Адвокатот и лидер на „Твоја партија“ Александар Тортевски за „Локално“ вели дека ќе им ги помати сметките на т.н. „големи“ играчи во битката за градоначалничката фотелја. Влегува во трката за татко на Скопје со две главни поенти. Првото е „Избори се сам, избори се за твојот град“ a втората e дека “Помеѓу две зла не го бирај помалото, затоа што такво нешто не постои“. Смета дека помало зло е само помало доколку не е на власт, бидјеќи кога ќе се врати повторно ќе биде зло. Тој најави дека доколку ја добие комуналната власта на метрополата ќе воведе сосема нови принципи на работа.
Некако ја изненадивте јавноста. На овие локални избори се чини дека во последен момент се впуштивте во градоначалничката трка. Во меѓувреме не слушнавме ништо за вашата програма. Како ќе ги придобиете граѓаните на Скопје да го дадат својот глас за вас? Што е тоа што ќе им го понудите?
-Во градоначалничката трка влегувам пред се за да покажам дека Градот Скопје може да функционира на нов начин. Тоа значи дека на граѓаните ќе им понудам едно поразлично однесување од однесувањето на сите досегашни градоначалници, кое пред се ќе тргнува од фактот дека парите на градот се всушност пари на граѓаните кои и дека за нив треба да добијат најдобра можна услуга. Нема да користам службено возило, ручеци, патувања, репрезентации. Ќе ги насочам средствата кон реално изводливи проекти. Ќе започнам процес на намалување на бројот на градската администрација. Која партија како доаѓа на власт, така носи со себе партиски послушници кои понатаму остануваат вработени во градот. Така од 184 вработени во градот во време на Пенов, сега имаме околу 1.300. За споредба Лондон има 1.074 вработени во градската администрација. Ќе направиме апликација со која граѓаните ќе пријавуваат ѓубре и градот ќе мора да им одговори кога ѓубрето ќе биде собрано. Има начини како да се намали и големата загаденост на главниот град. Ако ја добијам функцијата, ќе поставиме сензори кај сите загадувачи. Сите граѓани кои ќе покажат интерес, ќе ги добиваат сите материјали за работењето на советот, за сите градежни дозволи и за сите започнати постапки за измена на урбанистичките планови. Сабота и недела центарот на градот ќе биде пешачка зона. Ќе купиме електрични автобуси кои ќе се движат по 4 линии во лента наменета само за нив и автомобили со 3 патници. Но пред се ќе се залагам за контрола на сите изведени јавни работи во последните пет години. Се’ што ќе се гради мора да биде со квалитет што ќе трае долго.
Во кој од кандидатите и кандидатките гледате најголема конкуренција. Зад актуелниот градоначалник Петре Шилегов, застанаа СДСМ, ДУИ, БЕСА, Данела Арсовска, ја доби поддршка од ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата и Алтернатива, зад Ана Петровска, стои „Зелен хуман град“ во кој членуваат 20-тина невладини организации, или пак, Петар Георгиевски – Камиказа поддржан од Левица и независниот поранешен пратеник од редовите на НСДП, Љубомир Јосифовски?
-Мислам дека борбата за влегување во втор круг ќе биде меѓу мене и кандидатите поддржани од СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, со тоа што мислам дека ќе победам, доколку влезам во втор круг. Сметам дека успешно ќе им ги поматам сметките на т.н. „големи“ играчи.
Колку според ваквата поставеност на силите на теренот, реално може да ја освоите титулата „градоначалник“ на Град Скопје?
-Огромно е разочарувањето на објективните граѓани од начинот на кој до сега се управуваше со градот. За жал голем број своето незадоволство го покажуваат со апстиненција а всушност со тоа им прават услуга на ВМРО, СДСМ и ДУИ чии гласачки војски платени со наши пари ќе излезат на гласање. Се надевам дека ќе успеам да убедам една сериозна бројка од незадоволните да излезат на гласање.
Вие сте лидер на релативно новата партијата „Твоја партија“. Јавноста има впечаток дека се појавувате само пред избори. Ве видовме кратко пред почетокот и за време на предвремените парламентарни избори и дури сега, за локалните избори. На што се должи ваквата поставеност на вашата партија во македонскиот политички простор?
-Не е точно дека „ТВОЈА“ се појавува само пред избори. Ние работевме и издававме соопштенија за целиот овој период. Проблемот е што и твоја и јас сме под некаква чудна медиумска блокада. Пред да ја формираме ТВОЈА бев канет по неколку пати неделно да гостувам на телевизии. Откако ја формиравме артијата за речиси 2 години само 2 пати ме поканиле. Веројатно тоа е резултат што најголем дел телевизии се блиски или зависни или од ВМРО ДПМНЕ или од СДСМ а ние сме им противници и на едните и на другите.
Зошто е толку примамлива градоначалничката фотелја?
-Градоначалничката фотеља воопшто не е примамлива. Напротив тоа е многу жешко столче и за човек кој што не сака привилегии, тоа е всушност жртвување. Јас сум спремен тоа да го направам за да може да покажам дека политичарите мора поинаку да се однесуваат. Се надевам дека тоа ќе започне од мене.
Речиси на истекот на рокот за доставување на кандидатските листи до Државната изборна комисија слушнавме дека и Вие ќе влезете во трката за градоначалник на Градот Скопје. Што ве натера да се кандидирате за градски татко на метрополата?
-Одлучив да се кандидирам за градоначалник за тоа што е време и јас нешто да му дадам на градот во кој сум роден и да покажам дека функционерите може и мора да се однесуваат поинаку. Јас сум роден во овој град, сум ги напраивл првите почетоци, првите чекори, сум завршил факултет, добра професија успешна кариера, сум ги надминал моите очекувања професионални време е да му вратам нешто на мојот град.
Б.Т.