Трите услови на Цариградската патријаршија: „Треба да се преговара со наши аргументи, проблемот со Православната црква на Украина самите го направивме“

од Nikola Popovski

Томосот, извесно и понатаму ќе остане недоделен. Изјавата на архиепископот потврдува дека постојат проблеми во односите со Вселенската патријаршија. Мислам дека тие проблеми ескалираат и дека ќе треба подолго време да помине за да се решат. Архиепископот наведува три услови кои ни се поставуваат, а тоа се оние услови кои досега ги спомнуваше владиката Петар, но не ги спомнуваа владиката Пимен, кој кажуваше дека „условите кои ни се поставуваат не се толку тешки“, ниту, пак, владиката Тимотеј, кој неодамна рече дека „нашето непризнавање на Православната црква на Украина е главниот проблем“ , вели во разговор за „Локално“, верскиот аналитичар и новинар, Бранко Ѓорѓевски околу условите до МПЦ за да ѝ се додели томос за автокефалност.

Според него, постои одредена конфузија во нашите црковни редови околу тоа што навистина се бара од нас од страна на Вселенската патријаршија.

-Мислам дека е главен проблем дали ние сакаме да разговараме и да добиеме Томос од Вселенската патријаршија. Не мал дел од владиците во нашиот Синод сметаат дека ние веќе сме автокефална црква со Томосот што сме го добиле од Српската православна црква и дека воопшто нема потреба да бараме томос од Цариград. А не е така, бидејќи тој е најважен Томос. Но, за тоа не се зборува и не се постигнува единствен став туку вака, од време на време, ќе се кажува што е проблемот, а веќе цели две години не се прави многу за да процесот на нашата автокефалност биде целосно завршен, смета Ѓорѓевски.

Бранко Ѓорѓевски

Трите услови од Цариградската патријаршија, според архиепископот г.г. Стефан, се откажување од името Македонска Православна Црква, отстапување на македонската дијаспора и признавање на Православната Црква на Украина (чија автокефалија е доделена од Цариградската Патријаршија). На прашањето дали има начин овие барања да се преформулираат и проблемот да се надмине, аналитичарот вели постои.

-Што и да се бара, за тоа треба да се преговара со наши аргументи. Проблемот со Православната црква на Украина самите сме си го направиле со нашата одлука да не ја признаеме новата црква која го доби томосот од Вселенската патријаршија, а што воопшто не ни беше неопходен чекор. Тоа очигледно ја налути Вселенската патријаршија која сега, преку последната посета на нејзиниот владика Кирил, ни порача дека од нас бара да ја признаеме Украинската црква, а што е прашање како ќе го направиме, а да не ги налутиме црковен Белград и Москва. Зошто, сега, на пример архиепископот Стефан и овој услов го смета за неприфатлив? Зошто ние не можеме да ја признаеме или барем да сослужуваме со ПЦУ како што тоа од нас се бараше во изминатиов период?, прашува Ѓорѓевски.

Зошто беше потребно, додава тој, нашата Црква да носи одлука со која не ја признава ПЦУ.

-Па, неодамна, токму нашиот Синод донесе одлука да формира Комисија која треба да го разгледа украинското црковно прашање. Што доколку таа Комисија дојде до заклучок дека ПЦУ може да ја признаеме како автокефална црква. Немаше потреба архиеспископот Стефан да тврди дека и тоа е нперифатлив услов. Или, тоа го кажува под нечиј притисок? Околу дијаспората, можеме да укажеме дека ваквото барање на Вселенската патријаршија е директно спротивно на одлуките на Сеправославниот собор на Крит од 2016 година. Таму беше договорено да, додека прашањето на црковни дијаспори не се реши глобално, на различни континенти да се формираат меѓуепископски конференции за да сите православни цркви делуваат заедно и никој де не биде под никого, дециден е верскиот аналитичар.

Според Ѓорѓевски, не можеме да прифатиме поинаков статус за наша дијаспора отколку што го имаат другите православни цркви.

-И во однос на името треба да го браниме нашиот став дека нашето уставно име Македонска православна црква ќе го имаме во внатрешна употреба, а блокот на хеленските православни цркви може да не именува како Охридска Архиепископија, по принципот на „двојна формула“. Излези и од вакви барања на Вселенската патријаршија, ако се навистина такви, има, само треба да се седне и да се разговара, заклучува новинарот.

Телевизија Храм

Светиот Синод на Вселенската патријаршија на 5 мај 2022 година под претседателство на вселенскиот патријарх Вартоломеј донесе одлука со која Македонската православна црква – Охридска Архиепископија ја призна за канонска црква. Оваа одлука не значи томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на македонската црква туку објава дека црквата повеќе не е во шизма и раскол со православниот свет.

Македонската црква сега очекува Томос од Вселенската патријаршија за автокефалност.

Н.П.

Слични содржини