Во тек е истрагата на надлежните институции за пожарот во модуларната болница во Тетово во кој животот го изгубија 14 лица. Во истрагата треба да се вклучат и експерти од Германската федерална криминалистика. Премиерот вчера изјави дека е пристигната претходницата која го обезбедува просторот и која го подготвува теренот за форензичарите.
Од добиените одговори од истрагатa ќе зависи и одлуката за понудената оставка на министерот за здравство Венко Филипче, неговиот заменик Илир Хасани, и на директорите на тетовската болница.
– Сѐ додека не биде правно формално тргнат од неговата функција, како министерот, така и заменик-министерот, директорот и економскиот директор на болницата, должност им е да ја извршуваат својата функција до доаѓање на нови, изјави вчера Заев, одговарајќи на новинарско прашање дали министерот за здравство Венко Филипче доаѓа на работа.
Според премиерот, нема потреба цела Влада да поднесе оставка.
– Трагедии се случуваат насекаде во светот. И како што реков, во соопштението до јавноста, го разбирам високиот морален чин од страна на министерот, заменик-министерот, директорот и економскиот директор на болницата, како чин којшто е пред се од човечка причина, чин којшто пред се од етички, морален аспекти. Не мислам дека целата Влада треба да си поднесе оставка заради ова, рече Заев.
Опожарениот објект се уште го обезбедува полицијата, додека во болницата се чувствува вообичаената раздвиженост.