Инзаги ќе го продолжи договорот со Интер до 2024 година

од Vladimir Zorba

Тренерот на Интер, Симоне Инзаги ќе го продолжи договорот со фудбалскиот клуб до 2024 година, објавија денеска италијанските медиуми.

Како што тврди „Газета дело Спорт“, Инзаги ќе го продолжи договорот до 2024 година, со можност за продолжување на соработката за уште една сезона.

Тој летово потпиша двегодишен договор со тимот од Милано, но со добри резултати го убеди сопственикот Стивен Жанг да му понуди нови услови. Инзаги ќе добие покачување, па наместо 4,5 милиони евра годишно, со новиот договор ќе заработуваат пет милиони евра и дополнителни бонуси.

Според „Газета“, Жанг има многу добри односи со Инзаги и го цени сето она што поранешниот напаѓач го направи на теренот и надвор од него во првите неколку месеци откако дојде во клубот.

Жанг со тимот пристигна во Ливерпул, каде италијанскиот шампион вечерва од 21 часот го игра реванш натпреварот од осминафиналето на Лигата на шампионите. Во првиот дуел во Италија, Ливерпул победи со 2-0.

Интер ги постигна првите две цели сезонава – италијанскиот Суперкуп и пласманот во осминафиналето на Лигата на шампионите, првпат по 10 години.

„Нероазурите“ во моментов се втори на табелата во Серија „А“ со два бода помалку од водечкиот Милан, со натпревар помалку.

Слични содржини