Родилката Викторија Крстеска, чие бебе почина пред неколку месеци во Битолската клиничка болница, се огласи на социјалните мрежи откако во текот на вчерашниот ден исто така беше родено мртво бебе во истата здравствена установа. Таа објави фотографија од својот труднички стомак со модринки и гребаници.
-Како мајка која неодамна го загуби своето бебе во таа проклета болница. Како жена која сама се бори против се и сите. Јас ќе застанам позади таа жена која вчера го изгуби бебето! ЗАЕДНО МОЖЕМЕ. МОРА да има крај на овие случувања! ОДГОВОРНОСТ!, стои меѓу другото во објавата на Крстевска.
Директорката на болницата Елизабета Ивановска денеска информира дека вчерашниот случај бил четврта бременост на млада мајка на возраст од 21 година, која до 7 месец не била во Македонија и немала контролирана бременост, а според директорката Ивановска и третото бебе на родилката починало на сличен начин.
Најавена е обдукција за да се утврдат причините поради кои настапила смртта.
Државен санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) засега нема да постапува во врска со случајот во Клиничката болница во Битола, каде родилка со неконтролирана бременост родила починато бебе. Оттаму информираат дека уште немаат добиено известување ниту од семејството на родилката, ниту од надлежен орган во врска со случајот.