ИНТЕРВЈУ со Тренчевска: Во 2026-та се крати за најранливите, дел од пензионерите не добиваат – туку губат!  

Со линерниот пораст на пензиите – пензионерите не добија туку изгубија. Не може зборуваме за стабилен пензискиот систем со над 42% дефицит во касата на ПИОМ – вели во Интервју за „Локално“ Јована Тренчевска, поранешна министерка за труд и социјална политика и актуелна пратеничка од СДСМ. 

од Vladimir Zorba
5 прегледи Фото: Фејсбук

Вкупниот Буџет на Министерство за труд и социјална политика е зголемен во 2026 та – но не за ранливите и најзагорзените, туку за плати за администрацијата.

Со линерниот пораст на пензиите – пензионерите не добија туку изгубија. Не може зборуваме за стабилен пензискиот систем со над 42% дефицит во касата на ПИОМ – вели во Интервју за „Локално“ Јована Тренчевска, поранешна министерка за труд и социјална политика и актуелна пратеничка од СДСМ.

Колку пари и за што ќе има во секторот “социјала“ во 2026 та …

Како го оценувате Буџетот на Министерството за труд и социјална политика во 2026 ? Дали има промени во однос на Буџетот за годинава и во која насока ?

Кога ќе го погледнете  предлог буџетот на Министерството за социјална политика, демографија и млади (во понатамошниот текст: МСПДМ) за 2026, на прв поглед се забележува зголемување на вкупниот буџет во однос на буџетот од 2025 година од 13,2%. Но ова е само на прв поглед. И ако сакате да звучите популистички тогаш ќе кажете, да, буџетот за социјално ранливите категории на граѓани е зголемен.

Но, ако се анализира детално ќе забележите дека во речиси сите ставки има намалување, особено кај социјалните надоместоци-правата од детска и социјална заштита има намалување од 15%,  капиталните инвестиции во социјална заштита и домови за стари лица има намалување од 15%,  капитални инвестиции во детска заштита намалување од 52,1%, кај социјалните услуги и деинституционализација има намалување од 12,9%, кај програмата за млади има намалување од 9,8%, кај програмата за поддршка на декадата  и Стратегијата на Ромите има намалување од 17% и сл.

Тогаш како се објаснува вкупниот пораст на буџетот на овој ресор?

Зголемување на буџетот има кај плати и надоместоци  за вработените во МСПДМ од 21,3%, кај платите на вработените во центрите за социјална работа од 19,1% заради неодамна потпишаниот Колективен договор со кој им се зголемуваат платите на овие вработени, и  зголемување кај поддршката на социјалните фондови односно трансферот од централниот буџет кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, од 23,7%.

Предлог буџетот за 2026 година на МСПДМ е буџет со кој се крати од најранливите и од најсиромашните, се крати од лицата кои примат било каков надоместок од социјална заштита, се крати од децата кои се вклучени во некое од правата од детска и социјална заштита, има помалку пари за изградба на градинки и домови за стари лица, дневни центри за лица со попреченост, помалку пари за социјалните услуги кои се воспоставени во општините и кои нудат помош и нега на стари лица и лична асистенција на лицата со попреченост.

Ваквата промена на средствата во буџетот на Министерството во 2026 година, односно намалување на средствата за социјално ранливите и за сиромашните всушност е спротивно на уставната дефиниција на државата како социјална држава.

Дали следната година се препознава квалитативна промена во социјалните политики, во смисла не само кај државната помош за ранливите категории на граѓани туку и во делот на инфраструктурно подобрување на објектите од сферата на социјалната заштита, мерки за подобрување на стандардот и на пензионерите?

Она што го нуди предлог буџетот на МСПДМ е намалување на средствата за ранливите категории на граѓани, за повеќе градинки, дневни центри за лица со попреченост, општински домови за стари лица и за социјални услуги кои се воспоставени и се дават на стари лица и лица со попреченост. Намалувањето на буџетските средства значи намалување и квалитетот на услугите, помалку права за надоместоци за социјална и детска заштита а секако тоа никако не може да придонесе кон подобрување на стандардот на ранливите категории на граѓани, туку напротив опаѓање на стандардот и поголема сиромаштија кај овие лица.

Во услови на постојан раст на цените на прехранбените производи,  раст на инфлацијата од една страна а никакво зголемување на правата за социјална и детска заштита во последните 17 месеци, од друга страна секако дека ќе се одрази на стандардот на оваа категорија на граѓани.

Кратењето на средствата за инфраструктурни проекти во општините од областа на детската заштита секако ќе влијае и понатаму да се зголемува листата на чекање за упис на децата во градинка и ограничен пристап на секое дете до градинка. А со тоа и ограничен пристап најчесто на мајките на пазарот на труд затоа што нема кој да се грижи за децата. Намалувањето на онака малкуте средства за инвестиции во домови за стари лица во општините, а имајќи во предвид дека населението старее, младите се повеќе се иселуваат, секако дека ќе влијае на квалитетот на живот и на стандардот на највозрасните граѓани.

Пензии и одржливост на државниот пензиски фонд ПИОМ …

По две години линеарен пораст на пензиите сега се најавува враќање на моделот на законско усогласување во однос на просечната плата и инфлацијата…

Владата вели и во март 2026 година ќе има зголемување на пензиите согласно постојното законско решение. И за тоа зголемување се предвидени средства во буџетот за 2026 година. Постојното законско решение предвидува дека од вкупниот месечен износ добиен од процентот за зголемување на пензиите пресметан како збир од 50% на порастот на индексот на трошоците на живот и 50% на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Северна Македонија во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходи, објавени од Државниот завод за статистика, се дели со вкупниот број на корисници на пензија. Ваквото законско решение ќе се применува во септември 2025 и во март 2026 година, односно тоа значи дека и во март 2026 година ќе има линеарно зголемување на сите пензионери по 1000 денари. Какви ќе бидат понатаму усогласувањата на пензиите ќе зависи од законското решение кое власта ќе го достави до Собранието.

Според Владата за овие нецели две години пензионерите добиле повисоки пензии за 7000 денари.  Вие и како поранешна министерка и како опозиционерка сметате дека линерниот пораст е неправеден како модел за зголемување на пензиите…

Со двете зголемувања од 2500 денари (септември 2024 и март 2025) и со двете од 1000 денари (септември 2025 и март 2025) пензионерите со исплатата на мартовската пензија во 2026 година во однос на септември 2024 година ќе добијат вкупно 7000 денари повисоки пензии.

И јас како пратеничка и пратеничката група на СДСМ и коалицијата гласаше за зголемувањата на пензијата. Секако дека треба да има зголемување на пензиите.

Но, дали е праведно линеарното зголемување треба да утврди Уставниот суд? Дали ваквите зголемувања предизвикаа нестабилност на пензискиот систем и се ризик за сегашните и идните пензионери покажува најдобро состојбата со дефицитот на ПИОМ.

И дали заради зголемувањето од 2500 денари и притисокот врз состојбата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување беа исклучени со измена на законот од било какво понатамошно усогласување или зголемување на пензиите  пензионерите кои стекнале право на пензија во државата, овде плаќале придонеси и земале плата, но, се иселиле или не живеат повеќе во државата, а такви се околу 12 илјади?

Дали сите пензионери добија повеќе со овие усогласувања? Секако дека не! Мал број добија но повеќето изгубија со линеарното наместо да се применуваше Методологијата за усогласување на пензијата согласно растот на просечната плата и инфлацијата. А сите околу 350 илјади пензионери ќе изгубат со она што ќе го добијат во март 2026 година односно 1000 денари повисоки пензии.  Тоа лесно може да се пресмета и да се докаже дека најголем дел од пензионерите губат наместо да добијат.

Можете ли да прецизирате зошто според вас е спорен моделот на линеарен пораст на пензиите ?

Оваа пракса претставува манипулативен и исклучиво маркетиншки потег, со кој, наместо да се обезбеди правична и законска корекција на пензиите, се применува пристап што им нанесува штета на најголемиот дел од пензионерите.

Оваа одлука не ја одразува грижата за пензионерите, туку напротив — се работи за популистичка мерка што го прикрива реалното оштетување на пензионерите.

Штетата не застанува тука. Со ваквото линеарно зголемување се поткопува основниот принцип на пензискиот систем — дека секој добива пензија во согласност со своето работно учество и вложените средства. Наместо пензиите да се усогласуваат со економските реалности, како што се растот на трошоците и платите, Владата одлучува по дискреционен основ колку ќе додели на сите, подеднакво. Ова доведува до изедначување на примањата, без оглед на индивидуалниот придонес во системот.

Таквиот пристап создава неправичност и на среден и долг рок ја намалува довербата на осигурениците во пензискиот систем. Се испраќа порака дека вложувањето повеќе не носи резултат, што ја дестимулира желбата за издвојување придонеси, и на тој начин се загрозува стабилноста и одржливоста на приходите на пензискиот фонд.

Следната година трансферот од Буџетот до ПИОМ намина историски 1 милијарда евра. За редовна исплата на пензии во 2026 та ќе се потрошат 1,9 милијарди евра. Сумата се зголемува и поради растот на пензиите и поради зголемување на бројот на пензионери..

Да, во предлог буџетот на МСПДМ во Програма 6 Поддршка на социјални фондови, се зголемуваат средствата за 12 милијарди денари. Од околу 50 милијарди денари во 2025 буџетот за трансфер кон ПИОМ се зголемува на над 62 милијарди денари.

Тоа се парите кои од централниот буџет одат во буџетот на ФПИОМ за да се исплаќаат пензиите. Тоа е дефицитот или народски кажано дупката во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување која се зголеми енормно за само 17 месеци од доаѓањето на ова власт.

Во 2023 година средствата на оваа ставка беа во износ од околу 29 милијарди денари, во 2024 со ребалансот кој се поднесе со доаѓањето на новата власт беа околу 38 милијарди денари, во тековниот буџет за 2025 се околу 50 милијарди денари за да со овој предлог буџет за 2026 се зголемуваат на 62 милијарди денари или 1 милијарда евра.

Средствата кои се обезбедуваат од централниот буџет кон буџетот на  ФПИОМ за да можат редовно да се исплаќаат пензиите е резултат не само на зголемувањето на пензиите и растот на бројот на пензионерите туку и заради намалениот број на работници односно осигуреници со задолжително пензиско и инвалидско осигурување, односно намалените приходи на Фондот.

Во вкупните приходи на ПИОМ, 42 % се приходи од централниот Буџет. Тенденцијата беше да се намалува финансиската зависност. Зошто се зголемува? Бројките покажуваат дека расте бројот на вработени што значи дека треба да растат и приходите на ПИОМ..

Предлог буџетот покажува проекција од дефицит на ФПИОМ од 42%, но реалноста е друга. Дефицитот е поголем и тоа ќе се види кога ќе дојде во Собранието следната година, ребалансот на буџетот за 2026 година.

Лошите политики во изминатите 17 месеци во однос на пензискиот систем доведоа да се зголемува зависноста на пензискиот систем односно да зависи исплатата на пензиите од средствата кои се трансферираат до ФПИОМ од страна на централниот буџет.

Бројот на осигуреници со задолжително пензиско и инвалидско осигурување се намалува, во 2023 имало 573.372 осигуреници а во декември 2024 година овој број е намален на 556.294 осигуреници со задолжително пензиско и инвалидско осигурување, со тенденција за намалување и во следните години.

Соодносот на работник пензионер се спушти на 1,6 :1, а треба да знае дека најминималниот оптимален сооднос за стабилен пензиски систем е 3:1. Во стабилните европски држави се движи 5:1.

Наместо отворање на нови работни места и зголемување на  осигуреници со задолжително пензиско и инвалидско осигурување ние имаме затворање на фабрики и отпуштање на работници. Странските инвестиции иако се намалени, колку и да се, не треба да го надополнуваат бројот на отпуштените работници туку со новите инвестиции бројот на работници да се зголемува а со тоа да се зголемуваат и приходите на Фондот за ПИОМ.

Од друга страна имаме постојан раст на бројот на пензионери. Во декември 2023 година бројот на корисниците на пензија по сите основи изнесуваше 337.814 пензионери, во декември 2024 година 343.048 корисници, а во септември 2025 тој број пораснал на 347.352. Бројот на пензионери и во наредниот период ќе расте со оглед дека сме држава со повеќе возрасно население.

Како  ја оценувате стабилноста на државниот ПИОМ?

Она што претходно го елаборирав, во однос на зависноста на ФПИОМ и исплатата на пензиите од трансферот од централниот буџет, тенденцијата за раст на бројот на пензионери и намалување на бројот на осигуреници со задолжително пензиско и инвалидско осигурување односно работници кои плаќаат придонеси за пензиско осигурување, секако дека ќе влијае  негативно на стабилноста на пензискиот систем. Не може да биде стабилен пензискиот систем со над 42% дефицит. Мора да се направат одредени законски измени но и да биде власта исклучително внимателна при креирањето на идните политики во однос на пензиите.

Со оглед на состојбите во пензискиот систем, перспективно постојат неколку опции како состојбата би се подобрила: зголемување на даночната стапка за социјалните придонеси; зголемување на старосната граница за пензионирање; намалување на основицата за пресметка на пензијата, илинамалување на пензиите.

Која опција би била најдобро решение зависи од власта и спремноста на истата кон враќање на стабилноста на пензискиот систем а не кон популистички размислувања и решенија. Секако дека треба да се размислува и за зголемување на бројот на работници со задолжително пензиско и инвалидско осигурување. И тука постојат неколку опции но и тоа зависи од подготвеноста на власта за вистински а не за популистички решенија.

Д.А.