Воведување прогресивно оданочување и данок на луксуз, ревизија на приватизацијата, социјална позитивна дискриминација при вработување наместо етничка, нов начин на распределба на добрата, формирање државна аграрна банка за помош на земјоделството и легализација на канабисот за рекреативна употреба се само дел од заложбите на Левица во пресрет на предвремените парламентарни избори 2020, вели носителот на листата на кандидати за пратеници на оваа политичката партија во Изборната единица 2, Реџеп Исмаил во интервју за МИА.
– Ние пред се ги привлекуваме гласовите на граѓаните со нашата искреност, чесност и елан како нова политичка партија која што најбрзо расте и е најнезависна и најнеобична од другите политички партии затоа што ние сме партија на новата генерација која што е без политички багаж зад себе, вели Исмаил.
За идејата на ДУИ за „Прв премиер Албанец”, Исмаил смета дека тоа е крик на очај на оваа партија „која што веќе губи популарност и се држи на стаклени нозе.
– Идејата за премиер Албанец, значи премиер по етничка основа е во крајна линија примитивна. Мислам дека електоратот треба да престане да се гледа како етничка група, затоа што буржоаските партии… електоратот го гледаат како консументи и им пристапуваат како да им продаваат некакви производи, додава Исмаил.
Тој очекува по претстојните избори Левица да стане парламентарна партија и да има „барем пратеничка група во Собранието”.
Во продолжение следува интегралното интервју на носителот на листата на кандидати за пратеници на Левица во Изборната единица 2, Реџеп Исмаил.
Изборната кампања почна. Веќе ги презентиравте своите програми пред гласачите. Ќе може ли накусо ударно да наброите пет клучни работи со кои ќе ги привлечете гласовите на граѓаните?
– Ние пред се ги привлекуваме гласовите на граѓаните со нашата искреност, чесност и елан како нова политичка партија која што најбрзо расте и е најнезависна и најнеобична од другите политички партии, затоа што ние сме партија на новата генерација која што е без политички багаж зад себе. Нејзините раководни луѓе, луѓето коишто ја раководат партијата на повисоките места, се луѓе коишто досега не учествувале во никоја власт, туку политичкото движење на Левицата е градено од почетокот, од нула, што се вика, до овој степен овие да ни се втори парламентарни избори.
Но, доколку би требало да издвоиме нешто од нашата Програма, тоа би биле пред се, на пример, прогресивните даноци коишто ги предвидуваме, како прогресивен данок на добивка и на личен доход, потоа предвидуваме закон за потекло на имот на политичарите и плус ревизија на приватизацијата како мерки коишто би требало да ги исправат оние неправди коишто се имаат случено во минатото. Потоа, мислам дека наша исто, оригинална идеја е идејата која што другите политички партии не можат да ја елаборираат затоа што идеолошки не можат да пристапат до тоа. Тоа е нашата заложба за заминување на онаа дискриминација при вработување, значи позитивната дискриминација по етничка линија ние се залагаме да се замени со социјална позитивна дискриминација при вработувањето, односно тоа значи да имаат одредена предност при вработувањето луѓето коишто се посиромашни и луѓето коишто доаѓаат од посиромашни семејства.
Левица е една од ретките партии во земјава со јасно изразена анти-НАТО реторика. Дали тоа значи дека ако бидете во позиција на власт ќе иницирате истапување на државата од НАТО?
– Апсолутно да, затоа што НАТО е една воена организација. Ние сме антимилитаристичка партија и освен тоа НАТО има премногу работи коишто ги има направено во надворешната политика, односно во смисла на прекршување на меѓународниот поредок, мисии коишто немаат одобрение од Обединетите нации, туку едноставно служат за империјалистички поход на големите сили, како САД.