Министерството за внатрешни работи пред два дена добило пријава од родител во врска со извидничкиот камп во близина на Скопје, на кој според, тврдењата на родителот, малолетни деца биле вклучени во непримерни активности.
Од МВР за МИА потврдуваат дека извршиле разговор со родителот и оти за случајот е известен Јавен обвинител. МВР, како што, нагласија оттаму постапуваат по насоки дадени од обвинителството за расчистување на случајот.
Упатени извори во случајот потврдиле дека и лица што се инволвирани во активностите на извидничкиот камп, по насока на обвинителството се повикани на разговор во полиција.
За случајот пишуваше „Слободен печат“, во чија редакција се обратил родител и сведочел дека неговата малолетна ќерка доживеала шок и трауми на извидничкиот камп организиран изминатиот викенд во близина на Скопје, насловен како „Есенски бакнежи и прегратки, секс скаутс и рокенрол“. Според сведоштвата на неговата ќерка за кои тој зборува во аудиоснимка објавена на „Слободен печат“, на кампот имало непримерни активности во кои малолетници, меѓу другото, „симулирале секс-пози до манастир“ под превез на сексуална едукација.