Синоќешниот обид на дел од турската армија за преземање на власта во државата кај повозрасните Турци без сомнение создава чувство на дежа ву.
Иако Турција има долга историја како регионална сила, земајќи ја предвид Отоманската империја, Република Турција е релативно млада нација , формирана пред помалку од еден век, информира Телма.

Сепак за овој релативно краток историски период, Турција доживеа повеќе воени удари од страна на Армијата, која во 4 случаи ги соборила од власт избраните влади од 1960-тата година.
Ваквиот развој на настаните не е случаен. Армијата традиционална во Турција ја има улогата на чувар на републиканското уредување и секуларниот карактер на државата.
Првиот воен пуч во Турција се случува 1960-тата година, кога од власт е соборен премиерот Аднан Мендерес, во периодот на засилени тензии меѓу власта и опозицијата и рестрикциите на слободата на медиумите. Мендерес бил егзекутиран а Генералот Џемал Гурсел бил именуван за претседател, премиер и министер за одбрана.
Армијата втор пат интервенира 11 години подоцна кога шефот на генералштабот изнудува оставка на премиерот Сулејман Демирел со доставување меморандум до него , во кој се тврдело дека владата ја турнала зземјата во анархија, социјален и економски хаос За разлика од пучот од 1960-тата година, војската не ја презема власта, но задржува контрола на тогашната влада. Оваа техника на промена на власта натаму останува запаметена како воен удар со меморандум.
1980-тата година, армијата трет ја презема контролата на власта. По долг период политичка криза,кога нема функционално парламентарно мнозинство и крвавите судири меѓу припадниците на екстремната десница и екстремната левица, воен совет од 6 генерали ја презема власта. Според проценките, во текот на 70-тите години биле убиени повеќе од 5 000 луѓе. Со овој воен удар, повторно од власта е соборен Сулејман Демирел, кому во период од 10 години му било забрането и учеството во политичкиот живот.
Овој воен удар е познат како најкрвавиот во турската историја. Уапсени биле околу половина милион луѓе, од кои 230 000 луѓе биле изведени и пред суд.
50 лица биле егзекутирани, дел од уапсените биле измачувани а неколку десетици се сметаат и за исчезнати.
Три години подоцна, воениот режим го исполнува ветувањето и овозможува повторно воспоставување на демократскиот режим.
Сепак тензиите меѓу политичките носители на власта и армијата не запираат и наредниот период. 1996-тата година,Турција го добива првиот исламистички премиер, Неџмедин Ербакан, кој барал државата да не се меша во верските прашања.Армискиот врв го принудува да се повлече, со таканаречен мек државен удар ,кој бил поддржан од стопанствениците, судството и медиумите./извор Телма