ИНТЕРВЈУ со Таравари: Пораките од нашите западни пријатели се многу јасни: стоп на корупцијата и криминалот! Без тоа, нема ЕУ

од Vladimir Zorba

Мислам дека геномот на вирусот на ДУИ успеа да се вметне во геномот на СДСМ, и нив да ги трансформира во еден нов хибриден режим. Во груевизмот имаше афера со Маџар Телеком, кој што имаше епилог во судот во Њујорк, а никогаш не се реши во Македонија. За време на Заев имаме афера ДАКА, која што се случува во Тетово, а никој ништо не знае. И многу други афери кои, во основа, оставаат впечаток дека сегашниот хибриден режим е само една делта мутација на груевизмот. А пораките од нашите западни пријатели се многу јасни и концизни: стоп на корупцијата и криминалот! Без тоа, нема ЕУ, вели градоначалникот на Гостивар и поранешенминистер за здравство, Арбен Таравари во интервју за „Локално“.

Во однос на Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за „црвените линии“ со кои би требало да се потврди македонската преговарачка позиција во спорот со Бугарија, генералниот секретар на Алијансата за Албанците смета дека „во политиката емоциите не се помош, напротив се вреднува мудроста и рационалноста“.

– Која било одлука, декларација или резолуција треба да се разбере како можност да се канализира нашиот пат кон Брисел, онаму каде што географски, антрополошки и кулуролошки припаѓаме, вели Таравари.

На прашање дали албанскиот блок се однесува незаинтересирано по однос на највисоките национално-државни прашања , бидејќи тоа не ги допира нивните етничконационални чувства, градоначалникот на Гостивар вели дека „сите албански партии во Македонија се однесуваат многу коректно кога станува збор за битни прашања на нашите сограѓани Македонци“.

– Можеби се добива впечаток на амбивалентност на албанскиот политички блок, поради преголемата внимателност на албанските политичари да не бидат разбрани дека со нешто влијаат негативно врз чувствителните прашања за нашите сограѓани Македонци, вели тој.

За претстојните локални избори, очекува дека во Гостивар ќе остварат победа од прв круг.

– Доколку граѓаните на општина Гостивар одлучат првиот круг Таравари да изгуби макар и со еден глас, секако ќе продолжам како универзитетски професор и лекар во мојата матична установа – Клиниката за неврологија во Скопје, истакна генералниот секретар на АА.

Деновиве актуелна е Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за „црвените линии“ со кои би требало да се потврди македонската преговарачка позиција во спорот со Бугарија. СДСМ ја прифати таква каква што е, ДУИ бара усогласување на текстот, додека АА засега нема заземено став. Настрана за епилогот од гласањето во Собранието, дали оваа резолуција ќе помогне или одмогне во спорот со Бугарија?

-ЕУ е единствената наша алтернатива, нема друго решение. За жал, сакале ние или не, патот за Европа во моментов е преку Бугарија. Факт е дека треба да седнеме и да размислиме заедно, рационално и мудро, обидувајќи се да си одговориме на прашањето дали оваа резолузија ќе ни помогне или ќе ни одмогне кон тој пат.

Ние сме секогаш за добро обмислени решенија, донесени при „здрав разум и свест“. Во политиката емоциите не се помош, напротив се вреднува мудроста и рационалноста. Која било одлука, декларација или резолуција треба да се разбере како можност да се канализира нашиот пат кон Брисел, онаму каде што географски, антрополошки и кулуролошки припаѓаме.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ често во своите соопштенија знае да каже дека однесувањето на Владата и конкретно na премиерот Заев се „виновниците за ситуацијата во која се наоѓаме со нашиот сосед“. Се сложувате ли со ова тврдење и каде точно погреши актуелната власт во спорот со Бугарија? Треба ли, можеби, да понесе одговорност оваа Влада поради неуспехот во придвижувањето напред во однос на европските интеграции?

-Владата е одговорна и за успесите и за неуспесите. Како што честопати го споменувам Преспанскиот договор како капитален проект на оваа Влада за долгорочна одржливост на државата и регионот, позади кој како гаранти се САД и ЕУ, така би рекол дека и зад неуспехот за започнување на преговорите со ЕУ одговорност сносат Владата и премиерот. Или, можеби, поконкретно, ги сносат последиците.

Теренот на политиката е таков, мора да се прифати одговорноста, а и последиците. Најмалку од сè сакаме тие последици да значат несигурност, разочараност и бегање на младите од државата. Оттука, сметам дека ова мнозинство треба да оди на нови избори за да добие или изгуби доверба и мандат од народот.

Политичката култура подразбира да се има дигнитет и одговорно и достоинствено да се прифати и поразот. Треба да се има капацитет да се размисли за причинско – последователните односи, а не да се оди во крајности и да се размислува на начин како што тоа „милуваат“ да го прават политичари на ДУИ – за сè што не чини на политичката сцена виновна да е опозицијата.

Има ли алтернатива на Европската Унија за земјава доколку не мрднат работите од мртва точка? Можеме ли да си дозволиме уште еден 20-годишен „замрзнат спор“, налик оној кој го имавме со Грција? Може ли истокот да биде опција за Македонија за подобрување на состојбите, ако ништо друго, барем во економијата?

– Алтернатива за ЕУ нема. Тоа треба да ни биде јасно како „бел ден“. Нема друг пат за државата, освен европскиот. Можеби не е лесно да се стигне дотаму, имајќи ги предвид досегашните потешкотии и опструкции. Затоа да бидеме што повнимателни и порационални, да донесеме мудри и долгорочни одлуки. Ќе се изразам како лекар, за секоја болна состојба, постои лек, само треба да се пронајде и да се примени во вистинското време. Секое одложување или избегнување на оваа „формула“ ќе значи комплицирање на состојбите.

Дали се согласувате дека етничко албанските политички партии кај нас, по однос на највисоките национално-државни прашања се однесуваат незаинтересирано, бидејќи тоа не ги допира нивните етничконационални чувства? Дека ДУИ, но и останатите етничкоалбански партии калкулираат со најсензитивните македонски национални прашања кога станува збор за продолжување на македонските евроатлански интеграции, т.е кога „решавањето“ на истите е директно поврзано со нив, па така етноалбанскиот политички фактор притиска да се решат истите за да не страда евроинтеграцијата на земјата? Далеку ли се од вистината, според вас, овие тврдења?

– Сите албански партии во Македонија се однесуваат многу коректно кога станува збор за битни прашања на нашите сограѓани Македонци. Не сметам дека некогаш некоја политичка партија на Албанците саботирала или, пак, имала некаков контра став кога станув збор за македонските прашања. Можеби се добива впечаток на амбивалентност на албанскиот политички блок, поради преголемата внимателност на албанските политичари да не бидат разбрани дека со нешто влијаат негативно врз чувствителните прашања за нашите сограѓани Македонци.

„Едно општество за сите“ е парола по која се води актуелната власт на СДСМ откако се на власт, промовирајќи политики, барем според нив, во кои нема да има дискриминирани по ниту една основа, најмлаку на национална. Гледате ли успех на оваа политика или ова ќе остане само уште една празна флоскула? Дали денеска сме поразделени од било кога?

– Идејата за едно општество за сите е фантастична, но увертирата на тоа треба да биде држава за сите, а потоа држава што нуди еднакви можности за сите според законот и Уставот, што, всушност, би било општество за сите. Проектот едно општество не е еднократен зафат и мора да биде разбран како таков и неговата филозофија да се спроведе во целост. Него мора да го водат луѓе кои што имаат јасна визија и верба. Не може навечер за некого да велите дека вреди пет пари, а наутро да нè убедувате дека сите сме исти. За жал, мислам дека ќе ни требаат уште 10-20 години за да го оствариме Едно општество за сите. Приказната звучи убаво, прв со проектот едно општество во 90-тите години започна Тупурковски, еднаш луѓето му поверуваа, но не му дадоа втора шанса. Потоа Заев доби втора шанса на изборите во 2016 година, меѓутоа вториот пат, во 2020 година, заедно со Беса не доби ни половина од немакедонските гласови што ги доби во 2016 година.

„Постојат индикатори кои покажуваат дека оваа влада е дисфункционална“, изјавивте неодамна. Сметате ли дека треба да се одржат и парламентарни избори заедно со локалните, нешто што постојано го бараат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ? Дел од експертите велат дека предвремени избори сега би прекинале многу процеси, како евентуалното решение со Бугарија, пример…

Ова мнозинство е неодржливо и дисфункционално, сите гледаме колку е флуидно и нестабилно.Единственото нешто што ги држи да бидат 61-62 се интересот и стравот да не бидат казнети за сето тоа што беше злоупотребено последните 20 години, па и последните четири години.

Апсолутно мислам дека паралелно треба да се одржат и парламентарни и локални избори, бидејќи само така би излегле од овој ќорсокак и оваа агонија. И да нема сега парламентарни избори, напролет идната година тоа ќе биде неизбежно, имајќи предвид дека во повеќе општини партиите на власт ќе изгубат (барем според многуте анкети што ги добиваме секојдневно). Мислам дека после локалните избори 2021 ќе имаме двеможности, нови комбинации за ново владејачко мнозинство или одредување датум за нови предвремени парламентарни избори во 2022 година.
Кога би биле рационални, за да не правиме дупли трошоци за избори, најдобро би било, после недобивањето датум за преговори со ЕУ, заедно со локалните да влеземе и во парламентарни избори.

Борбата со корупцијата е наголемо промовирана од оваа влада, постојано слушаме за сузбвање на криминалот и исполнување на „акции“, односно „европски стандарди дома“ по ова прашање. Регионален патоказ за борба против корупција и нелегални финансиски текови за Западен Балкан беше усвоен минатата недела, па како вие ја оценувате заложбата на властите по ова прашање?

– Мислам дека дел од оваа Влада претставува продолжение на минатиот режим или оживување на несреќниот рецидив од минатото. Дел од министрите и директорите на екипата на Груевски сега се министри и директори на Заев, дел од блиските соработници на Груевски се сега блиски соработници на премиерот. Мислам дека геномот на вирусот на ДУИ успеа да се вметне во геномот на СДСМ, и нив да ги трансформира во еден нов хибриден режим. Во груевизмот имаше афера со Маџар Телеком, кој што имаше епилог во судот во Њујорк, а никогаш не се реши во Македонија. За време на Заев имаме афера ДАКА, која што се случува во Тетово, а никој ништо не знае. И многу други афери кои, во основа, оставаат впечаток дека сегашниот хибриден режим е само една делта мутација на груевизмот. А пораките од нашите западни пријатели се многу јасни и концизни: стоп на корупцијата и криминалот! Без тоа, нема ЕУ.

Иако сите мислевме дека ковид-кризата ќе заврши со вакцинацијата, делта-вирусот најавува нови главоболки за здравствените власти и генерално за државата. Во светот веќе сме сведоци на „заклучувања“ поради делта-сојот, а кај нас веќе се пријавени 4 случаи. Вакцините имаат помал ефект во однос на овој вид, па што би препорачале, како поранешен министер за здравство и лекар по струка, да се направи во претстојниот период за да се избегне нов „локдаун“ кај нас?

-Како држава, плативме прескапа цена со КОВИД пандемијата. Речиси 4.500 човечки животи, 4.500 семејни трагедии. Се најдовме меѓу 5-10 држави со најголем морталитет во светот. Сето тоа е последица на неуспешното менаџирање со пандемијата, на дегенерираниот здравствен систем и на задоцнетата вакцинација. Сега е битно да се вакцинираме во што е можно поголем број, со која било вакцина. Да бидеме многу внимателни со мерките, имам впечаток дека многу бргу забораваме и се опуштаме. Знам дека економијата страда, но треба да бидеме мошне внимателни со релаксирањето на мерките. Не би ни сакал да помислам дека повторно нè чека уште еден силен есенски бран, кога ќе биде пописот, па и локалните избори.

Партиите веќе ги промовираат своите кандидати за градоначалници на претстојните избори, вие неодамна рековте дека се уште не е решено, но очекувате да бидете кандидат на АА за Гостивар за уште еден мандат. Задоволен ли сте од постигнатото во градот под ваша палка?

-Повеќе анкети од различни релевантни државни и меѓународни невладини организации нè покажуваат и рангираат меѓу најуспешните и најтранспарентните општини во Македонија. Заедно со мојата екипа макотрпно работевме овие 4 години, сработивме многу и уште повеќе ни остана да сработиме во следните 4 години. Во таа екипа се 15 професионалци и чесни млади луѓе. И, знаете, колку повеќе работиме и се трудиме толку појасно ни е дека има уште многу да се стори.

Каде очекувате, како партија, најголема битка со ДУИ за градоначалничките места и доколку го загубите Гостивар, што следи за Арбен Таравари во иднина?

-Во Гостивар очекуваме победа од прв круг. Доколку граѓаните на општина Гостивар одлучат првиот круг Таравари да изгуби макар и со еден глас, секако ќе продолжам како универзитетски професор и лекар во мојата матична установа – Клиниката за неврологија во Скопје. Впрочем, и никогаш не сум излегол оттаму. И со срце и со дух припаѓам и таму, исто како што ѝ припаѓам и на општината. Го давам својот максимум, а народот нека каже дали тоа го правам добро или не.

В.З.

Слични содржини