Од ДУИ на прес-конференција соопштија дека „го осудуваат обидот на власта преку законски предлози да го наметне антиохридскиот дух“. Од ДУИ се повикуваат на предложените измени во Законот за средно образование, во кои се предвидува и интонирање на македонската химна на почетокот и на крајот на учебната година. Пратеничката Дијана Тоска на прес-конференција рече дека „ова претставува отворен напад врз темелите на меѓуетничката еднаквост и обид за воспоставување доминација на еден етникум“.
-ДУИ најостро ги осудува тековните напори на Владата да наметне антиохридски дух преку законски предлози насочени кон создавање етничка надмоќ и поткопување на мултиетничката еднаквост, што е од суштинско значење за стабилноста и иднината на Северна Македонија. Предложените измени во законот за средно образование, кои меѓу другото предвидуваат: асиметрична употреба на јазикот и писмото во педагошките документи, развој на културните дејности само во духот на македонската традиција и националната историја, маргинализирање на културата и придонесот на заедниците на другите етнички групи во земјата. Ставови кои го исклучуваат мултиетничкиот идентитет во средните училишта и промовираат доминација на едностран етнички наратив, нарушувајќи ја еднаквоста загарантирана со Охридскиот договор и Уставот, истакна Тоска.
Пратеничката додаде дека овие одредби претставуваат отворен напад врз темелите на меѓуетничката еднаквост и обид за воспоставување етничка доминација, што е во спротивност со духот и целта на Охридскиот договор.
-Наместо да промовира соживот и инклузија, власта промовира поделеност и несигурност во нашето општество. Единствено решение за заштита на иднината на државата е враќање на отворен дијалог и почитување на духот на Охридскиот договор, децидна е Тоска.
На почетокот и на крајот од учебната година, при завршувањето на средното образование, при одбележување на патронатот, како и при други прослави, треба да се интонира државната химна. Ова го предвидува новиот Закон за средно образование. Министерката за образование Весна Јаневска истакнала дека интонирањето на химната не е задолжително. За пуштање на химната ќе одлучуваат институциите под чија капа се училиштата, односно општините и Град Скопје.