе се овозможат и подобри плати за работниците. Без реализација на компаниите, ситуацијата е многу тешка. За прв пат градежништвото падна под 50.000 вработени за разлика од порано кога броело и до 54-58.000. Начинот како да се надмине оваа состојба само тој – да се креираат услови компаниите да може соодветно да ги платат работниците, односно да се креираат услови за работа на компаниите кои овозможуваат развој, без непотребни трошоци и застој.

К.В.С.

Слични содржини