Исмаил: Лустрацијата беше алатка за ликвидација на сите за кои Груевизмот сметаше дека им стојат на патот на остварување криминалните замисли

од Ивана Рамаданова
400 прегледи

Дали новиот предлог закон кој е доставен во Собранието за поништување на сите одлуки на лустрацијата, може да ги исправи неправдите што ги донесе овој процес. Деновиве и покрај обидот да започне разгледувањето на предлогот за поништување на лустрацијата, процесот останува закочен во Комисијата за политички систем. Закажаната расправа за потребата од поништување на лустрацијата не успеа да се одржи поради немањето кворум и опструкциите од пратениците. Сепак голем дел кои беа оштетени, сеуште го чекаат Законот за поништување да стапи во сила како би им се укажала можност целосно да ја потврдат нивната недолжност.

Според поранешниот министер за култура, Ѓунер Исмал, ова е еден еден убав чекор во ослободувањето на заробената држава.

„Значи, и на малите деца им беше јасно дека процесот на Лустрација, најпрво пласиран како идеја на неколку превејани мативоди, Диктатурата на Груевски го прошири и надгради во алатка за пресметка, дискредитација, па и ликвидација на сите за кои сметаше дека им стојат на патот на остварување на нивните криминални замисли, но и задачи добивани од разни страни на светот со оглед на тоа што Малите Диктатори никогаш не се автономни во практикувањето на диктатурата. Кој сакаше тоа да го види можеше да го види уште во есента 2006-та година. Како и да е, ете и јас тогаш станав предмет на тој процес, а како човек кој секогаш мислел, знаел дека Македонија се соочува со фашизам, немаав никакви дилеми дека фашистичката чизма ме нагазила и мене“, додава Исмаил.

Исмаил вели дека бил сосема рамнодушен кон конкретната постапка и воопшто не помислувал дека треба да “истерува правда“ и да се занимава со извршителите.

„Мојата цел беа наредбодавачите и еве ги: Некој е во странство-избеган, некои се тука ама со голема неизвесност колку време уште ќе бидат на слобода, а некои кои мислат дека нивните имиња на (со)учесници во процесите на окупација, во кој лустрацијата е дури еден од побенигните, ќе останат неоткриени, живеат во страв дека правдата кога и да е ќе ги стаса. И ете, процесот на Прогласување на ништовност на Лустрацијата е започнат. Ни се укажува шанса да ги (до)согледаме сите оние кои денес го кочат, а тогаш соработуваа. И таа препрека ќе биде помината па ќе уследи, сепак, прогласување на ништовност од која, сакале ние, или не сакале ќе мора да има последици за сите кои стоеја на “таа страна“. Како ќе изгледаат тие “последици“ им оставам на нивните ноќни кошмари, затоа што знаете како е. Сепак упропастија многумина, семејства завија во црно, а направија и национални штети провалувајки во безбедносните сфери каде работите се решаваат на начин кој ќе го запознаат, поранешниот министер за култура“, Ѓунер Исмал

Лустрацијата беше спроведувана од 2009-та до 2015-та како дополнителен услов за извршување јавна функција, но опфати и поранешни и починати лица. Комисијата за лустрација донесе околу 200 решенија за угледни политичари, професори, писатели, активисти и полициски функционери. Пред две години Комисијата беше укината, како и неколку десетици од нејзините решенија, а неколкумина од оние што беа прогласени за соработници на безбедносните служби, својата недолжност ја докажаа преку Судот во Стразбур. Законот за поништување е предложен од Владата и вклучува обештетување на оние кои неправедно биле прогласени за кодоши.

Комисијата за лустрација за време на 9-годишното постоење, проверила над 30.000 лица и лустрираше околу 200 лица, при што околу 40 од решенијата на лустраторите паднаа на управниот суд, додека околу 80 се однесуваат на починати лица, кои не можат да го искористат правото судски да ја оспорат одлуката. Притоа, многумина беа лустрирани без докази, со селективен избор на документација, па дури беа лустрирани и погрешни луѓе.

Според податоците од комисијата за лустрација, од вкупниот број лица за кои е утврдена соработка со органите на државната безбедност, 45 не покренале постапка пред надлежните судови, додека сите други 139 покренале постапки. До 2015 година, кога комисијата го губи мандатот да отвора и да води постапки, во постапка пред Управен суд биле 35 решенија, додека 5 решенија се наоѓале пред Вишиот управен суд, по жалба на комисијата. По речиси едногодишно исчекување, Управниот суд минатата година за неколку денови ги поништи сите 35 решенија на комисијата.

 

 

Слични содржини