И по 36. средба на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, одржана во Скопје, остануваат отворени клучните прашања – како да се претстави историјата во учебниците за седмо одделение и дали е можно ново заедничко чествување. Се разговарало, но конкретни резултати повторно нема.
Македонскиот тим соопшти дека имало сериозни разлики во ставовите за предложените измени во учебниците, а разговорите за заедничките чествувања се воделе во принципиелна рамка, без да се навлегува во конкретни имиња или датуми. Веќе очекуваната безрезултатност на состанокот ја најави и копретседавачот на бугарскиот тим, Ангел Димитров, кој со цинична нота забележа дека „најдобра атмосфера имало за време на ручекот“.
И покрај тоа, македонскиот тим нагласува дека останува посветен на проактивен пристап, барајќи решенија што ќе се темелат на европските вредности и заемно почитување на различните перспективи кон заедничкото минато. Во Скопје беше потпишан и записникот од претходната, 29. средба од февруари 2024 година, а се договорила и работна динамика за втората половина од годината.
Инаку, новиот состав на македонскиот тим беше назначен од Владата во септември минатата година. Тимот го предводи проф. Ванчо Ѓорѓиев од Филозофскиот факултет, кој по неколку години отсуство се врати во Комисијата. Тој ја напушти работата во 2021 година поради, како што изјави тогаш, политички притисоци.
Комисијата е формирана врз основа на Договорот за пријателство и добрососедство потпишан меѓу Скопје и Софија во 2017 година. До сега има усвоено препораки за заедничко чествување на пет историски личности – Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски и цар Самоил, како и за измени во учебниците по историја за шесто одделение во Македонија и петти клас во Бугарија.
Но, по неколку години работа, сè уште не се гледа јасен напредок во останатите деликатни теми од заедничката историја.