Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ќе одржи седница, на која се очекува да се Утврди предлог – одлуката за избор на член на Државната изборна комисија, врз основа на предлозите на политичките партии. По утврдувањето на кандидатот, тој треба да се гласа на седница на Собранието.
Член на Државната изборна комисија се избира со двотретинско мнозинство.
По именувањето на Кренар Лога за министер за правда се испразни едно место во ДИК.
Претседателот на Собранието Талат Џафери изјави дека законската обврска за спроведување на изборите ја има ДИК, а од него, како иден технички премиер, таа ќе ја има целокупната поддршка и помош.
Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, од коалицијата Европски сојуз во кој се и Демократско движење на Изет Меџити и Беса на Билал Касами, порача дека како коалиција имаат конкретно барање до 31 декември Собранието да го изгласа нивниот предлог за член на ДИК. Во спротивно се заканија дека ќе го бојкотираат Собранието.
Демократскиот сојуз ги повикува ДУИ и СДСМ, да не го блокираат изборот на член на ДИК поддржан од опозициските политички партии на Албанците, бидејќи тоа е законска обврска.
Претходно, Комисијата за прашања на изборите и именувањата утврди листа со пет кандидати за член на ДИК: Берат Даути, дипломиран правник од Тетово, Абдуш Демири, дипломиран економист од Тетово, Роберт Трајковски, магистер по мир и развој од Куманово, Зулфи Адиљи, дипломиран правник од Скопје и Самир Ракипи, дипломиран правник од Тетово.