ИНТЕРВЈУ со Трајков: Со продажбата на земјоделското земјиште ќе се нанесе штета како што беше процесот на приватизација на фирмите

од Берта Китинска

Јавната расправа по Нацрт законот за продажба на земјоделско земјиште беше само формална дискусија без суштина, вели Јордан Трајков од иницијативата Граѓански фронт, и самиот изненаден што биле поканети да учествуваат на неа.

Во интервју за Локално.мк децидно вели дека предложеното законско решение треба да се повлече, а низ стручна дебата да се избере алтернатива за приватизација на земјиштето.Во спротивно според Трајков ќе се спроведе грабеж на како што вели,нашиот исклучително лимитиран и стратешки важен ресурс, каков што паметиме при приватизација на фирмите.

“ Иако тврдат дека ова решение е за нашите земјоделци, факт е дека 99% од нив нема да можат да купат земјиште и успешно да стопанисуваат со истото.Освен дека е поволно за транзициските олигарси и ова законско решение отвара врата и за странци да купуваат земјиште“.

Нaведувајќи примери од расправата уверува дека успеале да ги побијат сите аргументи на Владата за корисноста од новиот закон.

“ Земјоделец од Прилеп кој со пофални зборови говореше за предложениот текст на крај си кажа дека нема пари да купи земја па бараше да ја купи на рати. Друг кажа дека би ја продал земјата откако ќе ја купи но по реални пазарни цени.Трет јасно укажа дека не сакаме рудници и градежни објекти на земјоделско земјиште. Претставник на странска компанија пак кажа дека за вакви багателни цени би купиле огромно земјиште и би го оградиле”,вели Трајков.

Парите кои ќе влезат во буџетот ги проценува на како што вели, “бедни” 200 милиони евра кои според него ќе се искористат нецелисходно а ќе го загубиме ресурсот што не храни.Предлагаат приватизација на земјиштето по принцип на ваучери.”Крајниот резултат ќе биде дека земјиштето ќе биде приватизирано и во рацете на граѓани кои се заинтересирани за обработка на истото при што сите граѓани на Македонија добиваат.”

Со какви впечатоци заврши јавната расправа по Нацрт законот за продажба на земјоделско земјиште? Дали имате чувство дека вашите забелешки беа внимателно слушнати и дека ќе станат дел од предложеното законско решение?

Лично ме изненади што иницијативата Граѓански Фронт беше поканета на Јавната расправа и јавно го пофалив Министерот за организирање на Јавната Расправа и за поканата кон нас.Меѓутоа, за време на јавната расправа некако добив впечаток дека истата е повеќе како формален настан со кој Владата ќе каже дека еве го слушнавме гласот на народот. Формална дискусија а не и суштинска. Ние од Граѓански Фронт и пред тоа ги имаме доставено нашите ставови до Владата во однос на овој предложен закон. Сметаме дека истиот треба во целост да се повлече и да се организира стручна дебата за различни алтернативи за приватизација на земјоделското земјиште.

Овој закон е една алтернатива а ние излеговме со друга, професор од земјоделски факултет излезе со трета, земјоделско здружение излезе со четврта. Сметаме дека треба да се согледаат тие различни алтернативни решенија да се измерат добро позитивните и негативните страни на секое решение и да се одбере она што е најдобро за сите наши граѓани и за нашата држава. Доколку така постапи Владата ќе покаже дека има вистински демократски капацитет и дека сака да направи добро за сите граѓани. На јавната расправа не слушнаа но не добив впечаток дека ќе не послушаат. А убаво велиме да ги анализираме разните алтернативи, да ги измериме позитивните и негативните страна и да се одбере најдобрата.

На што ги вкрстивте дијаметрално спротивните аргументи со претставниците на Владата?

Ние сметаме дека предложениот закон е повторување на приватизацијата на фирмите каде што имавме ситуација ресурсите/средствата/имотот да го зграбат неколкумина додека огромниот дел од граѓаните на Македонија останаа со едно големо ништо при што имавме и голем број на стечаи и тажни човечки судбини. Нашата приватизација на фирмите беше еден голем грабеж. Сметаме дека ова законско решение ќе заврши со ист резултат. Неколкумина ќе добијат во посед огромно земјиште по багателни цени и за каков таков мир во куќа ќе се фрлат и некои трошки на некои земјоделци.Но огромниот процент од граѓаните на Македонија пак ќе добијат едно големо ништо.Факт е дека нашите земјоделци се финансиски истоштени поради:

-неорганизираност на зелениот пазар што е резултат на негрижа на сите досегашни влади;

-три децении на не инвестирање,не одржавување, не градење на нови хидромелиоративни системи и на исклучително неодржлив, комплициран правна регулатива за ова материја, неадекватана административна организираност за управување со хидромелиоративните системи;

– непостоење на систем за одржување на земјоделските патишта;

– немање на трансфер на нови напредни знаења и технологии;

– ужасно зголемени трошоци;

–отсуство на финансиски систем кои ги поддржува земјоделците.

Значи иако тие тврдат дека ова решение е за нашите земјоделци, факт е дека 99% од нив нема да можат да купат земјиште и успешно да стопанисуваат со истото. Освен дека е поволно за транзициските олигарси ова законско решение отвара врата и за странци да купуваат земјиште. Имено во првичниот текст се оставаше еден начин на продажба на стратешки инвеститори и сега во втората верзија таа опција е елиминирана. Но, по законот за стратешки инвестиции тие пак ја имаат таа опција. Значи, оваа промена навидум е како Владата да не слушнала нас, а во суштина сепак е формална. Од друга страна предвидена е распродажба на фирми кои се максимум 49% во сопственост на странци. Интересно е дека во Македонија не можете да видите кој е вистински сопственик на ДОО типовите на фирми затоа што во тековните состојби се искажуваат само иницијалните влогови а не и уделите. Значи тоа е скриен начин како странец може да биде сепак де факто сопственик а никој да нема можност да го исконтролира тоа. Еве и да ја имаме информацијата за уделите, Законот за Трговските Друштва вели дека е потребно 2/3 мнозинство за промена на Статут/Договор на друштвата што значи дека странец кој има 49% има голема контрола над тоа Друштво. Уште повеќе со договорни клаузули од тип “drag-along”, “tag-along”, “piggyback” кои и те како им се познати на странците (за жал нашето корпоративно право не ги учи нашите правници на овие типови на клаузули) тие со договорите за друштвото и да се малцински партнери ќе обезбедат свое влијание како да се еднакви или и доминантни. Тоа значи дека се отворени вратите и за странци со сомнително потекло на парите и со сомнителни (непријателски) намери. Тука велиме дека ова законско решение има и безбедносни импликации.

Понатаму, и во оваа втора варијанта на текстот се уште се предвидува по 10 години земјиштето да може да се претвори во градежно или на истото да се вршат ископувања на минерални суровини. На укажувањето по оваа прашање Министерот Хоџа одоговри со контра прашање – “А како е сега? Кој сега спречува такво нешто”. Тоа не го очекував и сум непријатно изненаден. Па ние како граѓани од Владата очекуваме да ги реши таквите спорни прашања, а не да ни кажува како ова било инкрементално подобрување. Ни треба добро издржано решение со усогласени закони кои не дозволуваат какафонија и да нема дупки кои овозможуваат злоупотреби.

Дали аргументите на Владата за потребата од носење на овој закон променија некој од вашите ставови?

Се на се, внимателниот аналитичар може лесно да забележи дека со ова законско решение нашиот исклучиво лимитиран и стратешки важен ресурс – земјоделското земјиште за багателни суми ќе се даде во рацете на грабливци. Тоа ќе донесе многу несреќа за македонските граѓани и ќе оневозможи овој ресурс да го употребиме на начин што ќе овозможи сите да излеземе од маѓепсаниот круг на сиромаштијата и да створиме солидна, бројна средна класа која ќе ја повлече економијата на Македонија. Сите аргументи со кои излегоа од Министерството и Владата во изминатиот период а и на јавната расправа ги побиваме со ова погоре изнесеното. Интересно беше што на јавната расправа се дигнаа неколкумина земјоделци кои кажаа дека законот бил позитивен ама во сите случаи на крај на нивните искажувања си ја отворија душата и се виде дека овој предлог не е во ред. Имаше еден земјоделец од Прилеп кој со пофални зборови говореше за предложениот текст ама на крај си кажа дека нема пари да купи земја па бараше да купи на рати. Имаше друг кој по изнесените фалби јасно кажа дека би сакал да продаде веднаш откако ќе купел ама по реални пазарни цени. Трет јасно им укажа дека не сакаме рудници и градежни објекти на земјоделско земјиште. Претставник на странска компанија јасно кажа дека за вакви багателни цени би купиле огромно земјиште и би го оградиле.

Дали водилка за предложената реформа треба да биде уверувањето на владата дека преку продажба на државното земјиште во буџетот ќе влезе една милијарда евра? Зошто не?

Од Владата секојпат излегуваат со различни суми кои ги очекуваат од распродажбата на земјоделското земјиште и информираат за различни намени на парите. Бидејќи велат дека би продале 50.000ха земјиште а од друга страна цената ќе биде од 0,21 еур/м2 до 1 еур/м2 може да се заклучи дека собраните средства ќе бидат минимално 105 милиони евра а максимално 500 милиони евра. Сметаме дека ќе се соберат 200 милиони евра. Тоа е смешна сума во однос значењето на овој стратешки ресурс. Еднократно ќе земеме смешни 200 милиони евра а ќе го немаме овој значаен ресурс. За да разберете колку е оваа релативно мала сума ќе направам една споредба. Во тиквешијата 20.000 фамилии што имаат лозови насади заеднички имаат инвестирано цца 300 милиони евра во тие свои лозови насади. И нив никој од Владите не ги есапи освен кога ќе дојде нож под грло пред избори во родни години.

Во однос на намената на средствата прво збореа дека ќе вратат кредити за потоа да кажат дека сепак ќе делат со општините. Во оваа втора варијанта на текстот на предлог законот се збори за 49% да оди во Буџетот на Македонија, 49% да оди во општините и 2% да е приход на Министерството за земјоделство. А многу непрофесионално и површно, во овој текст стои дека законот нема да предизвика финансиски импликации и дека за спроведување на истиот не треба да се предвидат финансиски средства во Буџетот. Која демагогија. Бидејќи сме лидери во свет во корупција јасно е дека и овие бедни 200 милиони евра ќе се употребат нецелисходно (да не бидам погруб) и еднократно а засекогаш ќе го загубиме ресурсот кој не храни.

Владата уверува дека ако земјоделското земјиште не се стави во функција, ќе стане елемент на узурпација и можност за злоупотреби

Секогаш кога се сака да се протурка нешто се мавта со морков (300-500 милиони евра што станаа 1 милијарда евра) и се покажува стап. Земјиштето ќе се урзурпира. Па зошто имаме Влада?

Како според иницијативата Граѓански фронт треба да се подобри постоечкиот закон? Како да се модернизира и зголеми обработливоста на земјоделските површини од една страна а како од друга, малите земјоделци да си ја купат земјата која со години ја обработуваат?

Ние од Граѓански Фронт сметаме дека ова е наша земја, земја на сите граѓани на Македонија и дека е потребна приватизација во смисла првично сопственоста од државата треба да се префрли кон сите граѓани на Македонија. Да го направиме она што не го направивме со приватизацијата на фирмите. Сметаме дека прво треба до детаљи да го одредиме земјиштето што е за приватизација.Потоа да се одреди по колку ваучери за купување на земјиште ќе се поделат на секој еден граѓанин на Македонија и да се поделат истите. Потоа да се организира пазар на ваучери за купување на земјиште на кој тие што сакаат да имаат земја ќе купуваат ваучери а тие што не сакаат ќе продаваат.Тој што ќе продава ваучери нема веднаш да добие пари туку ќе добие средства во посебен пензиски фонд на кои ќе има камата. Тој што ќе купува ваучери ќе ги купува со кредит добиен од истиот тој пензиски фонд. Бидејќи ќе учествуваат сите граѓани просечниот век за добивање на екстра пензиите од фондот ќе биде 30 години а просечното трање на кредитот ќе биде исто така 30 години. Има тука многу повеќе детаљи но тој што разбира финансии разбира и дека ова е одличен систем. Потоа да се организира транспарентен пазар на земјоделското земјиште при што ќе се купува со ваучерите.Крајниот резултат ќе биде дека земјиштето ќе биде приватизирано и во рацете на граѓани кои се заинтересирани за обработка на истото при што сите граѓани на Македонија добиваат. Понатаму земјиштето е приватна сопственост со сите права кои ги дава истата. Комплементарно на ова Владата мора:

– да се заложи за организација на зелениот пазар и отварање на странски пазари за земјоделски производи и производи добиени со преработка на земјоделските производи.

– да се заложи за промена на регулатива во однос на хидромелиоративните системи и да прави исправни и огромни инвестиции во оваа насока

– да се заложи за вистинска даночна децентрализација и промена на Данок на имот во насока да можат општините да имаат средства за одржување на земјоделските патишта

– да се заложи за квалитативни промени во финансискиот систем за да се поддржат финансиски земјоделците

– преку Агенцијата за земјоделство да спроведе издржана програма за трансфер на нови знаења и технологии во земјоделството

– да го ревидира системот на субвенции во насока на намалување на трошоците на земјоделците и во насока на преструктурирање.

Законските регулативи за претварањето на земјоделско во градежно земјиште и давање на концесии за ископ на минерални суровини час поскоро мора критички да бидат разгледани и да бидат позитивно променети.Ова е “кроки-цртеж” на нашата идеја, потребно е да се отиде до детаљи но овде просторот ни е ограничен.

Дали вака предложениот закон ќе се одрази на пазарот на храна?

Долгорочно на пазарот за храна доколку ова законско решение помине сметаме дека ќе има проблеми бидејќи големите грабливци нема да бидат заинтересирани за производство на храна за нас туку ќе бидат заинтересирани за светскиот пазар. Странците за кои се сомневаме дека ќе имаат скриени намери ќе ги реализираат своите намери. Сигурно намерите нема да им бидат да произведуваат храна за нас.

Како земјите од соседтсвото го имаат решено проблемот со земјоделското земјиште?

Најеклатантен е примерот со Романија каде 3% од сопствениците на земјоделско земјиште поседуваат повеќе од 50% од земјоделското земјиште. Нормално таму нема развој и среќа. Романија ќе остане најнеразвиена во рамки на ЕУ.

К.В.С.

Слични содржини