Моменталниот надолен тренд на глобалните цени на храната е сепак сеуште недоволен услов за надминување на незавидната ситуација во којашто се наоѓаат поголемиот дел од македонските семејства.
Професорот Борче Треновски за „Локално“ посочува дека нашите граѓани го трошат речиси целиот буџет само за храна, а процентот којшо тие го издвојуваат за оваа ставка не само што е голем (76 – 85 отсто),туку секојдневно и постојано расте.
„Ситуацијата стана уште поалармантна со последните покачувања на прехрамбените производи оваа година, што води до тоа оваа ставка за храна да се искачи на вртоглави 96% кај овие категории на граѓани, што значи дека тие го трошат речиси целиот буџет само на храна“, вели Треновски.
Специфичноста на ситуацијата во овдешните, македонски услови се рефлектира и во однос на оправданата дилема зошто кај нас цените на храната се уште значајно не се намалени како што упатува глобалниот индекс на храна. Има неколку причини за доцнењето, објаснува Треновски, а дел од нив се променливата побарувачка, шпекулативните однесувања на страната на понудата (бизнисите), ефикасноста на институциите во носењето на мерките и кредибилитетот во нивна комуникација итн.
Тој потсетува дека ранливоста на поголемиот дел од нашата популација особено ескалираше кога имавме ценовни скокови на храната.
Во насока на избегнување на вакви сценарија во иднина Треновски повикува на зголемување на отпорноста во однос на ваквите шокови што според него значи дека треба конечно да ги направиме структурните промени, пред се во контекст на поттикнувањето на производството на храна.
„Доколку останеме со очекувања дека следниот пат ќе биде различно, полесно ќе поминеме и не се подготвиме, ќе бидеме осудени да ја повторуваме лекцијата која тешко ја научивме“, заклучува Треновски.
Ивештајот на ФАО покажува дека индексот на глобалните цени на храната е зголемен во април.Покачувањето е многу благо и тоа само кај одредени производи , но се случува во континуитет, па оттука и прашањето дали треба да бидеме загрижени?
-Последните податоци објавени во Мај за индексот на ФАО кој ги покажува глобалните трендови на движење на цени на храната, покажува дека во Април 2023 во споредба со претходниот месец имаме скромно зголемување од 0,6%, додека доколку споредиме со истиот период од претходната 2022 година имаме значаен пад на цените на храната од 19,6%. Пад на цената е регистриран кај речиси сите производи: млекото, пченката, житариците, месото, маслата, брашното. Исклучок преставува шеќерот каде имаме значајно покачување во однос на претходната година. Тука би сакал да потенцирам дека од исклучителна важност е прецизно и точно да се толкуваат овие податоци, особено ако имаме предвид дека претходната недела имаше медиуми кои објавија написи и прилози според кои цените на храната во однос на претходната година наводно биле пораснати на глобално ниво за дури 20%. Реалноста е сосема различна, односно цените согласно статистиките на ФАО се во сигнификантен пад од 20%.
Ваквите дезинформации можат да предизвикаат страв и паника кај граѓаните со што ќе се зголеми побарувачката на одредени производи, па дури и да влијааат врз раст на цените, па би било особено важно пред објавување на вакви податоци истите внимателно да се проверат и споделат со јавноста. Она што всушност не смееме да го изгубиме од вид (и покрај ваквиот тренд на глобалните цени) и што ги погодува нашите граѓани, а поради што и дискутираме на оваа тема е фактот што цената на храната сеуште има огромно учество во буџетите на домаќинствата. Ова е во најдиректна смисла одговорно за ранливоста на нашиот животен стандард и реалното чувство на загриженост на значаен дел од нашите граѓани. Ако го земеме предвид фактот дека речиси половина од македонското население е сиромашно, тоа би значело дека отприлика кај нив цената на храната учествува со 76-85% во куќниот буџет.
Ситуацијата стана уште поалармантна со последните покачувања на прехрамбените производи оваа година, што води до тоа оваа ставка за храна (примарна потреба) се искачи на вртоглави 96% кај овие категории на граѓани, што значи дека тие го трошат речиси целиот буџет само на храна.На овие луѓе не им остануваат средства за здравствени трошоци, за образование, а камо ли за рекреација, култура итн. Затоа она што треба да не загрижи без разлика на моменталниот надолен тренд на глобалните цени е ранливоста на поголемиот дел од нашата популација, а таа особено доаѓа до израз и ескалира кога имаме ценовни скокови на храната – што беше евидентно периодов.
Предвидувањата се дека со закрепнувањето на глобалните економии од значителните забавувања, побарувачката ќе се зголеми и ќе врши нагорен притисок врз цените на храната.Дали постојат проекции до кога ќе трае трендот на овие поскапувања?
-Во следните 2 години се очекува позначајно закрепнување на економската активност, што следствено би имало соодветно влијание врз платите, определени суровини/материјали, транспортот и побарувачката итн. Ова согласно економската логика би имало определено нагорно влијание врз цените на определени ресурси/производи – меѓутоа не треба да се исклучат од оваа приказна иницијативите и преземените превентивни активности/политики од голем број на земји за приспособување на нивните економии кон користење на поевтини ресурси, нивно порационално користење, структурни прилагодување кон поголемо сопствено (или со своите партнери)производство храна и енергија – што пак би имало обратен ефект и ублажување на евентуалните идни шокови од повторни зголемувања на цените на храната и енергијата. Она што е важно за граѓаните и бизнисите е дека расположливите официјални/релевантни статистики и предвидувања покажувааат дека во периодот кој следи би требало да очекуваме позначајно намалување на инфлацијата, односно на општото ниво на цени – кое во значаен дел се должи на стабилизирање на цените на храната и енергијата мерките на монетарните/фискалните власти за смирување на инфлаторните очекувања.
Доколку се осврнеме на нашата економија ќе видиме дека во текот на последниот месец, токму поради цените на храната (учеството на храната во нашите буџети е значајно), имаме тренд на позначајно намалување на инфлацијата споредено со онаа на ЕУ каде храната учествува со многу помал процент во нивната потрошувачка кошничка. Оттука кај нас со самото намалување на глобалните цени, иако со определено задоцнување ефектите ќе се рефлектираат на нивото на инфлација и истата треба да има тренд на намалување до крајот на оваа и следната година. Проекциите покажуваат дека цените на храната во следните 2 години би требало да бележат определен тренд на намалување и стабилизација , а исто така надолен тренд се превидува и кај цените на некои од енергенсите како што се гасот и електричната енергија. Проекциите во однос на на цените на нафтата, како и металите се дека би бележеле благ тренд на зголемување.
Се разбира заедно со ваквите мои констатации не смееме да заборавиме дека сеуште постојат значајни предизвици кои можат да ја заматат сликата на во овие предвидувања. Ќе споменам само неколку: Војната во Украина – што ќе се случи доколку ескалираат судирите, поделбите на економски сфери на влијанија на глобално ниво можат да влијаат на глобалните трговски синџири, движењето на работна сила странските инвестиции итн. Забележуваме дека финансиските пазари се немирни и дека се уште има превирања во финансиските системи на САД додека во рамки на ЕУ состојбата со финансиските пазари и банкарскиот систем е постабилна. Имаме тренд на затегнување на монетарните политики ширум светот и рас на каматната стапка, што од друга страна исто така може да има влијание врз побарувачката и глобалната економска активност. Тука се и „уморните“ буџети на државите (меѓу кои и нашата економија) – голем дел од државите се веќе истоштени поради големите пакети на мерки кои ги превземаат, па оттука нивната отпорност да се соочат со нов шок би била нова област на ризик на која ќе треба да се внимава.
Меѓутоа, генерално, насоките се во во однос на позначаен пад на намалување на општото ниво на цените, каде свој придонес имаат позитивни најави дека цените на храната би се стабилизирале. Се разбира оваа глобална приказна, во нашата економија не се пренесува во краток временски период (моментално) и целосно – бидејќи за оваа трансмисија се важни и други специфики и фактори, кои веќе се значајно евидентни кај движењата на цените на храната. Во насока на прашањето – Зошто кај нас цените на храната се уште значајно не се намалени како што упатува глобалниот индекс на храна би ги спомнале: променливата побарувачката, шпекулативните однесувања на страната на понудата (бизнисите), ефикасноста на институциите во носењето на мерките и кредибилитетот во нивна комуникација, обемот и силата на мерките кои се преземаат, структурата на економијата, домашното производство на храна итн. Сепак, иако ќе има определно задоцнување глобалните трендови се “ветерот” кој не можеме долго да го игнорираме.
Генерално, поскапувањата се голем проблем во светски рамки, но особено кај нас со оглед на македонскиот стандард.Што може државата да превземе во оваа насока, особено ако го имаме предвид фактот дека земјоделството кај нас и покрај начелната подршка не се движи во посакуваната насока?
-Ние како мала земја можеме многу малку да направиме во однос на глобалните трендови во однос на движењата на цените на храната.Она што можеме да го направиме е да се подготвиме и да ја засилиме нашата отпорност во однос на ваквите шокови. Доколку има ураган покрај нас единствено ќе ни преостане е да ги засилиме нашите “темели”, да се “фатиме’’ за некое дрво, односно многу подобро да се подготвиме и да се соочиме со ваквиот шок и удар. Затоа насоката на размислување треба да биде во насока бизнисот и граѓаните, како и државата да бидат поподготвени и поотпорни на вакви “бури’’.
Што можеме да направиме во оваа насока и како најсоодветно да одговориме на предизвиците со ценовните шокови кога е храната во прашање?
-Прво што можеме да сториме е конечно да ги направиме оние структурни промени, пред се во контекст на поддршка и поттикнување на производството на храна. Кога велиме поттикнување/поддршка, тоа не значи само да се влијае со помош на субвенции и политички заложби. Потребни се промени во образовниот систем, унапредување на технологијата, обезбедувањето на капитал и знаење, модернизација на производството во земјоделието. Потребно е да се даде примат на производството на храна и искористување на природните ресурси кои ги имаме и кои одвај 1/3 се во функција (обработливи површини, шуми, пасишта, води итн.). Сведоци сме на тоа дека имаме огромни расходи за субвенции, каде што ќе биде потребно сериозно преструктурирање согласно реалните потреби на вистинските земјоделци, по учинок и продуцирање на култури (храна и суровини) кои ќе ја зголемат отпорноста на идните глобални нарушувања (на пр. стимулирање за производство на алтернативни култури покрај огромните субвенции за тутун чие производство ќе треба да се намалува со приближувањето кон ЕУ).
Потребни се сериозни пазарни мерки/политики од државата со кои би се мотивирало/стимулирало намалувањето на цените на определени производи од страна на производителите/трговците/
Потребна е добра регионална поврзаност и соработка која исто тоа е важна во услови на глобални нарушувања пред се на синџирите на снабдување со храна и енергија. Потребни се и политичка волја, ефикасни институции, зачувување на стабилноста на буџетот, кратење на прекумерните трошоци итн. Она што е најважно и што се надевам го научивме е дека сите реформи кои се потребни да се подготвиме за вакви “шокови’’ се прават во мирнодопски услови, а не во криза. Сега, кога веќе полека се стабилизира ситуацијата исклучително важно е да не заборавиме каде е нашата ранливост, каде најмногу не „болеше“ и веќе треба да почнеме да преземаме определени политики/мерки со цел полесно и да се соочиме со некоја следна „бура“ која не знаеме кога, но сигурно ќе дојде. Доколку останеме со очекувања дека следниот пат ќе биде различно, полесно ќе поминеме и не се подготвиме, ќе бидеме во осудени да ја повторуваме лекцијата која тешко ја научивме.
К.В.С.