Исмаил: Поради ваков закон за легализирање на дивоградби, функционираше дискотеката во Кочани и ни се случи најголемата трагедија

-Низ овие 15 години, се случи фавелизација во централните градски подрачја низ целата држава, вели пратеникот за продолжување на рокот за легализација на дивоградбите

од Nikola Popovski
21 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

На денешната собраниска седница, пратеникот и потпретседател на Левица, Реџеп Исмаил – Хактан во своето излагање реагираше на предложените измени за продолжување на рокот за легализација на дивоградби, оценувајќи ги како штетни и крајно опасни.

„Ова решение е катастрофално од самиот почеток! Практично, ние го правиме бесмислено кривичното дело „Бесправно градење”. Во практиката, низ овие 15 години, се случи фавелизација во централните градски подрачја низ целата држава.

ЗЕЛС од каде што доаѓа иницијативата, ги прескокна сите проблеми, преспа сѐ од суштинска важност и сега приоритет е да се продолжи законот за легализација на дивоградби?“, праша пратеникот.

Исмаил потсетува дека, како што вели, токму најголемата катастрофа што се случи во Македонија, објектот во кој изгореа 63 млади луѓе, беше токму под овој закон – легализиран и кој функционираше како дискотека, „токму благодарение на ваков закон со кој ги легализиравте дивоградбите наместо да ги казните оние коишто градат бесправно“.

Собранието во рамките на 85. седница по скратена постапка го донесе Законот за изменување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Со овие измени, рокот за легализација на дивоградбите се продолжува за уште пет години, односно до 2031 година.

Дополнителните пет години се дадени за да се завршат постапките за објектите изградени до 2011 година и формално измените не отвораат нова врата за нови барања, туку се однесуваат исклучиво на оние граѓани кои веќе поднеле документација и со години чекаат разрешница.

Законот беше донесе со 67 гласови „за“, пет „против“ и без ниту еден воздржан.