Францускиот предлог за кревање на ветото кој доби „НЕ“ од премиерот Димитар Ковачевски , стана и европски откако Бугарија го ратификуваше во Собранието. Во моментов нема промена во однос на ставот на Скопје за францускиот предлог и преговорите продолжуваат.
Реџеп Исмаил од „Левица“ во разговор за „Локално“ потенцира дека „Франција е еден од најголемите противници на проширувањето на ЕУ“, појаснувајќи дека Македонија треба целосно да го промени надворешно-политичкиот курс и да бара алтернатива и можности „за соработка со земјите кои нè гледаат достоинствено како народ и држава“.
-По големото проширување на Европската Унија во 2004 година, кое беше заокружено со интеграцијата на Романија и Бугарија во 2007 година, сведоци сме дека политиката на проширување на ЕУ, трпи сериозни измени кои го усложнуваат процесот до степен на невозможност. Очигледно е дека веќе одамна проширувањето не е приоритет на Унијата, а сведоци сме дека истото, претходно се случи многу повеќе заради геополитички отколку заради било какви други „европски“ причини. Франција е еден од најголемите противници на проширувањето на ЕУ! Тие можеби за тоа не говорат гласно, но да се потсетиме дека новата методологија на проширување донесена пред две години специјално за земјите од т.н. Западен Балкан, беше усвоена под притисок и предлог на Франција. Денес на сите им е јасно дека поради внатрешната регулатива на одлучување во ЕУ доволно е само една земја членка да не сака проширување и истото да стане лесно спроведливо, објаснува Исмаил.
Тој посочува дека „повикот за будење“ се случил уште при насилната промена на уставното име на земјата, поради ЕУ и НАТО интеграцијата, за што како што вели дека „Левица“ предупредувавла, дека покрај новите проблеми, „нема да допринесе кон ништо добро, што денес се испоставува како апсолутна вистина“.
-Остануваме на ставот дека Македонија треба целосно да го промени надворешно-политичкиот курс и да бара алтернатива и можности за соработка со земјите кои нè гледаат достоинствено како народ и држава, подвлекува тој.
Според него решението кое го нуди Европската Унија со францускиот предлог потсетува на она со Грција.
-Или ќе прифатите интеграција под бугарските услови, при што ви се негира вашето постоење или нема да бидете дел од ЕУ. Такво членство во ЕУ нам како држава не ни треба. Нема потреба да трошиме години во преговори, национални омаловажувања и проблеми!, смета Исмаил.
Едноставно е, мораме да се избориме за свое место под сонцето, вели тој појаснувајќи дека тоа е единствено можно преку соработката и закрепнувањето на државата преку развивањето на односи со државите надвор од западноцентристичката матрица.
Во врска со изјавата на Османи дека се „фрлало дрва и камења“ по Албанците поради тоа како се однесува кон спорот со Бугарија, со цел да се ослабне позицијата на државата и да се обезбеди политичка предност за опозицијат, за членот на Президиумот на „Левица“, шефот на дипломатијата е свесен за своите дипломатски и политички неуспеси и тој завзема позиција на жртва, „злоупотребувајќи емоции заради припадноста кон малцинската етничка заедница“.
-Османи е делумно во право, се „фрлаат дрва и камења“ по него и тоа е најмалку што треба да се случува по бројните катастрофи и омаловажувања кои ги трпи македонскиот народ и држава поради лепезата неуспеси на македонската дипломатија. Но, тоа не е заради тоа што тој е македонски Албанец, туку е заради тоа што, како и секој останат министер од ДУИ, водејќи се од ситнопартиските интереси, тој едноставно не ги застапува интересите на државата. Ова го потврдува и фактот дека заедно со Маричиќ и кругот околу него, учествувале во креирањето на понижувачкиот француски предлог, кој го криеја далеку од очите на јавноста, идентично, како што се случува и со работата на т.н. „историска комисија“. Свесен за своите дипломатски и политички неуспеси тој завзема позиција на жртва, злоупотребувајќи емоции заради припадноста кон малцинската етничка заедница, смета Исмаил.
На прашањето дали се очекува некаква промена во одлуката на актуелната влада и прифаќање на бугарските услови, како што сугерираат некои домашни аналитичари, според членот на „Левица“ одлуката за неприфаќање на предлогот била направена свесно поради „нестабилноста“ на власта, додвајќи дека во наредниот период по примерот со Грција ќе следи релативизирање на работите и „отпочнување на процес во која ќе треба да се „изработи“ јавноста“ .
-Откако го проверија пулсот на јавноста им беше јасно дека ќе им се случи народ на улица, ваквата одлука имаше исклучителна намера да ја спаси токму нивната Влада.Убедени сме, во наредниот период (по примерот со Грција) ќе следи релативизирање на работите и отпочнување на процес во која ќе треба да се „изработи“ јавноста со цел уште едно спроведување на туѓа агенда. Впрочем, НЕ кажа само Премиерот, но не и Владата – министерот за Надворешни работи отворено изјави дека предлогот бил прифатлив после неговото шминкање во парламентот во Бугарија, смета тој.
Исмаил смета дека после се, неминовен е прекин на преговорите и работата на т.н. историска комисија.
-Проблем не е само францускиот предлог и понижувачкото однесување од Бугарија. Сведоци сме на искажани територијални претезии и негација на туѓо постоење во официјален орган на државна власт од пред неколку дена, а и од европарламентарецот кој во ист наратив испрати фашистички поздрави од Европарламентот. Ако ова не е доволно за прекинување заострување на релацијата со една соседна држава, тогаш што уште треба да се случи. Како партија, не практикуваме да говориме за карикирачки хипотетички ситуации, но од позиција на Власт, во ваква ситуација би ги прекинале билатералните односи со Бугарија и комуникацијата помеѓу двете земји и истите би ги продолжиле како исклучително еднакви страни, во рамки на меѓународните организации во кои имаме еднаква стартна позиција, како што се Советот на Европа, ОБСЕ или евентуално ООН , подвелкува тој додавајќи дека:
„Во таквата комуникација би останале се додека не добиеме еднаков третман како сите останати држави и гаранција за релација која се заснова на почитување на одредбите од меѓународното право за комуникација помеѓу две држави“.
-Не смееме да бидеме во позиција на одбрана, кога имаме полно историско и морално право да бидеме офанзивни во надворешната политика, особено кога се работи за односите со Бугарија, вели тој.