Исени: Победата во Тетово и дава крилја на опозицијата, ќе се зголеми притисокот за предвремени избори

од Vladimir Zorba
422 прегледи

Не престануваат препукувањата меѓу двете најголеми партии во земјава по изборите за градоначалници во Маврово-Ростуше и во Центар Жупа, како и тие за членови на Советот на Општина Тетово, кои се одржаа во саботата.

И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ прогласија победи на изборите – едните во изборот на градоначалници, другите за советници во градот под Шара.

Политиколог Џенур Исени, во разговор за „Локално“ вели дека резултатите од изборите покажале дека „на партиите од власта не им се пишува добро на следните парламентарни избори“.

-Овие избори даваат политичка порака, особено за партиите на власт, дека не може се да помине без почитување на волјата на соодветните електорати и тоа е поврзано со меритократија, коректна посветеност и достоинствена застапеност во државните институции. Победата во Маврово и Центар Жупа не значат ништо за СДСМ, бидејќи во едната од општините и практично немаа противкандидат, смета политикологот додавајќи дека:

„Овие избори ќе ги покачат уште повеќе апетитите за барање на вонредни парламентарни избори“.

Исени е сигурен дека пораката од изборите во Тетово е јасна – „граѓаните бараат промени и се уморни од истите ликови“.

-Презентирањето на стари и здодевни личности во партиските кампањи беше голема грешка, особено на Ахмети и неговите кадри. Да не заборавиме дека изборите во Тетово имаат административен карактер и тест за моќта на политичките партии, подвелкува тој.

Тој смета дека со победата на БЕСА во албанскиот и ВМРО-ДПМНЕ во македонскиот блок во Тетово ќе се зголеми притисокот за предвемени парламентари избори.

– Од резултатите во Тетово сега опозицијата како да зема крилја, и уште повеќе ќе го зголеми притисокот за предвемени парламентари избори. Искрено мислам дека Беса е позитивно изненадување од изборниот резултатат, односно и не очекуваа ваков резултат. Крајно неочекувано за јавноста беше катастрофалниот пораз на Алијансата за Албанците, односно дека ДПА доби повеќе гласови од нив, појаснува тој.

Победата на СДСМ во Маврово и Центар Жупа, според политиколог, ќе биде само утеха, но како што вели и причина или алиби пред јавноста дека ВМРО нема висок рејтинг моментално.

-Но, сигурен сум дека доколку има парламентарни избори, резултатите ќе бидат сосема спротивни, подвелкува тој.

Изборот на коалициските партнери главна грешка на Села

Исени смета дека дебакалот на Алијанса на Албанците на изборите во Тетово е поради коалициските партнери.

-Главната и континуирана грешка на Зијадин Села како предводник на Алијансата за Албанците беше изборот на коалициските партнери досега. Со сите што имаше коалиции, заврши лошо неговата партија. И од овој факт, беа изморени и нејзините активисти, но и од последователните порази на Зијадин Села. И природно беше и неговата оставка, бидејќи немаше никакви алиби да продолжи понатаму. Алијансата за Албанците има потреба од отвореност, а не партнер, подвелкува тој.

Тој смеат дека на Алијансата за Албанците и треба „победа, а не милост“, додавајќи дека на оваа партија и треба повторно да се консолидира и да создаде владејачка алтернатива, а не како што вели да има за цел да биде замена за ДУИ.

-Баш за ова последното, оваа партија претрпи последователни порази на сите избори досега, вели Исени.

Б.М.

Слични содржини