ИСПОВЕД НА ЕРМЕНКА КОЈА Е НА ПРВА ЛИНИЈА НА ФРОНТОТ: Меѓу волонтерите се и 18-годишни девојки

од Stefanija Kuzmanovska

Девојка со кратка коса со црн ранец преку рамо, весело и самоуверено, излезе од зградата на Јавниот совет при Министерството за одбрана на Ерменија, каде што девојки волонтери се регистрираат веќе два дена за да го подготват женскиот баталјон.

„Примена сум! Одам на фронт!“, рече таа среќно.

Таа замолила да не се споменува нејзиното име, бидејќи дома никој не знае дека таа се пријавила доброволно и дека оди во војна. Има само 20 години.

„Зошто сакам да одам во Арках? Како да не сакам? Секој сака да ја брани татковината, па така и јас. Неколку дена барав можност да одам на првата линија на фронтот. Воениот оддел не ме прими, ме избркаа, почнав да се распрашувам за други можности. На социјалните мрежи наидов на објава за формирање женски баталјон и дојдов! Пресреќна сум!”, вели девојката.

Формирана е долга редица во која има девојки и жени од различни возрасни групи.

Некои дојдоа со пријателки, а некои сами, некои дојдоа во спортска облека и патики, додека други не заборавија да се нашминкаат и да ја средат фризурата.

Повеќето девојки молеа да не ги сликаат и да не им ги објавуваат имиња, затоа што дошле тајно да се пријават за фронтот. Женскиот баталјон е организиран од полицискиот потполковник Марина Ајрумјан.

Таа вели дека идејата за баталјон одеднаш ѝ паднала на ум, кога самата решила да замине на фронтот со своите колеги офицери, припадници на специјалната полиција (ОМОН), но не ја примиле.

„Тогаш решив да создадам женски баталјон, сè координирав со началникот, полковникот Гриша Саркисјан и Министерството за одбрана. Веќе вториот ден запишуваме девојки и жени на возраст од 18 до 55 години. Ќе ни биде обезбеден полигон за обука во Ереван, за неколку дена ќе ја завршиме обуката, а потоа ќе одиме во Арках“, рече Ајрумјан.

Обуката ќе биде прилично интересна, бидејќи меѓу веќе пријавените 150 девојки има и такви кои знаат да пукаат, а има и целосно неподготвени.

Слични содржини