Интервју со Беџети: Ако се троши домаќински, нема доволно научно изджани докази дека повисоките даноци негативно влијаат во економскиот раст

од Vladimir Zorba
487 прегледи

Во услови на континуирано и тензично преиспитување на потребата од нови даноци, академик Абдилменаф Беџети како суштински аргумент ја посочува науката, а таа според него, не нуди докази дека повисоките даноци негативно влијаат врз економскиот раст. Проблемот според него е кај нас, бидејќи недомаќинското трошење на јавните пари не влева доверба дека приходот од даноците ќе заврши на вистинските места во смисла на подобрување на јавните услуги.

Јас се залагам за транзиционен период во прогресијата и тоа првата стапка да се задржи на 10% и втората стапка да почне со праг од над 100.000 денари со 14 или 15% за по 3 до 5 години да  се воведе и третата стапка од 20%. Со ова и бизнис заедницата би имала време за прилагодување и планирање, но да биде проследено со подобрување на институциите и ефикасна алокација на јавните расходи, со приоритет во продуктивни и капитални инвестиции“, вели Беџети во интервју за „Локално“.

Во оваа насока се и пресметките и симулациите кои според него  покажуваат дека доколку се воведе прогресија на данокот на добивка од втора стапка по 20% од праг над еден милион евра буџетот би добил над 70 милиони евра годишно повеќе. Тоа се значителни фискални ресурси со кои може да се подобри образованието, здравството, па и некои социјални програми.

Овие цели од друга страна мора да препостават финансиска дисциплина и одговорност за потрошените јавни пари.

„Системот на контрола на јавните финансии нормативно добро ги регулира овие аспекти. Проблемот е во одлучноста за одговорност во случај на  неекономско и недомаќинско управување. Кој поднел одговорност или пак му бил  запленет или пак конфискуван имот стекнат на противправен начин?“ прашува Беџети.

Искажавте несогласување со дел од стопанствениците дека  зголемувањето на даноците ќе влијае негативно врз економијата. Ако ја анализираме реформата од аспект на воведување на мала даночна прогресија, во колкава мерка се наметнува бенефитот во споредба со несаканиот, дополнителен товар
на кој предупредува бизнис заедницата?

-Нема доволни научно изджани докази дека повисоките даноци негативно влијаат во економскиот раст, се разбира доколку домаќински се употребуваат јавните пари, т.е. добри иснтитуции и добро управување. Во просек даноците на персонален доход, па и на богатството во земјите членки на ЕУ се трикратно и повеќе повисоки одколку кај нас а сепак нивните економии се посилни и поразвиени. Овие даноци се дури два пати повисоки во Скандинавските земји и во однос на САД (а во однос на нас се дури четири пати), но сепак просечната стапка на раст (и тоа одржливо на долг рок, над 20 години), и просечната стапка на раст во тие земји е за 50% повисока од просечната стапка на раст на економијата на САД. Проблемот е во непродуктивните јавни расходи и несоодветното трошење. Во принцип, начинот како се трошеле јавните пари кај нас, особено во минатото, секако дека не треба да растат даноците.

Јас се залагам за транзиционен период во прогресијата и тоа првата стапка да се задржи на 10% и втората стапка да почне со праг од над 100.000 денари со 14 или 15% за да по три-пет години се воведе и третата стапка од 20%. Со ова и бизнис заедницата би имала време за прилагодување и планирање, но сето ова проследено со подобрување на институциите и ефикасна алокација на јавните расходи, со приоритет во продуктивни и капитални инвестиции. Паралелно со ова и прогресија во данокот на добивка, погодова со еден праг на добивка од над еден до два милиони евра. Пресметките и симулациите ни покажуваат дека доколку се воведе прогресија на данокот на добивка од втора стапка по 20% од праг над еден милион евра, буџетот би добил зголемен за над 70 милиони евра годишно. Тоа се значителни фискални ресурси со кои може да се подобрува образованието, здравството па и некои социјални програми.

Досегашното искуство покажа дека покачувањето на даноците ретко кога го постигнува посакуваниот ефект -обезбедување систем на подобрување на реалните услуги, пред се во образованието. Оттука, со каков аргумент овој пат треба да истапи Владата ?

Аргументите треба да бидаат во делот на ефикасна и продуктивна алокација на дополнителните приходи (и не само) преку транспаренти индикатори и механизми. Тоа е можно преку индикатори на перформирање и преку строги превентивни фискални контроли каде, како и кои резултати се постигнати во однапред дефинирани приоритети кои ги наброив погоре.

Менаџирањето на јавните приходи и расходи,особено во однос на нивната ефикасност останува рак рана. Каде се прават чекорите кои понатаму не водат во погрешна насока?

-Да, така е, но затоа се потребни реформи во управување со јавните финансии. Во последните две-три години, и поради Ковид кризата и инфлациско/енергетската криза во некои буџетски линии се покажа дека тоа е можно. Треба строги политики, утврдени приоритети и строги контроли и одговорности за непочитување на правилата, критериумите и ефектите. Таков механизам, Министерството за финансии воведе и кај степенот и динамиката на реализација на капиталните јавни расходи. Направени се значителни заштеди со подомаќинско и попрудентно управување на јавните расходи но треба уште многу да се работи во овие аспекти.

Транспарентноста и отчетноста се веројатно меѓу најчесто употребуваните термини во рамки на сите говори и обраќања. Како до поголема финансиска дисциплина и одговорност за потрошените јавни пари?

-Системот на контрола на јавните финансии нормативно добро ги регулира овие аспекти. Проблемот е во одлучноста за одговорност во непрудентно, неекономско и недомаќинско управување. Кој поднел одговорност или пак му се запленети или пак е задолжен да ги врати или да му се конфискуваат имоти стекнати на противправен начин? Тука е проблемот. 

Јавниот долг станува горливо прашање , но се чини дека засега нема решение. Дали сме блиску до границата после која многу од работите нема да изгледаат исти?

Последниот податок од крајот на Јануари што го објави Министерството за финансии е дека јавниот долг паднал на ниво 57% од БДП што е добар показател доколку остане одржлив. Проблемот сеуште стои кај невидените или пак скриените јавни долгови во сите нивоа на власт, вклучувајќи ги и тие на јавните и претпријатијата со државен капитал. Новиот Закон за Буџет предвидуав строги буџетски правила (златни правила), предвидува ограничување на дефицитот и јавниот долг, предвидува самостојно тело т.н. фискален совет кој директно би му одговарал на Собранието. Сега треба тие законски решенија да се применуваат. Уште еднаш, не е проблемот во нормативното уредување туку во доследната примена на истите.

Македонија има една од највисоките стапки на инфлација во регионот. Најранливите категории граѓани особено се погодени од растот на цените на храната кои и по одлуката за субвенционирана струја, сепак незначително се намалија. Каква стратегија е најсоодветна за нашата држава во услови на актуелната светска криза?

Годишната инфлација беше 14,1% и не е највисока туку е факт дека ги погодува најсиромашните затоа што цените на основните прехрамбени и животни потреби се многу покачени а овие цени најмногу ги погодуваат најсиромашните. Преку дополнителните приходи треба да се подржуваат најранливите социјални групи како и најпогодените компании од високите цени на инпутите. Затоа Владата го предлага Законот за солидарен данок.

Зошто континуирано покажуваме неуспех кога се во прашање инфраструктурните проекти иако е повеќе од јасна нивната улога во развојот на економијата?

Недостиг на капацитет на институциите, почнувајќи од големи непотребни процедури и препреки во системот на јавните набавки па се до ефикасна контрола над реализација на проектите. Мислам дека недостатокот на одговорност на надлежните во тие институции кои се носители на овие проекти влијае многу во потфрлувањето.

К.В.С.

Слични содржини